македонија
Ковачевски за „Политика” : Регионот заедно ќе ја преброди зимата, да нема недостаток на храна и енергенси

„Ние си помагавме и во услови на ковид пандемијата. Да заклучам, ние интензивно ќе работиме за да нема недостаток на храна и енергенси, но новата геополитичка реалност упатува на внимателност. Ќе имаме зима полна предизвици. Но, како и досега, како добри комшии, ќе си помагаме“.
Премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за српскиот весник „Политика“ истакна дека во рамки на Отворен Балкан веќе се преземаат иницијативи за економско-енергетската криза, како последица на Ковидот и воената агресија врз Украина.
„Ние веќе разговаравме интензивно на минатиот Самит на овие теми, а минатиот месец во Тирана имаа состанок и работните групи на нашите Влади. На Самитот кој ќе се одржи тука во Белград, ние како Влади но и ресорните министерства ќе имаат интензивни разговори за изнаоѓање конкретни начини за обезбедување доволно храна и енергенси со кои би ја пребродиле најтешката зима од Втората Светска Војна наваму. Ќе се посвети особено внимание на тоа регионот во секое време да има обезбедено храна и енергенси и да се обезбеди непречен проток во снабдувањето со основните прехранбени производи, односно да се реагира брзо и соодветно доколку се појави некое нарушување во синџирите на снабдување. Во досега воспоставените механизми и потпишани меморандуми за соработка ние практично се обврзавме да си помогнеме во наредниот период кој очекувано ќе биде сериозно тежок. Но тоа секако не е непозната категорија. Ние си помагавме и во услови на ковид пандемијата. Да заклучам, ние интензивно ќе работиме за да нема недостаток на храна и енергенси, но новата геополитичка реалност упатува на внимателност. Ќе имаме зима полна предизвици. Но, како и досега, како добри комшии, ќе си помагаме“, рече Ковачевски.
Ковачевски подвлече дека мора заеднички да изградиме силна и конкурентна регионална економија.
„Одливот на мозоци и постојаното иселување најчесто заради економски причини е навистина тема која е во фокус, но со вакви иницијативи се работи на тоа да им се овозможи на граѓаните, особено на младите луѓе, да си ја градат иднината тука, дома, во регионот. Со Отворен Балкан и сите активности кои произлегуваат од него, ние сме чекор поблиску до европски плати, европски квалитет на живот, енергична економија и владеење на правото, сега, тука, дома“, рече Ковачевски.
„Отворен Балкан за инвеститорите значи поголем интерес за вложувања и за нови работни места“
Премиерот се осврна и на важноста на Отворен Балкан и меѓусебната соработка на земјите од регионот. Ковачевски подвлече дека иницијативи како Отворен Балкан, кои имаат реални придобивки како што е првиот меѓународен саем на храна, вино и туризам во Белград е исклучителна можност да воспоставиме нова динамика во нашата регионална соработка и да обезбедиме економски просперитет и подобро утре на нашите граѓани.
„Северна Македонија, но и регионот традиционално е поднебје каде има добра храна и вино. Важно е тоа да го покажеме и да работиме на унапредување на севкупните капацитети. Учеството на Северна Македонија на саемот реално има огромно значење за домашната економија. Компаниите кои изложуваат тука ќе обезбедат поголем извоз, откуп и нови пласмани и пазари за македонските храна и вина. Ќе се обезбеди одлична промоција на туристичките капацитети во Северна Македонија и привлекување нови туристи, пред сѐ од регионот. Од Северна Македонија ќе учествуваат 42 винарии и 3 дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии, а ќе се претстават и повеќе од 10 производители на храна. Нашето Министерство за земјоделство навистина се потруди да им обезбеди одлична промоција, со оглед на фактот дека е очекувано Саемот да има стотици илјади посетители. Накратко кажано, вакви поврзувања се особено важни за регионот и за економијата на земјите“, рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски истакна дека со сите договори кои досега се потпишани, вклучувајќи ги и меморандумите за разбирање одиме еден чекор напред кон намалување на бирократските бариери за зголемување на протокот на луѓе и капитал.
„Всушност зборуваме за имплементација на темелните вредности на ЕУ сега, додека трае нашиот процес на преговори со ЕУ. Придобивките од Отворениот Балкан се веќе видливи, а верувам дека ќе биде така и понатаму. Се работи интензивно секако да се надминат административните пречки за сѐ она што ќе нѐ донесе чекор поблиску до зацртаните цели, но мислам дека сме на добар пат сериозно да направиме единствен регион кој ќе им овозможи на своите граѓани побрз просперитет. Што се однесува до конкретните придобивки од Отворен Балкан, сметам дека економската димензија од која имаат придобивка и граѓаните и стопанството е практично најважната, особено во дадениов момент. Сите ние поединечно како земји, сме интересни за странските и домашни инвеститори, но заеднички, како регион, инвеститорите ќе имаат далеку поголем интерес за вложувања и за креирање капацитети и нови работни места“, рече Ковачевски и додаде дека Отворен Балкан во регионот е позитивно прифатен од бизнис заедницата и сите компании ќе имаат придобивка од учеството на регионален пазар.
„Конкуренцијата и квалитетот ќе растат, граѓаните ќе имаат поголеми шанси за личен развој, а компаниите шанси за нови пласмани и соработки“, подвлече Ковачевски.
Ковачевски во Белград присуствува на Самитот Отворен Балкан во чиишто рамки следните четири дена се одржува Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, каде покровители се Република Србија, Република Северна Македонија и Република Албанија. Саемот ќе го отворат лидерите на Отворен Балкан, премиерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ.