коментари
Благој Митевски: Кој сака да биде пензионер?
Во моментов потребно е да се биде реален и рационален. Сите оние кои не се дефицитарни кадри да заминуваат во пензија на 64 години.

адвокат и магистер по финансиско право
Во моментов потребно е да се биде реален и рационален. Сите оние кои не се дефицитарни кадри да заминуваат во пензија на 64 години. Оние пак кои се дефицитарни, да се најде начин да им се продолжи работниот век. Да се променат условите за инвалидска пензија, и оние кои навистина не можат повеќе да ги извршуваат работните задачи, да добијат пензија. Да се променат и условите за користење платено боледување. Пример зголемување на породилно боледување на 1 година. Или променети услови за определени болести кои се сериозни и долготрајни. Да се создава систем во кој секој ќе биде заштитен. Полека, но сигурно. По извесен период ќе дојде време кога може да се размислува за реализација на погоре изнесените желби. Да не се доведеме во ситуација да имаме многу пензионери, и да немаме кадри кои ќе ги заменат.
Најавената реформа во пензискиот систем, преку донесување на законско решение, со кое ќе се утврди точна прецизна граница за кога некој да се пензионира, очекувано предизвика дебата во јавноста. Но таа дебата како да оди кон целосен дефокус од суштествената потреба за рационална и паметна реформа. Наеднаш, како сите да сакаат да се пензионери. Но дали би прифатиле помали пензии? Што ако отидете во пензија со ненаполнети 60 години? Дали навистина ќе бидете пензионери или ќе работите додека можете на црно? Дали пензискиот систем може да издржи огромен наплив на пензионери? Дали има соодветен достапен кадар доколку се заминува порано во пензија? Не се само докторите и универзитетските професори дефицитарен кадар. Има дефицит и на градежни инженери, архитекти, електроинженери…. за квалификуван мајстор, работник… да не ни зборуваме.
Сега како сите да сакаат да заминат во пензија. Најавата за реформи во пензискиот систем ги зголеми апетитите на многу сектори. Синдикатите ја отвораат дебатата за пензија по 40 години стаж за мажи, и 35 за жени. Но чекајте… ако почнете да работите на 18 години, на 58(53) веќе ќе сте пензионер, кој нема ништо да работи и ќе биде задоволен од својата пензија? Сериозно?
Фокус на итно потребната реформа
Добро е да се дебатира и
сите засегнати страни да посочат свои барања и потреби за одредено прашање.
Нормално е дел да се прифатени, дел не. Но да одиме пополека. Пензискиот систем
е жива комплексна материја која треба да се поедностави. Во моментот границата
за пензионирање за жени е 62 години, а за мажи 64. Со 15 години минимум работен
стаж. Но таа граница не е задолжителна. Работниот век за двата пола може да
биде продолжен до 67 години. И во моментот докторите, фармацевтите и ние
адвокатите можеме слободно непречено по своја желба да не отидеме во пензија ни
со наполнети 67 години, туку да продолжиме да работиме и во нашите 70 – ти, ако
не’ држи здравје.
И во моментот се предлага задолжително пензионирање на 64
години, за жени 62 години, но како уставно гарантирано право, да продолжат до
64. Знаете ли некој работник од приватен сектор, кој продолжил да работи, легално,
по наполнети 64 години? И колкумина вработени од администрација познавате што
продолжиле да работат по наполнети 64 години? Поентата е дека сегашното
законско решение се користи од администрацијата за да одат на работа до 67
години, притоа заштитени од законодавството, да не можат да добијат отказ, исто
така користејќи еден куп бенефиции, како што се подолг одмор, слободни денови,
и сега во пандемијата седење дома како хронично болни. Тоа мора да запре!!! Од
друга страна во реалниот приватен сектор и сега се пензионираат на 64 години
мажи и 62 години жени.
Токму затоа задолжителното пензионирање на 64 години не само што е сосема логична реформа, туку е и итно потребна реформа за растоварување на администрацијата од возрасните вработени, кои де факто треба да се заминати во пензија веќе неколку години. Водете сметка дека на тој начин ќе се намали администрацијата, но и може да дојде до дефицит на кадар во многу области. На пример, во помалите градови можат да фалат професори по определени предмети во училиштата, потоа архитекти и градежници низ институциите, со оглед на ниските плати може никој нема да сака да биде курир, чувар, помлад референт….Во превод, ваквата реформа веќе сама по себе носи ризик. Дали истиот ќе биде решен со вонредно ангажирање на веќе пензиониран кадар, каде е потребно, останува на законодавецот тоа добро да го осмисли и го пропише со донесувањето на законската рамка која сега се подготвува.
Грст желби, сурова реалност
Од моментот кога беше најавена реформата во пензискиот систем, како да почна списокот со желбите на секого во поглед на правото на остварување на пензија. Предложеното решение, се однесуваше на тоа да се ослободат работни места во администрација, со тоа и дел од нив трајно да се укинат, со цел нејзино намалување и професионализирање. Но, во јавноста од ресорните министерства беше спомената можноста за предвремено пензионирање – 5 години пред наполнување на потребните години. Од тој момент тргнаа желбите. Некој сака пензионирање со 35 и 40 години работен стаж. Некој сака воведување на повеќе сектори со бенефициран стаж. Некој сака можност за откуп на стаж. Некој сака предвремено пензионирање. Некој сака поедноставување на условите за остварување на правото на инвалидска пензија….
И сосема е во ред, секој
да сака по нешто. Но што е реалноста? Прво, колку е кондиционо ( читај:
финансиски) спремен пензискиот систем да ги издржи сите тие желби е клучното
прашање. На ваква анализа, би се изгубило доста време, и продуктивноста на
таков вид реформа би била загубена. Второ, нормално е секој работник, кој трпи
секојдневен физички напор да сака да замине во пензија. Но дали навистина ако
таков работник пуштите во пензија, и тоа со намалена пензија, навистина ќе седи
дома и ќе ужива во пензискиот живот или ќе бара начин на црно да заработи
некоја пара? Ако седи дома, ќе нема доволно пари (таквата пензија би била околу
9.000 денари). Ако работи на црно го крши законот. Доколку би се одело во пензија
со 35 години работен стаж за жени и со 40 години работен стаж за мажи, во пракса
би имале интересни случаи.
На пример, дипломирана фармацевтка (жена
) на 23 години, веднаш вработена, на 58 години да замине во пензија (а истата е
дефицитарен кадар ). Или општ работник ( маж ), вработен на 18 години, да
замине во пензија на 58 години. Или општа работничка ( жена ) вработена на 18
години, да замине во пензија на 53 години. Оставајќи го прашањето дали
пензискиот систем ќе го издржи тој товар и наплив на пензионери, доколку сите
овие барања се прифатат (обезбедување пари за пензија е проблем на државата, не
на работникот), или недостигот на кадар (проблем на работодавецот ), искрено се
прашувам колкав процент од тие пензионери, ќе работат на црно и понатаму. И што
доколку ги затекне на работно место трудова инспекција. Да им ја укине
пензијата и да ги казни со голема парична казна ?!
Да бидеме искрени кон себе, сите бараме подобар систем во било која област, така бараме и подобар пензиски систем. Но, веројатно и самите треба да допринесеме кон истиот. Доколку законодавецот и државните органи се впуштат кон реализирање на сите желби на работниците, синдикатите, работодавците, администрацијата…тогаш пензискиот систем отиде во неповрат. Затоа треба отворено да се соопшти суровата реалност. За толку и толку пензионери има. Потребно во овој момент е да ја намалиме администрацијата. Да го видиме ефектот од тоа намалување во првата половина на 2021 година. Да го видиме ефектот од зголемениот број пензионери. Па, потоа ќе седнеме на маса и ќе разговараме за вашите желби и потреби.
Затоа тврдам дека во моментот е потребно единствено да се зацементира пензионирањето на 64 години како задолжителна граница, и да се вметне законско решение со кое ќе се реши евентуален недостиг на кадар во определени институции, со дополнително, надворешно ангажирање за хонорар на пензионер, се до наоѓање на слободен кадар, за соодветното работно место.
Да се биде реален
Сувопарноста во соопштување на реалноста, би требало да биде политичка практика. Не гледам причина да се бега од реалноста и потребите во неа. А во овој момент е потребно намалување на администрацијата. За да истата не се остави без парче леб, законското решение за задолжително пензионирање на 64 години, е тој паметен чекор, кој ќе го овозможи тоа. Во дадениот момент кога преку 10.000 административци ќе заминат во пензија, ќе се види колку од тие работни места можат да бидат укинати трајно, колку од постоечките вработени во администрација имаат капацитет да пополнат испразнети работни места кои се дефицитарни, и дали ќе има појава на недостиг на соодветен кадар во администрацијата.
Во овој момент ценам дека тука треба да се запре. Се’ додека не се види ефектот од пензионирање на сите тие административци, не е ниту потребно, ниту паметно да се задоволуваат нечии желби. Имајте предвид дека е можен трансфер од приватен сектор во државен сектор, на квалитетни кадри, на дефицитарни работни места, од причини што државата нуди сигурност, која кај нас за приватниот сектор е се’ уште психолошка бариера.
По пензионирањето на толку многу административци, се оставаат многу отворени прашања. Затоа е потребно да се остави простор, од барем три месеци да се видат ефектите, и за пензискиот систем, и за приватниот сектор, од евентуална загуба на квалитетен или дефицитарен кадар. Не заборавајте дека токму посакуваните странски инвеститори, сега се жалат дека нема доволно кадар за работните места кои тие ги отвораат. Поради тоа, пред да се оди кон донесување законско решение, со кое би се одело во пензија со определени години стаж, би се намалила границата на наполнети години за семејна пензија, или општата граница на години за заминување во пензија, со право на избор, треба добро да се замислиме и да се направат опсежни и квалитетни анализи, не само за тоа дали ќе се оптовари пензискиот систем, кој, напомнувам, закрепнува, но се’ уште е кревок, туку и за тоа дали на пазарот ќе се отворат премногу слободни работни места, кои нема да можат да бидат пополнети и во приватниот и во државниот сектор.
Интересен одек во јавноста имаше најавата дека приватните стопанственици можат да се договорат со работникот за продолжување на работниот век и по наполнети 64 години. Веднаш тоа беше искоментирано како дискриминирање на определени работници, главно во администрацијата. Но чекајте, на административците работодавец им е државата. Државата пак јасно кажа дека за медицински лица и универзитетски професори, како дефицитарен кадар, може да се продолжи работниот век. Значи државата како нивни работодавец се договорила за да им го продолжи работниот век. За другите државата цени дека не се дефицитарни и не се потребни по наполнети 64 години. Тогаш зошто тоа да не го направи и приватниот работодавец? Да се договори до дефицитарен и соодветен кадар истиот да продолжи да работи. Плус да му плаќа придонеси и веројатно уште поголема плата. Зошто тоа некому му пречи ? Јас во таквиот начин согледувам единствено поттикнување на поединецот да вложува во себе, за еден ден да биде дефицитарен, уникатен и потребен, со цел да биде и подобро платен.
Видете, во дадениот момент потребно е да се биде реален и рационален. Сите оние кои не се дефицитарни кадри да заминуваат во пензија на 64 години. Оние пак кои се дефицитарни, да се најде начин да им се продолжи работниот век. Да се променат условите за инвалидска пензија, и оние кои навистина не можат повеќе да ги извршуваат работните задачи, да добијат пензија. Да се променат и условите за користење платено боледување. Пример зголемување на породилно боледување на 1 година. Или променети услови за определени болести кои се сериозни и долготрајни. Да се создава систем во кој секој ќе биде заштитен. Полека, но сигурно. По извесен период ќе дојде време кога може да се размислува за реализација на погоре изнесените желби. Да не се доведеме во ситуација да имаме многу пензионери, и да немаме кадри кои ќе ги заменат.
