економија
Колку се достижни ветените 5% економски раст?!
Оптимистички владини прогнози во новата Фискална стратегија до 2026 година

Кога се во прашање стратегиите или владините програми, напишаните проценки за растот на домашната економија се прилично оптимистички. Најновата Фискална стратегија, на пример, покажува дека властите очекуваат следните пет години економијата да расте со стапки кои се доближуваат и до 6% на годишно ниво, но колку се реално остварливи овие прогнози?! За разлика од Владата, високите стапки на економски раст ги нема во долгорочните прогнози на меѓународните финансиски институции. Според ММФ, растот на економијата следните пет години може да достигне највисоки 4%. Додека властите се оптимисти за економската иднина на земјата, од реалниот сектор доаѓаат загрижувачки оценки. Најновата анкета за оценка на бизнис климата во земјава од страна на германските инвеститори, покажа големо незадоволство и очекувања за спроведување на потребните реформи. Дури 59% од големите германски инвеститори во земјава ја оцениле како лоша работата на актуелната Влада, а половина од нив за лоша ја сметаат и економската состојба во државата.

Кога се во прашање стратегиите или владините програми, напишаните проценки за растот на домашната економија се прилично оптимистички. Најновата Фискална стратегија, на пример, покажува дека властите очекуваат следните пет години економијата да расте со стапки кои се доближуваат и до 6% на годишно ниво, но колку се реално остварливи овие прогнози?!
„На среден рок, стапките на економски раст ќе надминат 5%. Согласно основното среднорочно сценарио, економскиот раст во 2021 година е проектиран на 4,1%, а потоа 4,6% во 2022, 5,2% во 2023, 5,6% во 2024, 5,9% во 2025 и 5,7% раст во 2026 година. Просечниот раст за овој период би бил 5,4%. Основното сценарио се заснова на стојалиштето дека економијата ќе заздрави во 2021 година, по што ќе се интензивира економскиот раст“, пишува во најновата Фискална стратегија.
Желбата на оваа Влада да држи економски лекции и да достигне просечен економски раст од 5% во текот на мандатот е позната откако премиерот Зоран Заев дојде на власт, меѓутоа, тоа досега не му успеа.

За разлика од Владата, високите стапки на економски раст ги нема во долгорочните прогнози на меѓународните финансиски институции. Според ММФ, растот на економијата следните пет години може да достигне највисоки 4%.
Според ММФ, постоењето на кредибилна среднорочна фискална стратегија може да помогне во решавањето на потребите од инвестиции во државата, истовремено создавајќи простор за фискален маневар.
„Инвестицискиот план на Владата е амбициозен и истиот треба да биде придружуван од дополнителни подобрувања во управувањето со јавните инвестиции, во насока на решавање на „тесните грла“, подобрување на ефикасноста на трошењата и ограничување на фискалните ризици. Напорите за подобрување на наплатата на приходите би овозможиле простор за подобрување на продуктивните трошоци во области како што се здравство, образование и инфраструктура. Постоењето на успешни јавни инвестиции ќе го поттикне растот и ќе помогне во трансформирање на економијата, но за да се заштити одржливоста на долгот, од суштинско значење е да се има сеопфатна фискална стратегија која, меѓу другото, ќе биде изградена врз реални претпоставки за раст“, пишува во последниот Извештај на ММФ по завршувањето на мисијата во земјава.
Народната банка, на среден рок исто така предвидува натамошно закрепнување, но економскиот раст да биде 3,9% догодина, а потоа во 2023 да достигне 4%.
„Оваа динамика на раст сепак значи дека економијата би се вратила на преткризното ниво во текот на 2022 година“, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.
Оптимистички најави на Владата

Стапката на невработеност ќе се намали на 8,6%, стапката на вработеност ќе се искачи на 54,3%, просечната плата ќе расте со просечна стапка од околу 4%, бруто-инвестициите во 2026 година ќе се зголемат до 36,2%, додека извозот ќе расте со просечна стапка од околу 8,8%. Ова се проекции дадени во Фискалната стратегија 2022-2024, со изгледи до 2026 година, со којашто се продолжува практиката на Министерството за финансии со претходната ревидирана Фискална стратегија за подолгорочно планирање, со проекции за 5 наместо за 3 години.
Владата вели дека државната поддршка преку различни економски мерки ќе продолжи во 2021 година, со цел поддршка на домашната економија за нејзино побрзо заздравување и создавање основа за повисок економски раст на подолг рок.
Во однос на надворешното окружување, се очекува постепено стабилизирање на глобалните синџири за снабдување и раст на странската побарувачка, кои, заедно со намалените притисоци од пандемијата во глобални рамки, се очекува позитивно да влијаат врз домашните економски текови во наредниот период, како врз трговската размена така и врз инвестициите и потрошувачката. Поволното меѓународно окружување и процесот на масовна имунизација во земјата се очекува да имаат позитивно влијание врз очекувањата и довербата на домашните економски субјекти и склоноста за инвестирање и потрошувачка.

Инвестициите ќе имаат значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање. Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8% во 2021 година, а во периодот 2022-2026 година инвестициите се очекува да забележат просечен годишен раст од 8,8%.
„Растот на инвестициите се заснова на очекуваниот раст на приватните инвестиции, во услови на постепено зголемување на довербата на деловните субјекти, поинтензивен прилив на странски инвестиции, очекуваниот фискален импулс, којшто ќе биде канализиран преку зголемени капитални расходи, но и зголемена поддршка за развој на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, поддршка на иновативната дејност и технолошкиот развој на претпријатијата“, пишува во Стратегијата.
Извозот на стоки и услуги, со исцрпување на неповолните економски ефекти од пандемијата, како и со заздравување на глобалните синџири на производство и на надворешната побарувачка и повисока искористеност на производствените капацитети во земјата, се предвидува да забележи реален раст од 10,6% во 2021 година. На среден рок, во услови на очекувано стабилизирање на растот на надворешната побарувачка и зголемување на извозниот потенцијал во земјата преку прилив на странски инвестиции, извозот се очекува да има силен придонес врз економскиот раст, односно предвидено е да забележи просечен реален годишен раст од 8,8% во периодот 2022-2026 година.
Според основното макроекономско сценарио, во 2021 година се очекува раст на бројот на вработени од 1%, додека во периодот 2022-2026 година се очекува раст на вработеноста со побрзо темпо, односно проектиран е просечен годишен раст од 3,6%. Растот на вработеноста во овој период се очекува да се одрази и врз понудата на работна сила, којашто е проектирано да се зголемува просечно за 1,7% годишно.
„Ваквите движења на пазарот на трудот ќе придонесат просечната стапка на невработеност во 2026 година да се намали на 8,6%, додека просечната стапка на вработеност да се зголеми на 54,3%. Растот на просечната нето-плата во овој период се очекува да изнесува 3,8% годишно на номинална основа, со изгледи за умерено интензивирање на растот во чекор со продуктивноста“, пишува во Стратегијата.
Во однос на фискалната политика во периодот 2022-2026 година властите планираат натамошно зајакнато управување со јавните финансии и фискална одржливост, којашто треба да придонесе за задржување на макроекономската стабилност и етапна фискална консолидација.
„Приоритетите на среден рок ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, унапредување и олеснување на инвестициската клима, отворање нови работни места преку активните мерки за вработување, како и преку поддршка и развој на микро, малите и средните претпријатија. Во среднорочниот период, фокусот на фискалната политика останува на обезбедување значително ниво на јавни инвестиции, коишто се предуслов за подобрување на економските перспективи, како и подобар живот на граѓаните“, пишува во Фискалната стратегија.
Вкупните приходи на Буџетот на РСМ (централeн буџет и фондови) за периодот 2022-2026 година се планирани во висина од околу 31,3% од БДП. Просечното учество на вкупните расходи на Буџетот во периодот 2022-2026 година изнесува околу 34,4% од БДП.
Заложбите за постепена фискална консолидација остануваат приоритет, проектирано е постепено намалување на буџетскиот дефицит до 2,2% во 2026 година, односно 4,3% во 2022 година, 3,5% во 2023 година, 2,9% во 2024 година, 2,5% во 2025 година и 2,2% во 2026 година.
Се бараат економски реформи

Додека властите се оптимисти за економската иднина на земјата, од реалниот сектор доаѓаат загрижувачки оценки. Најновата анкета за оценка на бизнис климата во земјава од страна на германските инвеститори, покажа големо незадоволство и очекувања за спроведување на потребните реформи,
Дури 59% од големите германски инвеститори во земјава ја оцениле како лоша работата на актуелната Влада во анкетата што редовно ја спроведува Делегацијата на германското стопанство во Македонија. Половина од нив, односно 48% сметаат дека и економската состојба во државата е лоша.
Само 2% од компаниите како ДХЛ, Кнауф, ОДВ Електрик, Кеслер, Дракслаер, Кромберг и Шуберт и другите ја оцениле како добра работата на Владата, а како најголерм ризик се наведува недостигот на стручна работна сила во земјата. Дури 31% одговориле дека не би инвестирале повторно, што е најголем процент од 2012 до сега. Најлоша оценка има борбата против корупцијата и криминалот, а потоа политичката и социјалната безбедност, јавната администрација, правната безбедност и предвидливоста на економската политика.
„Резултатите не беа премногу изненадувачки, македонското стопанство е загрижено поради последиците кои ги предизвика пандемијата. Членовите на Македонско-Германското стопанско здружение посочија на проблеми кои се однесуваат на владеењето на правото, како и на политички проблеми“, изјави Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во земјава.
Негативна е генералната оценка за мерките за ублажување на последиците од пандемијата, при што на скала од еден до пет, каде што пет е најлошо, германските инвеститори дале четворка.
Што се однесува до сопствената економска ситуација, само 8% од фирмите ја сметаат сопствената деловна состојба како добра (2019: 29%), а 53% од испитаниците како задоволителна (2019: 61%).
Очекувањата кои ги имаат стопанствениците во однос на извозот се исто така полоши во споредба со 2019 година. Само 34% од нив претпоставуваат дека извозот на нивните добра и услуги ќе се развие подобро во споредба со претходните години (2019: 51%).
„Како Директор на Делегацијата на германското стопанство, во соработка со Германската амбасада во Скопје ќе продолжиме да водиме дијалог со македонската Влада за подобрување на овие рамковни услови во земјата. Скоро 70% од инвеститорите кои веќе инвестирале, повторно би го сториле истото во Македонија. Ова е солидна основа од која може понатаму да се развиваат германско-македонските стопански односи“, вели Мартенс.
Најпозитивни оценки, пак, од германските инвеститори има за продуктивноста и подготвеноста за работа, трошоците за трудот, квалификации на вработените и високото образование.
Инаку, Германија е најголем трговски партнер на земјава со вкупна размена од 3,8 милијарди евра лани. Со извоз од речиси 2,8 милијарди евра, половина од се што македонските компании произведуваат, се продава токму на германскиот пазар.