Connect with us

економија

Конференција на Македонска берза: Како да се развива пазарот на капитал среде енергетски шокови и  можна рецесија

Берзата ги собра компаниите, банките фондовите на едно место по 21-ви пат

објавено

на

Како да се развива домашниот пазар на капитал, рефлектиран преку Македонската берза, во услови на огромна надворешна нестабилност поради војната во Украина, скапата енергија, пост-ковид последиците и извесната рецесија,  беше  фокусот на Годишната берзанска конференција што се одржа по 21-ви пат во Охрид минатата недела, на 23 септември.

Како да се развива домашниот пазар на капитал, рефлектиран преку Македонската берза, во услови на огромна надворешна нестабилност поради војната во Украина, скапата енергија, пост-ковид последиците и извесната рецесија,  беше  фокусот на Годишната берзанска конференција што се одржа по 21-ви пат во Охрид минатата недела, на 23 септември.

На државата останува задачата да се бори против моменталните проблеми, како што е инфлацијата, енергетскиот ценовен шок, итн., но истовремено да не го занемари ни долгорочниот раст, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во своето поздравно обраќање на Конференцијата.

„Една од клучните работи што треба да ја реструктурираме за да оствариме стабилен и одржлив раст на долг рок е даночната реформа, која што во моментов ја дискутираме со сите засегнати страни. Новиот даночен систем мора да биде поправеден и потранспарентен, а истовремено да го поддржи и т.н. ‘зелен раст’ , односно инвестициите во еколошки прифатливи решенија во индустријата и домаќинствата.“, истакна Бесими.

На посебен панел посветен на банките во рамки на Берзанската конференција, топ менаџерите на најголемите домашни банки констатираа дека тие треба да се користат како мост за надминување на кризата и дека е веројатно дека ќе треба да се спроведат нови мерки како резултат на пандемијата Ковид-19 за да се ублажи влијанието врз реалниот сектор и домаќинствата.

Тој истакна и дека со донесувањето на новата регулатива за финансиските пазари, којашто исто така е во подготовка, ќе се стимулира растот и развојот на пазарот на капитал, меѓу другото, преку стимулирање на зголемена понуда на хартии и инструменти што ќе може да се тргуваат преку Берзата.

Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити, рече дека тие како регулатор на пазарот на капитал активно поддржуваат интеграција на Македонската берза со сродни институции од локалниот и регионалниот пазар, со цел забрзан раст и развој на пазарот. Таа ја истакна улогата и значењето што КХВ го имаат сиот овој период наназад во градењето на институционалниот капацитет на пазарот на капитал, особено последниве години на пандемиска криза и тоа што моментално се економски предизвици за целиот свет.

Не е време за оданочување на капиталните добивки

Осврнувајќи се токму на интеграцијата на Македонската берза со Загрепска берза, којашто стана сопственик на 30% од акциите, нејзиниот директор Иван Штериев истакна дека патот на развојот на домашната берза е само преку влегување во синергија со поголем и поразвиен пазар на капитал.

„Слична е ситуацијата и во другите берзи во регионот, и тие како нас се соочуваат со недостиг на понуда на хартии, нема IPO-a, концентрацијата во неколку блу-чипови е голема и сл. Со оглед на тоа што Загрепска берза како пазар е поразвиен од нас, нивното искуство, нивното know-how  може да го презентираме, да го ‘продадеме’ во позитивна смисла на нашите успешни домашни претприемачи, па некои од нив конечно да одлучат да издадат нови акции или други хартии. Мора да направиме некој позначаен исчекор на овој план – инаку нема да имаме нов развоj”, рече Штериев.

Штериев уште еднаш рече дека Македонската берза има јасен став оти капиталните добивки не треба да се оданочуваат, односно даночната реформа која се подготвува во моментов не треба засега да ги опфати овие делови. Тој го истакна ова и  во интервју за Капитал деновиве.

„Пред се’, тајмингот овој вид оданочување да започне е апсолутно неповолен. Како што веќе објаснивме, оваа година се влошени состојбите на пазарот и со евентуално оданочување на капиталните добивки можеме само уште повеќе да ги одвратиме домашните инвеститори од вложување на Берзата. Физичките лица креираат повеќе од 60% од овогодишниот куповен промет и овој данок ќе биде значаен удар за и онака кревкиот и плиток пазар.”, рече Штериев.

Второ, според него, законските решенија што се моментално на сила и кои никогаш не биле тестирани во пракса, имаат простор за доработка и за подобрување.

„На пример, според актуелната легислатива, за секое купи-продај на Берзата, односно после трансакција со којашто остварувате капитална добивка, вие треба веднаш да пријавите и да платите аконтативен данок. Тоа значи, доколку сте поактивен трејдер на Берзата, вие, настрана данокот којшто ви го намалува приносот, ќе имате и голем товар со административно – бирократски работи. Дополнително, во вака замислената даночна постапка има оптоварувања и одговорност за брокерите кои не се соодветно екипирани за ова. Ако веќе воведуваме вакво оданочување, мора да најдеме поелегантни, поедноставни и централизирани решенија за даночната постапка.“, објасни Штериев.
Исто така, што важи кога и да се воведе оданочување на капиталните добивки, Берзата инсистира дека треба да се направи адекватна дистинкција помеѓу краткорочно, или т.н. шпекулативно тргување и долгорочно инвестирање. „Според сегашното решение капиталната добивка не се оданочува единствено ако ги држите хартиите од вредност дури 10 години. Во многу јурисдикции овој период е многу пократок, на пример,12 или 24 месеци, а долгорочните капитални добивки имаат преференцијален даночен третман. “

На панелот посветен на енергетиката, насловен „Ќе има ли долга и студена зима?“, гостин беше  директорот на словенечката берза за струја, како и реномирани македонски говорници за оваа тема. 

Банките се во добра кондиција, но доста компании се слабо капитализирани во услови на криза

Значителен број македонски бизниси и животниот стандард на населението несомнено се загрозени во период на астрономски поскапувања на енергијата и невиден раст на инфлацијата. Кризното време предизвикува проблеми и за македонската финансиска индустрија, која, според водечките менаџери на најголемите банки во земјава е во добра форма да се соочи со економскиот удар. На посебен панел посветен на банките во рамки на Берзанската конференција, тие констатираа дека банките треба да се користат како мост за надминување на кризата и дека е веројатно дека ќе треба да се спроведат нови мерки како резултат на пандемијата Ковид-19 за да се ублажи влијанието врз реалниот сектор и домаќинствата.

Маја Стевкова – Штериева, главен финансиски директор и член на Управниот одбор на „Комерцијална банка“, изјави дека периодот на Ковид-19 покажал дека компаниите со поголема капитализација имаат подобра основа за заштита од криза, додека компаниите со помала капитализација и повеќе долгови се поподложни на економски шокови.

„Имаме голем број претпријатија кои се несоодветно финансирани и задолжени во момент на тешка економска криза. За жал, има  малку простор за маневрирање, па во  рамките на Македонската банкарска асоцијација, работиме на тоа да се воспостави методологија со која ќе пристапиме до Централната банка, која ќе биде одржлива за банките и претпријатијата за да можат да го преживеат овој период.“

Таа истакна дека за да го направат тоа, банките мора да ја знаат стратегијата на сопствениците на компанијата, односно дали ќе ги земат средствата и ќе ја распределат добивката или ќе ги пренасочат во резерви и ќе ги докапитализираат бизнисите.

Предизвик одржување на кредитното портфолио

Тони Стојановски, директор за корпоративно банкарство и член на Управниот одбор на Стопанска банка – Скопје, тврди дека не постои остварлив бизнис модел за претпријатијата во Европа што може да издржи толку високи трошоци за енергија и постојан раст на цените на инпутите што го осиромашуваат реалниот сектор. Според него, загрозена е благосостојбата на европските домаќинства, кои претходно беа зависни од ниските цени на енергијата.

„ Тоа сега се менува. Треба зборуваме за нова реалност, наместо за криза. Кризата значи период кој ќе помине, а сега се чини дека повеќе параметри ќе бидат од потраен карактер. Затоа треба да зборуваме како да се промениме за да го совладаме тоа. Со сите овие предизвици, од банките и понатаму ќе се очекува да ги работат како и досега“,  рече Стојановски.

Тој смета дека меѓу главните предизвици ќе биде одржување на квалитетот на кредитното портфолио. Стојановски посочи дека глобално и во земјава се уште нема проблеми по овој параметар, но и дека треба внимателност бидејќи може да дојде до значително влошување.

„Европската банкарска федерација минатиот месец веќе испрати јавен повик до регулаторите во Европа дека банките се доволни здрави исто како и пред Ковид-кризата која подготвено ја дочекаа. Укажа дека е потребно двете страни да застанат заедно и со соодветни модификации во регулативата и пошироко да се искористи здравиот банкарски систем да му се помогне на реалниот сектор и на домаќинствата. Дали тоа ќе бидат програми како за време на Ковидот односно мораториум, одлагање на отплати се уште нема план. Тоа секако важи и за нашите околности и на тоа мораме да бидеме подготвени“, смета  Стојановски.

Каматите се реално длабоко негативни

Претседателот на УО на НЛБ Банка, Бранко Грегановиќ истакна дека  пред нас, но генерално и пред цела Европа е еден нестабилен период кој ќе доведе до намалени инвестиции што претставува предизвик за раст на банкарскиот сектор. Осврнувајќи се на улогата на банките во еден ваков турбулентен период, Грегановиќ истакна: „Нешто што научивме во короната е дека банките се инфраструктурна дејност која на населението и бизнисот треба да им овозможи пристап до пари, исто како што тие треба да имаат пристап до вода, храна, струја… Имајќи ја предвид таа инфраструктурна димензија на банките, ние треба на пример, оперативно да се подготвиме да овозможиме пристап до пари, за зимата која е пред нас и во случај на снемување на електрична енергија“.

На прашањето на модераторот, што може да се очекува во контекст на најавите за зголемување на каматните стапки, конкретно, каматите на кредитите, Грегановиќ објасни дека живееме во кризен период во кој не важат економските закони. Kаматите се, на пример, според него, сега длабоко реално негативни и тоа само по себе претставува неодржлива  аномалија. „ Очекувам дека откако ќе помине овој турбулентен период, во кој важат едни сосема поинакви правила, ќе следи нормализација до вообичаеното ниво на каматните стапки од вообичаените 1 до 3% над инфлацијата“.

На крајот на панелот, Грегановиќ укажа на многу силната фискална позиција во земјава, како исклучително важна и додаде дека токму во вакви кризни услови, банките треба да покажат одговорност, да бидат поблиску до своите  клиенти: „Не смееме да дозволиме грешки кои ќе ја загрозат ликвидноста на нашите клиенти, како единствено важна во овој период.“, заклучи Грегановиќ.

Суштината  на ситуацијата, според Санел Кустурица, претседател на Управниот одбор и главен извршен директор на „Шпаркасе банка“, е дека вкупните трошоци за управување со фирмите и трошоците за живот растат, што би ги оштетило финансиските показатели на компаниите.

Кустурица предвидува дека инфлацијата ќе продолжи да е висока и дека е веројатна рецесија.

„Банките влегуваат во овој период во добра кондиција, тие се добро капитализирани. Имаме искуство од пандемијата со Ковид-19, и како што се вели тоа што нема да те убие, само ќе те зајакне. Ако работиме заедно со Владата, Народната банка и другите регулатори ќе излеземе од оваа состојба, само прашање е колку тоа ќе не чини. Мораме да бидеме подготвени на тоа дека оваа и следната зима ќе бидат многу тешки. Како банкарски сектор, мораме уште повеќе да им излеземе во пресрет на нашите клиенти, мора да имаме разбирање и да реагираме правовремено. Што се однесува до Народната банка, мислам дека мерките коишто досега ги спроведува се сосем логични. Меѓутоа, како што веќе разговаравме на ниво на банкарската асоцијација, одредени мерки кои ги применуваме за време на Ковид-кризата можеби би требало повторно да се земат предвид бидејќи кризата предизвика силен удар врз финансиските показатели на компаниите. Многу од нив тешко ќе го пребродат овој период и во услови на пораст на каматните стапки е важно банките да направат се што можат за компаниите да можат да преживеат“, рече Кустурица.

Со оглед на тоа што изминатиов период додека немаше конференции, Берзата реализираше неколку битни стратешки проекти, како што е новиот Кодекс за корпоративно управување и Водичот за ESG известување на котираните компании, на настанот беше обезбедено и учество на креаторите на овие стратешки документи, водечки консултанти од В. Британија и од Холандија. Тие зборуваа за овие теми и објаснија  подетално за проектите на Берзата.

Генерален спонзор на конференцијата беше PricewaterhouseCoopers и имаше нивен висок претставник кој зборуваше за моменталниот геополитички контекст и како тоа се одразува на светската економија.

банки2 часа ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија2 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки3 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки3 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју3 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија5 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up1 недела ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании1 недела ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион1 недела ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

македонија1 недела ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите