Connect with us

економија

Колку сме отпорни на ненадејните кризи и како можеме да ги амортизираме нарушувањата во набавувањето на енергенси?

ЕДС Анализа

објавено

на

Автор: Златко Черепналкоски,
Директор за развој и стратегија во Енерџи Деливери Солушнс АД (ЕДС АД)

Енергетските кризи, како што е последнава криза со цените на енергенсите на пазарите на Европскиот континент, никогаш не се случуваат ненадејно. Несогласувањата помеѓу европските енергетски регулатори од една, и Газпром од друга страна, се присутни повеќе од една деценија.

Компромисите кои Европа ги правеше со нефлексибилниот Газпром водеа кон енергетска зависност на Европа од Руската федерација во позначителна мера, а Европа таквата позиција на Газпром се обидуваше да ја „балансира“ (односно да ја ублажи) со константен притисок врз Газпром за согласност кон европската регулатива за „пристап на трети страни“ до гасоводите кои беа инвестиција на Газпром.

Европската идеја беше да не се доведат Полска, балтичките републики, па и до извесна мера Украина, да бидат уценети од Кремљ среде зима на начин што испораката на природен гас да биде условена со политички отстапки кон Русија. Газпром никогаш не се согласи на европската регулатива за своите инвестиции, а кокетираше со Европа отстапувајќи дел од инфраструктурните инвестиции да бидат во раце на големите европски енергетски гиганти.

Но, сепак пред повеќе од една деценија, на една енергетска европска конференција во Виена, како одговор на постојаното прашање од страна на европските регулатори „како Русија ќе ја гарантира сигурноста во снабдувањето“, Путин одговори „на тој начин што Европа ќе ја гарантира сигурноста на потрошувачката“!

Диверзификацијата во снабдувањето со природен гас е од огромно значење за европската енергетска иднина

Овој политички дуел може да се состави и  со други зборови со исто значење: „гарантирај ми дека ќе останеш зависен од мене, па и јас ќе ти гарантирам испорака на гасот од кој си зависен“. Ова горко искуство на европските политичари беше причина уште еднаш Вашингтон, овој пат отворено, да и’ порача на Европа дека диверзификацијата во снабдувањето со природен гас е од огромно значење за европската енергетска иднина. Европејците, кои си ја сакаат удобноста на живеачката, не посветија многу внимание на ова пријателско предупредување од спроти Атлантикот. Следеше реализација на 2 од 3 развиени гасоводни проекти кои денес веќе испорачуваат природен гас од Каспиското море во Европа (главно aзербејџански и ирански гас) преку турското азиско  и европско копно, но тоа не е доволно да се ублажат нешто помалку од 200 милијарди кубни метри природен гас кој во Европа доаѓаше преку гасоводите и другата инфраструктура на Газпром.

Несогласувањата продолжија со сé поизразена политичко-воена агенда која почнувајќи од јули 2020 (среде пандемија политиката не спиеше) доведе до цената на природниот гас во Европа да се искачи на 6-кратно повисока цена од периодот пред пандемијата за нецели 24 месеци. Епилогот до денес го знаеме сите – Европа засилено гради ЛНГ терминали затоа што се наметна тотално глобално пренасочување на, со децении, традиционалните рути на европското снабдување со енергенси. Денес европската политика бара минимизација на увозот на природен гас, сирова нафта и нафтени деривати од руско потекло, а заменскиот втечнет природен гас (ЛНГ) со американско потекло не може да се преточи во европските гасоводи без претходно да се регасифицира во т.н. ЛНГ терминали кои ниту се евтини, ниту се градат преку ноќ.

Колку е Македонија отпорна на енергетска криза на европскиот континент? Одговорот е: Македонија секогаш ќе ја дели судбината со остатокот од Европа во однос на снабдувањето со енергенси, со тоа што македонската економија многу повеќе ќе трпи при пораст на цените на енергенсите. Особено што кризата се наметна преку снабдувањето и цената на природниот гас каков што ресурс ние во државава немаме. Немаме ниту сирова нафта. За тие два енергенси Македонија е 100% зависна од увоз.

Отпорноста се мери со можноста на увоз на овие енергенси кој увоз зависи од две променливи: дали енергенсот ликвидно се тргува на регионалните пазари кон кои Македонија гравитира (односно дали енергенсот воопшто го има да се купи), и во која мера цената на енергенсите ќе ја диктира потребата за увоз – односно до кое ценовно ниво нашите потрошувачи на природен гас се спремни да го купуваат гасот. Кога се работи за централното парно греење во Скопје, сé додека лиценците за производство, дистрибуција и снабдување со топлина се во државни раце (ЕСМ), цената на гасот е прашање за буџетот на Владата, а не за исплатливост на лиценцираните компании во однос на надоместот кој ќе им го наплатат на корисниците.

На Македонија ѝ се потребни стратешки извори на базна енергија

Оваа криза во Македонија се почувствува и посилно од што можеше заради фактот што ЕСМ не успева со години веќе да произведе доволно електрична енергија барем за регулираниот дел од пазарот на електрична енергија. Од причини што цената на природниот гас порасна за 6 пати, а централите за производство на електрична енергија кои работат на природен гас исто така учествуваат во формирањето на пазарните цени на регионалните берзи за електрична енергија, струјата поскапи на нивоа досега невидени за европскиот континент.

Ова од своја страна наметна потреба од многу пари за Македонија да ја увезе енергијата која и’ недостигаше поради недоволните перформанси на производниот арсенал на ЕСМ. И се разбира, кога увезувате скапа енергија за потребите на регулираниот пазар на кој, барем во овој период, цените се пониски од пазарните, вие практично правите загуба со секој увезен киловат час. На прашањето дали оваа состојба може да се менаџира и кое би било решението, одговорот е, не можете да менаџирате проблем со, и да најдете решение за нешто што го немате – ниту пак можете да решите недостаток на стратешки извори на енергија преку ноќ. Природен гас и нафта немаме, а она што го имаме е пред крај и веќе исцрпено. Безброј студии се правени за преостанатите резерви на јаглен кои економски можат да се експлоатираат во двата главни јагленокопи Суводол – Брод Гнеотино -Живојно и Осломеј – Поповјани. Ниту се бројките ветувачки, ниту староста на термо-агрегатите во РЕК Битола и РЕК Осломеј можат да издржат увоз на лигнит од соседните грчки и/или косовски многу побогати наоѓалишта.

Во периодот на независна Македонија, од државата се изградени единствено ХЕЦ Козјак и ХЕЦ Св. Петка со вкупен капацитет од околу 120 MW, кои претставуваат помалку од 10% од капацитетот на тогашниот постоечки систем. Изградена е и ТЕ-ТО АД со капацитет од 220 MW, но сепак тоа е приватна инвестиција која енергијата ја продава по пазарни услови. Изградени се и огромен број мали приватни централи од различни технологии  кои ниту од далеку не се решение за националната енергетика. Најавите за нови инвестиции во доменот на обновливите извори исто така не се решение – напротив и покрај фактот што се добредојдени, тие сепак го поскапуваат оперирањето на електроенергетскиот систем поради природната стокхастичност на нивното производство.

На Македонија, со цел подобро да ги менаџира идните енергетски кризи на европскиот континент, потребни и’ се стратешки извори на базна енергија – тоа се извори со инсталиран капацитет од (во македонски услови) 600 – 800 MW кои ќе имаат обезбедено примарно гориво да работат помеѓу 6.000 и 7.500 часови во текот на годината.

Исто така, за да се задржи способноста на системот за маневрирање,  која денес е тотално заситена со производство и скоро воопшто нема резервиран капацитет за балансирање на системот, најмалку 100 до 150 MW од овие нови капацитети треба да имаат најмалку една третина флексибилност за балансирачко производство.

Токму недостатокот на балансна енергија во нашиот електроенергетски систем е причината што во последниве неколку години хидро акумулациите ни’ се сведени на речни текови. Примарно гориво за вакви базни извори на енергија може да биде само фосилно гориво со оглед дека немаме река како Дунав, ниту можеме во догледно време да планираме изградба на нуклеарна централа. Изборот на фосилно гориво може да биде увоз на висококалоричен јаглен (антрацит) или природен гас. Тоа значи и дека производните единици мора да бидат нови инвестиции.

И конечно, клучот на „отпорноста кон кризите и моќта за нивна амортизација“ е електроенергетски пазар каде цената на услугата не е субвенционирана од буџетот, односно, сите групи на потрошувачи да си го платат трошокот кој го предизвикуваат во системот. На тој начин се зголемува еластичноста на системот да издржи инцидентни екстреми на пазарните цени. И во таа смисла исказите во медиумите дека ние не сме Швајцарци за да поднесеме такви цени нема да ни’ го решат проблемот да инвестираме во нови централи, бидејќи производителите на опремата за новите инвестиции не се грижат дали својот производ го продаваат во Швајцарија или Македонија – цената е таа.

економија10 часа ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up5 дена ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании5 дена ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион5 дена ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

македонија5 дена ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите

македонија5 дена ago

Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФсо младинска кампања за безбеден интернет

интервју5 дена ago

Горан Паунов: Лидери сме на пазарот за фотоволтаични  решенија по системот “клуч на рака“

економија5 дена ago

Компанијата Пантелеон ГС расте брзо, но и враќа кон заедницата

економија5 дена ago

Владата ќе „гони“ залетани трговци

интервју5 дена ago

Иван Штериев: Берзата може да се вклучи и во сегментот на пазарот на државни хартии од вредност

економија5 дена ago

Компанијата Пантелеон ГС расте брзо, но и враќа кон заедницата

интервју5 дена ago

Горан Паунов: Лидери сме на пазарот за фотоволтаични  решенија по системот “клуч на рака“

интервју5 дена ago

Иван Штериев: Берзата може да се вклучи и во сегментот на пазарот на државни хартии од вредност

македонија5 дена ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите

економија5 дена ago

Владата ќе „гони“ залетани трговци

македонија5 дена ago

Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФсо младинска кампања за безбеден интернет

регион5 дена ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

свет5 дена ago

Како Тесла и Кинезите им го украдоа шоуто на германските брендови

технологии / компании5 дена ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

start up5 дена ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор