lifestyle
Колонизацијата на Марс ќе биде опасен и неверојатно скап потфат. Илон Маск сепак сака да го стори тоа
Шефот на Tesla и SpaceX не се откажува од својата вселенска мисија

Плановите на SpaceX за населување на “црвената планета“ изнесуваат на виделина цел спектар на технолошки, политички и етички дилеми. Еден од најголемите предизвици исто така е и финансискиот момент: дури ни самиот Маск не се осмелува да ги процени вкупните трошоци на мисијата.
Илон Маск потроши речиси две децении вжештувајќи ги фановите на SpaceX за неговата цел да ја колонизира Марс, нешто што светските влади и не го форсираат баш во моментов – во добар дел и заради баснословната фактура што ваквата мисија ќе ја испорача, пишува CNN Business деновиве.
Маск, извршен директор на компанијата и главен инженер, за своите интерпланетарни амбиции повеќе зборува од позиција на sci – fi протагонист што си задал мисија да го спасува човештвото, одошто како претприемач со пеколен бизнис план.
„Ако нешто ужасно се случи на Земјата, било да е предизвикано од луѓето или природна катастрофа, сакаме да имаме, своевидно животно осигурување за човештвото како целина“, рече Маск на неодамнешната виртуелна конференција за Марс. „Но, исто така, има некаква возбуда и авантура во целиот овој потфат“, додаде тој.
Плановите на SpaceX за населување на “црвената планета“ изнесуваат на виделина цел спектар на технолошки, политички и етички дилеми. Еден од најголемите предизвици исто така е и финансискиот момент: дури ни самиот Маск не се осмели да ги процени вкупните трошоци на мисијата.

Последна вселенска програма којашто има допирни точки со интерпланетарните патувачки амбиции на Маск е програмата Apollo на NASA, потфат што почна кон средината на 20-от век, при што шест летала и 12 астронаути слетаа на месечината. Apollo чини преку 280 милијарди долари во денешни пари, а во некои од годините, NASA трошеше и повеќе од 4% од буџетот на САД. Вселенската агенција којашто последниве години добива помалку од половина процент од федералниот буџет, развива сопствени планови за повторно стапнување на човекот на месечината, и евентуално и на Марс.
Но, ниту агенцијата нема шпекулирано околу тоа колку оваа второто би чинело.
Личното богатство на Маск периодов се искачи до вредноста поголема од 90 милијарди долари – барем на хартија – благодарение на вртоглавиот раст на акциите на Tesla, неговата компанија за производство на електрични возила. Маск, исто така се надева дека профитите и од останатите бизниси на SpaceX, меѓу кои проектот за сателитски интернет што моментално е во фаза на бета тестирање, ќе му помогнат во развојот на неговата ракета за Марс. SpaceX исто така успеа да добие околу шест милијарди долари од неколку банки и venture инвеститори, што ja воздигна во една од највисоко вреднуваните компании во светот, а што не котираат на берза. Нејзината вредност аналитичарите ја проценуваат на околу 50 милијарди долари и веројатно еден ден, барем некои од инвеститорите ќе сакаат да извадат некој ќар од својот вложен капитал. И сега е време за прашањето: дали може да се направат пари од „Мисијата Марс“?
Интерпланетарен профит
SpaceX e веројатно прилично далеку од развивање на сета потребна технологија за колонизирањето на Марс. Компанијата е во раните фази на развој на Starship, масивниот систем на ракети и вселенски бродови за којшто Маск се надева дека ќе пренесува конвои со луѓе и товар на патот од 50-тина милиони километри помеѓу Земјата и Марс. Маск имаше една процена дека развојот на Starship би чинел 10 милијарди долари, а на 31 август годинава рече дека SpaceX ќе лансира „стотици“ сателити на Starship пред да се осмели да прати луѓе на бродот.
Ако се покаже дека луѓе може да слетаат на Марс, на првите колонизатори ќе им требаат живеалишта наполнети со воздух за да ги штитат од отровната атмосфера и смртоносната радијација што паѓа во вид на дожд на површината на планетата.
„Оваа мисија не е за оние со слабо срце, нерви и стомак. Големи се шансите да загинете, и ќе биде многу тешко изводлива. Подобро да е величествена доколку успее“, вели Маск.
Но, барем во првите 100 години откако луѓето ќе ја населат Марс, економската ситуација таму ќе биде дискутабилна, вели Мајкл Маер, водечки научник во Програмата за истражување на Марс што ја води NASA, којашто неодамна го испрати роверот Perseverance за понатамошни истражувања на планетата со помош на роботи.
Маск вели дека има план за да се направи Марс атрактивна дестинација за долгорочно населување: Terraforming е хипотетичко сценарио во коешто луѓето ја прават Марс послична на Земјата со тоа што ќе впумпаат гасови во атмосферата. Обидот ќе биде да се искористат истите гасови што на Земјата го предизвикуваат ефектот на „стаклена градина“ и климатските промени, но сега со цел да ја направат атмосферата на Марс да биде со подебел слој, потопла, и попогодна за живот. Маск предложи овој процес да почне со фрлање на нуклеарни бомби на планетата. Идејата за “земјоформирање“ дошла од научници што предлагале најразлични идеи, вели Маер, но не од некој што мислел дека токму луѓе би требало тоа да го сторат.
„Тоа беше чисто интелектуална вежба“, вели Маер. Но, на атмосферата на Марс едвај да има кислород. И има незначително мали количини на вода, што значи дека ќе биде практично невозможно да се огледуваат жита, уште помалку пак да се креира некаков воден циклус на планетата. Не е, исто така, јасно ниту дали има доволно ресурси на Марс за да се изведе „земјоформирањето“.
„Мислам дека ‘Total Recall’ ја имаше најдобрата поента. Треба да искористиме и некоја вонземјанска технологија“, се шегува Маер.
Илон Маск исто така признава дека „земјоформирањето“ ќе бара бескрајно многу ресурси. Но, концептот е веќе толку многу вткаен во културата на SpaceX, па компанијата почна да продава маички со натпис „Да го окупираме Марс“ (Occupy Mars). Самиот Маск често може да се види како носи една таква.
Бизнис и туризам на Марс?
На Марс не постојат досега откриени ресурси што би можеле да бидат доволно вредни да се ископуваат и да се продаваат за употреба на Земјата, вели Маер.

„Дел од причините што научниците се интересираат за Марс е што е горе – долу изградена од истите состојки како и Земјата“, рече Маер за CNN Business.
Маск претходно има кажано дека се согласува со оваа констатација, со забелешка дека ресурсите на Марс веројатно би им биле употребливи само на доселениците што би имале план да изградат индустрии на новата планета. Уште пред осум години Маск кажа дека единствената економска размена помеѓу жителите на Марс и на Земјата би била интелектуалната сопственост.
Идејата дека Марс би можела еден ден да биде место каде што ќе се развие некој метрополис, потенцијално и туристичка дестинација е признаена и од мејнстрим научниците како Маер, водечкиот експерт на NASA за Марс.
Тој вели дека пред 20 години бил на презентација за бизнисот и туризмот на Марс. „Отидов прилично скептичен на настанот…но, се вратив мислејќи си дека имаше некои баш разумни идеи“, вели тој, додавајќи дека сега верува во идејата бизнисмените да ги направат вселенските патувања подостапни.
Маер е уверен дека, не е прашање дали, туку кога патувањата на Марс ќе станат профитабилен бизнис.
Маск нема многу нашироко објаснето кои се неговите идеи за правење пари од проектот Марс, но неговите размислувања околу извозот на интелектуална сопственост се рефлектираа во книгата напишана од Роберт Зубрин, влијателен, но контроверзен лик во „вселенската заедница“ и долгогодишен истомисленик со Маск.
„Идеите би можеле да бидат една од можните извозни гранки за марсовските колонизатори“, напиша Зубрин во неговата често цитирана книга „The Case for Mars“ од 1996 година. За да погледне во можната иднина за човештвото, тој се навраќа во минатото.
„Исто како што недостигот на работна сила во колонијална и Америка од 19 век доведе до цел наплив на Јенки инвенции, така и условите на екстремен кусок на работна сила на Марс, ќе ја поттикне генијалноста на Марсовците.“
Во неодамнешното интервју за CNN Business, Зубрин застана зад своите идеи, тврдејќи дека американската колонизација дала резултати. Зубрин повторно се наврати на колонизацијата на Северна Америка како пример за тоа како идните колонизатори на Марс би можеле да го финансираат нивното патување, дали со продажба на сиот нивни имот на Земјата или пак преку т.н. „indentured servitude“ договор.
„Ако, на пример, сакате да одите на Марс, ќе треба да понудите нешто“, вели Зубрин. „Ако го земете примерот на колонијална Америка, човек од средната класа можел да патува до Америка ако ја продаде својата фарма, да речеме. Но, ако сте биле обичен работник, се’ што сте можеле да понудите била вашата работна рака за определен временски период. Значи, некој ќе ве однесе на Марс, но вие ќе работите потоа одредено време без плата.“
Зубрин, којшто соработувал со повеќе конзервативни тинк – тенкови, но вели дека не е политички конектиран, исто така признава дека колонизацијата може да оди рака под рака со експлоатацијата. „Некој ќе рече ‘Ама може да има експолатација таму?’ Па, да, тоа си го прават луѓето едни на други цело време.“
Кои ќе бидат првите доселеници

Маск инаку не коментираше за овие ставови околу колонијализмот, а тој донира и во двете политички партии во САД.
Да бидеме на чисто: Приказната за американскиот колонијализам исто така вклучува и ропство и брутален третман и истребување на многу домородни популации. „Но, на Марс нема домородци“, вели Зубрин.
Сепак, Демиен Вилијамс, професор и докторанд на Virginia Tech универзитетот, којшто ги проучува интерсекциите меѓу напредните технологии, етиката и општеството – предупредува дека сториите што си ги кажуваме за Америка и истражувањето на вселената можно да не го земат предвид клучниот контекст.
Се’ уште е нејасно, на пример, кого Маск го замислува како први доселеници на Марс. Астронаутите на NASA? Ултра богатите авантуристи? Вработените на SpaceX?
„Оваа конкурентска гледна точка на населувањето и истражувањето, не мора да е нужно лоша работа. Но, кога се работи за приватна компанија што користи ресурси за коишто меѓународните договори сметаат дека не припаѓаат никому – Кој бил донесен и како? Кој бил оставен и зошто? Овие работи ќе бидат важни.
Кога Маск го користи терминот „колонизација“, исто така, се маскира всушност долгата историја на сопствено воздигање на Американците и останатите западни нации, преку експлоатирање и поробување на останатите. А, кога зборуваме за колонизација на друга планета, не е само проблемот во микроорганизмите што може да постојат на Марс. Без јасно определени цели и договори, колонијата на SpaceX може да креира потенцијална сфера на конфликт.“, вели Вилијамс.