економија
Како да се забрза онлајн купувањето за да се доближиме до земјите од ЕУ?
Петта Годишна конференција за е-трговија

Македонскиот е-купувач заедно со соседите најретко купува онлајн во Европа. 83% од Македонските е-купувачи купувале од домашни е-продавници, а Србија е лидер во европа со 98%. Во Македонија најмногу се купува облека онлајн, а најмалку мебел, храна и бела техника. Сите е-купувачи пријавиле најмногу проблеми околу доставата. Србија е лидер над основно ниво на дигитални вештини, а ние сме подобри само од Босна и Херцеговина и Албанија. Постигнавме многу последниве години, но дали е доволно? Одговорите како да бидеме уште понапред во е-трговијата се бараа на 5-то јубилејно издание на Годишната конференција за е-трговија во организација на АЕТМ.
„Имаме многу работа како на страната на побарувачката (населението), така и на страна на понудата (македонските компании) која треба да се унапредува. Предизвикот кој останува е да се задржи и зголеми растот на е-трговијата остварен со пандемијата со цел да се забрза трансформацијата кон дигитално и смарт општество, да се искористат предностите на дигиталната економија и е-трговијата како интегрален дел од истата. “, истакна претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), д-р Нина Ангеловска на отворањето на петтата по ред Конференција за е-трговија која деновиве се одржа во Скопје.
Темите што ги покри годинава Конференцијата беа преточени во четири главни насоки: можностите кои ги нуди е-трговијата во регионот; промени на навиките кај купувачите предизвикани од е-трговијата; податоци, маркетинг и технологија: воздухот на е-трговијата; и како до: патоказ до успех – како изгледа успехот. Презентациите, панел дискусиите и неформалните разговори беа испорачани од меѓународни и домашни експерти и говорници со докажано искуство во областа на е-трговијата, дигитален маркетинг, дигитализација и многу други области од екосистемот за е-трговија.
Во Македонија побрзо ќе стигне пратка од Кина, одошто од Србија или Босна
Традиционално, на почетокот претседателката на АЕТМ ги презентираше актуелните состојби и напредокот на е-трговијата во Македонија, споредено со земјите од регионот и ЕУ.
„Македонските потрошувачи во просек купуваат онлајн еднаш до два пати во 3 месеци, прават нарачки најчесто до 50 евра, а најмногу нарачуваат од домашни е-трговци е еден од заклучоците од најновата анализа за состојбите во е-трговијата изработен од АЕТМ. Просечниот македонски потрошувач најмногу купува облека онлајн, а најмалку мебел и храна -испораки од ресторани“, рече Ангеловска.
Владите од регионов, помалку или повеќе работат на олеснување на е-трговијата помеѓу балканските држави, но се’ уште постојат доста бариери за нејзин побрз развој. Царински бариери, преголема бирократија, недоволно кадар и логистика, се само некои од пречките.
“Во Македонија конкретно, се соочуваме и со проблеми од типот постојано менување на имиња на улици, немање поштенски сандачиња, итн. Генерално доставата е клучниот предизвик во е-трговијата, а тука фали логистика, квалитетни вработени, дигитализација, истакна Игор Гешовски од компанијата за курирски услуги Еко Логистик Сервиси на еден од панелите. Тој упати една поразителна забелешка во врска со логистичките предизвици за е-трговијата во регионов: „Трагично, но вистинито, во Македонија побрзо ќе стигне пратка од Кина, одошто од Србија или Босна и Херцеговина, на пример“.
Дарјан Раденковиќ од Жар Птица ја имаше улогата на модератор на панел сесијата каде Милкица Геринска од Пивара Скопје, Ангелина Блажеска од FitKit и Дарко Перушески од Gley.mk зборуваа на темата за тоа како бизнисите го менуваат однесувањето на клиентите.
Секојдневното вклучување на нови компании и системи во е-трговијата влијаат во подобрувањето на овој сектор. На овој начин освен што се подобрува понудата, исто така се зголемува и бројот на клиенти кои се одлучуваат да пазарат и да користат online услуги. Кога би се искористил потенцијалот што го имаме, успехот на сите би бил неизбежен. Модерен купувач сака да ги има своите нарачки сега и одма, а целта е тоа да се овозможи што е можно побрзо.

Технологијата, податоците и автоматизацијата се клучни
Панел сесијата предводена од Филомена Аспровска Пљаковска, извршен директор на Casys беше токму на оваа тема.
Тосин Оке,од Payoneer (Велика Британија), Боркица Шеќерова од Netcetera (С.Македонија), Елена Панова од А1 Македонија (С. Македонија), Никола Иванов од Cloudcart (Бугарија) и Војдан Карапетковски од Кара5 (Македонија) учествуваа во оваа дискусија, а она што потенцираа е дека автоматизацијата и користењето на технологијата може многу да придонесат во успехот на компанијата. Со интегрирање на вистинските системи, може да заштедите време, да добиете релевантни податоци и анализи, зголемување на профитот, како и оптимизирање на буџетите. Сите овие предности доведуваат до предвидливост на пазарот, а тоа носи раст на компанијата.
„Зграпчете ја онлајн можностa“ е темата на која говореше Амин Сиала, консултант за дигитален раст од Google (Ирска)
„Ако сте дел од е-трговијата тогаш сте на прав пат. Ова е сектор кој брзо расте и е иднина за многу бизниси. Она што Google може да ви го понуди на вас е успех, не само на локалниот пазар, туку и глобално, на голем број пазари. На пример Google Ads ви овозможуваат да бидете видени насекаде во светот, преку Search или Display рекламите. Спојот на повеќе услуги на Google можат да го зголемот вашиот приход, бројот на следбеници, корисници… затоа што нашата Display мрежа покрива 90% од светот. Надоброто од Google е тоа што, се што ќе направите е мерливо, односно може да гледате како работи вашиот бизнис, кој ја гледа вашата веб страна, а и кој.“, истакна Сиала.
Тој сподели интересни податоци дека во Македонија најпребарувани категории се спорт и фитнес, електроника, а трета категорија која има голем раст е убавина.
„Она што треба да знаете за вашите бизниси, е тоа дека ќе треба што побрзо да бидете достапни на мобилните уреди, затоа што 70% од пребарувањата на Google се направени на мобилен, а интересен податок е дека дури 60% се на англиски јазик“.
Митовите и заблудите за рекламирањето на Facebook и Instagram
За тоа кои се митовите и заблудите поврзани со рекламите на Meta (компанијата сопственик на Facebook, Instagram i WhatsApp) презентираше Петар Јевтиќ, Регионален сениор партнер за клиенти за Meta од Httpool, Србија.
„Текстот од рекламата е првото нешто што го гледаат вашите клиенти – Мит. Се додека немате добра фотографија или видео, текстот нема да биде забележан, а трета работа која се гледа од еден пост е дали истиот е спонзориран. Следни неколку митови кои треба да ги знаете се поврзани за рекламите на Мeta платформата, а најчести се оние кои велат дека рекламите не се квалитетни ако кампањите се поставени за најмногу кликови, потребни се различни сетови за различни пласмани или ако рекламата има слаби перформанси тогаш буџетот побрзо се троши.
За најдобри реклами кампањи потребно е да ги следите инструкциите на Meta и кога ќе поставите реклама која дава добри перформанси, тогаш да ја оставите да трае подолг период без многу промени.“
Во делот на конференцијата именуван Податоци, маркетинг и технологија: воздухот на е-трговијата, за четирите столбови за градење на која било стратегија за е-комуникација од 21-от век говореше Ненад Мирковиќ, раководител на маркетинг и digital @ Philip Morris International, Југоисточна Европа.
„Луѓето не го купуваат тоа што го правите, туку затоа што го правите. И кога тоа зошто е избалансирано, автентичноста е постигната, а крајниот купувач се чувствува исполнето. Во е трговијата, потребно е да знаете која е вашата заедница и на кого му се обраќате, затоа што истата таа заедница може да го движи растот на вашата компанија.
Сè уште најдобриот маркетинг е комуникацијата од корисник на корисник, а тоа е, затоа што тие личности не зборуваат за вас и вашиот продукт, туку го истакнуваат нивниот добар избор. Со цел да ја зголемите вашата заедница потребно е да остварите активна врска со вашите клиенти, а најдобриот начин за ова се социјалните мрежи и алатките преку кои го промовирате брендот“ .
За тоа како врвната автоматизација ја промени играта во е-трговијата, говореше Драган Јосифовски, основач и извршен директор на Paket.mk , онлајн супермаркет.
„Со цел да може да се наречеме marketplace потребно е да понудиме голем број на категории и голем број на услуги во нашиот систем. На поизводите кои имаат висок обрт на средства, веќе можеме да има дадеме комплетна услуга, односно, покрај тоа што ги нудиме на нашата веб страна, го обезбедуваме и нивното складирање. Во текот на нашето постоење вклучивме голем број на автоматизирани процеси, кои во овој момент на некој начин не прават хибриден marketplace“





