свет
Израелците на нозе против „законот за диктатура“

Повеќе од два месеци траат протестите во Израел, а кулминацијата се случи изминативе денови, кога стотици илјади граѓани го искажаа својот револт против владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Протестите почнаа поради правосудната реформа што ја турка власта, а на којашто критичарите ѝ дадоа назив „закон за диктатура“, односно промени што на владата би ѝ дале поголемо влијание во избирањето на судии и би ја ограничиле моќта на Врховниот суд да поништи некоја одредба.
Клучен момент беше што Нетанјаху го смени министерот за одбрана откако овој ја повика владата да ја стопира реформата. Нетанјаху на крајот реши да ја одложи реформата, но не и да ја сопре. Народот е гневен поради тоа што смета дека реформата е само начин владејачката гарнитура заедно со нивните екстремно десничарски партнери да се обезбедат од било каков судски прогон. Да потсетиме, и самиот премиер Нетанјаху беше предмет на истраги, додека неговиот коалициски партнер е дури и осуден поради провоцирање насилство.