свет
Инвеститори, банкари, аналитичари…зошто сите денеска чекаат што ќе каже шефот на ФЕД, Џером Пауел, во Џексон Хол?

Инвеститорите внимателно ќе ги следат коментарите на шефот на американските Федерални Резерви Џером Пауел за инфлацијата, каматните стапки и состојбата на економијата.
На Волстрит, берзанските индекси силно пораснаа втор ден по ред вчера, четврток, додека инвеститорите го очекуваат говорот на претседателот на Федералните резерви (ФЕД), Џером Пауел за економската ситуација, инфлацијата и каматните стапки.
Dow Jones зајакна 0,98 отсто, на 33.291 поен, додека S&P 500 порасна за 1,41 отсто, на 4.199 поени, а индексот Nasdaq порасна за 1,67 отсто, на 12.639 поени.
Во сите 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите вчера пораснаа, а највисоко во рударството и комуникациите, за повеќе од 2 отсто.
За растот на индексот главно придонесе зголемувањето на цените на акциите на технолошките гиганти, како Amazon, Alphabet, Apple и Microsoft, кои имаат големо учество во индексите.
Пазарот беше поддржан и од ревидираните податоци кои покажуваат дека американскиот бруто домашен производ (БДП) падна помалку од првично проценетиот во вториот квартал, намалувајќи ги стравувањата од подлабока рецесија.
Сепак, дали пазарот ќе ја заврши неделата со добивка или загуба најмногу зависи од говорот на претседателот на американската централна банка Џером Пауел на денешната конференција на централните банкари во Џексон Хол, Вајоминг.
За да се избори со највисоката инфлација во последните повеќе од 40 години, ФЕД од март ги зголеми каматните стапки за 2,25 процентни поени, а сосема е јасно дека ќе ги зголемат и во септември. Прашање е само дали ќе ги зголемат каматите за 0,50 или 0,75 процентни поени.
Како ќе „изигра“ ФЕД?
Инвеститорите внимателно ќе ги следат коментарите на Пауел за инфлацијата, каматните стапки и состојбата на економијата. Повеќето аналитичари очекуваат остар тон затоа што Пауел се обидува да ги заузда инфлаторните очекувања, но некои се надеваат дека тој може да сигнализира дека ФЕД ќе го намали темпото на зголемување на каматните стапки бидејќи економскиот раст забавува.
А натамошното заострување на монетарната политика дополнително ќе го забави растот на економијата, која и онака технички е во рецесија, имајќи предвид дека економијата паѓа две тримесечја по ред на квартална основа.
По остриот пад во првата половина од годината, S&P 500 порасна за околу 13 отсто од средината на јуни. Сепак, од почетокот на годината и натаму е во минус – околу 12 отсто, а индексот Nasdaq околу 19 отсто.
И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,11 отсто, на 7.479 поени, а франкфуртскиот DAX за 0,39 отсто, на 13.271 поен. Парискиот CAC, пак, ослаби за 0,08 отсто, на 6.381 поен.
На азиските берзи денеска цените на акциите пораснаа, како и претходниот ден на Волстрит, додека инвеститорите ги очекуваат пораките од претседателот на американската ФЕД.
Доларот стабилен, цената на нафтата порасна
И на девизниот пазар, вредноста на доларот во однос на кошницата со валути е стабилна пред појавувањето на Пауел. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 108,50 поени, како и вчера во овој момент. Од почетокот на неделата зајакна за речиси 0,4 отсто.
Утрово курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 137,10 на 136,70 јени. Сепак, американската валута благо зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 0,9965 долари, додека вчера во ова време беше 0,9970 долари.
Курсот евро/долар порасна пред денешниот говор на првиот човек на ФЕД, но тој и понатаму е под паритет, со оглед на тоа што американската валута е поддржана од решително заострување на монетарната политика и релативно еластична економија. Од друга страна, на вредноста на еврото неповолно влијае енергетската криза во Европа и влошувањето на економската перспектива.
Цените на нафтата, пак, пораснаа по вчерашниот остар пад. Цената на барелот на лондонскиот пазар зајакна за 0,50 отсто, на 99,87 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 0,48 отсто, на 96,05 долари.