економија
Како да се унапреди солидарноста и инклузивноста на Европа во поглед на балканските земји и нивната евроинтеграција
The Economist го организираше вториот Самит на Западен Балкан во Скопје

Western Balkans Summit (Самит на Западен Балкан) се одржа по втор пат, во Скопје, на темата „Унапредување на европската инклузивност и солидарност“. Конференцијата беше во организација на лондонски „Економист“ (The Economist), а ексклузивен медиумски спонзор на настанот беше Капитал Медиа Гроуп.
Говорници на настанот беа високи претставници од светската, европската и регионалната политика, од меѓународните финансиски институции и компании, владин и невладин сектор и академската сфера, како што се поранешниот заменик државен секретар на САД, Џон Негропонте, поранешниот германски вицеканцелар и министер за надворешни работи, Јошка Фишер, актуелниот заменик помошник на американскиот државен секретар, Габриел Ескобар, поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, актуелниот претседател на Трансатлантскиот центар при Германскиот Маршалов Фонд на САД, Јан Лесер, шефот на одделот за Адриатик при Европската инвестициска банка, Матео Ривелини и др.
Нашите заложби за предвидлив деловен амбиент и поволни услови за инвестирање се веќе потврдени и ги повикувам сите инвеститори да вложат во Северна Македонија, истакна премиерот Зоран Заев на отворањето на вториот Самит на Западен Балкан што неодамна се одржа во Скопје, во организација на британскиот магазин The Economist, а на којшто Капитал беше ексклузивен медиумски покровител. Темата на Самитот беше „Унапредување на европската инклузивност и солидарност“, а на настанот зборуваа високи претставници од светската, европската и регионалната политика, од меѓународните финансиски институции и компании, владин и невладин сектор и академската сфера. Модератор на сите панели на Самитот беше Џоан Хјуи, регионален директор за Европа на The Economist Intelligence Unit.
“Економијата се стабилизира, а моменталната ситуација ветува пораст во блиска иднина. Нашите очекувања се дека до крајот на годинава извозот од земјава ќе порасне за 10,6%, а бруто инвестициите за 8,1%. Со координирана фискална и монетарна политика ги ублажуваме ценовните нестабилности што се јавуваат поради глобалната ситуација со цените на енергијата и суровините. Доказ дека економијата влегува во добар колосек се и бројките на извозот од ТИРЗ, каде што очекуваме извозот до крајот на годинава да стигне до 3 милијарди евра, што е рекорд. Само во третиот квартал, извозот од ТИРЗ е речиси 700 милиони евра, што е највисоко во последниве 4 години.“, рече Заев.
Заев посочи и дека Северна Македонија планира силен развој на зелената економија, дигитализацијата и здравството и образованието, како основни столбови на еден општествен развој.

„Во насока на тоа дека создаваме поволна деловна клима и дека сме посветени на одржлив развој, е најновата објавена инвестиција, најголема во македонската економија досеа, на германската компанија WPD, којашто ќе вложи 500 милиони евра во ветропарк“, истакна Заев.
Косовскиот премиер Албин Курти, којшто зборуваше исто така на воведниот панел на Самитот, рече дека бобата против корупцијата и организираниот криминал останува врвен приоритет за неговата земја на патот кон евроинтеграциите и изградба на функционална демократија.
„Криминалот не познава нација или религија, криминалците успешно соработуваат без оглед на разликите. Вчера имавме акција на северот од Косово во којашто за жал, имаше повредени, и некој се обиде да даде етничка димензија на целата ситуација. Ќе ви кажам само дека налозите од судството и обвинителствата за вчерашна акција за разбивање на шверц, меѓу другите беа издадени и од Срби, а во акцијата имаше повредени и Срби и Албанци.“

Курти ова го кажа на почетниот дел од денешната конференција, а нешто подоцна, на панелот насловен „Југоисточна Европа: Зајакнување на мирот и соработката во кревко глобално окружување“, државниот секретар во српското Министерство за надворешни работи, Немања Старовиќ, даде забелешка во врска со немилите настани во Митровица, коишто се случија на 13 октомври, дента пред одржувањето на Самитот на Западен Балкан во Скопје.
„Иако сум оптимист во врска со европерспективите на регионот на Западен Балкан, она што може реално да не’ спречи на патот е национализмот. Она што вчера се случи во Косово е прашање на прекумерно користење на сила, за да се спречи наводна повреда на царински регулативи и сл. Но, активирање на целосно вооружена полиција, солзавец, шок бомби, едноставно не е прифатливо. Ваква акција поради кутии со шверцувани лекови, наспроти ситуацијата за која сите сме свесни, со тони шверцувани цигари, едноставно е бесмислена“, рече Старовиќ.
Европа да покаже акција на терен
„Западен Балкан припаѓа во Европа, тој е дел од Европа, не само нејзино предворје. Мора да ги искористиме сите можности за што побрзо интегрирање на овој регион во ЕУ“, рече Фишер.
Тој смета дека постои реална опасност од заземање на балканскиот терен од страна на неевропски играчи, коишто си ја бараат својата шанса за зголемено политичко и економско влијание во регионот.
„Ќе бидам искрен… Сметам дека не е мудро да се отвори вратата за неевропски играчи, како Кина. На краток рок тоа можеби ќе донесе некакви економски бенефити, но на среден и долг рок ќе го разјаде евроинтеграцискиот процес.“, рече Фишер.
Вицепремиерот за евроинтеграции во македонската влада, Никола Димитров, рече дека на последниот самит на ЕУ за Западен Балкан добивме јасна порака: дека ЕУ останува посветена на проширувањето.
„ Визијата и ветувањето се дадени, но она што фали е напредок на терен.“, рече Димитров.
Тој додаде дека мирниот развој на овој регион е врзан со евроинтеграцискиот процес и дека обединет Балкан е можен само ако има евроинтеграција.
„ За да се обнови вербата на луѓето мора да се случи акција во регионот. Не е фер да се обвини за ова ЕУ како целина. Тоа е комплексен механизам со консензуални механизми на одлучување. Со цел да се обнови процесот, нашите соседи Бугарија треба да покажат лидерство и одговорност, затоа што сите губиме на крајот. “, порача Димитров.
Тој истакна дека релацијата помеѓу ЕУ и Западен Балкан е како двонасочна улица.
“Балканот добива од ЕУ, но и ЕУ добива од Балканот. Трговската размена во корист на ЕУ државите се мери со милијарди евра. Да не го заборавиме и одливот на кадри што постојано се случува од балканските земји кон западноевропските членки на ЕУ и којшто е рак рана на земјите од регионот и го загрозува нивниот економски и општествен развој на долг рок.“

ЕУ да одлучи дали сака да биде глобален играч или само посматрач
На Самитот на Западен Балкан преку видео конекција се обрати и Габриел Ескобар, заменик секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања при американскиот Стејт Департмент. Тој истакна дека САД целосно ја поддржуваат европската интеграција на земјите од Западен Балкан и во иднина членството ќе ја зајакне стабилноста на регионот.
„Секоја земја која влегува во ЕУ носи и свои квалитети и придонесува за Унијата. Овие земји и географски припаѓаат на Европа и се дел од неа. Сакам да биде јасно дека целосната интеграција САД и ЕУ работат заедно и таа борба и заложба нема да престане. Останува да се затворат отворените прашања, да се спроведуваат зацртаните реформи, а во реформирањето Албанија, Северна Македонија, па и Црна Гора веќе имаа напредок“, рече Ескобар.
Додаде дека сега е вистинска можност да се создадат вистински односи со сите земји во Западен Балкан. Во шесте земји од овој регион живеат 20 милиони луѓе, а сега очекуваат раст од околу пет отсто, па Ескобар смета дека има и многу можности.
„Перспективите и можностите се огромни. И сега амбиентот е многу поразличен споредено со деведесеттите години. Сепак сакам да уверам дека ние сме присутни во регионот од Дејтон па се’ досега. Целосно ги поддржуваме европските напори на Албанија и Северна Македонија, сметаме дека и Црна Гора треба да се врати на тој пат, исто така да продолжи и напорот за интеграција на Босна и Херцеговина“, рече Ескобар.
„Кога зборуваме за Западен Балкан, факт е дека некои од земјите на ЕУ не се среќни со проширувањето, и сега останува на ЕУ како ќе одговори на овие предизвици. Јас би сакала да дадам едно потсетување за сегашните европски лидери, на состојбите кога се распаѓаше поранешна Југославија, во смисла дека не е сеедно како ќе одговорите на одредени предизвици. Кога лошо ќе се прочита геополитичката реалност, тогаш настануваат такви состојби и затоа сметам дека Европа го нема луксузот лошо да ја прочита геополитичката реалност, која може да биде и сурова“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на панелот посветен на безбедносните предизвици во пост – ковид светот.
Министерката нагласи дека сега на ЕУ е да одбере дали ќе се наметне како глобален играч, или ќе биде само посматрач.
„Ако Европа сака да ја сфати улогата на глобален играч, сега е време да донесе храбри одлуки и да го покаже својот европски порив. Уште од 2018 година одекнуваат истите пораки, но на различни начини. Но, сите тие остануваат само како празни ветувања кои лошо зборуваат за сигналите што ги испраќа Европската унија“, потенцира Шекеринска.
Таа нагласи дека нашата држава многу напорно работеше, односно го склучивме Преспанскиот договор, како и договорот за добрососедство со Бугарија, а направивме и многу во делот на слободата на медиумите. Значи, се беше реализирано, односно ние дури и повеќе испорачавме“, потенцира министерката за одбрана.
„Фактот што станавме членка на НАТО ни даде малку простор, но останува потребата за членство во ЕУ. Еве сега гледаме како се развива состојбата меѓу Србија и Косово, и јас верувам дека не постои граѓанин во Северна Македонија кој не гледа со страв на овие високи тонови што сега се разменуваат меѓу Белград и Приштина. Но, благодарение на членството во НАТО сега нема таква загриженост“, ја објасни министерката сегашната состојба на земјава.
Таа потенцира дека не е точно дека ја нема европската солидарност, што го покажа ковид кризата и пост – ковид периодот, иако имаше извесни застои и доцнења, но факт е дека тоаа постои и тоа не ја намали улогата на ЕУ. Сепак, недостига инклузивност, и ова удира во сржта на европската моќ и сигурност во целиот регион.
„Пораката што сега како да ја слушаме е – немојте да забрзувате со реформите, бидејќи ние нема да испорачаме, дури и ако одлично сте сработиле“, објасни министерката.
Шекеринска потсети дека кога во 2008 година не успеавме да влеземе во НАТО, сите мислеа дека тоа ќе се случи многу брзо.
„Но, поминаа цели 10 години, време кое никогаш нема да се врати. Верувам дека сега ЕУ ќе ги најде своите сили за тоа да не се повтори и дека ЕУ нема да дозволи тука да се случи политички вакуум“, рече Шекеринска.
Да се работи на поврзаноста, дигитализацијата, зелената енергија
Претставници на нашите најголеми финансиски поддржувачи, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, имаа значајни пораки за земјава на денешниот Самит на Западен Балкан, организиран од Економист.
Порачаа дека мора да се зголеми поврзаноста меѓу земјите од регионот, дигитализацијата, транзицијата кон зелена енергија, а да се намали сивата економија и да се зголемат вештините на работната сила.
„Регионот напредува во поглед на дигитализацијата, но се’ уште не можеме да кажеме дека напредува во поглед на висината на БДП по глава на жител. Во тој поглед регионот се’ уште е далеку од Европската унија“, констатираше Матео Ривелини, шеф на одделот Адриатик при Европската инвестициска банка, на панелот „Поплочување на патот кон раст и просперитет во пост – ковид светот“.
Според него, не постои ниту напредок во поглед на тоа колку економскиот раст е достапен за сите граѓани.
Од тие причини Европската инвестициска банка е постојано тука за да му помогне на Западен Балкан, вели тој.
Две полиња на напредок се клучни што треба да се постигнат. Првото е да се направат големи инвестиции, за што се преземаат многу иницијативи и проекти. Втората работа, пак, што е клучна, тоа е поврзаноста.
„Притоа не мислам само на транспортот кога зборувам за поврзаноста. ЕИБ инвестираше милијарди евра во транспортната инфраструктура и на ова поле сакаме уште повеќе да се ангажираме. Но, кога станува збор за поврзаноста, треба да се постигне напредок и од аспект на дигиталната поврзаност“, рече Ривелини.
Една од клучните работи според него, е и зелената транзиција во енергијата, што се однесува на обезбедување на електрична енергија од извори кои не загадуваат, а ЕИБ, како климатска банка, тоа секако дека го поддржува.
„Свесни сме дека регионот има термоелектрани кои го загадуваат воздухот, а испуштањето на јаглерод од термоелектраните нема граници, не е само во регионот. Така што, потребен е ангажман за таа зелена агенда и тоа треба правично да се обезбеди“, рече Ривелини, додавајќи дека ЕИБ е ангажирана и на финансирање на системот за отпадни води на реката Вардар во земјава.
Поранешниот претседател на Еврогрупата Јерон Диселблум рече дека мора да се работи на зголемување на продуктивноста на трудот, а за пост – ковид периодот дека клучни се фискалните, монетарните и структурните реформи.
„На фискален фронт има доста можности и предизвици. Дали ги трошиме парите на вистински работи, тоа треба да се запрашаме. Сега е важно да се инвестира во образование, затоа што сега е добро и има изгледи за раст, но колку ова ќе трае. Нема ли да има следен нов шок? Што ако има? За ова треба да се размислува. Во однос на монетарната политика исто така има некои можности, ЕЦБ вели дека нема лимити и ќе помогне но секако дека има. Таа треба да обезбеди инструменти за потенцијални шокови и да пресретне идни шокови“, рече Диселблум.
Додаде дека најважни се структурните реформи и рече дека сите инвеститори треба да се сигурни и тоа треба да го обезбедат Владите. Кога зборуваме за инвестиции мора да се обезбеди дека тие инвеститори ќе имаат доверба во Владата.
„Сите прашуваат дали може да инвестирам, дали можам да и верувам на Владата, дали ми е заштитен капиталот, дали ќе бидам заштитен како малцински акционер, дали има корупција, дали системот е ефикасен“, рече Диселблум.
Приоритети за финансискиот сектор
На панел дискусијата посветена на приоритетите на финансискиот сектор во актуелниот пост ковид контекст, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска – Бежоска истакна дека банкарскиот сектор беше дел од решението во надминувањето на ефектите од корона-кризата. Стабилноста на банкарскиот сектор и неговата подготвеност за соочување со предизвиците коишто ги донесе кризата се должат пред сѐ на добрата кондиција на овој сектор стекната во претпандемискиот период, како резултат на бројни регулаторни мерки преземени од Глобалната финансиска криза наваму. Поради ова банкарскиот сектор успеа да апсорбира голем дел од ударот врз реалниот сектор, посочи Ангеловска-Бежоска.
Исто така, преку мерките коишто ги презеде Народната банка, како олабавувањето на монетарната политика и регулаторната флексибилност за да се овозможи мораториум на долговите, се придонесе за олеснување на ефектите на кризата врз корпоративниот сектор, но и домаќинствата.
„За време на корона-кризата кредитната поддршка беше солидна, па дури и забрзана, движејќи се околу 6%, додека каматите и натаму опаѓаат, достигнувајќи го историски најниското ниво. Кредитната поддршка одигра важна улога во одржувањето на многу дејности и домаќинства, што, пак, е од клучно значење за одржувањето на економската активност“, посочи гувернерката.
Ангеловска-Бежоска нагласи дека за натамошно зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем, во претстојниот период, Народната банка заедно со Министерството за финансии, ќе продолжи со работа на зајакнувањето на регулативната рамка и усогласувањето со регулативата на ЕУ. За таа цел се усвоени и Законот за финансиската стабилност, Законот за решавање банки и Законот за банките.
Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека министерството соработува со НБРСМ, и дека е клучна соработката меѓу тие институции. Тој нагласи дека сега се трошат средствата од еврообврзницата од 700 милиони евра што ги зеде земјава, а ќе се обезбедат и средства од домашниот пазар, но и на други начини, за финансирање на долгот на државата. Нагласи и дека ќе се користат и проекти од иселениците во земјава.
„Проекцијата на Владата и на Министерството за финансии е годинава растот на БДП да биде 4,1%, но позитивните движења во вториот квартал и случувањата и макроекономските политики во третиот и четвртиот квартал може да придонесат годинава да ја завршиме со повисок раст на БДП од проектираниот.
Северна Македонија се фокусира на подобро искористување на традиционалните и воведување иновативни финансиски инструменти за поддршка на инвестициските проекти на приватниот и јавниот сектор, преку мобилизирање буџетски средства, средства од официјалните кредитори, како и средства од развојните партнери. Државата ќе издава развојни обврзници, зелени обврзници и проектни обврзници – тие ќе им бидат достапни не само на големите инвеститори, туку и на граѓаните, кои ќе имаат можност да ги вложуваат своите заштеди во сигурни инвестиции, со позитивно мултипликативно влијание во повеќе приоритетни области на економијата“, истакна министерот за финансии.“, истакна Бесими.