Connect with us

интервју

Кица Колбе: Ни треба обединување – доста веќе двајца Македонци го јадат третиот

Кица Колбе, писателка

објавено

на

Порака за обединување на сите општествени и политички фактори кога се работи за две клучни битки –  таа против клиентелизмот и партизацијата и таа за заштита на македонските национални интереси –  во овој дух течеше интевјуто со нашата еминентна авторка Кица Колбе.

Колбе се сомнева во свеста на политиката Владата навистина да се составува од најдобрите во својата област, но вели дека само тоа е вистинскиот пат за напред – вистинска европска трансформација на општеството, што значи способни и чесни лидери, а не квази – миротворци со поданички дух и/или олигарси, кои европскиот пат го користат за политички поени, наместо за сериозни реформи и удар врз партизацијата и клиентелизмот.
„ Од нив не може да се очекуваат реформи, затоа што тие треба да ги погодат и нив. Затоа тие немаат интерес ниту за европеизација на општествата во смисла на трансфер на културни вредности, бидејќи културата за нив е безначајна сфера. Тоа е трагично за демократијата, затоа што необразованите луѓе се некритички гласачи.  

Драга Кица, интервјуто би го отворила со една мисла од Ваша неодамнешна колумна каде самиот наслов ја сублимира главната поента  – дека вето може да се стави на ЕУ, но не и на Европа. Зошто не ја гледаме оваа доктрина пресликана во официјалната политика? Зарем толку е комплицирано да се разбере дека европеизацијата на земјата не може никој да ја сопре, освен, како што и Вие велите „ние самите“?

Можеби тоа не се отсликува во официјалната политика затоа што политичарите брзо заборавија зошто граѓаните го посакуваат приемот во ЕУ. Тие од тоа очекуваат нешта кои, вусшност, сите ги поврзуваме со Европа. Поточно, со Западна Европа како општествено-политички и вредносно-културен систем. ЕУ е политички сојуз на држави.

Меѓутоа, неговиот темел и идејната матрица е западноевропското модерно демократско општество. А тоа е симбол за добро функционирачки државни институции, независно судство, компетентни здравствени установи, модерно, квалитетно образование, независно новинарство, грижа за социјално кревките групи, високоразвиена еколошка свест и ткн.

Македонските граѓани сакаат овие вредности да станат и кај нив реалност. Да не заборавиме, овие вредности не се подеднакво застапени во сите   земји-членки на ЕУ. Затоа и македонскиот граѓанин кога мисли на Европа како вредносна константа, на која сака да припаѓа, не мисли на демократијата во источноевропските ЕУ- членки, како Бугарија, Романија, Унгарија или Полска. Тој си посакува европски начин на живот според примерот  на Германија или на скандинавските земји. Дури и многу од граѓаните од  ЕУ-членките како Романија или Бугарија заминуваат во потрага по подобар живот во Германија или Шведска. Од тоа македонските политичари  би требало да сознаат дека членството во ЕУ не ги прави земјите преку ноќ европски, доколку тие немаат желба да се менуваат. Затоа тие би требало веднаш да почнат да го реформираат македонското општество според европските стандарди. Тоа е тој долготраен процес, кој само ретки исклучоци во македонската политика го посакуваат кога повикуваат„ да си ја донесеме Европа дома”! 

Клиентелизмот цути во партиските структури, партиите се најголеми работодавачи

Бугарското општество и наука очигледно не се соочило критички со  своето сфаќање на нацијата кое ја доведе  до пакт со Третиот Рајх. Парадоксално е една земја-членка да бара  токму во ЕУ од другите да се согласат со нејзиниот историски наратив во духот на 19-от век, притоа игнорирајќи дека ЕУ е создадена  за да се надмине и спречи тој  националистички дух. 

Веројатно тука доаѓаме до едно клучно прашање – колку навистина политичките, но и бизнис елитите кај нас имаат желба за сериозно воведување на ред и реформи? Дали чекорите на европскиот пат се резултат на изворна желба за општествена трансформација или само алатка за задржување на политичкиот капитал граден врз таа основа, односно, алатка за напад на истиот, погледнато од спротивниот политички брег?

Имам впечаток дека приемот во ЕУ за политичките елити во овие три децении стана „алиби“ за одржување на состојбата на статус кво. Очигледно е дека политичките елити, кои најчесто се и бизнис елити, немаат голема желба да поттикнат радикални реформи. Секако, тие се поврзани и со судир на интереси. На пример, мерките против корупцијата во политиката и во државната администрација сигурно наидуваат на отпори токму кај политичарите. Впрочем, непотизмот, клиентелизмот цути токму во партиските структури. Партиите се најголемите работодавачи. Луѓето се зачленуваат во партијата за да се вработат. 

Што се однесува до европскиот пат, тој  беше перспективата која го пополни идеолошкиот вакум во политиката по пропаста на Југославија. Сепак, тоа беше  и е вистинската перспектива. Подготовката за  членството во ЕУ  беше досега за сите земји полезен процес на политичка консолидација. Меѓутоа истовремено со европскиот пат беше почнал и процесот на прераспределбата на „конкурсната маса” по банкротот на социјалистичкото стопанство преку приватизацијата. Тој процес  беше сличен во сите  постсоцијалистички  општества, во кои на врвните  политички функции денес се наоѓаат  новите олигарси. Од нив не може да се очекуваат реформи, затоа што тие треба да ги погодат и нив. Затоа тие немаат интерес ниту за европеизација на општествата во смисла на трансфер на културни вредности, бидејќи културата за нив е безначајна сфера. Тоа е трагично за демократијата, затоа што необразованите луѓе се некритички гласачи.  

Не може да не сме кадарни да се обединиме за национални прашања

Во една друга своја колумна, пишувате дека значењето на постепеното приближување кон ЕУ е дотолку поважно имајќи ги предвид „бедата и очајот, разединетоста и омразата меѓу македонските граѓани“. Лаже ли впечатокот дека како ретко кој народ не умееме да се сплотиме ни колку цели кои кога се удирале темелите на независната Република, се означиле како државни? Од каде извира таа дрска деструктивност да се злоупотребуваат и овие прашања во меѓупартиски битки? Па наместо обединета борба за реализација на она што е државен интерес, гледаме евтин политички театар, каде не се штедат ниту лаги, ниту чиста демагогија…

Независно кога би почнале пристапните преговори  на ЕУ со РС Македонија, многу е важно за македонските граѓани што постои  таа перспектива. Од мигот кога пропадна Југославија, поранешните југословенски републики се најдоа   изолирани во за нив тогаш уште имагинарниот  географски простор Балкан. Југословенските граѓани беа јасно прозападно ориентирани. Паметам каков шок беше за мене  кога некој во Германија ќе ме прашаше на почетокот на 90-тите, „дали сум од Балканот“, иако  1981-та дојдов во Германија од Југославија. А таа во Германија не  се доживуваше негативно стереотипно, како Балканот. Сега за земјите во „Западен Балкан” е уште потешко, затоа што се  чувствуваат како  да се „заборавениот” дел на Европа. Тоа создава фрустрација, особено откако ЕУ  денес не е многу сигурна дали сака нови членки. Очајот ќе станува уште поголем доколку македонските политичари не почнат да ја консолидираат самите земјата според европските мерила и вредности.  

Секако, тое би  требало да биде обединувачка стратегија, доколку не би постоел партискиот и политичкиот расцеп помеѓу Македонците. Тој е историска констанца која  дури стана митска слика, во оној изрек на Славко Јаневски од „Каинавелија”, дека каде што се тројца Македонци, двајцата го јадат третиот. Затоа што не се соочуваме критички со причините за  овој мит, ги повторуваме грешките од минатото. Дури и кога се соочени на негирање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет од соседна Бугарија, македонските политичари не се кадарни да се обединат барем во однос на националната стратегија. 

Вие живеете во Германија. Кога зборуваме за европски вредности, не како флоскула туку како суштина, веројатно токму Германија ни е една од земјите што ни се на ум. Но, ЕУ не е Германија. ЕУ е и Полска, Унгарија, Словенија… Задачата што ние ја имаме пред себе за трансформација ја има и самата Унија како предизвик, имајќи предвид дека нема алатки за туркање на европска агенда откако државите се веќе членки. Како гледате на овие процеси на регрес, особено во областа на човековите права и слободи што ги сведочиме, а што пред една деценија ни беа незамисливи на европско тло во 21 век?

Тие процеси ме загрижуваат, како што ги загрижуваат и сите   големи Европејци во Германија кои, поучени од извонредните резултати  постигнати во процесот на помирување меѓу Франција и Германија, но и  Германија и Полска, веруваа дека веќе се има формирано специфична самосвест на Европејци.

На пример, германската историчарка Алајда Асман, која со сопругот Јан Асман, познат египтолог, ја втемели теоријата на културалното паметење  и соочување со минатото во Германија,  минатата година ја објави книгата „Повторното откривање на нацијата. Зашто таа не плаши и зошто таа ни треба“, во која ги тематизира токму процесите во ЕУ по приемот на новите членки, поранешни земји во Источниот блок. Оваа анализа е многу важна за да  го разбереме  ирационалното агресивно  однесување на Бугарија кон Македонија. Алаијда Асман укажува дека овие земји  го посакуваа приемот во ЕУ затоа што веруваа дека таму ќе можат да ги изживеат своите национални  желби кои беа потиснати во  Источниот блок. Тие не копнееја по западноевропски вредности како еманципација од националните и националистичките фиксации. Напротив, ЕУ за нив требаше да биде гаранција за нивната национална самобитност. Тие се стремат кон ЕУ како  сојуз на силни национални држави, што противречи на сонот на Конрад Адеануер, иако Де Гол, одвреме-навреме говореше и за „Европа на нациите”.

Меѓутоа, неговото сфаќање на нацијата не е, на пример, тоа на  бугарските политичари, кои говорат за нација како „корени, крв и род“, што е биологистичкиот концепт од 19-от век. ЕУ, барем според желбата на Адеануер, е создадена за  да се надмине токму тој биологистички и расистички  концепт на нацијата, кој  кулминираше во нацизмот. Бугарското општество и наука очигледно не се соочило критички со  своето сфаќање на нацијата кое ја доведе  до пакт со Третиот Рајх. Парадоксално е една земја-членка да бара  токму во ЕУ од другите да се согласат со нејзиниот историски наратив во духот на 19-от век, притоа игнорирајќи дека ЕУ е создадена  за да се надмине и спречи тој  националистички дух. 

Вистински европска држава треба да се соочи со своето минато, а не со вето да диктира историски наратив на соседот

Една од главните теми во Вашите написи е односот кон историјата. Се осврнувате на балканските народи особено и на нивната неспособност да излезат од замката каде историјата не им е ниту учител ниту инспирација, туку оков. Има ли излез од овие зандани? Кај кого е клучот?

Има излез и има пример како се надминува искушението на национализмот на балканските народи, кој е анахрон и штетен не само  за нив туку и за целиот Балкан. Излезот е однесувањето на Германија, особено процесите по крајот на Втората светска војна. Но за тоа треба критички умови како Теодор В. Адорно, како Карл Јасперс. Потребни се писатели како Гинтер Грас, како Зигфрид Ленц.  Една од првите статии кои Карл Јасперс   ја пишува по војната и ја објавува во филозофското списание „Die Wandlung“, 1945/46 има наслов „Безусловноста  на доброто и злото”. Што значи, мора да се соочиме со злото што се случило во име на нашата нација, затоа што поинаку тоа зло ќе первертира во други форми на деструктивност. Затоа што живеам во Германија, во германско семејство, за мене  никогаш нема оправдување за злото кон Евреите. Соочувањето со тоа зло е моралниот императив на  нашите генерации. Бугарското општество очигледно наоѓа засолниште пред соочувањето со учеството на нивните предци  во депортирањето на македонските Евреи во Треблинка, во тврдењето дека бугарската армија била само админстратор во Македонија. Напротив, клучот е соочување со минатото, колку и да е мрачно и непријатно. За да се случи тоа, треба да се сослуша и приказната на  тие што  биле „жртвите” во тоа минато. Бугарските ученици треба да ја чујат приказната на  малкумината преживеани македонски Евреи. Тоа се очекува од европска нација, а не да и‘  го диктира  на соседниот народ   со силата на ветото својот историски  наратив. 

Овие децении и векови на градење на менталитет на жртви, на китење на идентитетот само со медалите од преживеаните порази и неправди, произвеле фрустрации, стравови и очигледни комплекси кои денеска ни се најголемиот проблем. Дефетизам и малициозност не се елементи со коишто се турка едно општество напред. Но, Вие препознавате и луѓе – светилници. Велите дека се тука, меѓу нас, луѓе кои останале верни на своите морални принципи, кои со својата личност и постапки се самите живо сведоштво дека европската вредносна и политичка, но и естетска култура може да биде остварена во Македонија. Како да се ангажираат? Како од овие луѓе – ѕвезди да создадеме соѕвездија што можат да бидат не само патоказ, туку една движечка сила?

Како што е погубно по секоја цена да избегнуваме да се соочиме со мрачното минато на нашите предци, самодеструктуивно   е и фиксирањето во статусот на жртва. Тоа однесување е многу присутно кај Македонците. Често потсетувам дека во кризни ситуации Македонците се однесуваат како да е уште 1903-та. Веднаш ги обзема страв од исчезнување, та затоа им веруваат на најевтините теории на заговор. Забораваат дека денес постои македонска држава, дека сиот свет знае дека постојат Македонци кои зборуваат македонски јазик. Затоа што го забораваат тоа, многумина, дури и кога се политичари, почнуваат да се однесуваат на псевдо-миротворен начин кој, всушност, е познатиот „поданички” македонски менталитет. Затоа е многу важно да се укажува на тие луѓе кои јас ги нарекувам „светилници”, затоа што имаат неверојатно морално достоинство. Тие се драгоцени, но, се сомневам дека наскоро во македонската политика ќе има свест  за потребата да се формира влада во која ќе бидат најдобрите  во својата област. 

Политиката ги раздели уметниците

Каде е местото на авторите во општествените процеси? Има ли писателот луксуз да „не се занимава со политика“ мислејќи притоа да го држи перото подалеку од описи на современите општествени предизвици?

Тоа е вечното прашање: каде се во кризни времиња филозофите, авторите, уметниците? Секако, авторите придонесуваат за промената на свеста со своето творештво. Друга приказна е присутноста на писателите во јавниот дискурс. Тоа зависи и од сензибилитетот на писателот. Има писатели кои се уверени дека мораат да реагираат во кризни времиња. Да се позиционираат, да го искажат, јасно и јавно, своето политичко мислење. Такви беа многу германски писатели. Не само Томас Ман, туку и Хајнрих Бел и Гинтер Грас. Македонската литературна сцена е многу мала и сите писатели се познаваат. Можеби за мене е полесно затоа што не живеам во Македонија. Сепак, ми недостига размена на мислења со моите колеги, интелектуална љубопитност еден за друг. За жал, политиката ги раздели и уметниците, писателите. Чудно е времето во кое живееме. Луѓето се сеприсутни на социјалните мрежи, „разголувајќи” агли од својот приватен живот кои порано не беа замисливи, а во исто време се‘ станува многу површно, плитко, без длабочина…

А литературата во 21 век? Во овој наплив на информации, баналности и површност, како ја гледате иднината на литературата? Не ми е прашањето само за формата (дигитална или не), туку за притисокот особено од социјалните медиуми што просто го прави човековиот мозок затворен за прием на каква било порака подолга од петнаесетина реда…

Да, токму на тој аспект во модерната комуникација на социјалните мрежи и медиуми мислев кога велам дека се‘ станува плитко, површно. Мислам дека социјалните мрежи ја загрозуваат таа внатрешна насоченост која е потребна за да прочитате голем роман на тој начин, што целосно ќе се нурнете во неговиот имагинарен простор. Литературата има на социјалните мрежи малку простор во суштинската  смисла, повеќе како информација, како реклама. За среќа, на Фејсбук ми се пријатели руски уметници и интелектуалци, расеани низ целиот свет, кои водат многу инспиративни дискусии за литературата. Тоа е малечка утеха. 

Секако, модерните медиуми ни ја олеснуваат комуникацијата, но истовремено и не расејуваат, ни го фрагментираат вниманието, не прават површни и плитки. Тоа го регистрираа психолозите и затоа денес во Германија секој практикува вежби за дишење за да се постигне состојбата на Achtsamkeit, на англиски, Mindfulness.

Дури и трошоците за апликацијата ги рефундира здравственото осигурување, затоа што е медицински докажано дека овие вежби на „всебенасоченост” се полезни за здравјето. 

Морам да признаам, неретко читајќи нешто на Фејсбук се исчудувам: зарем е здраво за половина час да дознаам што јаделе, што облекле, кого сретнале, кој има роденден, кој се разболел, кој се венчал и кој дипломирал за стотина луѓе кои живеат на големо растојание едни од други, а кои  во  реалниот живот никогаш нема да ги сретнам?  Чудни се нашиве модерни времиња!

Време е на празници, Нова Година пред нас, реклами, подароци, опсесивно купување… Би завршила со Фромовската дилема што ја анализиравте неодамна, веројатно една од главните на времето во кое живееме – да се има или да се биде? Тука зборувате за итната потреба да ги преиспитаме нашите конзумирачки карактеристики, за да се дојде до одговор на суштински прашања за смислата на животот. Веројатно, исто како и со литературата, фокусот кон инстант – задоволствата прави да сме слепи и за изворот на вистинската душевна празнина и за изворот на вистинските душевни потреби. Има ли некаква шанса духовното над материјалното, или тој натпревар ни е веќе изгубен?

Мислам дека тој натпревар меѓу духовното и материјалното уште не е изгубен. Не само генерацијата на ќерка ми, туку и моите пријателки ова лето беа шокирани од поплавите кои ја зафатија областа Ајфел, близу Келн. Многу луѓе денес се подготвени за еколошки пресврт. Затоа мислам дека ова е почетокот на неопходната промена на свеста. Секако, тоа нема да биде одеднаш и нема да биде масовно, но овде, во Германија, се радуваме  на сите еколошки мерки на новата влада. Секако, партијата на Зелените постои веќе 40 години, додека во многу европски земји уште нема сериозни еколошки партии. Уште тие се доживуваат како езотерика. Особено во Македонија. Постојано си велам: таква мала земја, со толку природни убавини и ресурси, со поволна клима, би морала да се преобрази во еколошка оаза. Наместо сомнителни фирми да го откупуваат токсичниот отпад од западните општества и да го согоруваат во илегални депонии, македонската политика би требало да направи макро-програма за еколошко земјоделство. Треба да се изградат железнички врски  до секое гратче и секое село, како во англискиот Корнвол или во Тоскана, за да може да  дојде до процут на  земјоделството, но и на сите занаети и стари вештини во Македонија. Иднината мора да биде еколошка, инаку сите ќе бидеме  губитници. 

економија3 часа ago

мајВорлд Интернешнл (myWorld) го назначи Радован Витошевиќ за главен извршен директор на компанијата

банки21 час ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија3 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки4 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки4 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју4 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија6 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up2 недели ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании2 недели ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион2 недели ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас