Connect with us

интервју

Костадин Костадинов: И покрај големите економски предизвици, со мојот тим сме фокусирани на модерна и европска општина

Костадин Костадинов, градоначалник на Струмица

објавено

на

„Само со амбиција, планска работа и посветеност во реализацијата може да има успех. Тоа е мојата премиса во мандатот кој го добив за да управувам со Општина Струмица. Како прв и најодговорен човек, свесен сум дека посветеноста и фокусот кон жителите на општината се девизата за успех, воопшто во сите општествени сфери од функционирањето на градот и општината. Со координирана работа, се фокусираме на проектите кои имаат приоритет, и дел по дел, со план и програма, ги реализираме.“

Македонската економија и општество периодов се соочуваат со големи предизвици на економски план, предизвикани од сплет на фактори – трагите што ги остави пандемијата, сега засилени со војната во Украина, коишто носат бран поскапувања, почнувајќи од енергенсите, па до буквално се’ без што не можеме да си го замислиме секојдневието. Во овие околности разговаравме со струмичкиот градоначалник, г. Костадин Костадинов, од редовите на СДСМ, којшто си постави прилично амбициозни цели откако ја презеде функцијата минатата есен, па разговорот го почнавме токму на темата што е моментално една од најгорливите во земјава, а тоа цената на струјата. Голем број компании, но и други правни субјекти – државни и локални институции, агенции итн. коишто се на слободниот пазар за снабдување со струја – се погодени од неколкукратно повисоки сметки за електрична енергија и нивното функционирање е загрозено.

Г-дин Костадинов, да почнеме од она што е најактуелно периодов, високите цени на енергијата… Како се справувате со актуелните цени на струјата, со оглед на фактот дека голем број општини во земјава се жалат поради неможноста да ги подмируваат сметките, самите администрации, како и јавните претпријатија во нивна надлежност?

Сметам дека до сега успеавме успешно да се носиме со ситуациите кои директно или индиректно нѐ афектираат – од економските последици од светската пандемија и енергетската криза, до војната која моментално се одвива во Украина.

Нескромно ќе звучам, но факт е дека визијата и гледањето напред во иднината се постулатите со кои се предводи и менаџира Струмица. Ние сме единствен град во државата со мрежа за користење гас како енергенс. Дополнително, интензивно се работи на планирање и третман на можностите од искористување обновливи извори на енергија. Секако, подигнувањето на јавната свеста за заштеда и разумно користење е секогаш земена предвид кога станува збор за третманот на енергијата.

Тоа се начините со кои, преку една посветена и плодотворна работа во интерес на жителите на општината, ги бараме решенијата за справување со сите предизвици.

Како конкретна мерка со која излеговме во пресрет на струмичани, а воедно се справиме и со скокот на цените на електричната енергија, е реализацијата на ребалансот на буџетот за 2022 година, без кратење на ниту една ставка од капиталните проекти и инвестиции. Субвенционираме директно во цената на гасот за домаќинствата со 10 денари со што го балансираме и тој дел, чекор со кој, покрај економскиот импакт, директно влијаевме и врз намалувањето на загадувањето на воздухот во градот.
Секако, како одговорен субјект, продолжуваме и понатаму будно да ги следиме светските, регионалните и локалните случувања и согласно тоа да се адаптираме за да го дадеме максимумот што можеме како општина за нашите жители.

Токму во контекст на енергетската криза, каква е визијата на Вас како градоначалник и вашата администрација, во насока на развој на енергетски одржливи проекти во општината, но и стимулирање на изградба на капацитети за струја од обновливи извори и сл. На пример, дали периодов добивате зголемен број на барања за инсталирање на фото напонски централи од страна на заинтересирани инвеститори или пак за инсталирање панели на компании за сопствени потреби?

Кога станува збор за третманот на енергијата, постојат две нивоа на делување – инвестирање и имплементација на енергетски ефикасни решенија и вложување во капацитети за енергија од обновливи извори. Нашиот примарен фокус е ставен на подобрување на енергетската ефикасност, затоа што пред сѐ, треба паметно да управуваме со енергијата која ја имаме на располагање.

Во таа насока, во изминатиот период беа заменети дел од старите врати и прозорци во дел од основните и средните училишта на територија на општина Струмица, се работеше на имплементација на енергетски ефикасни решенија во објектите на општината и јавните претпријатија.

Дополнително,  се работи физибилити студија со надворешни експерти за искористување на кровните површини како можност за инсталирање на фотоволтаици со што значително би ги намалиле трошоците за електрична енергија и Општината размислува за искористување на своите парцели и површини коишто ги има во своја сопственост за изградба на фотоволтаични централи и сме во почетна фаза на нарачка на физибилити студии.

Како што веќе кажав, Струмица е пионер во прогресот и развојот на алтернативни извори на енергија. Така ќе биде и понатаму и токму затоа, пред мене и пред тимот со кој работам постојано е аспектот на стимулирање изградба на капацитети за енергија од обновливи енергетски извори, како што е опфатено и со Стратегијата за енергетски ефикасна општина.

Како еден од најзначајните проекти во Вашиот мандат го најавивте проектот – социјална населба во општина Струмица. За што конкретно се работи, Ве молам објаснете подробно за нашите читатели?

Струмица е една од поголемите и поразвиените општини во нашата земја. Градот, како урбана целина континуирано и стабилно се развива во модерен и европски, што е всушност мојата основна визија за Струмица. За таа цел, сметам и убеден сум дека современа и функционална инфраструктура на територијата на целата општина е еден од предусловите за развој, во секоја смисла на зборот.

Во оваа насока, од голема важност е синхронизираното третирање на различни аспекти, посветено и со фокус на две нивоа – доближување на животниот стандард како пример од напредните, модерни градови од европски калибар и второ, делување во интерес на жителите, сé во правец на подобрување на нивното секојдневие. Токму затоа, еден од приоритетните проектите кои треба да придонесат за понатамошен развој на Струмица, а имаат голема социјална вредност и во прв план ги ставаат Струмичани, е токму реализацијата на станбената населба со објекти наменети за домување во месноста „Чамлк“, односно над новите турски гробишта во Струмица.

Во рамки на овој проект, третирана е површина од 3,5 хектари каде е предвидена изградба на 100 куќи наменети за социјално-загрозени семејства кои моментално живеат во дивите населби на влезот од Струмица. Со оглед на тоа дека станува збор за обемен зафат кој опфаќа креирање на целокупна потребна инфраструктура за живеење, предвидена е реализација во неколку временски фази. Конкретно, до сега на терен беа реализирани серија активности, како рушење на 20 позиции дивоградби коишто се на  површината каде што треба да биде изградена социјалната населба во Турското маало.

Проектот се наоѓа во фаза на проектирање и очекуваме во наредните 3 до 4 месеци согласно условите од јавната набавка, компанијата којашто го доби тендерот ќе ја подготви проектната документација за прва фаза Социјална населба во Турско маало. Според динамичкиот план, активностите од прва фаза за реализација на проектот треба да се завршат до крајот на 2022 година и во таа смисла ни претстои да ги реализираме земјишните работи и комплетната подземна инфраструктура за реализација на проектот.

Заокружувањето на овој проект значи почит и респект за околу 100 семејства за кои ќе се овозможи подобрување на секојдневните услови за живеење. Со овој проект ќе се намали бројот на дивоградби во дивите струмички населби и истовремено, сообраќајните незгоди во овие делови на градот треба да бидат сведени на минимум.

Што подразбира проектот „Струмица – велосипедски град“, што ќе добијат љубителите на велосипедизмот од општината?

Проектот „Струмица – Вело Град“ се однесува на иновативно и ефективно решение со кое ќе се стимулира и поттикнува употребата на велосипедот како здрав, еколошки и економичен начин на мобилност. Во рамки на проектот, опфатени се серија активности за изградба и обележување на градски велосипедски патеки со надградба на постојната сообраќајна инфраструктура во должина од 10,6 километри.  Дополнително, предвидена е набавка на опрема за одржување на патеките, механизми за поттикнување на користењето на велосипеди и најважно – промена на сообраќајната култура во Струмица.

Покрај ова, дел од проектот предвидува развој и имплементација на дигитална апликација преку која жителите на Струмица ќе можат да изнајмат велосипед со локатор достапен на однапред дефинирани точки за изнајмување. Реализацијата на овој обемен, неколкугодишен проект е поделена во три фази, а оваа година во фокус е поставување на велосипедска инфраструктура. Целокупната реализација на проектот е планирана да заврши во 2025 година.

Со реализација на предвидените активности од „Струмица – Вело Град“, целта ни е да создадеме одржлив, „паметен вело град“ во кој, примената на велосипедите како примарно средство за движење ќе стане секојдневие за сите генерации.

Од суштинска важност е фактот дека проектот е препознаен и финансиран од Европската Унија – показател кој ја потврдува нашата недвосмислена ориентација за европеизација на Струмица. Дополнително, горд сум на фактот дека со реализацијата на „Струмица – Вело Град“, општината ќе стане единствена во нашата држава која воведува нов вид на сообраќај, сé согласно сите меѓународните стандарди за системско обезбедување на основната инфраструктура за негово спроведување – велосипедски патеки.

Во вашата програма го најавивте и проектот „Струмица – спортски град“. Почната ли е реализацијата на овој проект и што ќе се постигне со него?

Проектот „Струмица – Град на спортот“ исто така е неколкугодишен проект за кој, планирана е реализација во неколку фази. Опфаќа повеќе под-проекти, од изградба на различни спортски капацитети, до подобрување на постоечка инфраструктура и создавање на подобри услови за различни видови рекреативци и спортисти.

Овој и погоре споменатите повеќегодишни проекти се од голем размер и бараат систематски пристап и соодветна адаптација, сé согласно промените кои ги носи динамиката на денешницата во која живееме. Во овој контекст, дел од предвидените активности се веќе поставени на конкретна временска рамка за реализација, додека дел ги адаптираме и соодветно го планираме нивното потенцијално реализирање.

Конкретно, до сега се реализирани нова спортска сала во ООУ „Никола Вапцаров“, нова спортска сала во ООУ „Маршал Тито“ во Муртино, во фаза на реализација, а очекуваме да заврши до септември, комплетно нова спортска сала во СОУ „Јане Сандански“ финансирана 60 проценти од општината и 40 проценти самофинансирање од училиштето.

Дополнително, во финална фаза на реализација е мултифункционалното спортско игралиште во дворот на Домот на АРМ, во почетна фаза на реализација сме на ново мултифункционално игралиште на отворено во ООУ „Никола Вапцаров“ заради потребите и на училиштето, но и на граѓаните коишто живеат во Втора урбана заедница, планираме нови спортски игралишта во Турското маало и во населеното место Банско и рехабилитација на сите спортски игралишта во градот и во населените места.

По техничкиот прием на спортската сала во населеното место Муртино, заедно со Министерството за образование и наука продолжуваме со изградба на нова спортска сала во ООУ „Сандо Масев“ со што по нејзиното завршување во наредните години, старата спортска сала во училиштето ќе биде специјализирана спортска сала за лица со посебни потреби. Со отворањето на новите трим патеки до Свети Илија, ја заокружуваме нашата заложба за Струмица – спортски град.

Дополнително, преку Агенцијата за млади и спорт  чекаме да заврши јавната набавка за изведба на затворен базен на потегот кај АТШ, околу кој со средства од општината ќе реализираме нов зелен парк со 4 игралишта за одбојка затоа што Струмица е и одбојкарски град и огромен дел од успесите во спортот ни се поврзани со одбојката. Во фаза на подготовка, односно, пред тендерирање ни е скејт паркот во дворот на Домот на АРМ.

Спроведувањето и реализацијата на проектот „Струмица – Град на спортот“ значи третман на еден многу важен социјален сегмент – спортот. Тука би сакал да укажам дека подигнувањето и одржувањето на оваа инфраструктура значи директна поддршка и стимулирање за што поактивен спортски живот, посебно на младите генерации. Девизата „во здраво тело, здрав дух“ е и ќе остане мој силен мотив за континуирана работа во правец на развивање спортски капацитети во Струмица. Само така ќе имаме терен за создавање шампиони!

За решавање на сообраќајната ситуација во градот планирате неколку булеварски решенија. Кои се конкретните проекти и кои ќе бидат придобивките од нив?

Третманот на урбаната инфраструктура и на сообраќајните решенија се од круцијално значење, особено за град како Струмица, кој континуирано расте и се развива. Токму затоа, на овој сегмент посветувам големо внимание. Во таа смисла, долгорочно е планирано реализирање на капиталните проекти, но за жал заради ценовните шокови, првата јавната набавка за изведба на булеварски мост на улицата „Братство Единство“ ни пропадна и сега правиме нови пресметки со што се надеваме дека при следната јавна набавка ќе се најдат мотивирани компании коишто се подготвени за изведување на проектите. Дополнително се нарачува проект за булевар „Климент Охридски“ со што ги заокружуваме двете најголеми изборни ветувања во однос на булеварското поврзување на Струмица и решаваме голем проблем на граѓаните.

Секако, Општината обрнува внимание и на помалите, но големи по значење, инфраструктурни проекти како што е реализацијата на двете линиски улици во населбата наречена  Софилар што беше голем проблем за граѓаните и веќе е завршено. Дополнително за 2022 година планираме асфалтирање со втор слој на 25 улици и пробивање и прв слој асфалт на уште триесетина улици низ градот и населените места.

Во моментот работиме на спроведување на јавните набавки за прв слој пробивање и за втор слој на улиците коишто веќе ги спомнав.

Со реализацијата на погоре наведеното, директно ќе биде подобрена функционалноста на градот и општината. Сето ова, со основна цел – олеснување на пристапот до различни делови во градот, подобар проток и циркулација на возила и олеснето секојдневие на сите жители на општина Струмица кои гравитираат од и кон градот.

Но, секако дека тука не застануваме. Прогресот на градот и општина Струмица задолжително мора да се следи. Трендовите и начинот на функционирање, како на граѓаните така и на деловните субјекти, на мене и на општинскиот стручен тим ни налагаат постојана работа во правец на усовршување, модернизација и развој на сообраќајната инфраструктура која, да не заборавиме е крвотокот на градот.

Објаснивте за неколку значајни проекти за општината, но ве молам објаснете за читателите како ќе обезбеди градот средства, дали дел ќе бидат јавно-приватни партнерства, или пак проекти финансирани од ЕУ фондови и сл.?

За реализација на проектите, без разлика на нивната обемност и тежина, суштински важно е да бидат обезбедени финансиски средства. Тука недвосмислено сакам да укажам дека планирањето, одржувањето и најважно – полнењето на општинскиот буџет е сржта на целокупните проекти и активности на Општина Струмица.

Финансирањето на предвидената програма за работа и директно, на активностите, примарно се реализира од сопствени, општински буџетски ресурси.

Како градоначалник можам најодговорно да кажам дека Струмица е редок пример за точна и планска реализација на буџетот, како на приходната, така и на расходната страна. Дури и во време на криза, општинскиот буџет е во одлична кондиција, пред сé заради  одговорното и домаќинско работење. Мора да се потенцира фактот дека комерцијалните субјекти и бизниси во Струмица, како еден од примарните генератори на приходи во буџетот се важната алка во локалната економија и токму заради тоа, интензивно се работи за третман и подобрување на условите за работа и секако, развој. Како за пример, воведов пракса на редовни, месечни средби со струмичките бизнисмени на кои, отворено се разговара за сите прашања, проблеми и дилеми со кои се соочуваат и заеднички и низ дискусија се изнаоѓаат решенија. Знаете, со седење во канцеларија ниту можете да видите ниту да слушнете како е ситуацијата на терен.

Дополнително на буџетот, при планирањето на проектите како значаен дел за финансирање се третирани дополнителни фондови и извори на финансирање како донации и директна финансиска помош од Амбасади во земјата, Европските фондови, можностите коишто ги дава Европската Унија, Швајцарската агенција за развој, Центарот за развој на Југоисточен плански регион преку Бирото за рамномерен регионален развој, Светска банка, Европската банка за обнова и развој и буквално сите извори на финансирање и секој повик Општина Струмица го искористува независно дали е од помал или поголем обем.

Секако, не е изоставена и можноста која произлегува од ЕУ фондовите наменети за развој на локалната самоуправа и државата, воопшто. Тука, пред сé мислам на проектите за прекугранична соработка, за кои сметам дека Општина Струмица редовно демонстрира пракса за максимално искористување на потенцијалите од овој аспект.

Колкав е всушност потенцијалот на Општина Струмица за искористување на можностите за прекугранични проекти, што би се финансирале од ЕУ? Дали размислувате и за нови проекти, на пример, од областа на туризмот, заштита на културното наследство, итн.?

Општина Струмица поседува огромен потенцијал за користење на можностите од ЕУ проектите со предзнак „прекугранична соработка“. Овој потенцијал произлегува од неколку важни аспекти – локацијата на која се наоѓа, односно тромеѓата  со Република Бугарија и Република Грција, економскиот развој и стабилноста на самата општина, како и основните сегменти кои обично се третирани со проектите за прекугранична соработка: туризам, култура, одржлив развој и слично.

Дополнително и многу важно е да потенцирам дека голем бенефит за нас е досегашното работење, развојот и искуството на Одделението за меѓународна соработка и европски фондови во кое се вработени десетина професионалци со практично познавање на тематиката. Основниот фокус на одделението е обезбедување на проекти кои се финансирани во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и други донатори, како и следење и обезбедување на друга странска помош. До сега, општина Струмица има учествувано во преку 50 проекти од ваков тип. Во моментов, во фаза на реализација се неколку прекугранични проекти, во чии рамки Општина Струмица соработува со Општина Серес од Република Грција во областа на спортот и спортската култура и со Општините Ќустендил, Благоевград, Петрич и Сандански од Република Бугарија.

Сето ова е показател дека европеизацијата на Струмица се случува континуирано во изминатите дваесетина години, тренд кој за мене како градоначалник е голема обврска и задача на која сум максимално посветен и фокусиран.

Имате зацртано повеќе амбициозни проекти за понатамошен развој на градот, кого што повеќето посетители го опишуваат како еден од најсредените и најчисти во земјава… Кои се најголемите предизвици за Вас, при остварување на овие цели?

Само со амбиција, планска работа и посветеност во реализацијата може да има успех. Тоа е мојата премиса во мандатот кој го добив за да управувам со Општина Струмица. Како прв и најодговорен човек, свесен сум дека посветеноста и фокусот кон жителите на општината се девизата за успех, воопшто во сите општествени сфери од функционирањето на градот и општината.

Да, мора да потенцирам дека во Струмица е работено многу на тема хигиена и ред низ годините и она што Струмица е денес е плод на многугодишната работа и развој на градот од страна на моите претходници. Во овој контекст, наше е да продолжиме да работиме посветено и со цел – градот и општината да се уште почисти и посредени. Тука пред сѐ многу е важна координацијата и комуникацијата помеѓу сите инволвирани страни – од Општинската администрација, до јавните претпријатија кои функционираат на територијата на Општината.

Со координирана работа, се фокусираме на проектите кои имаат приоритет, и дел по дел, со план и програма, ги реализираме. Воведовме двосменско работење на комуналните инспектори, редовно се чистат дивите депонии, влезовите во градот и сите јавни површини. Го збогативме возниот парк на ЈПКД „Комуналец“ со половно набавени специјални возила за подигање на комунален отпад. Паралелно, работиме и на подигнување на свеста кај сите граѓани во правец на третман и заштитата на животната средина, а ни претстојат уште неколку проекти од оваа област. Ефектите од планската и координирана работа се несомнени – грижата за животната средина и хигиената во Струмица од ден на ден се зголемува и нескромно можам да кажам дека сме пример за останатите општини.

македонија4 часа ago

Анѓушев: Нема никаква основа за ограничување на мојот влез во САД, одлуката ќе ја обжалам

македонија7 часа ago

Кочо Анѓушев се најде на „црната листа“ на САД

македонија2 дена ago

Една година стратешко партнерство на Алкалоид и СОС Детско село

банки4 дена ago

Комерцијална банка прогласена за „Банка на годината во 2023“ од магазинот The Banker

македонија5 дена ago

Искористете ја лимитираната можност и уживајте во убавините на сончевата јужна страна на „Гранд Ривер“!

свет5 дена ago

Активностите за спојувања и преземања на најниско ниво од 2014 година наваму

македонија5 дена ago

Од земјата на виното и ракијата, првиот македонски џин тргна во поход да го освои светот

свет5 дена ago

Придонесот на нобеловката Голдин во разбирањето на улогата на жените на пазарот на труд

економија5 дена ago

Анѓушев: Потребно е обединување на бизнисите, силни партнерства и градење кадри!

интервју5 дена ago

м-р Елеонора Згоњанин – Петровиќ: Потребен е поголем општествен поттик за јакнење на женското лидерство

интервју5 дена ago

Кристина Камчева – Стојческа: Женското лидерство во подем – тие умеат како да создадат тим од доверба

македонија5 дена ago

Од земјата на виното и ракијата, првиот македонски џин тргна во поход да го освои светот

интервју5 дена ago

м-р Елеонора Згоњанин – Петровиќ: Потребен е поголем општествен поттик за јакнење на женското лидерство

интервју5 дена ago

Јелена Спасова: Се бориме занаетчиите да го добијат заслужениот статус во македонската економија

интервју5 дена ago

Родовата еднаквост, инклузивностa и еднаквите можности се темели на нашата корпоративна култура

свет5 дена ago

Придонесот на нобеловката Голдин во разбирањето на улогата на жените на пазарот на труд

свет5 дена ago

Активностите за спојувања и преземања на најниско ниво од 2014 година наваму

македонија5 дена ago

Искористете ја лимитираната можност и уживајте во убавините на сончевата јужна страна на „Гранд Ривер“!

економија5 дена ago

Повеќе жени во тимот, повеќе профит

македонија1 недела ago

Реализирани повеќе заеднички хуманитарни активности на „Алкалоид“ и на Црвен крст на Град Скопје