економија
Им се смешка досега невидена заработка
Големите трговски ланци во Европа тријат раце

Европските ланци на супермаркети оваа година би можеле со заработката да ги надминат очекувањата на пазарот затоа што ги држат цените на производите на високо ниво, и покрај намалените трошоци. Сметките би можеле да им ги замрсат обидите на владите да ја скротат инфлацијата.
Инвеститорите се повеќе купуваат акции од синџири на супермаркети, како што се британскиот Tesco и францускиот Carrefour, чија заработка е зголемена поради зголемените цени на широк спектар на прехранбени производи, од тестенини до чоколади, пишува Reuters.
Нивната заработка ќе порасне посилно отколку што предвидуваше пазарот, според американската инвестициска банка JPMorgan. Британската банка Barclays им препорачува на инвеститорите акции во Tesco, Carrefour и Sainsbury’s, бидејќи цените во нивните продавници остануваат високи и покрај пониските трошоци.
Инфлацијата во еврозоната значително попушти во мај и се лизна на 6,1 отсто, благодарение на поевтината енергија. Но, придобивките од пониската инфлација се уште не ги чувствуваат граѓаните кои купуваат храна и основни намирници.
„Не гледаме дека тоа се претвора во пониски цени, а проблемот е во зголемувањето на маржите“, објаснува Дин Тарнер од британската филијала на UBS.
„Затоа што компаниите сè уште можат да ги покачуваат цените под изговор на висока инфлација“, објаснува тој.
Владите притиснаа на кочница

Во вакви услови акциите на синџирите супермаркети пораснаа во текот на првиот квартал, но прашање е дали овој тренд ќе продолжи. Европските влади и регулатори се сомневаат дека ги држат цените на неразумно високо ниво, пишува Reuters.
Најголемите француски прехранбени компании ветија дека ќе ги намалат цените на стотици производи од јули, објави деновиве министерот за финансии Бруно Ле Мер, заканувајќи се со финансиски санкции доколку го прекршат ветувањето.
Британскиот регулатор за конкуренција во мај ги предупреди супермаркетите дека ги надгледува нивните синџири на снабдување како дел од напорите да се справи со проблемот со вртоглавото зголемување на цените на храната.
Поради овие реакции, индексот на акциите на компаниите за трговија на мало со храна и основни потреби падна за шест отсто од мај. Тој скокна за 13 отсто во првиот квартал, најсилно од 2015 година, по падот од 25 отсто во 2022 година. Паднаа и акциите на производителите на храна и пијалаци.
Супермаркетите обично имаат ограничен простор во преговорите околу цените, но нивната позиција сега е променета. Истото се случи и со прехранбените гиганти како Danone, Nestle и Lindt, според податоците на Refinitiv.
Главната причина е профитот

Официјалните податоци покажуваат дека основните трошоци на прехранбените компании драстично паднале оваа година, пишува Reuters.
Индексот на цените на основните прехранбени производи, што го состави агенцијата за храна на Обединетите нации, ФАО, падна на најниско ниво во последните две години во мај и е за повеќе од 20 отсто под рекордното ниво од март 2022 година.
Цените на гасот во Европа, кои многумина го сметаат за главна причина за повисоките трошоци за компаниите, исто така паднаа на нивоата од јули 2021 година.
Се чини дека главната причина за поскапувањата во развиените економии е профитот, заклучуваат во швајцарската банка УБС.
„Цените постојано растеа, на месечна основа, што води до заклучок дека (објаснувањето) не може да се сведе на (повисоки трошоци)“, рече Тарнер од UBS.