Connect with us

економија

Излегоа финансиските биланси: хотелските компании со приходи помали и за 90% лани

објавено

на

Македонијатурист, Хотели Метропол и Интернешнл Хотелс, трите компании од хотелско – угостителскиот бизнис што котираат на берза, како последица на пандемијата лани имаат приходи помали и по 90%, како и вкупна загуба од преку два милиони евра.

За тоа колку корона – кризата минатата година ги погоди хотелиерско – угостителските бизниси не треба многу длабока анализа, доволно е да ги видиме билансите на успех што неколкуте компании од овој бизнис сектор котирани на берза, ги доставија деновиве.

Па така, Македонијатурист, најголемата компанија од хотелскиот бизнис којашто котира на Македонската берза, за 2020 година прикажала вкупни приходи од 129,6 милиони денари (2,1 милиони евра) што е намалување за 65% во однос на годината претходно, додека пак приходите од основната дејност (хотелско – угостителските услуги) се намалени за цели 79%. Компанијата лани остварила останати оперативни приходи од 11,5 милиони денари, што е двојно повеќе од лани, но тука влегуваат и парите добиени од државните пакети за финансиска помош на најпогодените сектори од економијата.

Вкупните трошоци и расходи од работењето изнесуваат 165 милиони денари и се намалени за 37%. Компанијата во 2020 година од основната дејност и од некои други споредни дејности остварила загуба од 35,4 милиони денари (575 илјади евра).

Во образложението на финансискиот резултат, од Македонијатурист велат дека и во периодот по укинувањето на вонредната состојба во јуни месец, па до крајот на годината, работата на нивните хотели и ресторани била сведена на минимум, односно хотелите Бест Вестерн, Карпош и Водно биле затворени сосема, а од декември лани е затворен и хотелот Холидеј Ин во центарот на Скопје, затоа што целосно ќе се реновира.

Хотели Метропол, ресортот крај Охридското езеро во сопственост на бизнисменот Штерјо Наков, во 2020 година забележал пад на вкупните приходи  од 63%, на 79,3 милиони денари (1,3 милиони евра), додека кај приходите од основната дејност на фирмата коишто изнесуваат 59,3 милиони денари или нешто над 965 илјади евра,  падот е уште поголем, 72%.

„Подобрите“ бројки кај вкупните оперативни приходи, коишто изнесуваат  20 милиони денари, се должат и на средствата  што фирмата го добила од државата како финансиска помош за справување на последиците од пандемијата.

Расходите на Хотели Метропол лани се намалени за 37%, а најголемо учество во нив имаат трошоците за вработените, во износ од 49,6 милиони денари (806 илјади евра), коишто во споредба со 2019 година се намалени за 24%. На крајот, ресортот има нето финансиска загуба во износ од 28,5 милиони денари (464 илјади евра).

„И покрај предвидувањата кои минатата година се направија на почетокот на годината за намален обем на работење, никој не можеше да направи соодветни проекции како ќе се одвива пандемијата, кои здравствени протоколи ќе се воведуваат и како сето тоа ќе има удел во севкупното работење. Менаџерските одлуки мораа да се базираат на кратки рокови со цел на што помали загуби во работењето.“, велат од компанијата.

Интернешнел Хотелс АД Скопје, компанијата во чија сопственост е хотелот Континентал, минатата година има приходи од 12,9 милиони денари (209 илјади евра), кои се за 86% помали во однос на 2019 година, додека кај приходите од основна дејност приходите се помали за 88%.

Вкупните трошоци на фирмата лани биле 84,5 милиони денари, а крајниот резултат е загуба од 71,6 милиони денари или 1,16 милиони евра.

„Негативниот финансиски резултат од работењето компанијата  го оствари во услови на прогласена вонредна состојба во државата, поради пандемијата со корона вирусот, како и согласно владината одлука  за привремено затварање на сите угостителски објекти и хотели. Поради донесената  одлука и состојбата со пандемијата  се  откажаа сите туристички  аранжмани и резервации за деловни проекти за 2020 година. Деловната активност и во период од укинувањето на вонредната состојба на крајот на јуни до крајот на годината  е сведена на минимум во споредба со истиот период  минатата година.“, велат од Интернешнл Хотелс.

економија7 дена ago

Нема да треба да се оди до Врање, Лидл ќе отвори маркети во Македонија

македонија7 дена ago

„НИКОБ“ влегува во здравствениот бизнис

банки7 дена ago

НБГ слави 180 години, а Стопанска банка – Скопје 21 година во рамки на грчката групација

економија7 дена ago

Промени во Триглав Осигурување: Војдан Јорданов назначен за нов извршен директор на местото на Словенецот Рок Пивк

економија7 дена ago

Finance Think: Хонорарните работници од повеќе сектори се најранливи во пандемијата

економија6 дена ago

Алексова, ТУК: Неповратна финансиска помош за спас на туризмот и угостителството

економија5 дена ago

Помала премија за речиси 5% или 8,5 милиони евра во 2020

банки6 дена ago

Fitch Rating повторно го потврди кредитниот рејтинг на ПроКредит Банка на “БББ-“

македонија5 дена ago

Опасниот вирус на лагите е сојузник на Ковид – 19

економија5 дена ago

Властите задоволни од ефектот на антикризните мерки, бизнисот бара уште