Connect with us

коментари

Катерина Синадиновска: Кој се плаши од образование?

Денот на сесловенските просветители помина во знак на општа запрепастеност од степенот на непознавање на мајчиниот јазик од страна на водач(и)на „стадото“.

објавено

на

Катерина Синадиновска

Но, не смее да остане скриена една неверојатна приказна што ден претходно ни ја доближија новинарите на ИРЛ – за едно трошно училиште на североистокот, со полски клозети и со раскошна ограда од ковано железо вредна 35 илјади евра општински пари.
Ние ве потсетуваме на серија шокантни приказни од македонското образование кои останаа заплеткани низ македонските лавиринти на негрижа.

Приказни што се детски судбини, не бројки!
Приказни што исто како велелепната ограда зборуваат за суштината и иднината што ни се лизгаат низ прсти. За неверојатната и необјаснива потреба да трошиме енергија на глупости. За итрата игра на партиите кои знаат дека поинтересно ви е да следите навреди, клевети, лаги и „тепачки“ наместо судир на конкретни предлози за темите што навистина се важни.
За упорното бегство од сериозни образовни реформи, оти изгледа одамна е јасно дека учени граѓани се опасни за политички циркусанти…
Нека ни е честит 24 Мај!

„Проектот компјутер за секое дете е одличен, би сакал и ние во Велика Британија да можевме да си го дозволиме“- Ендру Ки, поранешен амбасадор на Велика Британија

Прилогот на младиот тим на новинари од ИРЛ, во којшто се потсетува на една неверојатна јавна набавка – кога општината Крива Паланка потроши над 2 милиони и 100 илјади денари за поставување на ограда околу училиштето „Јоаким Крчовски“ во планинското село Луке, повторно го извади на површина хаосот во македонското образование (ама и борбата со корупција!) само два дена пред големиот празник на писменоста.
Новинарите отишле на терен. Видеото е надреално.
Опустошено село. Училиште со 4 ученици.
Зграда без систем за греење.
Чешма во дворот каде што дечињата зимно време мијат рачиња со мраз вода.
Смрдливи полски тоалети, што мора да ги видите, оти, навистина немам зборови да ги пишам.
И ограда околу дворот вредна 35 илјади евра!
Ама тоа не е се’ – апсурдот продолжува: оградени се само три страни – четвртата не била планирана според јавната набавка, па сега дворот на училиштето од три страни има ограда небаре е вила на Водно, а од едната останува ограден со дрвени прачки.

Притоа,  оправдувањето за набавката е токму дека треба да се заштитат децата од диви животни!? Ок, логиката е веројатно дека волците и мечките заслепени од раскошот на оградата нема ни да забележат дека четвртата страна останала отворена покана за влез…
Да се види па тешко да се поверува. Виц.
Овој генијален бизнис (изборно ветување на градоначалникот Борјанчо Мицевски) го добила фирмата “Белешков Инжинеринг увоз-извоз” од Крива Паланка, како што се објаснува во прилогот, фирма миленик на сите политички гарнитури. Набавката е без оглас, што не е нелегално, оти за вака мали суми (хм!) законот тоа го дозволува, но експертите велат дека токму тука треба да се биде мошне внимателен, оти овој „меѓупростор“ е оставен без надзор и крие можности за злоупотреби.

Сега, настрана законот…

Иако ова е држава каде да се троши на чоколадо кога се нема за леб е очигледно воспоставен modus operandi, не може да не не’ шокира безобразноста со која локалната власт се дрзнала на ваква листа на приоритети во обидот (велам обидот!) за обезбедување на подобри услови за учениците од ова селце. 35 илјади евра за ограда… еееј, ограда!
Нема да набројувам што се’ друго можело да се купи со тие пари имајќи ги предвид условите, ама овој случај сакам да го доведам во контекст на големата македонска слика пред којашто секој министер за образование, а богами и цела Влада, ама и сета општествена елита би требало да наведне глава во огромен срам.

Не е непознато ни дека цели области во Македонија се оставени без училишта, деца пешачат по десетина километри, а кога ќе стигнат во училишните згради таму ги чекаат училници и тоалети и во полоша состојба од оваа во с. Луке.
Овие примери, ќе се појават во јавноста, шокирани сме, згрозени, бесни и после неколку часа, ден – два најмногу, тие се покриени од сликите на „дневната политика“ во коишто –  каква иронија – најмалку се зборува за политика. Партија, препукување, шокови и скандал…

Со замолница да се алармира ако некоја од приказните што следуваат веќе има среќен крај (колку што проверив, таква нема) јас сега ќе потсетам само на неколку примери за коишто самата сум пишувала, во последните две -три години, а вие сигурно ќе се сетите на уште толку. Чисто за да се потсетиме каде живееме и дали следниот пат кога двајца „закрвавени“ ќе се фатат за врат на некоја од прочуените телевизиски дебати, што ги има во суфицит, ќе си дозволите да си помислите макар за момент дека токму тоа е темата што сакате да биде фокус и за која ви е важно што мислат партиските фигури.

Ајде по ред…

Да остане запаметено дека еднакво како за оградата, јавноста се шокираше и кога слушна дека дечиња од кумановско пешачат по шест километри на ден за да може да го завршат задолжителното основно образование. На плус четириесет и на минус дваесет овие мали херои се држат за рачиња и низ карпи и камења успеваат да стасаат до локален пат, таму да чекаат автобус за да ги однесе до училишна зграда. Велат дека со себе носат петарди, за секој случај, ако ги нападнат волци да можат да се одбранат. Учителката открива дека дечињата досега имале среќа  – наместо волци ги напаѓал „само“ пороен дожд, па честопати доаѓале премрзнати и мокри.

По објавувањето на приказната видов дека се јавиле некои компании и Црвен крст, донирале книги, лектири, тетратки, атласи, глобуси, вода, средства за хигиена… Системско решение не може да се донира. На дечињата со петарди останаа да мислат само домашните. И вака, да се сеќава по некој новинар од време на време.

Во село Вратогурце, пак, имаше едно прваче, дете со посебни потреби кое пешачеше двојно повеќе, дури и по 13 км за да може да стаса на училиште. Ако се споредат со него, и ако се занемарат волците, овие првиве деца од кумановско дури се навистина и среќни. Кај случајот во Вратогурце освен јавноста, два месеци после објавувањето на приказната се шокираше и народниот правобранител па отвори и случај, но немаме информации што системот понуди како вистинско решение, покрај солидната идеја за асистенти на децата на кои им треба помош, а за која медиумите пишуваа дека општините никогаш не предвиделе доволно пари, а Министерството за образование тешко броеше колку точно вакви дечиња има.

Не знаеме ниту како се разви сторијата со децата од тетовско Блаце. Тие изгледа беа најсреќни од сите, пешачеа само 2- 3 км низ шума до соседното Милетино и се жалеа зошто никогаш не го виделе бесплатниот автобуски превоз ветен и ставен во политички памфлет. Родителите велеа дека ќе мора сами да се организираат и да платат комбе за нивните деца да можат достоинствено да го користат правото на образование. Најдов вест дека во друг политички памфлет, црно на бело од градоначалникот ветена е реконструкција на овој локален пат. Вест дека ова некогаш навистина се случило не најдов.

Сами се организираа и родителите на Ервин и Лорин, од едно друго Блаце, кумановско. Овие деца заедно со десетина други се запишаа на училиште во друга држава, во Косово, во општината Хани Елезит. И овие деца пешачат по 5 км, таму нема волци, тие немаат отежнат вид, но мора да преминат државна граница оти во нивното село со 150 жители нема каде да учат. Со години бараат изградба на училиште, а одговорот од Министерството за образование е дека општината Чучер – Сандево не ја доставила потребната документација за изградба. Една општина, па уште тоа уште да биде и Чучер – Сандево со години да ти „зафркавала“ едно цело министерство. И цела држава. Оти системот очигледно не гледа проблем што со децении македонски државјани учат во Косово, според косовска образовна програма. Основното, задолжително образование на овие деца им го „решава“ друга држава, ги образуваат туѓи даскали. И за нашиов систем овој факт не е битен. Ова не е приоритет, не е проблем. И после од овие деца ние утре ќе чекаме да бидат лојални, одговорни, посветени македонски граѓани.
………………..
Од овие приказни децата ги спасува само времето – растат и веќе не мора да одат на школо.
Но, гнилите згради и проблемот со непостоечките училишта не се надраснува. Ја славиме македонската азбука и сесловенските просветители, ја славиме писменоста со усти полни за значењето на образованието. А резултатите од ПИСА тестовите се’ позагрижувачки, позициите на универзитетите очајни, јавните настапи на универзитетски професори се погодни за психијатриски вештачења, реформите од МОН се нижат под бајки, а од теренот – вакви приказни.

Ова не се бројки, ова се деца.

Деца на прагот на својот живот. Деца на коишто ваквите околности ќе им го обликуваат развојот. Ќе влијаат врз нивната перцепција за себеси и за светот, ќе им ги поткастрат крилата, ќе им ги затапат сетилата, ќе им ги врзат потенцијалите во крпче, наместо да ги вивнат во лимитот на небото.
Ваква ли основа им даваме на нашите деца? Тие од оваа стартна позиција утре треба да бидат конкурентни на светскиот пазар? Со кое право ние очекуваме од нив да ни испорачаат светски успех кога сме ги заковале во оваа непогодна географија со услови за образование и развој од минатиот век?

Овие приказни не се бројки, ова се деца, нашата иднина. Ова е Македонија денеска, Македонија која не успева да даде можност на секој поединец да ги искористи максимално своите потенцијали. Македонија која го толчи, наместо да го гали детскиот ум и таленти. Ова е Македонија денеска, но ова е и Македонија утре, овие деца ќе пораснат. Тие деца сме сите ние. Соголени пред себеси и пред светот и сликата е грда.

Затоа, приказната за изградената раскошната ограда од почетокот на текстот, што сликовито ни ја презентираа младите колеги од ИРЛ има неверојатна симболика  – зборува за суштината што ни се лизга низ прсти додека сме фокусирани на површноста.

Зборува за неверојатната, необјаснива потреба да трошиме енергија на глупости. Зборува за итрата игра на партиите кои знаат дека поинтересно ви е да следите навреди, клевети, лаги и „тепачки“ наместо судир на концепти и предлози за темите што навистина се важни.
Кога последен пат сте виделе двајца на телевизија, со професионален и смирен тон, со убава енергија и една неопходна добрина, со ентузијазам и со волја да разговараат за тоа како Македонија да стане подобро место за живеење? Па да се натпреваруваат во нивните идеи? Кој нуди подобар пат дотаму?

Се ближат избори. Вчера видов едно ужасно видео во коешто со музика од хорор филм, со темнина и со стравотни букви веќе се води црна кампања. Очекувајте многу такви. Црнила и грозотии. Замајувања и битка кој повеќе ќе навреди. Флоскули и измиени фрази. Дури и во обвинувањата.
Ама вие барајте поинаку! Барајте визии! Барајте суштински идеи и срж! Барајте јасни предлози и конструктивност! Барајте елементарна почит, воспитување и култура во јавниот наратив! Барајте знаење и стручност. Барајте фокус и прецизност! Барајте вистински приоритети! Барајте теми што значат!
Барајте прво образование!
Оти, образованието е најевтина, а најсилна одбрана на една земја, вели Едмунд Берк. Ама кај нас пристапот е евтин. А и калкулативен.
Ниту една Влада сериозно не засукала ракави да го крене овој сектор којшто упорно е предмет на партиски интереси и структури, наместо на професионалци. Проекти коишто пропаѓаат во првата дупка, делумни и неразработени докрај процеси, на пола прекинати текови… Образованието е поле каде што за да се видат први резултати и промени потребно е време и најбитно – потребна е една конзистентност, стабилност и јасна цел, не само во идеите и визијата, туку и во нивната имплементација. Искрена политичка опција и сериозна програма под итно ќе излезе со пакет мерки за спас на македонскиот образовен систем како врвен приоритет! Тука нема дилема.
Затоа, следниот пат кога ќе ви зборуваат за патриотизам, за љубов кон земјата, кога ќе ви ветуваат реформи и промени во кое било поле, кога ќе кажуваат колку е битен јазикот, писменоста и науката – потсетете се на овие приказни. Прашајте кои им се плановите за решенија на овие теми и кој преземал одговорност за ситуацијата досега. Па потоа верувајте им… ако можете.

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

економија1 ден ago

Македонска берза ја одржа својата 22-ра Годишна конференција

македонија2 дена ago

ЕДС АД: Овие потрошувачи беа снабдени со чиста и обновлива енергија

технологии / компании2 дена ago

Технолошките гиганти ги претставија своите нови AI алатки

свет2 дена ago

Може ли технолошкиот могул да влијае на светските чувствителни прашања

регион2 дена ago

Што се крие зад новите тензии помеѓу Србија и Косово?

македонија2 дена ago

Пакомак со паметен систем за управување со амбалажниот отпад до одржлив развој

македонија2 дена ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство

економија2 дена ago

Наместо „трка кон дното“ со даноците, да се вложува во човечки капитал

интервју2 дена ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

економија2 дена ago

Само во август осигурениците наплатиле пет милиони евра од неживотни осигурувања, за 22% повеќе од лани

интервју1 недела ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

банки1 недела ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки1 недела ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

македонија1 недела ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки5 дена ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

свет4 дена ago

Европската комисија: Х(Твитер) на Илон Маск стана легло на дезинформации

македонија2 дена ago

Зошто цените се високи? Трговците ја префрлаат топката на производителите, тие се правдаат со поскапените инпути

интервју2 дена ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

македонија2 дена ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство

економија2 дена ago

Наместо „трка кон дното“ со даноците, да се вложува во човечки капитал