Connect with us

македонија

Корона – криза ја фатила секоја втора компанија на Берзата

Се книжат последиците од Ковид 19 во финансиските извештаи

објавено

на

Половина од компаниите што веќе ги доставија полугодишните финансиски извештаи до Македонската Берза евидентирале намалување на приходите од продажбата во првата половина од годината. Дел од компаниите се уште ги пресметуваат последиците од работењето во време на пандемија проследена со силни рестрикции како полициски час и присилно затворање на некои бизниси, а финансиските извештаи допрва ќе ги објават. По одделни сектори, се гледа дека најпогодени се хотелиерските компании, додека пак во фармацевтскиот сектор и прехранбената индустрија, дел од фирмите оствариле дури и поголеми продажби од лани. Податоците покажуваат дека од корона – кризата зафатени се и банкарските профити. Целиот банкарски сектор во првата половина од годината бележи намалување на добивката за 23%. Заклучно со јуни, сите банки во земјава заедно оствариле профит од 44,5 милиони евра, додека пак истиот период лани, добивката изнесувала 58 милиони евра.

Половина од компаниите што веќе ги доставија полугодишните финансиски извештаи до Македонската Берза евидентирале намалување на приходите од продажбата во првата половина од годината. Дел од компаниите се уште ги пресметуваат последиците од работењето во време на пандемија проследена со силни рестрикции како полициски час и присилно затворање на некои бизниси, а финансиските извештаи допрва ќе ги објават.

Од оние што досега рапортираа, најголема котирана компанија е Макпетрол, која што бележи намалување на приходите од продажба на горива за 23% споредено со лани. Па така годинава, оваа компанија има приходи од 128,1 милиони евра, додека пак добивката  е намалена за дури 84%, на околу 570 илјади евра.

Од поголемите компании, пад на приходите од 6% пријави Пекабеско, која што до јуни инкасирала 34,6 милиони евра. Профитот на оваа компанија пак, е намален за 27% и изнесува околу 680 илјади евра.

Од помалите котирани компании, намалување на приходите од продажбата бележат Оилко за 5% со што приходите изнесуваат малку над 3 милиони евра, потоа Жито Полог која што има намалени приходи за 12% на 2,7 милиони евра, Пелистерка со пад на приходите од 21% на ниво од 2,2 милиони евра.

Намалувањето на приходите е особено евидентно во хотелиерскиот бизнис бидејќи тие со владина уредба во екот на пандемијата беа затворени речиси четири месеци. Па така компанијата Македонија Турист која управува со хотелите Холидеј Ин, Бест Вестерн, Карпош, Белви, Водно, Бристол и Јадран, бележи намалување на приходите од дури 74%, а во периодот од јануари до јуни инкасирани биле околу 600 илјади евра приходи.

Групацијата Хотели Метропол од Охрид, пак, во истиот период бележи намалување на приходите од дури 87% со што се инкасирани скромни 140 илјади евра.

Пад на индустриско производство од речиси 15% во првото полугодие

Намалувањето на приходите е особено евидентно во хотелиерскиот бизнис бидејќи тие со владина уредба во екот на пандемијата беа затворени речиси четири месеци.

Меѓутоа, во истиот период одредени компании оствариле и зголемени приходи од продажбите, и тоа главно во фармацевтскиот сектор и прехранбената индустрија.

Така, најголемата фармацевтска компанија во земјава, Алкалоид, во првата половина од годината ја зголемила продажбата на лекови за 10% споредено со лани. Инкасирани се приходи од 98,7 милиони евра, додека профитот изнесува 8,3 милиони евра што е 11% повеќе од лани.

Во прехранбената индустрија, Витаминка од Прилеп свртела 19,4 милиони евра, односно 6% повеќе од лани и направила добивка од 194 илјади евра, што е двојно повеќе од лани. Европа од Скопје, има приходи од 5,9 милиони евра, што е зголемување за 10%, и поголема добивка за 64% којашто достигна речиси 700 илјади евра.

Меѓу најголемите компании коишто бележат зголемување на приходите се и Македонски Телеком со пораст на продажбата за 1% со што приходите изнесуваат 84,2 милиони евра, додека пак Факом којашто работи во металопреработувачката индустрија, има приходи од 10,9 милиони евра, што е 39% повеќе од лани.

Овие финансиски резултати на дел од котираните компании на Берзата се направени во период кога статистичките податоци покажаа драматичен пад на индустриското производство и трговската размена со странство.

Најдраматичен пад е евидентиран во април, бидејќи токму тој месец полицискиот час беше најдолг. Тогаш индустриското производство се намалило дури 33,5%, а потоа во мај трендот малку ублажува со намалување од 27%, па до пад од 15,1% во јуни споредено со истиот период лани.

Збирната статистика за првата половина од годината покажува намалено производство во индустријата за 14,6% а по одделни сектори, обемот на работа најмногу паднал во производството на машини и уреди и тоа за 41,6%, потоа во производството на електрична опрема за 31,8%; кај моторни возила, приколки и полуприколки за 21,1%; текстилните погони за производство на облека каде што најмногу се прошири коронавирусот меѓу работниците имале помало производство за 17,9%; додека пак кај металната индустрија е забележан пад на производството за 9,4%.

Воведувањето на рестриктивни мерки во речиси цел свет, особено во европските земји коишто се наши најголеми трговски партнери, очекувано го намали и обемот на надворешната размена.

Статистиката покажува дека во април, извозот се намалил дури 60,3% на годишно ниво, а потоа следните два месеца падот е ублажен на 29,2% во мај, и минус од 7,3% во продажбите на странските пазари во јуни споредено со истиот период лани.

Сумарните податоци за првата половина од годината, покажуваат дека македонските компании на странските пазари продале 22,3% помала вредност на производи отколку истиот период лани, односно извозот до јуни годинава изнесува 2,45 милијарди евра и е помал за 707 милиони евра.

Од друга страна, намалениот обем на работа на домашните фабрики но и помалата приватна потрошувачка, резултираше со пад и на увозот за 18,1%.

Намалени  и банкарските профити

Целиот банкарски сектор во првата половина од годината бележи намалување на добивката за 23%.

Целиот банкарски сектор во првата половина од годината бележи намалување на добивката за 23%. Заклучно со јуни, сите банки во земјава заедно оствариле профит од 44,5 милиони евра, додека пак истиот период лани, добивката изнесувала 58 милиони евра.

Од котираните банки на Берзата што досега ги објавија полугодишните финансиски извештаи, само две имаа намален профит споредено со лани.

НЛБ веќе објави дека добивката за првата половина од годината изнесува 11,5 милиони евра, што е 26,8% помалку споредено со лани, и ТТК банка пријави намалување на профитот за 46,2% така што изнесува околу половина милион евра.

Од останатите банки што објавија финансиски извештаи, Комерцијална има добивка од 12,1 милиони евра, односно 10,1% поголем профит од лани.  УНИ банка има профит од 2,1 милиони евра со што е евидентирано зголемување од 28,8%, Стопанска банка Битола има добивка од околу 850 илјади евра и тоа е зголемување за 14 пати, а Централна Кооперативна Банка пријави добивка од 135 илјади евра со што ја надмина минатогодишната загуба.

Дел од банките допрва треба да ги објават своите полугодишни извештаи, но гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, веќе коментираше дека показателите за профитабилноста на банкарскиот систем се исклучително солидни.

„Со изземање на Еуростандард банка од системот, според податоците на Народната банка со состојба на 30 јуни 2020 година, кај финансискиот резултат на системот се забележува подобрување за речиси 21%“, пишуваше во соопштението на Народната банка по седницата на Комитетот за финансиска стабилност.

„Остварувањата на банкарскиот систем, со состојба на крајот на првата половина на оваа година се подобри споредено со мартовските податоци, кога корона – кризата сѐ уште не беше посилно присутна во нашата економија. Од исклучително големо значење за постојаното јакнење на финансиската стабилност е што солвентноста на банкарскиот систем е во рамки на историскиот максимум.  Најголемиот дел од добивката на банките, во изминатиот период беше реинвестирана, во согласност со препораката на Народната банка. Високата ликвидност на банкарскиот систем, заедно со неговата солвентност се главни показатели коишто потврдуваат дека системот има висока отпорност на шокови, но и  капацитет за натамошна кредитна поддршка на реалниот сектор“, потенцираа од Комитетот за финансиска стабилност при Народната банка.

Лошите сценарија стануваат реални

Сумарните податоци за првата половина од годината, покажуваат дека македонските компании на странските пазари продале 22,3% помала вредност на производи отколку истиот период лани, односно извозот до јуни годинава изнесува 2,45 милијарди евра и е помал за 707 милиони евра.

Македонските менаџери се песимисти во поглед на очекувањата за следниот период, па така во Анкетата за деловните тенденции спроведена во јуни од Државниот завод за статистика, истакнале дека обемот на производство дополнително ќе се намали во следните три месеци. Како најголем фактор за ограничувањето на производството ја навеле недоволната побарувачка од странство.

Индикаторот на доверба во преработувачката индустрија, кој ги сумира нарачките за производство, обемот на работа и состојбата на залихите, во јуни изнесува 12,2 и во споредба со истиот период лани е намален за дури 9,1 процентен поен.

Народната банка уште во април направи сценарио според кое доколку пандемијата се пролонгира, продолжено дејство ќе имаат и негативните економски последици. Се чини, ова сценарио кое предвидува падот на БДП да биде подлабок за 2,3 процентни поени, односно од 3,5% според првината прогноза на оваа институција, да достигне 5,8%, станува се пореално.

„Со оглед на исклучително високата неизвесност, односно фактот дека состојбите во економијата ќе зависат од справувањето со здравствената криза, како кај нас така и во глобални рамки, тешко е да се даде издржана квантифицирана оценка за најпесимистичко сценарио. Притоа би сакала да укажам дека не се работи само за понудата односно ефектот од рестрикциите врз производството на стоки и услуги, туку дополнителен фактор на неизвесност е и однесувањето на економските субјекти, односно побарувачката, дури и по стабилизирање на понудата“, вели гувернерката Ангеловска Бежоска.

Но, таа сепак вели дека е важно да ги видиме и остварувањата во второто тримесечје, во кое и според проекциите треба да се почувствуваат најсилните ефекти од корона – кризата.

Според неа, во случај на пролонгирање на пандемијата, опфатот и времетраењето на досегашните политики би требало да се прошири, а во исто време би требало да се размислува и за нов добро таргетиран сет на мерки за економска поддршка кој би се применил при едно вакво неповолно сценарио.

„Инвестициите во јавната здравствена инфраструктура треба да продолжат, а во услови на ограничени финансиски ресурси потребно е однапред да се изврши приоретизирање на јавните расходи со цел зголемување на нивната ефикасност. Во исто време,  треба да се води сметка да не се загрози одржливоста на јавниот долг и квалитетот на јавните финансии на среден рок. Во овој контекст, многу значајна ќе биде и поддршката од меѓународните финансиски институции, кои и согласно со својот мандат треба да имаат многу активна улога токму во вакви кризни ситуации“, вели Ангеловска Бежоска и додава дека мерките треба да имаат голем мултипликативен ефект врз БДП, односно да се насочени кон: поддршка на домашните, а не увезени производи; да се насочени кон поранливите сегменти на населението со цел заштита на животниот стандард; и поддршка на вложување во инфраструктурата со што ќе се вложува долгорочниот потенцијал и конкурентноста на економијата.

Пад на домашниот БДП од 3,2% до 4%

И покрај пандемијата, одредени компании оствариле и зголемени приходи од продажбите, и тоа главно во фармацевтскиот сектор и прехранбената индустрија. Најголемата фармацевтска компанија во земјава, Алкалоид, во првата половина од годината ја зголемила продажбата на лекови за 10% споредено со лани. Инкасирани се приходи од 98,7 милиони евра, додека профитот изнесува 8,3 милиони евра што е 11% повеќе од лани.

И меѓународните финансиски институции станаа уште поголеми песимисти за движењето на економијата до крајот на годинава.

ММФ по втор пат се премисли, и од првичната прогноза за рецесија на светската економија од 3%, сега проценува пад на економијата од дури 4,9% годинава, но закрепнување со раст од 5,4% догодина.

Но, проекциите за македонската економија засега остануваат непроменети и се движат од пад на БДП од 3,2% според Светската банка, 3,5% според ЕБОР, намалување од 3,9% колку што е проекцијата на Европската Комисија, па до рецесија од 4% според ММФ.

Во Европа, исто така се прават надолни промени на проекциите. Европската централна банка прогнозира дека економијата на Стариот континент годинава ќе падне дури 8,7%.

Continue Reading
менаџмент / маркетинг1 ден ago

10 КОМУНИКАЦИСКИ ВЕШТИНИ КОИ МОРА ДА ГИ ВЛАДЕЕ СЕКОЈ БИЗНИСМЕН

менаџмент / маркетинг1 ден ago

ДЕЛЕГИРАЊЕ – КАКО ДА СЕ РЕШИТЕ ОД СТРАВОТ НА ГУБЕЊЕ МОЌ И КОНТРОЛА?

менаџмент / маркетинг1 ден ago

Дру Хјустон: Не секирајте се за неуспехот; само еднаш треба да ја погодите работава.

технологии / компании1 ден ago

Пандемијата го зголеми онлајн купувањето – кој доби, кој загуби и што повеќе нема да биде исто?

економија1 ден ago

ММФ: Справувањето со здравствената криза е клучно за заштита на економијата

економија1 ден ago

Намалување на енергетската зависност од еден извор и транзиција кон чистата енергија се клучните определби за Македонија

интервју1 ден ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!

економија1 ден ago

Планирана е вкупна инвестиција од 50 милиони евра за 5 години

економија1 ден ago

Големата слика: македонската економија на среден и долг рок

свет1 ден ago

Берзите продолжуваат да растат бавно

македонија6 дена ago

„Брако“ го создаде првото возило за чистење улици на водороден погон во Европа

македонија5 дена ago

Амбасадорката Брнс на МЕФ: САД ќе ѝ помогне на Северна Македонија да изгради посилен и понезависен енергетски сектор

македонија2 дена ago

Зоран Заев: Нашата држава почива на делата на антифашизмот чиј резултат е нашата слобода!

економија3 дена ago

Почна третата Годишна конференција за е-трговија

банки4 дена ago

Комерцијална банка донираше лаптопи на ученици од 14 општини

македонија5 дена ago

Директорката на МЕПСО, Шуклева: Во инвестициски циклус сме од 163 милиони евра

економија4 дена ago

„Брзи” и „евтини” кредити за скапа и отежната реализација на капитални проекти

интервју1 ден ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!

економија1 ден ago

Големата слика: македонската економија на среден и долг рок

банки2 дена ago

Доделени наградите од наградната игра „Шпаркирај нов автомобил!“