Connect with us

економија

Како работеа домашните инвестициски фондови: Зголемување и на вредноста и на приносите

Како работеа домашните инвестициски фондови изминатава година

објавено

на

Добрите перформанси на светските и домашниот пазар на капитал минатата година, и покрај зголемените геополитички ризици, се одразија и на перформансите на македонските инвестициски фондови. Нето вредноста на сите инвестициски фондови за една година се зголемила за 22%, додека приносите на некои од нив стигнале и до 20-тина отсто.

Минатата година и покрај геополитичките ризици и неизвесноста во светот предизвикани пред сѐ од војните во Украина и во појасот Газа, пазарите на капитал и не поминаа така лошо, напротив. На пример, главните индекси на Волстрит имаа забележителен раст, па така, S&P500 порасна за речиси 25% за една година, Dow Jones Industrial Average имаше пораст од речиси 14%, а индексот на технолошкиот сектор, Nasdaq Composite имаше перфектна година, со 43% раст.  Македонскиот берзански индекс МБИ-10 имаше поскромни перформанси лани, со пораст од 8,2%, но сепак ако се спореди со падот од 8,1% годината претходно, може да се каже дека годината не била воопшто лоша и за инвеститорите на домашната берза.

Овие перформанси на светските и домашниот пазар на капитал се одразија и на работењето на домашните инвестициски фондови, односно нивните приноси за 2023 година. Па, така, според податоците достапни на вебсајтот на Македонска берза, најголем принос лани покажале акциските фондови во сопственост на домашните друштва за управување со фондови, и тоа ВФП Дивиденда Акции со 19,6% принос, ВФП Премиум Акции со 16,1%, овие два во сопственост на друштвото ВФП Менаџмент; потоа Генерали Америка (15,8%) и Генерали Топ Брендови (10,7%) управувани од Генерали Инвестментс; како и КБ Публикум Балансиран (11,9%), КБ Публикум Обврзници (11,4%), КБ Публикум Акции (13,5%) и КБ Публикум МБИ10 (9,3%), управувани од КБ Публикум Инвест. И Граве Глобал имал одличен принос од 16,5%, како и Вега Финансии од 12,2%.

На крајот од 2023 година, акциските фондови ја задржуваат доминантната позиција, и покрај фактот што учеството на акциските отворени фондови во вкупната нето вредност на сите фондови во текот на годината се намалува, како што се вели во извештајот на Комисијата за хартии од вредност. На крајот од 2022 година тоа учество изнесувало 52,6% од вкупната нето вредност, додека на крајот од 2023 година тој удел изнесува 49,9%. Сепак, мора да се истакне огромниот пораст на учеството на акциските фондови во вкупната фондовска индустрија во земјава изминативе години, со оглед на фактот што не така одамна, убедливо доминантната улога на пазарот имаа паричните фондови. Во моментов, односно на крајот од 2023, уделот на паричните фондови мерено според нивната вкупна нето вредност изнесувал 42,9%, а на обврзничките 7,2%.

Нето вредност на портфолија на акциските инвестициски фондови
Извор: Комисија за хартии од вредност

Фондовите „тежат“ 220 милиони евра, 22% пораст за една година

На крајот од минатата година во Македонија работеле вкупно пет друштва за управување со инвестициски фондови: ВФП Фонд Менаџмент, КБ Публикум Инвест, Вега Фондови, Генерали Инвестментс и Иново Статус. Овие друштва управуваат со вкупно 22 отворени инвестициски фондови. Во однос на третиот квартал од 2023 година, бројот на друштва за управување со инвестициските фондови коишто тие ги управуваат останаа непроменети.

Нето вредноста на средствата на инвестициските фондови со коишто управуваа друштвата на крајот од четвртиот квартал од 2023 година изнесува 13,5 милијарди денари (околу 220 милиони евра), што во однос на состојбата на крајот од третиот квартал е зголемување од речиси 10%, покажува извештајот на Комисијата за хартии од вредност. Споредено пак со четвртиот квартал од 2022 година, се забележува раст од без малку 22%.

Во последниот квартал од 2023 вкупната нето вредност на средствата на сите домашни отворени инвестициски фондови се зголемила за околу 19,2 милиони евра. Во секој месец од кварталот имало зголемување на вкупната нето вредност на средствата на инвестициските фондови, и тоа: во месец октомври за 1,84%, во ноември за 4,96% и во декември за 2,58%. Споредено со истиот квартал од 2022 година има годишно зголемување од 2,4 милијарди денари (околу 39 милиони евра).

Гледано од аспект на поединечните друштва за управување со инвестициски фондови, најголем квартален пораст на нето вредноста на фондовите со кои управуваат е забележан кај Вега Фондови од 29,8% (фондовите со коишто управува друштвото се основани во февруари 2022 година). Во овој квартал забележан е пораст на нето вредноста на фондовите и кај останатите друштва, и тоа: кај Генерали Инвестментс пораст од 13%, кај Публикум Инвест од 8,7%, кај ВФП Фонд Менаџмент од 7,7% и кај Иново Статус од 1,48%.

Споредбено со четвртиот квартал од 2022 година, забележан е годишен пораст на нето вредноста на фондовите кај сите друштва. Годишниот пораст од 204,3% на нето вредноста на фондовите со кои управува Вега Фондови се должи на фактот што друштвото почна да управува со фондовите во февруари 2022 година. Следуваат ВФП Фонд Менаџмент со годишен пораст од 31,4% на нето вредноста на своите фондови, Генерали Инвестментс со речиси 30%, Иново Статус со 10,7% и КБ Публикум Инвест со 4,6%.

Промена на врвот

На крајот на четвртиот квартал од 2023 година, со најголем процент од нето вредноста на отворените инвестициски фондови (39,7%) управува ВФП Фонд Менаџмент, по што следи КБ Публикум Инвест со 37,28% учество. Најмало учество во вкупната нето вредност на фондовите и понатаму има Иново Статус со 0,53%. Се забележува годишното намалување на учеството на КБ Публикум Инвест во вкупната нето вредност на инвестициските фондови, односно од 43,4% на крајот од 2022 година, тоа изнесува 37,3% на крајот од 2023 година. За разлика од ова друштво, кај ВФП Фонд Менаџмент забележан е годишен пораст на неговото учество во вкупната нето вредност на фондовите, односно од 36,7% на крајот од 2022, на крајот од 2023 изнесувало 39,7%.

Анализирано по индивидуални инвестициски фондови, најголем квартален пораст е забележан кај отворениот инвестициски фонд КБ Публикум – Обврзници (36,7%), по што следат Вега Кеш (30,9%) и Вега Технологија (26%). Квартален пад на нето вредноста е забележан само кај три отворени инвестициски фондови: КБ Публикум -МБИ10 (-4%), Иново Статус Солар (-1,3%) и Генерали БРИК (-0,1%).

Поради фактот што фондовите Граве Флекс Бонд Евро и Иново Статус Солар почнаа со работа во текот на 2023 година, нивната годишна разлика во графиконот на КХВ е 100%. Инвестициските фондови Вега Кеш, Вега Свет, Вега Технологија и Вега Финансии почнаа со работа во првиот квартал од 2022 година, па затоа нивниот годишен пораст на нето вредноста се движи во распон од 222% до 56%. Најголем годишен пораст на нето вредноста е забележан кај фондовите КБ Публикум – Обврзници (89,3%) и Генерали Кеш Депозит (50,7%), додека пак годишен пад на нето вредноста е забележан само кај КБ Публикум МБИ10 (-5,8%), Генерали БРИК (-1,27%) и Генерали Топ Брендови (-1,26%).

Во кои дејности вложуваат акциските фондови
Извор: Комисија за хартии од вредност

Македонските инвеститори преку фондовите вложиле 50 милиони евра во финансиски услуги, здравство и ИТ

Во четвриот квартал од 2023, кај акциските инвестициски фондови има квартален раст на нивната нето вредност на средства од 4,8% и годишен раст од 15,6%, кај паричните фондови кварталниот раст е 15,1% и годишниот 20,7%, додека кај обврзничките фондови кварталниот раст е 13,7%, а годишниот 109,8%.

Имајќи ги предвид флуктуациите на светските пазари на капитал, каде се инвестирани најголем дел од средствата на акциските фондови, видно изразена промена на годишно ниво се забележува кај новоформираниот Иново Статус Солар, како и кај фондовите формирани од друштвото Вега Фондови, коишто почнаа со работа во февруари 2022 година.

Од постарите фондови, најголеми годишна промена на вредноста на портфолиото се забележува кај Генерали Топ Брендови, од 48,4% и Генерали Америка, 44,7%. Негативна промена на годишно ниво има само кај КБ Публикум – МБИ10 од 1,73%.

Набљудувано по структура на дејности, највисоко учество на вложени средства на крајот од 2023 година е забележано во три клучни сектори: финансиски услуги (18,8%), здравство (16,5%) и информатичка технологија (15,5%). Средствата вложени во овие три сектори на крајот од 2023 изнесуваат вкупно три милијарди денари (околу 50 милиони евра), што претставува зголемување за речиси 28% за една година. Најголем годишен пораст на вложувањата има во секторот информатички технологии, и тоа од 58,3%, по што следат секторите индустрија (+40,3%), дискрециона (не-есенцијална) потрошувачка (+22%), и суровини (+20,1%). Годишен пад е забележан кај секторите комунални услуги (-23,5%) и недвижности (-8,9%).

Повеќе од половина од парите на фондовите вложени во домашни депозити и обврзници

Од аспект на географската структура на вложувањата на вложувањата на инвестициските фондови, во континуитет доминираат вложувањата на домашниот пазар, коишто на крајот од извештајниот период изнесуваат 7,6 милијарди денари (околу 123,5 милиони евра), што претставува учество од речиси 56% од вкупно вложените средства. Споредбено со крајот на 2022 година, вложувањата во Македонија се намалиле за 18,4%, односно за 1,18 милијарди денари.

Во земјите од Европа, инвестициските фондови на крајот од 2023 имале вложено 26,4% од вкупно собраните средства, а помал дел од вложувањата се насочени кон САД, 14,2%, односно околу 31 милион евра.

Релативно ниската променливост на географската структура на вложувањата претставува директна рефлексија на вложувањата на фондовите во депозити кои согласно законот може да бидат пласирани само во македонски банки, како и вложувањата во македонски обврзници на домашен пазар или пак во македонската еврообврзница. Анализата на валутната структура на вкупните вложувања на инвестициските фондови на крајот од 2023 споредбено со крајот на 2022, укажува на годишно зголемување на вложувањата во сите валути: американски долари (31,8%), швајцарски франци(27,2%), денари (20%), евра (18,6%) и останати валути (7,2%). Сепак, значително високата ориентираност на вложувањата во денари и понатаму останува непроменета и истата на крајот од четвриот квартал на 2023 изнесува 42,5% од вкупните вложувања.

Во текот на четвриот квартал лани, во инвестициските фондови се уплатени вкупно 3,7 милијарди денари, а се одлеани 2,9 милијарди денари, креирајќи позитивна нето разлика од 776 милиони денари или околу 12,6 милиони евра.
Најголем процент на приливите во четвртиот квартал се од домашните финансиски институции кои не се банки (47,7%) и домашните нефинансиски правни лица (27,3%), по што следуваат домашните физички лица (24,2%). Приливите од странските финансиски институции изнесуваат 0,5% од вкупните приливи во третиот квартал од 2023. Најголем процент, пак, на повлечени средства од инвестициските фондови во последниот квартал лани, односно 52% има од домашни финансиски институции кои не се банки, по што следуваат домашните нефинансиски правни лица со 28% и домашните физички лица со речиси 20%.

македонија15 часа ago

@media: Иднината на пазарот за рекламирање

економија4 дена ago

Мукаетов за магазинот “The Region“: Нашите брендови се дел од секојдневието на луѓето

македонија4 дена ago

Универзитетот Американ Колеџ Скопје почна соработка со City College of New York од САД

банки5 дена ago

УНИБанка втора година по ред е поддржувач на најзначајната културна манифестација „Охридско лето“  

економија6 дена ago

Стимулирање на иновациите во Scalefocus: Како ги мотивираме ИТ професионалците да бидат иновативни

интервју1 недела ago

Гоце Сиваков:  Нашите клиенти веќе ги чувствуваат бенефитите од фактот дека УНИ Банка е дигитално и технолошки напредна банка!

економија1 недела ago

Стручна обука за општествена одговорност и прв „директорски појадок“ на Клубот на одговорни бизниси

економија2 недели ago

Мукаетов на насловна на престижниот романски магазин „Бизнис“: Романија е стратешки пазар за „Алкалоид“

економија2 недели ago

Почна проектот „Бизнис лидер“ – нова, иновативна платформа за вмрежување на најдобрите од македонскиот деловен свет

банки2 недели ago

Прокредит банка со нова модернизирана филијала во Кавадарци