Connect with us

свет

Кој сѐ оваа година ќе се упати кон гласачките кутии

Изборна 2024

објавено

на

Повеќе од половина од светската популација, во повеќе од 80 земји, годинава излегува на избори, кои во контекст на глобалните кризи се од сѐ поголема важност.

За повеќе од 80 земји, меѓу кои и Македонија, 2024 година е изборна година. Граѓани на најслабите, најмоќните, земји со најголемо население, но и најавторитарните режими, треба да излезат на избори и да гласаат. За многумина од нив изборите ќе бидат тест за ограничувањата и недостатоците на нивната демократија, но и вежба како да се подобри состојбата на државата и довербата на граѓаните.

Како и да е, сигурно е дека владејачките партии од овие земји ќе се обидат да ја бојкотираат опозицијата, со помош на прорежимски медиуми и притисок, пишува Гардијан.

Во контекст на актуелните глобални настани, светските кризи и двете војни – во Украина и Израел – изборите што ќе се одржат во некои од овие земји на домашен терен ќе имаат значително влијание врз светските политички околности. Ова се дел од земјите кои се важни актери во геополитичките настани.

Бангладеш

На 7 јануари, премиерот Шеик Хасин го освои петтиот мандат на изборите обележани со безмилосни судири со опозицијата и слаб одѕив. Со месеци пред изборите,  беа уапсени десетици опозициски лидери, како и обични членови на опозициските партии. Она што ги одбележа овогодишните избори беше смртта на некои опозиционери во затворите.

Тајван

На 13 јануари тамошните граѓани го избраа Лаи Чинг-Те за нов претседател. Тоа значеше трет мандат на Демократската прогресивна партија и го налути Пекинг. Неколку дена пред изборите, Кина ги засили своите воени закани и со своите борбени авиони го надлетуваше воздушниот простор на островската земја.

Тувалу

Поранешниот државен обвинител и функционер од областа на  рибарството, Фелети Тео, беше избран за премиер од страна на пратениците, еден месец по општите избори. Овие настани беа внимателно следени од Тајван, Кина, САД и Австралија поради геополитичката борба за влијание во  Пацификот. Земјата е една од трите преостанати партнери на Тајван во Пацификот.

Финска

Поранешниот премиер, чиј политички правец е десниот центар, Александар Стуб, победи во вториот круг од изборите против Пека Хависта. Финците ги означија овие избори како клучни во моментот на руската инвазија на Украина, зголемената безбедносна закана и влезот во НАТО.

Ел Салвадор

Претседателот Наџиб Букеле извојува неверојатна победа на 4 февруари. Оваа победа може да се смета како награда од граѓаните за жестоката и успешна борба против бандите кои ја нарушуваа безбедноста на оваа држава со децении.

Мали

Изборите таму беа закажани за 4 февруари, но владејачката хунта најави нивно одложување. Војската, која дојде на власт со државен удар предводен од полковникот Асими Гоита, се чини дека планира да остане на власт на неодредено време. Оваа западноафриканска земја, инаку,  бележи зголемување на терористичкото насилство откако војската ја презеде власта.

Азербејџан

На 7 февруари, претседателот Илхам Алиев го освои својот петти мандат, и тоа со повеќе од 90 отсто од гласовите. Набљудувачите тврдат дека овие избори не биле ниту слободни, ниту фер. Азербејџан минатата година го анектира отцепениот регион од страна на Ерменија, Нагорно-Карабах, а владата започна акција против независните медиуми.

Пакистан

И покрај противењето на моќната армија, партијата ПТИ на поранешниот премиер Имран Кан освои најмногу гласови на парламентарните избори. Сепак, по внатрешните борби и „политичкото тргување“, партијата одлучи да ги прифати ривалските Пакистанска муслиманска лига-Наваз и Пакистанската народна партија во својата коалиција за да формира влада и да обезбеди преземање на власта.

Белорусија

Парламентарните избори кои се одржаа на 25 февруари САД и Западот ги прогласија за лажирани. Не е ни чудо, бидејќи од 2020 година, кога на изборите победи долгогодишниот диктатор Александар Лукашенко, се поставуваат слични прашања. На изборите Себелоруското национално собрание стана официјално тело со огромни овластувања, а уставната реформа беше направена минатата година. По изборите, Лукашенко најави дека улогата на парламентот дополнително ќе се прошири и дека тој ќе се кандидира за седми мандат во 2025 година.

Камбоџа

Владејачката Камбоџанска народна партија на изборите на 25 февруари однесе убедлива победа. Поранешниот премиер Хун Сен и официјално се врати во политиката. Освен кратката пауза, тој управуваше со земјата четири децении. Активистите за човекови права предупредија дека земјата, каде опозициските лидери се во затвор, „продолжува да се спушта во авторитаризам“.

Иран

Изборите за парламент и за Собрание на експерти (телото кое го избира врховниот лидер) се закажани за 1 март. Врховниот лидер Али Хамнеи веќе го дисквалификуваше поранешниот претседател, реформистот Хасан Рохани, да се кандидира за собранието. Овие избори доаѓаат во време кога Иран се соочува со големи предизвици и тензии со САД и Израел.

Португалија

Вонредните избори беа распишани во ноември, откако социјалистичкиот премиер Антонио Коста поднесе оставка поради истрагата за корупција. Анкетите покажуваат дека партијата повторно ќе освои најмногу гласови, но не доволно за формирање влада. Се предвидува дека коалицијата на десниот центар ќе го има мнозинството на изборите на 10 март, а како и во другите европски земји, се очекува екстремната десница да постигне повисок резултат.

Русија

15-17. март, и избори кои личат на формалност. Претседателот Владимир Путин ќе се „бори“ за својот петти мандат. Опозицијата е под дополнителен притисок по инвазијата на Украина која започна пред две години. Тогаш беа затворени и истакнати опозициски политичари како Алексеј Навални и Илја Јашин. Само еден месец пред изборите, Навални умре под необјаснети околности во затвор и ги напушти оние малкумина  вистински опозиционери. Западните лидери го обвинија Путин за неговата смрт. Ќе се гласа и на окупираните руски територии, кои Русија ги нарекува своја земја.

Украина

На Володимир  Зеленски му завршува петгодишниот мандат, а претседателските избори треба да се одржат оваа пролет. Изборите се суспендирани поради воената состојба, но набљудувачите велат дека гласањето би било добра вежба за зајакнување на довербата на Украинците во владата.

Северна Кореа

Изборите се очекуваат до март. Набљудувачите сугерираат дека поради недостиг на дискусија, изборите би можеле да бидат одложени. Во оваа земја на избори вообичаено излегуваат околу 99,99 отсто од гласачите, а 100 отсто од нив ја поддржуваат владејачката Работничка партија.

Индија

Премиерот Нерендра Моди и неговата хинду националистичка партија се очекува да добијат трет мандат. Регионалната опозиција е посилна во јужна и источна Индија, но на национално ниво изгледа фрагментирана и слаба. Неодамна формираната коалиција на сите главни опозициски партии, под името ИНДИЈА, допрва треба да се обедини за клучните прашања.

Јужна Кореа

Аналитичарите предвидуваат голема трка меѓу двете најголеми партии. Никој од нив не ужива во посебната наклонетост на граѓаните, а, од друга страна, и двете се соочуваат со сопствени внатрешни недоразбирања и борби за лидерство.

Европски парламент

Од 6 до 9 јуни ќе се одржат избори за Европскиот парламент, а популистичките и „антиевропските“ партии бележат сѐ поголем успех на изборите во речиси сите 27 земји. Ова би можело да го промени балансот на парламентот надесно и да ги наруши клучните делови од агендата на ЕУ.

Белгија

Екстремно десничарската партија Влаамс Беланг традиционално е исклучена од белгиските коалициски влади. Сепак, аналитичарите се прашуваат дали тоа би можело да се промени по претстојните парламентарни избори во јуни. Премиерот Александар Де Кру е добро оценет, но неговата популарност не се рефлектира во успехот на неговата конзервативна либерална партија Отворена ВЛД. Според анкетите, оваа партија е на најниско ниво во историјата.

Хрватска

Таму парламентарните избори најверојатно ќе се одржат пред 22 септември, а претседателските избори се најавени за декември. Анкетите предвидуваат дека владејачката Хрватска демократска заедница повторно ќе биде на врвот, со околу 32 отсто од гласовите.

Молдавија

Изборите се очекуваат до ноември. Проевропската претседателка Маја Санду ќе се кандидира за втор мандат, а изборите внимателно ќе се следат поради индициите дека може да има руско мешање и влијание.

Велика Британија

Според анкетите, конзервативниот премиер Риши Сунак се соочува со тешка битка против лабуристот Кир Стармер. Победата на лабуристите ќе стави крај на 14-годишното владеење на ториевците.

САД

На 60. претседателски избори во САД, кои треба да се одржат на 5 ноември, најстариот кандидат досега, демократот Џо Бајден ќе се соочи со поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Светските аналитичари стравуваат дека американската демократија се соочува со големи предизвици, па дури и ја споредуваат претстојната изборна трка со „буре барут“ што може да експлодира во секој момент. Веќе загрозена, но некако опстаната, американската поддршка за Украина и Израел може да биде доведена во прашање. Но, не само тоа, многу внатрешни прашања секако би се смениле со враќањето на Трамп на власт.

банки2 дена ago

Комерцијална банка прва во земјава воведе тактилни платежни картички прилагодени и за слепи лица

свет2 дена ago

Предлог акција за оваа недела: Orlen S.A.

свет2 дена ago

Скокнаа цените на нафтата, гасот, бакарот и алуминиумот

технологии / компании2 дена ago

ЕУ има амбиција да стане „квантна долина на светот“, а хрватски научници имаат голем удел во тоа

регион2 дена ago

Марко Чадеж, Српска стопанска комора: Нашите компании ги мачи финансирањето и недостиг на кадри

македонија2 дена ago

Судбината на фабриката во Бунарџик неизвесна, но можно е и целото производство да се префрли во Македонија

македонија2 дена ago

Македонските е-трговци направиле промет од 453 милиони евра лани

економија2 дена ago

„Зелените“ кредити со годишен раст од речиси 30%

економија2 дена ago

Истражување: Инфлацијата е главен фактор за финансиски стрес

свет2 дена ago

Следната година сонцето и нас ќе нѐ стемни

економија2 дена ago

Истражување: Инфлацијата е главен фактор за финансиски стрес

свет2 дена ago

Скокнаа цените на нафтата, гасот, бакарот и алуминиумот

регион2 дена ago

Марко Чадеж, Српска стопанска комора: Нашите компании ги мачи финансирањето и недостиг на кадри

свет2 дена ago

Следната година сонцето и нас ќе нѐ стемни

македонија2 дена ago

Судбината на фабриката во Бунарџик неизвесна, но можно е и целото производство да се префрли во Македонија

технологии / компании2 дена ago

ЕУ има амбиција да стане „квантна долина на светот“, а хрватски научници имаат голем удел во тоа

економија2 дена ago

„Зелените“ кредити со годишен раст од речиси 30%

менаџмент / маркетинг2 дена ago

Како да ги демотивирате вработените и избркате најдобрите

македонија2 дена ago

Македонските е-трговци направиле промет од 453 милиони евра лани

банки4 дена ago

Управната зграда на УНИБанка во Скопје сама ќе произведува струја од фотоволтаична централа