свет
Кадиров и другите „јастреби“ на Путин си се тешат по одлуката за повлекување од Херсон: Тежок, но правилен избор…

Со вчерашната одлука за повлекување, Москва се откажува од стратешки важниот град кој се наоѓа северно од анектираниот Крим.
Водечките руски воени пропагандисти застанаа зад одлуката за руското повлекување од Херсон, што е најголем пораз на руската армија во речиси девет месеци војна.
Повлекувањето беше наредено од генералот Сергеј Суровикин, именуван минатиот месец како командант на руските напади. Со вчерашната одлука за повлекување, Москва се откажува од стратешки важниот град кој се наоѓа северно од анектираниот Крим.
Додека украинската војска напредуваше кон можноста да ги втера руските сили во тесно на западниот брег на реката Днепар, каде што не може лесно да се снабдуваат, Суровикин му предложи на министерот за одбрана Сергеј Шојгу Русија да преземе нови одбранбени линии на спротивниот брег на реката за да се сочуваат животите на војниците.
Кадиров: Тежок, но правилен избор
Таа одлука, којашто еден руски воен блогер ја нарече „црна страница во историјата на руската војска“, набрзо доби поддршка од најистакнатите поборници за ескалација на војната, кои ја нарекоа мудра и неопходна.
„Откако ги измери сите причини за и против, генералот Суровикин направи тежок, но правилен избор помеѓу бесмислените жртви и спасувањето на бесценетите животи на војниците“, напиша Рамзан Кадиров, чеченскиот лидер кој често повикува на поагресивен пристап кон војната, што би вклучувало и употреба на нуклеарно оружје.
Евгениј Пригожин, основачот на платеничката група Вагнер што се бори во Украина, изјави дека „одлуката на Суровикин не била лесна, но дека тој се однесувал како човек кој не се плаши од одговорност“, пренесува руската агенција РИА.
Маргарита Симоњан, главна уредничка на државниот медиум РТ, отиде уште подалеку, споредувајќи го повлекувањето со одлуката на генералот Михаил Кутузов да му ја отстапи Москва на Наполеон во 1812 година со цел да ја зачува армијата и на крајот да ја одбрани Русија.
Русија се откажа од градот што пред неколку недели го прогласи за свој засекогаш
Во последните недели, Симоњан остро ја критикуваше хаотичната воена мобилизација, а Кадиров и Пригожин, пред назначувањето на Суровикин, го критикуваа водењето на војната и исмеваа некои од генералите. Нивниот збир од коментари за поддршка вчера сугерираше кон заеднички напори за збивање на редовите зад највисокото воено раководство во опасен момент од војната.
Но, нивните коментари едвај го маскираа горчливиот вкус на повлекувањето.
„Сигурно знам дека никому не му беше лесна оваа одлука. Ниту за оние што ја донесоа, ниту за нас што сфативме дека ќе биде вака, но сепак се молевме да не се случи“, изјави Симоњан за својот медиум.
Русија се откажува од симболично важниот град основан во 18 век од кралицата Катерина Велика, а тоа го прави неколку недели откако ја прогласи неговата анексија и објави дека ќе биде дел од Русија „засекогаш“.
Во зависност од нивото на безбедност и ефективноста на повлекувањето на луѓето и опремата, потегот може да ја стави Русија во посилна позиција на другите линии на фронтот во јужна и источна Украина, рече воениот аналитичар Роб Ли. Но, Ли рече дека отстапувањето на Херсон на Украина ќе го стави Крим во домет на украинските ракетни системи HIMARS испорачани од САД.
Тежок удар за Путин
Загубата на градот е голем удар за претседателот Владимир Путин, врховен командант на руските сили, кој досега беше поштеден од критики на јавноста бидејќи воените јастреби како Пригожин и Кадиров го насочија својот гнев кон неговите генерали.
Путин се држеше настрана од непопуларните воени одлуки. Додека Шојгу и Суровикин го најавија повлекувањето вчера, Путин беше со вработените во водечкиот научен институт на 75-годишнината од постоењето. Но, и покрај привидот на единство во средата, коментарите на Пригожин навестуваа можна пресметка што следува, пишува Ројтерс.
Неопходно е „да се извлечат заклучоци и да се работи на грешките“, рече шефот на Вагнер и додаде: „А потоа да се разбере кој е во право, кој треба да биде обвинет и која е суштината на проблемот“.