свет
Која е Џорџа Мелони?
Италија доби прва жена премиер во историјата, и тоа од екстремната десница

Џорџа Мелони ќе стане првата жена премиер на Италија на чело на најeкстремна десничарска влада во земјата од Втората светска војна наваму, откако ја предводеше конзервативната алијанса до триумф на изборите во неделата, 25 септември. Иако таа се обиде да ги смири италијанските западни сојузници со силната поддршка на про – украинскиот став на владата на Драги, на пример, нејзините тврди конзервативни социјални политики загрижуваат многумина.
Редакција Капитал
Цели 40 години, Ана Мариа Тортора продава свежо овошје и зеленчук на верните потрошувачи на својата тезга во Рим. Не можела ниту да сонува дека некогаш малото девојче што стоело во редицата муштерии држејќи го својот дедо за рака, сега ќе биде новата премиерка на Италија.
„Тој беше прекрасна личност“, се сеќава таа раскажувајќи на екипата на BBC, “и ја обожуваше својата внука.“
За тоа мало девојче, Џорџа Мелони, којашто сега ја одведе нејзината партија до победа на италијанските парламентарни избори, Ана Марија зборува со гордост. „Таа израсна со моето гравче! Добро се хранеше и порасна здраво.“
Пазарчето се наоѓа во Гарбатеља, работничко соседство во јужниот дел на Рим и традиционално бастион на левицата. A, тоа е сосема несоодветно потекло за политичар што станува првиот екстремно – десничарски лидер на Италија уште од времето на Бенито Мусолини.
„Таа не е претставник на ова маало, коешто историски е црвено“, вели Марта, локална жителка, којашто ја турка својата количка за купување покрај тезгите со зеленчук. Нејзината стара мајка, Лучиана, вели дека е исплашена од исходот. „Јас сум во основа антифашист“, вели таа. „Со неа како премиерка, ќе биде многу грдо“.
Корени во фашизмот што Мелони ги негира

Џорџа Мелони ќе стане првата жена премиер на Италија на чело на нејзината најдесничарска влада од Втората светска војна наваму, откако ја предводеше конзервативната алијанса до триумф на изборите во неделата, 25 септември.
Конечните резултати покажаа дека десничарскиот блок треба да има солидно мнозинство во двата дома на парламентот, што потенцијално ќе и даде на Италија ретка шанса за политичка стабилност по години на пресврти и кревки коалиции.
„Џорџа Мелони победи“, пишува најтиражниот италијански дневен весник Кориере дела Сера на својата насловна страница, додека десно ориентираниот Ил Темпо излезе со наслов „На ред е Џорџа“.
Мелони и нејзините сојузници се соочуваат со застрашувачки список на предизвици, вклучително и зголемените цени на енергијата, војната во Украина и забавувањето на третата по големина економија во еврозоната.
Мораме да запомниме дека не сме на крајната точка, ние сме на почетната. Од утре мора да ја докажеме нашата вредност“, им рече 45-годишната Мелони на поддржувачите на нејзината националистичка партија „Браќата на Италија“.
Што се однесува до фашистичката етикета што ѝ ја прилепуваат, таа жестоко ја отфрла. Зборувајќи на англиски, шпански и француски во едно неодамнешно обраќање, таа инсистираше дека ѝ ја оставила идеологијата на историјата.
Но, историјата е дел од проблемот во земјата што немаше свој еквивалент на германската денацификација после Втората светска војна, со тоа што им дозволи на фашистичките партии да се реформираат. Основана во 2012 година, „Браќата на Италија“ има свои политички корени во Италијанското социјално движење (MSI), коешто пак израсна од пепелта на фашизмот на Мусолини.
Партијата го користи логото карактеристично за поствоените крајно десничарски партии: тробоен пламен, често толкуван како оган што гори на гробот на Мусолини.
„Џорџа Мелони не сака да се откаже од таа симболика бидејќи тоа е идентитетот од којшто не може да избега; тоа е нејзината младост,“ вели Џанлука Пасарели, професор по политички науки на римскиот универзитет Сапиенца.
„Нејзината партија не е фашистичка“, објаснува тој. „Фашизмот значи да стекнете моќ и да го уништите системот. Таа нема да го стори тоа, а и не може. Но, има крила во партијата што се поврзани со неофашистичкото движење. Таа отсекогаш играла некако помеѓу“.
Нејзината младост е за волја на вистината закотвена некако кон цврстото десничарско убедување, и со понизност на почетокот: клучно во нејзиниот имиџ на жена од народот.
Потврда на женскиот идентитет, но на мачо политички начин
Родена во Рим, таа имала само една година кога татко ѝ, Франческо, го напуштил семејството и се преселил на Канарските острови. Тој бил левичар, додека мајка ѝ Ана ја симпатизирала десницата, што ги подгрева шпекулациите дека политичкиот пат на Џорџа е мотивиран делумно и од желбата да се одмазди поради татковото отсуство.
Семејството се преселило во Гарбатеља, блиску до нејзините баба и дедо. Таму, на 15-годишна возраст таа се придружила на Младинскиот фронт, подмладокот на неофашистичката MSI, за подоцна да стане претседател на студентскиот огранок на она што било наследникот на движењето, Националната алијанса.
Марко Марсиљо држел состанок во канцеларијата на MSI во Гарбатеља кога Џорџа Мелони тропнала на вратата во 1992-та. Десет години постар од нејзе, тој ѝ станал близок пријател и политички сојузник, а денес е претседател на Абруцо регионот во Италија.
„Пред мене стоеше една слабичка девојка, но секогаш многу сериозна и решителна“, се сеќава тој. „Ќе ја забележевте лесно бидејќи на студентските состаноци едвај можеше некој да ѝ го земе микрофонот од рацете“.
Низ годините, тие споделуваа семејни одмори, дебати, како и разни општествени собирања, и тој ја набљудуваше како расте во самодоверба.
„Таа си имаше свои несигурности на времето“, вели Марсиљо, “но можеби тоа беше нејзина силна страна, бидејќи ја тераше да се подготвува подобро, пред да се нафати да зборува за некоја тема, проблем и сл.“
Во 2008 година, на 31 година, Џорџа Мелони стана најмладиот министер во Италија во историјата, назначена од премиерот Силвио Берлускони да го води ресорот за млади и спорт. Откако формираше своја партија во 2012 година, таа освои само 4% од гласовите на последните избори во 2018 година. Сега, како единствената побитна партија што остана надвор од коалиционата влада на Марио Драги, „Браќата на Италија“ освоија околу 26% од гласовите, а нејзината десничарска алијанса со Силвио Берлускони и крајно – десничарската Северна лига на поранешниот министер за внатрешни работи Матео Салвини освои парламентарно мнозинство.
Но, иако таа се обиде да ги смири италијанските западни сојузници, на пример, со силната поддршка на про – украинскиот став на владата на Драги, нејзините тврди конзервативни социјални политики загрижуваат многумина.
„Да за природното семејство, не за ЛГБР лобијата!“, извикуваше таа на неодамнешните митинзи на крајно – десничарската Вокс партија во Шпанија. Исто така повикуваше на поморска блокада на Либија за да се сопрат бродовите со мигранти.
„Мелони не е опасност за демократијата, туку е опасност за Европската унија,“, вели проф. Пасарели, којшто ја става неа во истиот калап со националистичките лидери во Унгарија и Франција.
„Таа е на иста линија со Марин Ле Пен или Виктор Орбан. И таа заговара ‘Европа на нации’, со што секој е во основа сам. Италија би можела да биде Тројанскиот коњ на Путин за да ја поткопа солидарноста, со што таа би му овозможила да продолжи да ја ослабува Европа.“
Во трката да стане првата жена премиер на Италија таа го потврди својот женски идентитет, но, проф. Пасарели смета дека тоа е, на мачо, политички начин: „Доминацијата во италијанското семејство ја има ‘мама’. Таа е мачо фигура којашто е господар на кујната. Мелони тоа го користи умно затоа што овој наратив оди директно во суштината на нашиот систем.“
За нејзините поддржувачи, таа претставува радикална политичка пресвртница што и треба на Италија, со оглед на нејзината долга економска стагнација и општество што се посматра како геронтократија.