банки
Каква е иднината на дигиталните плаќања
14. Конференција на Народната банка за плаќања и пазарна инфраструктура

Годинава, Конференцијата под наслов „Просперитетна иднина на дигиталните плаќања“ ги опфаќа предизвиците и можностите за дигитални плаќања и иновациите коишто ја зголемуваат конкуренцијата во платните системи и нови форми на банкарско работење со примена на отворено банкарство, но истовремено создаваат и потреба за повисоко ниво на безбедност на плаќањата и заштита на податоците, како и зајакната проверка на податоците на клиентите. Се дискутираше и за дигиталната валута на централните банки, што според најновото истражување на Банката за меѓународни порамнувања, е иднината во работењето на централните банки ширум светот на краток или среден рок.
Предизвиците и можностите коишто ги носи глобалниот бран во користењето на дигиталните плаќања беа тема на првиот ден од 14. Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, којашто се одржа деновиве. Овогодинешната конференција беше посветена на новите технологии за плаќања предводени од финтек-компаниите, коишто нудат широк опсег на платежни производи и услуги. Народната банка е организатор на оваа Конференција, традиционално во соработка со Банката на Холандија.
„Процесот на дигитална трансформација на финансиската индустрија, којшто се одвива повеќе години, значително забрза заради пандемијата. Плаќањата сè повеќе стануваат безготовински. Според Светската банка, во глобални рамки, две третини од возрасното население врши дигитални плаќања, притоа 95% во развиените економии, а 57% во економиите во развој. Трендот на сè поголема дигитализација е присутен и кај нас, поточно 74% од возрасните вршат дигитални плаќања. Анкетата на Народната банка покажува дека нашиот банкарски систем посветува сè поголемо внимание на инвестирањето во нови технологии и обезбедувањето нови начини на плаќање“, посочи гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска на отворањето на Конференцијата којашто се одржа во виртуелен формат.
Осврнувајќи се на експлозивниот раст на дигиталните технологии ширум светот, гувернерката Ангеловска-Бежоска ги истакна заложбите на Народната банка за поставување на темелот за побрзо продирање на иновациите во финансиите.
Го посочи значењето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи со кој е создадена регулативна рамка за поттикнување поголема конкуренција и поширок спектар на платежни услуги за граѓаните и компаниите, Портата за иновации создадена во 2019 година којашто е платформа за дијалог со финтек-секторот, како и првата национална Стратегија за финтек-секторот којашто наскоро ќе биде донесена.
Притоа, укажа и на важноста на среднорочниот проект на Народната банка за истражување на придобивките што може да ги донесе дигиталната валута за македонскиот платен систем и пошироко за целокупната економија, но и за ризиците што може да ги наметне за финансиската стабилност и монетарната политика.
Централните банки мора да обезбедат пристап до плаќања во се’ подигитален свет
Говорејќи за новата индустриска револуција за која најмногу придонесува технолошкиот напредок, со која се соочуваат финансиските институции и централните банки, гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ, истакна: „Овој напредок донесе бројни придобивки за човештвото. Како што одминуваат годините, се појавуваат нови теми, се постигнуваат нови успеси, а платежните услуги и мрежата на пазарни инфраструктури стануваат сè пософистицирани. Ова ни кажува, на мое задоволство, дека ние како општество се развиваме. Да бидеме вредни и креативни, меѓусебно да си помагаме и да работиме на заеднички интерес и меѓусебна соработка и хармонија. Ништо не е невозможно за оние кои работат неуморно и посветено.“
На неопходната соработка во иднината на дигиталните плаќања се осврна директорката на Секторот за плаќање и пазарна инфраструктура во Банката на Холандија, Инге ван Дијк, додавајќи: „Она што нè обединува и за што треба да се залагаме заедно додека се движиме кон просперитетна иднина за дигитални плаќања е одржувањето силна и безбедна инфраструктура за плаќање во услови на поголема дигитална зависност.“ Говорејќи за улогата на централните банки, нагласува: „Мора да обезбедиме пристап до плаќања во сè подигитален свет и конечно, треба да ги зајакнеме европските и глобалните плаќања во динамично меѓународно поле“.
Во дискусијата учествуваа и Габриел Содерберг, финансиски експерт во Одделот за монетарни прашања и пазарот на капитал во Меѓународниот монетарен фонд, Игнасио Терол, менаџер на проектот за дигитално евро во Европската централна банка и Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи во Народната банка на Република Северна Македонија, зборувајќи за брзите и удобни плаќања, коишто не ја загрозуваат безбедноста и се создадени според потребите на потрошувачите, како императив на дигитализацијата на плаќањата.
Присутните имаа можност да го слушнат излагањето на тема „Вклучување на меѓународната димензија во дизајнот на дигиталната валута на централната банка“ на Анеке Косе од Банката за меѓународни порамнувања, како и на Рија Роерник од Банката на Холандија, која се осврна на темата „Дигитално евро: што, зошто и како?“
Учесниците нагласија дека сè поголемата застапеност на новите технологии за плаќања ја потврдува важноста од вклучувањето на централните банки во носењето политики за забрзување на процесот на дигитализација. Во тој контекст, во процесот на дигитализацијата на платежните услуги е значајна довербата којашто ја има јавноста во централните банки во однос на одржувањето на ценовната стабилност како нивна основна цел.

Дигитални валути: зошто и како?
Потребно е при воведувањето на новитетите од технолошкиот развој, централните банки да ги земат предвид потенцијалните ризици, за кои се неопходни соодветни издржани решенија. Потпирајќи се безрезервно на дигиталните канали за плаќање, се наметнува и потребата од воспоставување алатки коишто потрошувачите ќе може да ги користат безбедно, брзо и удобно. Сето ова треба да е достапно за потрошувачите и со минимални трошоци. За учесниците, од големо значење е обезбедувањето и на конкурентноста во платежните услуги, што е основа за натамошен развој и поттикнување на дигитализацијата.
Учесниците дебатираа и за воведувањето на дигиталната валута на централните банки како можност да се прифати предизвикот на глобализацијата и дигитализацијата. Притоа укажаа дека со дигиталната валута, централните банки ќе овозможат стабилност и доверба во платните системи, воедно обезбедувајќи добар баланс, од една страна со зајакнување на ефикасноста, брзината и цената, од друга страна со намалување на ризиците коишто ги носи дигитализацијата.
Во дискусиите беше опфатено и влијанието на дигитализацијата врз прекуграничните плаќања. Беше посочено дека е потребна засилена меѓународна соработка на централните банки за постигнување повисоко ниво на интероперабилност и воедначеност на националните правни рамки коишто ќе обезбедат сигурност и брзина.
Отворено банкарство со новата регулатива
Отвореното банкарство е една од значајните реформи и придобивки кои ќе ги овозможи новиот Закон за платежни услуги и платни системи. Истото се однесува на влез на финтек-компании, кои со согласност на клиентите на банките би пристапувале до нивните платежни сметки со цел иницирање електронски плаќања и собирање податоци за извршените трансакции, заради натамошна анализа и сеопфатно и удобно информирање на клиентите.
На вториот ден од 14. Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура стана збор токму за отвореното банкарство како дел од дигиталната трансформација и засилената автентикација на клиентите при иницирање на платежни трансакции, како и влијанието врз конкурентноста на пазарот на платежни услуги.
Странските искуства покажуваат дека отвореното банкарство создава нови можности и дизајнирани апликации кои им помагаат на клиентите да ги извршуваат и следат плаќањата полесно, додека за банките е можност за подобрување на својата услуга кон клиентите. Придобивките за потрошувачите се во насока на брзи и ефикасни платежни услуги што ќе им помогнат да заштедат време и да бидат подетално информирани за извршените плаќања. Отвореното банкарство, исто така ќе им овозможи на фирмите да управуваат полесно со своите платежни сметки, користејќи уникатни производи и услуги.
Вицегувернерката Емилија Нацевска, при освртот на заклучните согледувања, посочи дека на национално ниво се работи на подзаконски акти со кои ќе се синхронизираат отвореноста на системите на банките која ја носи новиот Закон за платежни услуги и платни системи, и безбедноста на платежните услуги. Имено, вицегувернерката истакна дека овој пристап носи одредени предизвици за креаторите на политиките и регулаторите, при што довербата е клучна за успешната имплементација на концептот отворено банкарство.
Холандското искуство
На панел дискусијата „Дигитална трансформација: отворено банкарство и засилена автентикација“, учествуваа Ниликса Девлукиа, претставничка на „Пејментс солвд“, Михал Калина претставник на „Рабобанк“ и Холандската асоцијација за плаќања, Макс Герлинг, претставник на „Каренс“, а истата беше модерирана од Горан Јанковски од Народната банка, кој е главен одговорен супервизор на информациските системи. На панелот беа разменети искуства од земји кои веќе го практикуваат отвореното банкарство. Тие го споделија своето искуство за процесот на подготовка на регулативата за отворено банкарство и нејзината имплементација.
Пред панелот, беше одржана презентација од страна Марк ван дер Марел од Банката на Холандија, на тема „Влијанието на Директивата за платежни услуги 2 во Холандија – на конкуренцијата, иновациите, безбедноста, потрошувачите и заштита на податоците“. Тој ги истакна придобивките за холандскиот пазар на платежни услуги, како влез на нови даватели на платежни услуги, зголемена конкуренција и побрзо прифаќање на новите технологии.
Исто така, посочи и на одредени предизвици во имплементацијата на концептот на отворено банкарство кои произлегуваат од недостатокот на стандардизација на начинот на отвoрање на системите на банките, што ги зголемува трошоците за новите даватели на платежни услуги, на чие надминување активно се работи во Европската комисија.