економија
Инфлацијата излегува од контрола: Како Европа се справува со кризата
Инфлацијата излегува од контрола

Богатите земји полесно ќе ја поминат кризата. Имаат тие “масни наслаги“, односно резерви, буџети и фондови со коишто може да им олеснат во голема мера на граѓаните и бизнисите во време на шокантни цени на енергијата, и се’ што понатаму повлекува таа во синџирот на стоки и услуги. Што им останува да прават сиромашните земји во развој, како Македонија?
Основни прехранбени продукти, производи за лична хигиена, средства за чистење, производи за бебиња и домашни миленици, според грчките медиуми, се дел од категориите вклучени во таканаречената „кошница за домаќинствата“ што ќе ја воведат супермаркетите во Грција и за конкретните производи ќе треба цените или да останат непроменети или да има минимално покачување, јави дописничката на МИА од Атина.
Поради инфлацијата, конкретната иницијатива на Министерството за развој и инвестиции на Грција била договорена на минатонеделната средба на надлежниот министер со претставниците на големите супермаркети.
Не станува збор за замрзнување на цените, туку обид на супермаркетите, цените на производите неопходни за домаќинствата, да се задржат на што е можно пониско ниво и евентуалните зголемувања да бидат минимални.
Според грчките медиуми, „кошницата за домаќинствата“ содржи 31 категорија со 50 производи меѓу кои и: ориз, леб, макарони, свинско и пилешко месо, риба, млеко, јогурт, сирење и кашкавал, зејтин, шеќер, кафе, чај, какао, вода, сокови, средства за чистење, детергенти, тоалетна хартија, паста за заби, влошки, сапун, антисептик, пелени, храна за кучиња и мачки итн.
Ова е само една во низата мерки што европските земји, погодени со незапаметена инфлација, ги воведуваат периодов заради заштита на животниот стандард на населението и колку толку полесно пребродување на кризата. Покрај монетарните мерки што ги преземаат Федералните резерви во САД, В. Британија, и Европската централна банка во еврозоната, со рекордното качување на основната каматна стапка, и другите членки на ЕУ што не се во еврозоната, заедно со земјите кандидати за членство, коишто ги преземаат истите чекори, воведуваат и најразлични мерки за издржување на галопирачките цени.
Германија, на пример, во септември донесе најнов пакет за олеснување на инфлацијата од 65 милијарди евра за да им помогне на домаќинствата да се справат со спиралната инфлација и сметките за енергија, резултати од руската војна против Украина и последователните санкции наметнати на Москва. Тој е дел од пакетот вреден преку 200 милијарди евра, што претходно го најави германската влада.
„Зголемувањето на цените на храната се зголемија шести последователен месец со годишен скок од 16,6 отсто во август“, објави Федералниот завод за статистика „Дестатис“.
Огромниот пакет за поддршка во Германија, предизвика критики кај посиромашните земји на ЕУ
Пакетот на Германија предизвика критики во некои земји од ЕУ, затоа што е еднострано објавен и далеку поголем од 67 милијарди евра колку што најави Франција или 68 милијарди евра колку што планира Италија, пренесе Радио Слободна Европа.
Иако пакетот за поддршка е поздравен во Германија и на финансиските пазари, предизвика загриженост во другите земји од ЕУ коишто не може да си дозволат да потрошат ниту мал дел од таа сума.
Затоа министрите за финансии на еврозоната ветија на 3 октомври дека националните финансиски штитови проти растечките трошоци за енергија ќе бидат координирани, привремени и таргетирани, за да се избегне придвижување на инфлациската спирала со трката на платите и цените.
„Со оглед на силното прелевање на европските енергетски пазари, ќе ги координираме нашите мерки за зачувување на еднакви услови и интегритет на единствениот пазар, вклучително и воздржување од штетни даночни прилагодувања. “, пишуваше во соопштението после состанокот на европските министри за финансии.
Британската нова влада, пак, на чело со премиерката Лиз Трас, кон крајот на септември исто така донесе пакет за поддршка на домаќинствата и бизнисите, кој што вклучува и намалување на даноците, плафон за сметките за енергија, итн. Новиот британски министер за финансии планира и да го повлече планот на претходниот премиер Борис Џонсон за зголемување на даноците на компаниските профити. Според аналитичарите на британската банка Barclays, целосната вредност на овој пакет мерки би можела да достигне околу 235 милијарди фунти, што е многу повеќе од пакетот за заштита на работните места донесен за време на пандемијата.
Британската влада исто така објави шестмесечен план за покривање на околу половина од трошоците за енергија на бизнисите. Ова следи откако премиерката Трас веќе лансираше програма за замрзнување на цените на енергенсите за домаќинствата следните две години. Со тоа, просечно домаќинство ќе има годишна сметка за енергија од максимум 2.500 фунти до 2024 година. Цената на струјата и гасот за фирмите, како и за болниците, училиштата и хуманитарните организации, ќе биде ограничена на половина од очекуваниот трошок на отворениот пазар.
Македонскиот пакет на мерки: за власта таргетиран, за опозицијата задоцнет
Богатите земји полесно ќе ја поминат кризата. Имаат тие “масни наслаги“, односно резерви, буџети и фондови со коишто може да им олеснат во голема мера на граѓаните и бизнисите во време на шокантни цени на енергијата, и се’ што понатаму повлекува таа во синџирот на стоки и услуги. Што им останува да прават сиромашните земји во развој, како Македонија? Оние што имаат поголем капацитет за сопствено производство на енергија, ќе ги зауздат некако цените на струјата. Но, оние што си „спиеле на увцето“ дека струјата вечно ќе биде 50-60 евра за мегават, и ќе можат да увезат колку сакаат и кога сакаат, и 30 години не изградиле ниту еден посериозен енергетски капацитет, сега ќе се фаќаат за глава, плашејќи се како ќе ја преживееме зимава.
Граѓаните се револтирани од секојдневното качување на цените на речиси сите артикли (инфлацијата во септември е 18,7%, некои артикли, како лебот, поскапени се 50% за една година), фирмите очајно бараат да им се помогне со високите сметки за струја, синдикатите алармираат дека потрошувачката кошничка надминала три минимални плати, а Владата го донесе најновиот пакет на антикризни мерки.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека „со новиот пакет мерки од 360 милиони евра никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците“.
„Со мерките кои ги донесовме во текот на 2022 година, вкупниот пакет на антикризни мерки изнесува досега 750 милиони евра. По длабоки и долги консултации со експертите, со претставници на работодавачи, на здруженија на пензионери, со претставници на Стопански комори инсистирав да делуваме на повеќе нивоа за да може буквално сите да бидат опфатени.
Од една страна, нашата, мојата цел за оваа зима е да ги искористиме максимално ресурсите со кои располагаме, контактите со нашите пријатели од Европа, од регионот, контактите со најблиските соседи и да го исполнуваме нашиот план за обезбедување ресурси и пред се електрична енергија за семејствата, за училиштата, за болниците, за претпријатијата. Од друга страна, усвојуваме таргетирани мерки кои ќе бидат поддршка за најранливите граѓани, што од друга страна е и препорака на меѓународните финансиски институции.“, рече Ковачевски при презентирањето на мерките деновиве.
Некои од експертската јавност поздравија дел од мерките, особено оние што се насочени кон ранливите категории граѓани, додека други критикуваат дека нема доволно мерки насочени кон бизнисите.
Опозицијата пак, рече дека мерките што ги нуди владата се гол маркетиншки трик.
„Тие ниту се навремени, ниту се таргетирани, ниту се решение за проблемите. Тие се само купување време, додека кризата метастазира“, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
Тие предлагаат сет од пет конкретни мерки за ублажување на кризата: ноќните вишоци и вишоците на произведена струја од ЕСМ во текот на викендите да се понуди на домашното стопанство; Владата да покрие половина од разликата меѓу цената на струјата која ја плаќаат компаниите и цената на регулираниот пазар; За граѓаните да се воведе викенд без ДДВ за основните прехранбени производи; Одложување на воведувањето на скалесто оданочување кое го планира власта; Да се обезбедат повеќе свежи пари за стопанството преку дестерилизација на благајничките записи во Народна банка.

Антикризни мерки од последниот пакет
- Субвенционирање 80% од струјата за 661.000 домаќинства и 72.000 мали потрошувачи, фирми кои вработуваат речиси 98% од работниците во Македонија;
- Над 330.000 пензионери ќе добијат повисоки пензии согласно новата методологија;
- 6.000 денари во наредните 4 месеци ќе добијат пензионерите кои земаат до 11.525 денари пензија;
- 3.000 денари во наредните 4 месеци ќе добијат и пензионерите кои земаат од 11.526 денари до 14.000 денари пензија;
- 3.000 денари еднократна помош за 36.000 домаќинства приматели на гарантирана минимална помош;
- 3.000 денари месечно во наредни 4 месеци ќе се исплатат на речиси 42.000 лица од ранливи категории;
- 365 основни и 109 средни училишта ќе се на регулиран пазар за струја, за да може образовниот процес да тече непречено;
- Болниците и мерните станици за водни пумпи ќе купуваат евтина струја од ЕСМ;
- Предвидени се повеќе евтини кредитни линии за стопанството за одржување на ликвидноста;
- Обезбедени се средствата за поврат на ДДВ и пред законскиот рок од 30 дена за да има зголемена ликвидност;
- Обезбедени се средства за граѓаните корисници на „Мој ДДВ”;
- Предвидени се и субвенции во земјоделството за обезбедување храна, зголемување на приноси, стимулирање продуктивност, поголема конкурентност.