свет
Истражување: 70% од едукативните апликации што ги користите на Android споделуваат ваши информации со трети страни

Според анализата на Atlas VPN, 92% од овие апликации што може да се симнат од Google Play Store, прибираат податоци од корисниците. Некои од нив одат и чекор понатаму и ги споделуваат тие податоци со трети страни, односно 70% од едукативните апликации на Android го прават тоа.
Иако не е тајна дека производителите на апликации собираат податоци за своите корисници, во случајот на едукативните апликации ова станува поголем проблем, затоа што тие се интензивно користени од страна на децата. Тимот на компанијата Atlas VPN, специјализирана за услуги во доменот на интернет безбедност, ги проучи популарните едукативни апликации што работат на Android и откри колку всушност податоци и информации собираат тие од своите корисници.
Според анализата, 92% од овие апликации што може да се симнат од Google Play Store, прибираат податоци од корисниците. Апликацијата за учење на јазици, HelloTalk и платформата за учење Google Classroom, се на врвот на листата на апликации што навлегуваат најмногу во приватноста на корисниците, собирајќи податоци од нив во 24 сегменти и 11 типови на податоци.
Сегмент подразбира податочен вид како што е име, телефонски број, метод на плаќање, и прецизна локација коишто потоа се групирани во пошироки податочни типови како што се лични информации, финансиски информации или локација.
За овој извештај, Atlas VPN ги анализираше профилите на 50 популарни апликации за Android од категоријата едукација. Апликациите се рангирани врз основа на тоа колку кориснички информации собираат.
Топ 10 едукативни апликации што најмногу прибираат податоци од своите корисници

Во рамки на овие апликации има такви што се за техничка едукација, помош при учење, апликации за учење јазици или свирење на инструмент, едукативни игри, онлајн курсеви од разни области, апликации за онлајн читање книги и други содржини, итн.
Второто место на листата го заземаат уште една популарна апликација за учење јазици, Duolingo, како и комуникациската апликација за наставници, ученици и родители, ClassDojo. И двете апликации собираат информации од 18 различни сегменти. Потоа, платформата за онлајн едукација MasterClass, собира информации во рамки на 17 сегменти, по што следи платформата за интерактивно учење, Seesaw, која што прибира податоци од 15 сегменти.
Најчест тип на податоци што се прибираат се лични информации, како име, имејл, телефонски број, адреса, user ID и сл. Овие податоци ги прибираат 90% од едукативните апликации.
Следат типови на податоци поврзани со уредите на корисниците, пребарувачите или апликациите (88%), потоа историја на пребарувањето и останати апликации што корисникот ги инсталирал (78%), фотографии и видеа (42%), како и финансиски податоци, како што се информации околу плаќањето или историја на купувањата (40%).
Уште поголем проблем е споделувањето на приватни податоци со трети страни
Но, освен тоа што било откриено дека голем број апликации собираат податоци од корисниците, некои од нив одат и чекор понатаму и ги споделуваат тие податоци со трети страни. Вкупно, 70% од едукативните апликации на Android всушност откриено е дека споделуваат некои од корисничките информации со трети страни. Личните информации се најчесто споделувани типови на податоци, и 46% од апликациите ги споделуваат со трети страни. Следни се информациите поврзани со поединечен уред, пребарувач или апликација. Тие се споделувани од 44% од едукативните апликации на Android, по што следат информациите за активноста (38%), и перформансите (34%).
Останати податоци што се споделувани со трети страни се локација (12%), фотографии и видеа (4%), аудио (4%) и пораки (2%). И додека некои од прибираните кориснички информации може да се потребни заради обезбедувањето на услугите на овие едукативни апликации, тимот на Atlas VPN смета дека значаен дел од практиките на собирање податоци се премногу интрузивни во приватноста на корисниците. Уште попроблематично е што повеќето апликации трансферираат сензитивни податоци кон трети страни, како што се корисничко име или локација на корисникот, контакт детали, фотографии итн., што подоцна може да бидат искористени за да се креира ваш профил или профил на вашите деца.
Како да го минимизирате обемот на информации што ги споделувате со апликацијата
- Изберете ги апликациите внимателно. Пред да ја инсталирате апликацијата, прочитајте ги информациите во продавницата за апликации. И Google Play и App Store на Apple обезбедуваат информации за податоците собрани преку апликацијата. Дополнително, можете да ја проверите политиката за приватност на апликациите.
- Не ги откривајте вашите вистински информации. Кога се регистрирате за апликацијата, користете лажно име наместо вашето вистинско име. Погрижете се да користите адреса за е-пошта што го нема вашето вистинско име; во спротивно, дајте што е можно помалку информации за себе.
- Прилагодете ги поставките на апликацијата. Некои апликации обезбедуваат можност за ограничување на некои од податоците собрани во поставките. Можете исто така да оневозможите некои дозволи за апликации во поставките на вашиот паметен телефон. Додека некои дозволи може да бидат неопходни за апликацијата да функционира, други можеби нема многу да влијаат врз функционирањето на апликацијата.