македонија
Извршена е втората трансплантација на срце од починат донор во историјата на Македонија

Донор на срцето со коешто е продолжен животот на 22 годишно момче е трагично настрадана девојка во сообраќајна несреќа, чии што родители се согласиле да ги донираат нејзините здрави органи. Два бубрега од оваа пациентка денес ќе бидат трансплантирани кај пациенти кои со години се на дијализа. Во понеделник наутро коската со метастази на пациент кој се лекува на Клиниката за ортопедија ќе биде заменета со здрава коска од починатата девојка. Уште десетина пациенти кои боледуваат од карцином кој им ги оштетил коските и пациенти со тешки фрактури кај кои нема можност да се стават протези ќе добијат заменски коски од починатиот донор.
„Во 3 часот и 33 минути утринава кај 22-годишно момче зачука ново, донирано срце! Ова е втора извршена трансплантација на срце во историјата на државата, на Клиниката за кардиохирургија.“ Ова беа зборовите што ги напиша министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил утрово, споделувајќи ја со јавноста веста за сложената хируршка интервенција на пресадување срце од починат донор со којашто е продолжен животот на 22 – годишно момче коешто има сериозно заболување кое го оштетува срцето.
Донор на срцето е трагично настрадана девојка во сообраќајна несреќа, чии што родители се согласиле да ги донираат нејзините здрави органи.
Како што соопшти Министерството за здравство, два бубрега од оваа пациентка денес ќе бидат трансплантирани кај пациенти кои со години се на дијализа. Во понеделник наутро коската со метастази на пациент кој се лекува на Клиниката за ортопедија ќе биде заменета со здрава коска од починатата девојка. Уште десетина пациенти кои боледуваат од карцином кој им ги оштетил коските и пациенти со тешки фрактури кај кои нема можност да се стават протези ќе добијат заменски коски од починатиот донор. Ова е прва ваква експлантација направена во земјава.

Од Министерството за здравство упатуваат голема благодарност до семејството на починатата пациентка кое се согласи да ги донира органите на својата ќерка.
„Огромна е жалоста за загубата на младата пациентка, но голема е утехата дека нејзиниот живот ќе продолжи преку неколку други. Тимот кој учествуваше во оваа комплексна операција е од некоку кардиохируршки центри. Тие уште еднаш ни докажаа дека нашиот систем располага со тим на хирурзи кој функционира беспрекорно. Во процесот на трансплантација учествуваа доктори од клиниките за КАРИЛ, Урологија, Кардиохирургија, Ортопедија, Нефрологија, Радиологија, Кардиологија, Рентген институот, Клиниката Жан Митрев и Аџибадем Систина. Благодарни сме на сите лекари кои учествуваат во постапката на утврдување на мозочна смрт, во експлантација и во трансплантацијата на органи, како и на сите оние кои логистички ја поддржаа постапката.“, велат од Министерството за здравство.