свет
Индиецот Гаутам Адани стана трет најбогат човек на светот, зад Маск и Безос

Основачот на конгломератот Adani Group го престигна Бернард Арно, претседателот на LVMH и е првиот Азиец на оваа позиција.
Гаутам Адани, кој веќе беше најбогатиот човек во Азија, сега стана и трет најбогат човек во светот, според Индексот на милијардери на Блумберг. Тој го престигна Бернард Арно, претседателот на LVMH и е првиот Азиец на оваа позиција, a пред него се Илон Маск и Џеф Безос.
Според индексот, Адани, сопственик на едно од најголемите претпријатија во Индија, сега се проценува дека ‘тежи’ над 137 милијарди долари.
Во текот на епидемијата, богатството на Адани нагло се зголеми, исто како и на многу други милијардери ширум светот.
Познатата групација Адани беше основана од него, а тој сега води бизниси во транспортната индустрија, индустријата за соларна енергија, производство на авиони, ископ на јаглен, итн.
Од почетокот на глобалната здравствена криза, неговото богатство значително се зголеми како резултат на тоа што инвеститорите се обложуваа на неговата способност да ја прошири својата компанија во индустрии што индискиот премиер Нарендра Моди ги нагласи како приоритетни за развој. Според Блумберг, Адани профитирал и од зголемувањето на употребата на јаглен, што го поттикна неговиот раст во последните месеци. Ова е еден од факторите што придонесе за успехот на Адани.
Политичарите и набљудувачите на пазарот, пак, изразуваат загриженост поради нејасните сопственички односи во Групацијата Адани, како и недоволно квалитетните анализи за неговата компанија. Како директен резултат на фокусот на тајкунот на индустриите за кои премиерот Нарендра Моди смета дека се неопходни за остварување на долгорочните цели на Индија, вредностите на акциите се зголемија, некои од нив и за преку 1000% последниве три години.