Connect with us

интервју

Катарина Николов, ФОРТОНМКА: Создаваме влијание низ активно учество во најзначајните проекти кои го обликуваат пазарот на недвижности

Катарина Николов, партнер и извршен директор во ФОРТОНМКА

објавено

на

Со нашето долгогодишно искуство во секторот успешно сме интегрирале стратегии на планирање, изнајмување и стратешко позиционирање на функционални проекти од сите домени на комерцијални недвижности

Пазарот на комерцијални недвижности е динамична категорија која континуирано се менува и развива. Тој е исклучително важен за економијата, како за инвеститорите, така и за општеството во целина. Влијае врз многу комплементарни сегменти во економијата, а придонесува кон стабилност и на финансискиот систем. Успешно да се предвидат тенденциите во делот на недвижностите влијае на носењето одлуки во процесот на планирање на инвестициите. Токму затоа ја потенцираме важноста на втората Конференција за комерцијални недвижности на ФОРТОНМКА, која оваа година ќе се одржи на 22 мај во Скопје и на којашто Капитал е ексклузивен медиумски партнер. За оваа конференција и воопшто за развојот на пазарот на недвижности, разговаравме со Катарина Николов, партнер и извршен директор во ФОРТОНМКА.

Кои се целите на овогодишната конференција на ФОРТОНМКА и кои теми ќе ги опфати?

Кога минатата година ја организиравме првата Конференција за комерцијални недвижности, идејата ни беше да започнеме дискусија за некои од најгорливите прашања во индустријата и да го намалиме јазот помеѓу јавноста, индустријата и релевантните лица и организации кои влијаат на неа. Можам со сигурност да кажам дека создадовме квалитетна платформа за дијалог и размена на идеи, концепти и стратегии помеѓу сите засегнати страни, како и остварување на синергија и соработка со цел најдобар можен развој на секторот.
Оваа година пак, се фокусираме на актуелните предизвици во индустријата за недвижности, како и на можностите за развој што ги нуди урбанизацијата. Целта е да се охрабрат иновативни решенија кои ќе одговорат на зголемената побарувачка за комерцијални и простори за домување, истовремено обезбедувајќи долгорочна вредност за заедницата. Да се дискутираат стратегии за одржлив развој и како е најдобро да се искористат ограничените ресурси како на пример, земјиштето.
Подготовката на еден ваков настан значи огромна несебична посветеност и ентузијазам. Конференцијата за недвижности во Скопје веќе има меѓународен карактер.

Може ли да ни откриете дел од панелите и учесниците на конференцијата?

Ќе имаме шест панели, тематски организирани, каде што ќе се дискутира за финансирањето на инвестициите во комерцијален недвижен имот; урбанизацијата и урбанистичко планирање; пазарот на станбен простор, што секако најмногу ја интересира пошироката јавност, но одвоивме простор и за бизнис зградите, што ќе ги дискутираме од аспект на имот со стабилни приноси; потоа секторот малопродажба, каде што, меѓу другото, ќе се потрудиме да одговориме на дилемата дали постои совршен микс на закупци за секој формат на деловен простор во овој сегмент, а овој пат подготвуваме посебен панел и за инвестициите во хотели, за коишто сметаме дека понекогаш бизнисот има делумно разбирање и нивно прифаќање како инвестиција во недвижен имот. Учесници на овие панели ќе бидат триесетина искусни професионалци од сите засегнати страни во областа на комерцијалните недвижности: инвеститори, изведувачи, банкари, сопственици на имоти, консултанти, итн., познати компании, познати брендови, не би сакала посебно да издвојувам некого, за да ги испочитуваме сите.

За кого е наменета оваа конференција и какви придобивки можат да очекуваат посетителите од присуството?

Конференцијата е наменета за сите професионалци од областа на недвижниот имот, а тука се вклучени инвеститори, урбанисти, архитекти, менаџери, финансиски институции и други, кои се заинтересирани да научат нешто повеќе за состојбата на индустријата за недвижности во земјава, но и за глобалните трендови кои доаѓаат. Секоја амбициозна компанија која сака да биде во тек со времето и промените, има потреба да ги следи последните иновации во полето и да научи како да ги имплементира истите во своето поле на дејствување, така што иновацијата ќе биде во фокусот на ова издание на Конференцијата. Покрај информативно-дебатниот карактер, присутните ќе имаат уникатна можност за вмрежување и поврзување со професионалци од истата гранка што отвора можност за нови потенцијални соработки и идни партнерства.

Како менаџер и лидер во ФОРТОНМКА уште од самите почетоци, како вашите претходни искуства го обликуваа пристапот што го имате како партнер и извршен директор имајќи предвид дека вие лично бевте дел од секој чекор во градењето на пазарот на малопродажба во Македонија?

Учев од најдобрите. Искуството кое го стекнав во ФОРТОНМКА произлегува од еден интензивен период и работа на различни проекти, со колеги од кои можев да научам многу. Моето искуство на управување со трговски центри во Скопје и Софија значително влијаеше на начинот на моето работење и пристапот кон ангажманите. И ден денес се обидувам да се потпрам на искуството кое го имам стекнато, но и да го применам наученото што сите овие години со мене го споделуваа моите колеги, партнери, пријатели од индустријата и сите оние со кои имав можност да разменам знаења. Верувам во знаењето, но и во посветеноста и индивидуалниот пристап кон секој клиент и проект што ми овозможи да изградам и одржам доверба со нашите клиенти, за да компанијата се позиционира цврсто и сигурно во својата област.
Одраз на сево ова се успешните проекти во нашето портфолио.

Што сè ФОРТОНМКА овозможува за своите клиенти?

Поставување на еден успешен проект од замисла до реализација. Комуникацијата е секогаш двонасочна, слушаме, анализираме, даваме насоки, испорачуваме услуга и на крај секако, евалуираме. Градиме силни врски кои се темелат, но и одржуваат врз основа на доверба.
Како илустрација, процесот започнува со истражување на пазарот, финансиска анализа за исплатливост, евалуација на ризиците, парични текови, вклучување во процесот на обезбедување финансии и кредитирање, проектирање, следење на развојот, оптимизирање на сите аспекти, маркетинг, комерцијализација (изнајмување) на проектот, а завршува со отворање, поточно комплетна реализација на проектот.
За горенаведените активности даваме мислење и решение кое е најсоодветно во дадениот социо-економски контекст. При тоа го максимизираме профитот на инвеститорите, во рамки на проекти кои создаваат додадени вредности во специфичното опкружување.
ФОРТОНМКА е партнер на Cushman & Wakefield, една од најголемите советодавни компании во светот.

Како докторанд на Архитектонскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, дали вашите истражувања влијаат на стратешкото планирање во ФОРТОНМКА?

Истражувањата секако, но пред сè комуникацијата и можноста за постојано учење се најголемата мотивација. Нештата изгледаат поинаку кога се пренесува развиена и структурирана архитектонска мисла, без разлика дали од докторандите или професорите. Можам да кажам дека докторатот е една област каде се натпреварувам сама со себе, која на интуитивно ниво има смисла, но на практично ниво нема. При тоа мислам на тоа дека моите професионални ангажмани толку ме окупираат (свесно и доброволно), што честопати таа интуитивна потреба морам со насочено внимание да ја извлечам и исто така да ја освестам за да стане реалност.

Од позиција на искусен менаџер во секторот, како ја коментирате моменталната ситуација и перспективите на домашниот пазар за недвижности? Фокусот постојано го ставаме на пазарот за станови, но што се случува на полето на останатиот комерцијален простор, кои моменти според вас треба да се издвојат?

Честопати нагласувам дека пазарот во Македонија е во многу рана фаза на развој. Иако навидум изгледа дека многу се гради, се поставува прашањето дале тоа сѐ уште не е доволно организирано или планирано. Секогаш предност е имплементирање на стандарди по кои работат странските компании, а ФОРТОНМКА цели кон испорака на квалитет во сферата на комерцијалниот недвижен имот.
Становите се одлично позициониран и префериран модел на инвестиција, со поддршка од банките и за инвеститорите и за купувачите. Можеме многу да зборуваме за пазарот на станбен простор, но непобитен факт е дека пазарот е пред сè одраз на побарувачката. Понудата веќе извесен период ја следи таа побарувачка. Сè додека балансот функционира, имаме стабилен пазар.
Секако, предност секогаш ќе имаат добро осмислените и структурирани проекти, кои нудат додадени вредности на идните корисници.
Во однос на бизнис зградите, со оглед на тоа дека во А класа проектите неизнајмениот простор е под 10%, допрва очекувам големи промени.
Развојот на логистичките паркови – еден сегмент кој е голем предизвик, зависи во голема мера од фактори како што се инфраструктурата, поврзаноста, пристапноста во градовите, каде што треба и голема помош од институциите.
Ако во Скопје е исполнет капацитетот за трговски центри, во останатите градови дури сега се развиваат малопродажни концепти кои комплетно ќе го променат пазарот во наредните пет години.
Потоа изградба на индустриски објекти, хотелски капацитети, или земјишта за инвестиции во проекти за производство на електрична енергија од обновливи извори – сите овие се релевантни гранки со засебен тек на развој. Во сите овие сегменти ФОРТОНМКА е активен учесник, двигател и предводник во промените.

Што ви е најголем предизвик во работата, каде наоѓате инспирација и што ве мотивира најмногу?
Јас сум перфекционист. Тоа понекогаш знае да ме стави под огромен притисок. Оваа особина си ја задржувам, без неа не би разговарале денес. Но, учам, во буквална смисла да кажам ОК (ако е тоа практично решение во одредени ситуации), а фокусираното внимание да го насочам каде што е потребно.
Сепак, ценам кога луѓето, а особено мојот тим обрнуваат внимание на деталите бидејќи тоа создава додадени вредности. Тоа значи внимание во комуникацијата, во обраќањето, во пишаното обраќање, чувство за тоа што е важно за соговорникот.
Најголема поддршка и инспирација наоѓам во моето семејство, секако. Тие ме потсетуваат дека сиот вложен напор вреди и сето вложено време ќе се исплати, бидејќи знам зошто го правам тоа. За мене, ваквата поддршка е бесценета. Вечна инспирација ми е и мојот покоен татко, човек што беше невидено посветен на работата.
Погледнувајќи во секојдневието, наоѓам инспирација и во сопственикот на ФОРТОНМКА – Влатко Богоевски. Заедно работиме од 2011 година. Ние сме сосема различни, ден и ноќ, но таа енергија во насоченост кон конкретни и јасни цели секогаш ме фасцинира.

банки2 дена ago

Со голем настан Македонската шаховска федерација ќе одбележи еден век постоење на Светската шаховска федерација ФИДЕ

македонија5 дена ago

Комерцијална банка со поддршка за македонскиот фудбал и во наредните три години

банки5 дена ago

Прокредит банка со нова модерна филијала во Гостивар

македонија5 дена ago

Донаторскиот кружок на КОНЕКТ по 5-ти пат покажа филантропија на дело: Собрани еден милион денари здружени донации за влијателни иницијативи

банки6 дена ago

ПроКредит е единствена банка во Македонија оценувана од Fitch Ratings

банки7 дена ago

Нова зелена бизнис кредитна линија на ПроКредит Банка и ЕБОР со поврат на средства до 10% за инвестиции во одржливи решенија

македонија1 недела ago

Приближувајќи се кон првата декада со бројни успеси – 8 години ги зајакнуваме носечките столбови на уникатното хотелско угостителство во Скопје Мериот Хотел

менаџмент / маркетинг2 недели ago

Како да се водат состаноци: не мора да се долги, мачни и здодевни, може и поинаку

регион2 недели ago

Во Хрватска платите растат двојно побрзо одошто просекот на ЕУ: работодавците бараат покачувањата да се врзат со продуктивноста

свет2 недели ago

Како турнејата на Тејлор Свифт може да ја поправи економската слика на Европската унија

македонија1 недела ago

Приближувајќи се кон првата декада со бројни успеси – 8 години ги зајакнуваме носечките столбови на уникатното хотелско угостителство во Скопје Мериот Хотел

банки7 дена ago

Нова зелена бизнис кредитна линија на ПроКредит Банка и ЕБОР со поврат на средства до 10% за инвестиции во одржливи решенија

македонија5 дена ago

Донаторскиот кружок на КОНЕКТ по 5-ти пат покажа филантропија на дело: Собрани еден милион денари здружени донации за влијателни иницијативи

банки6 дена ago

ПроКредит е единствена банка во Македонија оценувана од Fitch Ratings

банки5 дена ago

Прокредит банка со нова модерна филијала во Гостивар

банки2 дена ago

Со голем настан Македонската шаховска федерација ќе одбележи еден век постоење на Светската шаховска федерација ФИДЕ

македонија5 дена ago

Комерцијална банка со поддршка за македонскиот фудбал и во наредните три години