свет
Киев пред опсада од руската војска, Зеленски предупредува и на „информациска и психолошка“ војна на Русите

Се очекува голема офанзива на украинскиот главен град Киев од страна на руската армија. Денеска сателитските снимки следеа огромен воен руски конвој долг преку 60 км како се приближува кон градот. Украинските лидери стравуваат и од голема психолошка и информациска војна што ќе ја наметне Русија.
Како што главниот град на Украина се подготвува за најновиот напад на Русите, за набљудувачите надвор од Украина станува сè потешко да ги следат настаните кои брзо се развиваат и да ги одделат фактите од фикцијата.
Сателитски снимки и видеа од огромен долг конвој од преку 60 км руски воени возила и војници кои се приближуваат до границите на градот, ги поттикнаа шпекулациите за моменталната состојба на градот.
Дополнително, руската војска денеска издаде предупредување до жителите на Киев дека планира да изврши „ракетни напади со висока прецизност“ против „Безбедносната служба на Украина“ и „72. Центар за информации и психолошки операции (ПСО)“ и ги повика тие што живеат блиску до тие цели да ги напуштат своите домови.
Во меѓувреме, Олексеј Резников, министерот за одбрана на Украина, предупреди дека Москва планира да започне „информациска и психолошка операција“ против земјата.
„Нивната цел е да го скрши отпорот на луѓето и армијата. Отпрвин, тие можат да направат прекин на конекциите. Потоа, ќе дојде ширењето на масовни лажни вести во кои ќе се тврди дека раководството на Украина се согласило да се предаде. Ние сме во Киев! Нема предавање! Само победа!“ Резников напиша на Твитер.
Градот останува под контрола на Украина, според лидерите на земјата, вклучително и поранешниот боксер и градоначалник на Киев, Виталиј Кличко, којшто се подготвува да го бранат главниот град.
„Нашата ситуација е комплицирана. Непријателот е на прагот на главниот град“, рече тој во видео обраќањето попладнево.
„Нашите вооружени сили херојски се борат за нашата земја. Се подготвуваме да го одбраниме Киев“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека одбраната на Киев е „клучен приоритет“ за земјата, за која американските власти рекоа дека ќе падне доколку главниот град биде загубен.
Руските сили држат опсада на Харков, вториот по големина град, денеска, шестиот ден од инвазијата. Експлозии го потресоа централниот Плоштад Слобода претходно, во нападот што Зеленски го нарече „воено злосторство“.
Во меѓувреме, европските пратеници рекоа дека го поздравуваат апелот на Зеленски во понеделникот за членство „веднаш“.
Околу 660.000 луѓе досега избегале од Украина во соседните земји во изминатите шест дена, според владините податоци собрани од ОН.