економија
Како еден град станува паметен?
Предизвиците на случајот „многу луѓе во мали, концентрирани пространства“

Технологиите се единствениот начин општините да одговорат на предизвиците на иднината, но малку од нив знаат како да ги искористат. Во успешните примери најнапредните градови бараат начини за воведување сѐ попаметни технологии, а сѐ уште се во фазата амбициозни случаите во кои се користи поинаков пристап – создавање паметен град од нула
Само по 30 години 66% целото население на Земјата ќе живее во градови, тврдат анализите на Организацијата на обединетите нации. Случајот „многу луѓе во мали, концентрирани пространства“, ќе се развива сѐ побрзо. А со засилувањето на овој процес ќе има сѐ поголеми предизвици за општините што ги управуваат овие пространства; за компаниите што им доставуваат услуги; и за граѓаните кои ќе ги бидат во ситуација не лесно да ги обезбедуваат дури и основните ресурси како водата и храната.
Засега светот верува дека решението е во таканаречените „паметни градови“. Тие користат технологии за да ги управуваат сите сегменти – транспортот, болниците, училиштата, водоводните и канализациските мрежи, системите за прочистување … Користа од ова е јасна. Кога информацијата се собира, се анализира и се употребува правилно, тоа го прави управувањето на еден град поефективно, поевтино и попријатно за жителите.
Но, како еден град станува „смарт“? Засега никој не открил целосно решение. Според Техничкиот универзитет во Виена, на пример, паметниот град треба да се покаже добар во шест различни категории: економија, мобилност, животна средина, управување, начин на живот и луѓе. Универзитетот истражува и класифицира десетици европски градови.

Пионерите
Паметни градски системи и проекти постојат со децении. Системот за управување со сообраќајот во Сингапур, на пример, за првпат е воведен во 1975 година. Денеска тој веќе користи мрежа од камери, од сензори, од GPS уреди, за да предвидува и спречува сообраќајни метежи, така што ги менува таксите што сопствениците на автомобили ги плаќаат за да стигнат до различни делови од градот. Пешаците се, исто така вклучени. Повозрасните и луѓето со посебни потреби добиваат специјални RFID (Radio-frequency identification) чипови, преку кои семафорите ја регистрираат нивната местоположба и го оставаат зеленото светло пуштено додека не поминат.
Во 2016 година Сингапур застана на прво место на листата „Најпаметен град“ на британската компанија Juniper Research. Истражувањето што го даде овој резултат вклучувало комбинација од фактори како технологии за интелигентни мрежи, паметно осветлување, користење на технологии за подобрување на сообраќајот, пристап до безжичен интернет, употреба на смартфони и достапни мобилни апликации.
„Применивме различни коефициенти за тоа како градот се справува со транспортните и енергетските системи, кои, според нас се најважните елементи за еден паметен град“, вели претставникот на Juniper Research, Стефан Сорел, за Гардијан.
Шпанскиот град Барселона, исто така е на високо место на листата, поради системот за управување со сообраќајот. Во градот има интелигентен систем за паркирање, интелигентно LED улично осветлување, систем од сензори за набљудување на квалитетот на воздухот и нивоата на звукот. Односот на градот кон управувањето со водните ресурси, исто така, ја става Барселона на светската карта на паметни градови. Пред неколку години главниот град на Каталонија помина период на суша, по што беше воведен интелигентен систем за наводнување. Сензори во почвата ги анализираат реализираните и прогнозираните врнежи, и го менуваат протокот на прскалките за да штедат вода.
Паметен град од нула
Додека најнапредните градови бараат начини за воведување сѐ попаметни технологии, други користат поинаков пристап – создавање паметен град од нула. Таков пример е Масдар покрај Абу Даби. Идејата е енергијата и останатите ресурси на градот да се следат и управуваат централно. Изградбата е почната во 2008 година, со планови за 22 милијарди долари инвестиции во град што ќе собере 50 илјади жители. Но, проектот не помина незасегнато во глобалната финансиска криза. Плановите за персонален систем за брзо движење се ограничени, што ги прави недостижни поставените цели за нула јаглеродни емисии. Денеска се изградени одвај 5% од планираниот град среде пустина.
Со слични амбиции, но со поголем успех почна и меѓународниот бизнис центар Сонгдо, покрај најголемиот аеродром во Јужна Кореја. Според податоците до кои дошол Гардијан, ова е најскапиот приватен проект во историјата, со инвестиција од 40 милијарди долари, и е првиот навистина паметен град. Во улиците и системите на градот се вградени сензори што испраќаат информација кон централната мрежа за мониторинг и поддршка. Водените и енергетските ресурси, како и сообраќајот, се следат и оптимизирано и постојано. Во градот има и пневматски систем за чистење на сметот, што ја елиминира потребата од контејнери и камиони за отпад. Сите отпадоци се собираат во автоматска централна инсталација за третирање на сметот, која се наоѓа под земјата. Во идните планови влегуваат и развојот на мобилни апликации со кои ќе се контролираат домашните уреди, како и системи за лоцирање на децата во градот.
Како градовите стануваат поинтелигентни
Повеќето од овие утописки проекти засега или не успеваат да ги исполнат своите амбиции, или работат во мал формат. За градовите кои стотици години трупале историја и тешка инфраструктура, „опаметувањето“ е многу тежок процес.
Засега нема и единствен одговор на прашањето како еден град да стане паметен. Но, многу градови, институции и организации се обидуваат да создадат насоки за оваа цел. Според Институтот на инженерите по електротехника и електроника (IEEE), на пример, развојот на паметните градови треба да покрива три фази. Во стратешката фаза општините треба да се научат да создаваат приоритети, и начини за оценка на својот прогрес. Во практичната фаза тие треба да успеваат да реализираат „интелигентни“ проекти според најдобрите практики. А во последната, техничка фаза, управувањето со градовите треба да се сообразува и со технолошките барања, така што градовите навистина да бидат спремни да ја пресретнат иднината.