свет
Како ЕУ се ослободи од руските фосилни горива со спектакуларна брзина?
Војната во Украина ја натера Европа да побрза со енергетската транзиција

Дури и најоптимистичките прогнози на аналитичарите и европските лидери на почетокот на војната не предвидоа колку брзо Европа може да се движи во насока на енергетската транзиција. Пред една година Европа трошеше околу милијарда долари дневно за да плати гас, нафта и јаглен увезени од Русија. Денес, плаќа само мал дел од таа сума.
Најзначајниот одговор на Европа на руската агресија во Украина не беше распоредувањето на воена опрема и милијардите евра помош. Туку беше невидената брзина на енергетска транзиција при што за една година континентот речиси ја елиминираше својата зависност од руските фосилни горива во обид да го задуши клучниот извор на финансирање на воената машинерија на рускиот претседател Владимир Путин, коментира Блумберг (Bloomberg).
Дури и најоптимистичките прогнози на аналитичарите и европските лидери на почетокот на војната не предвидоа колку брзо Европа може да се движи во насока на енергетската транзиција. Пред една година Европа трошеше околу милијарда долари дневно за да плати гас, нафта и јаглен увезени од Русија. Денес, плаќа само мал дел од таа сума.
„Русија не’ уценуваше со закана дека ќе го прекине снабдувањето со енергија. Целосно се ослободивме од зависноста од руските фосилни горива. Се одвиваше многу побрзо отколку што очекувавме“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претходно овој месец.
Климатските промени „помогнаа“
Ситуацијата можеше да се одвива и многу поинаку, но европската транзиција кон чиста енергија, која сериозно започна пред неколку години, одигра голема улога. Емисиите малку се намалија во 2022 година, а не отидоа нагоре, иако ЕУ даде приоритет на било каков извор на енергија што не е руски.
„Благодарение“ на климатските промени, топлото време ја намали побарувачката за греење, а фабриките кои загадуваат мораа да ги затворат своите погони бидејќи не можеа да си дозволат да ја платат енергијата потребна за работа. Она што го покажа изминатата година е дека е можно да се оди посилно и побрзо во инсталирањето соларни панели и батерии, намалување на потрошувачката на енергија и трајно менување на традиционалните извори на фосилни горива.
Соларните инсталации низ Европа се зголемија за рекордни 40 гигавати минатата година, што е зголемување од 35 отсто во споредба со 2021 година, а нешто помалку од најоптимистичкото сценарио на истражувачите на BloombergNEF. Овој скок првенствено беше поттикнат од потрошувачите кои гледаа на евтините соларни панели како начин да ги намалат сопствените сметки за енергија.
Многу потрошувачи кои поставиле соларни панели на своите покриви додале и батерија. Поставувањето на батерии порасна за рекордни 79 отсто минатата година во Европа, главно предводен од станбениот сектор, кој порасна за 95 отсто, покажуваат податоците на BNEF.

Економијата на ЕУ порасна додека се ослободуваше од рускиот гас
Никаква експанзија на обновливите извори на енергија нема да биде доволна за да ги замени сосема руската нафта, гас и јаглен уште некое време. Европа со години поволно увезувала големи количини природен гас преку руските гасоводи. Евтиниот гас долго време ги одржуваше ниските цени на енергијата и ги замени повеќе загадувачките централи на јаглен, но инвазијата го промени тоа преку ноќ.
Додека руските авиони фрлаа бомби над Украина во јули 2022 година, државниот Газпром го прекина снабдувањето со гас преку цевководи што минуваат под Балтичкото Море или преку Белорусија и Украина. Првично, тоа беше направено под изговор одржувањето се искомпликувало поради западните санкции. До летото, испораките на цевководите под Балтичкото Море станаа нула откако серијата експлозии ги направија неупотребливи.
До крајот на 2022 година, рускиот гас испратен директно во Европа преку гасоводи падна за 75 отсто во споредба со претходната година, а речиси два месеци во 2023 година нема знаци за зголемување на увозот.
Додека се ослободувала од евтиниот руски гас, бруто домашниот производ на ЕУ всушност пораснал за 3,5 проценти во 2022 година, нешто помалку од четирите проценти што се очекуваа пред избувнувањето на војната. Рецесијата се сметаше за неизбежна уште есента лани, но економистите на ЕУ сега очекуваат економијата на блокот да порасне за 0,9 отсто во 2023 година.
„Речиси една година откако Русија ја започна својата агресивна војна против Украина, економијата на ЕУ е на подобра основа отколку што се очекуваше наесен. Се чини дека инфлацијата го достигна својот врв и поволните движења на енергетските пазари навестуваат натамошни остри падови“, се наведува во најновиот економски извештај на Европската комисија.
Дел од рускиот гас беше заменет со зголемен проток на гасоводите од Алжир и Норвешка. Повеќето пристигнале со брод во форма на ЛНГ, или течен природен гас.
Обезбедувањето на сиот тој гас значеше купување многу повеќе од САД и Катар, речиси двојно зголемувајќи го увозот на ЛНГ во ЕУ во споредба со 2021 година. И иронично, Русија исто така служеше како се’ поважен извор на течен гас, дури и додека нејзиниот цевководен извоз во Европа се намалувал. Помогна тоа што климатските промени значеа поблага зима одошто вообичаено, намалувајќи ја побарувачката за греење. Високите температури значат повеќе гас во складиштата за следната зима.
Одредена побарувачка за гас е намалена со согорување на повеќе јаглен во електраните. Употребата на јаглен низ Европската унија се зголеми за седум отсто минатата година, бидејќи рускиот увоз падна во текот на годината и речиси целосно престана во октомври по стапувањето на санкциите.
Нафтата потешко се заменува
Но, најголемиот придонес дојде во форма на намалена побарувачка и од индустријата и од домаќинствата. Како што цената на гасот вртоглаво порасна, некои индустрии, како што се производителите на ѓубрива, сметаа дека е неекономично да работат, додека други најдоа алтернативи за задоволување на нивните енергетски потреби.
Ова доведе до пад на употребата од 18 проценти во текот на 2021 година, што е споредливо со падот од 14 проценти забележан во 2020 година во споредба со претходната година. Слична беше приказната за греењето на станбените објекти, кое исто така падна за 15 отсто, според податоците собрани од BloombergNEF од земјите најголеми европски потрошувачи на гас.
Увозот на нафта, исто така, забележа пад во 2022 година, но не толку колку јагленот или гасот. Вкупниот увоз од Русија падна за 300.000 барели дневно, со што земјата остана најголем извозник на нафта во ЕУ, покажуваат податоците на Меѓународната агенција за енергија. Санкциите за увозот на сурова нафта кои се во сила од декември и за рафинираните производи како дизелот што беа воведени овој месец значат дека увозот на руска нафта конечно треба да престане една година подоцна.
„Нафтата потешко се заменува. Таму е најопасно да се чепка, бидејќи ако имате 20 отсто покачување на цената на нафтата, ризикувате глобална рецесија“, вели Кристоф Рул, виш аналитичар во Центарот за глобална енергетска политика на Универзитетот Колумбија и поранешен главен економист во Бритиш Петрол.
Увозот од Русија беше заменет со зголемени испораки од САД, Саудиска Арабија и Норвешка. ЕУ, исто така, соработуваше со земјите од Г7 и Австралија за да наметне плафон на цената на руската сурова нафта од 60 долари за барел во декември, што треба да овозможи руската нафта да тече низ светот, но да го лиши Путин од неочекувани добивки доколку пазарната цена се зголеми.
И тоа функционираше, на некој начин. Индија брзо го зголеми увозот на руска сурова нафта, која се рафинира во дизел и бензин во нејзините рафинерии и често се испраќа во Европа, каде што индискиот увоз на рафинирана руска нафта не е на списокот со санкции.

Хидроенергијата потфрли поради сушата
Една од најголемите пречки во енергетската транзиција со која се соочи ЕУ минатата година беше најтешката суша во последните 500 години. Климатските промени предизвикани од човекот ја направија таа суша најмалку 20 пати поверојатна, според студијата објавена во октомври. Влијанието врз енергетиката дојде преку намаленото производство на хидроенергија, кое претходно беше сигурен извор на обновлива енергија.
Уште поголем проблем беше Франција, која мораше да се справи со својата застарена флота нуклеарни реактори. Тој напор не успеа во 2022 година, оставајќи ја Европа без еден од најголемите извори на енергија со ниска содржина на јаглерод. Минатата година Франција беше принудена да увезува електрична енергија од соседите, што доведе до уште поголема побарувачка за фосилни горива.
Француската нуклеарна флота постепено се враќа во употреба оваа зима, иако производството останува и понатаму под историските просеци. Сепак, посилното нуклеарно производство и поздравите нивоа на хидроакумулациите треба да помогнат да се намали побарувачката за гас и јаглен за производство на електрична енергија во 2023 година.
Треба да се спомне и дека Белгија и Германија го продолжија животниот век на своите нуклеарни централи, што дополнително треба да ја намали побарувачката на гас.
Забрзано спроведување на Зелениот договор на ЕУ
И покрај сите овие промени, емисиите на стакленички гасови во ЕУ треба да се намалат за помалку од еден процент. Зголемените емисии од согорувањето на јаглен, кој произведува двојно повеќе јаглерод диоксид по единица произведена енергија од гасот, се компензира со помала потрошувачка на гас. Севкупно, електричната енергија од фосилни горива ќе се намали за дури 43 проценти во 2023 година во споредба со минатата година, според BloombergNEF.
Забрзувањето на оддалечувањето од фосилните горива е главно прашање за законодавците на ЕУ, кои се толку уверени во исполнувањето на нивните цели за емисиите во 2030 година, што веќе отворија јавна консултација за целите од 2040 година на патот кон нулта емисија до 2050 година. Зелениот договор на ЕУ сега е цврсто вграден во регулативите на блокот, вклучувајќи чекори како забрана за продажба на автомобили со фосилни горива до 2035 година. Ова веќе почна да се покажува преку порастот на продажбата на електрични возила, која се очекува да постави нов рекорд во 2022 година.
Енергетската транзиција за време на војната ѝ покажа на Европската унија што може да направи за да се обиде да го достигне лидерството на Кина во зелените технологии. Нејзините зелени потези ќе се забрзаат како одговор на храбрите потези на САД по усвојувањето на најголемиот закон за клима во историјата минатата година, кој „вбризгува“ стотици милијарди долари нови субвенции за чисти технологии.
Тоа чувство на натпревар во зелената транзиција доведе многу европски законодавци сега да навестуваат повеќе субвенции за развој на зелени технологии низ целиот блок, како и поедноставни процеси за издавање дозволи и поповолни прекугранични регулативи.
„Во Европа гледаме дополнително забрзување на декарбонизацијата. Русија ја губи енергетската битка“, изјави Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергетика.