интервју
Креираме стратешки диверзифицирано корпоративно портфолио – нашите хоризонти се отворени
Адора Бизнис Групација пред нови предизвици

„Адора Инженеринг, пред сè била и ќе биде градежна компанија и нашата основна бизнис пасија е градежништвото. Имаме желба да продолжиме со нови иновативни, подобри од досегашните инвестиции во високоградбата во Македонија. Доколку се создадат услови за тоа, со голем елан и ентузијазам ќе продолжиме да градиме и создаваме дела, кои ќе бидат пример за квалитет, стабилност и современост. Имаме за цел, во долгорочен план, да креираме стратешки диверзифицирано корпоративно портфолио во неколку клучни стопански и економски гранки. Нашите размислувања и хоризонти се отворени, но секако мораме да сме и многу внимателни во овие неизвесни и турбулентни времиња.“, велат сопствениците и топ менаџери на компанијата, проф. д-р Ванчо Чифлиганец, основач и претседател на Адора Бизнис Групација, д-р Драгана Д. Чифлиганец, извршен директор и Душко Чифлиганец, заменик претседател на групацијата, одговорен за бизнис развој.
Адора Инженеринг поради диверзификацијата на своето бизнис портфолио се ребрендираше во Адора Бизнис Групација (AБГ) – познат е веќе значајниот сопственички удел на компанијата во најголемата банка со домашен капитал, Комерцијална, како и неодамнешната инвестиција во топланите од стечајната маса на Топлификација. Изминативе две децении ја препознаваме како најголем градител на станбени единици во Македонија – 3000 изградени станови говорат во прилог на статусот. Сепак, последниве 3-4 години поради мораториумите за изградба во неколку клучни општини, Адора нема нови проекти во земјава, и своите капацитети ги насочи во соседна Србија, преку изградбата на елитниот резиденцијален комплекс на Златибор. Деновиве веста за продажба на најскапиот апартман во „21st Century Zlatibor by Adora“ по цена од речиси 5.000 евра за м² предизвика големо внимание во регионов, а како што ни кажа Душко Чифлиганец, заменик претседател на АБГ и одговорен за проектот, изградбата влегува во својата завршница. Но, малкумина знаат дека компанијата има свои бизнис интереси и во Грција, коишто ги менаџира неговата сестра, д-р Драгана Д. Чифлиганец, извршен директор на групацијата. За тоа што конкретно се случува во моментов под капата на групацијата разговаравме со нив двајца, како и со нивниот татко, се разбира, проф. д-р Ванчо Чифлиганец, основач на Адора Инженеринг, сега претседател на АБГ, коишто ја споделија визијата и плановите за понатамошен стратешки развој на групацијата.
Голем интерес побуди веста дека Адора продаде ексклузивен апартман во новиот комплекс на Златибор за речиси 5.000 евра за m². До каде е реализацијата на 21st Century Zlatibor by Adora, вашиот прв проект во Србија?
Душко Чифлиганец: Проектот во Златибор влегува во својата завршница, односно треба да ги отвори своите врати оваа пролет. Човек секогаш учи нешто ново додека е жив, така што во Адора научивме дека временските услови на планина прилично сериозно влијаат врз условите и динамиката во реализацијата на проектот. Меѓутоа, и покрај тоа, ќе останеме во роковите за завршување на проектот кои првично беа планирани.
Да, елитниот master penthouse апартман Торник го продадовме за 4.800 евра за m², што е досега највисоката постигната цена на Златибор. Можеби цената звучи висока, меѓутоа, иновативноста, авангардноста и нивото на изработка вградени во овој апартман, се навистина пионерски на нашите простори. Горди сме во Адора што успеавме да ја покажеме нашата конкурентност, квалитет и умешност, секогаш да креираме додадена вредност во сферата на „story-telling“ и „boutique“ недвижнините и на српскиот пазар, каде што во моментов се присутни голем број големи светски „real estate development“ имиња и тој важи за еден од најконкурентните и најатрактивните во Европа.

Да објасниме уште еднаш за читателите за каков проект се работи? Имате ли планови и за други градежни проекти во Србија, можеби во Белград?
Душко Чифлиганец: Проектот го промовираме под слоганите „Дефиниција за Планински Хедонизам “ и “Инвестирајте во Апартман кој Ви ги Враќа Вложените Пари “, кои целосно го илустрираат концептот, визијата и мисијата на проектот. Се работи за исклучително елитен и внимателно дизајниран апартмански комплекс, дополнет со сите потребни содржини за одмор и релаксација како што се базен, спа и велнес центар, соба за масажа, фитнес центар, ресторан со врвна гастрономија и можност за in-room dinning, двор за одмор од 700 m², игротека за деца, сала за состаноци и останати содржини. Апартманите се продаваат со комплетно опремен ентериер со исклучителен дизајн до најситни детали како што се крпи, постелнини и прибор за јадење, така што целиот комплекс има целосно унифициран изглед и опремување. Важен податок е тоа што во имотниот лист апартманските единици се водат како најнормални станови, и се со површини помеѓу 35 и 50 m², освен неколкуте penthouse станови кои се поголеми и важат за шлагот на комплексот.
Во што се состои вистинската додадена вредност за купувачите? Сопствениците на становите можат да ги користат своите станови/апартмани заедно со сите придружни содржини кога и колку што ќе посакаат, а во остатокот на времето, нашата новоформирана компанија Adora Hospitality Group ќе ги изнајмува апартманите и ќе се грижи за нивно комплетно одржување, како и за целокупниот комплекс.
Всушност, посетителите нема ниту да знаат дека се работи за станови кои имаат различни сопственици, туку ќе имаат идеја дека се сместени во хотел со 5* ( ѕвездички ). На овој начин, на купувачите ќе им се обезбеди годишен поврат на инвестицијата од 6 до 8 проценти, и истовремено имаат елитен апартман за одмор во секое време. Вредно е да се спомене дека овој концепт на инвестициски апартмани го создадовме после темелни физибилити студии, а како дополнителна гаранција за успешноста на целиот модел, во Adora Hospitality Group имаме партнер со долгогодишно искуство во оваа област. Што се однесува на продолжување на нашите инвестициони активности во Србија, сакам пред сè да упатам особена благодарност до српските локални и државни власти за исклучителната институционална ефективност и интегритет во работата. Морам да кажам дека сме многу задоволни од приемот кој го имаме како странски инвеститори, а уште повеќе би сакал да му се заблагодарам на српскиот народ што бевме пријателски прифатени и како луѓе на топол начин и со искрено срце.
Бизнис климата во Србија моментално сметаме дека е исклучително поволна, продажбата на проектот во Златибор оди одлично, така што, имаме желба и интензивно разгледуваме конкретни проекти за продолжување на нашите градежни инвестиции во Република Србија.
Освен во Србија, името на Адора се поврзува и со градењето на ексклузивни вили на елитни апартмани за одмор на морскиот брег во Грција?
Драгана Д. Чифлиганец: Во услови на пандемиска криза, која се надоврза на мораториумот, односно забраната за градење во одредени општини во Скопје, потребата од брза адаптација, професионалниот порив и потрагата по нови бизнис предизвици во сферата каде што сме докажан предводник, иновациите во високата градба, ме однесоа во Грција. Државата, народот и јазикот ми се добро познати од времето кога студирав и магистрирав економија на интернационалниот универзитет Шефилд во Солун, па веројатно и тоа беше причина плус да ја насочам мојата активност на грчкиот пазар на недвижности. Покрај изградбата на комплексот со ексклузивни вили во Криопиги, на морскиот брег на Халкидики, на само 3 часа возење од Скопје, особено сум горда на рекордно брзата изградба на бутик хотелот во Скала Потамиа на островот Тасос, во непосредна близина на Golden Beach, една од најубавите плажи во Грција. Хотелско-апартманскиот комплекс на прекрасниот зелен Тасос, од темел до целосна изградба со комплетно опремување за престој на гости, беше завршен за само пет месеци, од февруари до август годинава, за што сама со мојот автомобил извозив 60.000 km во време на пандемија. Сега работам на реализација на нов проект за реконструкција на станбено-деловен објект во строгиот центар на Солун.

Што се случува со градежните активности во Македонија? Мораториумите на ДУП-овите ги замреа практично проектите на Адора, кога компанијата го достигна својот зенит, каква е состојбата во моментов?
Ванчо Чифлиганец: Адора го искористи вакуум просторот создаден вештачки со мораториумите во Македонија за да се пласира на пазарите во соседните земји. Доколку продолжи неповолната бизнис клима во градежништвото–високоградба во нашата земја, особено за домашните инвеститори, Адора инженеринг ќе продолжи да гради во соседните земји. Како компанија ниту сакаме да додаваме, ниту сакаме да одземаме, единствено за што се залагаме и се бориме изминативе 20 години на македонскиот пазар, градежништво-високоградба е да создадеме услови за еднаков третман на сите инвеститори кои ќе инвестираат во висококвалитетни, модерни, објекти со многу зеленило. Градби со кои ќе ги подигнеме стандардите и ќе ја издвојат Македонија, односно ќе ја постават на рамниште на европските и светските стандарди. Состојбата во моментов за жал се’ уште е непроменета, меѓутоа, искрено се надеваме и упатуваме апел до локалните власти за експедитивна реакција и ефикасно решавање на спорните прашања, сè со цел повторно оживување на градежниот бизнис, којшто секогаш бил и ќе биде клучен фактор за економскиот развој и просперитетот на нашите граѓани.
Објаснете ни малку подетално какви се плановите со инвестицијата во Топлификација АД во стечај. Што точно ќе прави компанијата што ќе биде под капата на Адора?
Душко Чифлиганец: Пред сè, морам формално да го исправам прашањето. Адора не инвестираше во Топлификација АД во стечај, туку од стечајната маса ги купи комплексот топлани Исток и Запад без никакви дополнителни обврски од друштвото и стечајниот процес. Значи, ние купивме чист имот, двете топлани кои се основни средства за регулираното производство на топлинска енергија во главниот град Скопје. Оваа наша одлука беше составена од повеќе мотиви. Како што веќе изјавивме во јавноста, сметавме дека пред сè, бизнис од ваков државен и јавен интерес заслужува да биде во рацете на домашна компанија. Понатаму, како дел од нашата долгорочна стратегија, да креираме диверзифицирано корпоративно портфолио во неколку клучни економски и стопански гранки, веќе подолго време имаме за цел навлегување во различни сфери на енергетскиот бизнис, а токму регулираното производство на топлинска енергија е добра основа за истото.
Направивме темелни физибилити студии, изработени од врвни домашни стручњаци кои години наназад се вклучени во тематиката, што покажаа дека бизнисот има огромен простор за напредок и иновации и голем простор за дополнителен развој во иднина. Сите овие фактори, надополнети со нашиот афинитет за деловни предизвици, што во Адора секогаш е водечка сила, придонесоа за оваа наша бизнис диверзификација. Имаме една единствена цел за овој бизнис – а тоа е усовршување, оптимизација и модернизација на процесот на регулираното производство на топлинска енергија во главниот град во склоп со сите модерни технологии, во интерес на јавното добро и граѓаните. Секако, тоа е комплексен и долгорочен процес.

Градежништво, енергетика, финансии и хартии од вредност (најголем поединечен акционер во Комерцијална банка). Прераснувате веќе во своевиден конгломерат, групација… Како ја гледате Адора за 5 или 10 години? Ќе има ли и други полиња на интерес за инвестирање во блиска иднина?
Ванчо Чифлиганец: За да ги ублажиме последиците од мораториумот, се решивме изминативе години да направиме диверзификација на бизнисот. Адора брзо реагираше и се преструктуираше, влегувајќи сериозно во финансискиот сектор со купување на акции во неколку котирани компании, а голем дел од портфолиото го инвестиравме во сопственичката структура на една од најголемите банки со домашен капитал, Комерцијална банка АД Скопје, станувајќи најголем поединечен акционер во банката.
Ќе потенцирам дека, пред сè, Адора Инженеринг била и ќе биде градежна компанија и нашата основна бизнис пасија е градежништвото. Имаме желба да продолжиме со нови иновативни, подобри од досегашните инвестиции во високоградбата во Македонија. Доколку се создадат услови за тоа, со голем елан и ентузијазам ќе продолжиме да градиме и создаваме дела, кои ќе бидат пример за квалитет, стабилност, современост. Ние сме компанија којашто е една од предводниците во градежната фела, и како таква, чувствуваме одговорност да продолжиме на нашите граѓани и на следните генерации да им овозможиме да домуваат во квалитетни објекти (градби) достојни за светска почит.
Покрај градежништвото во нашата држава, имаме некои поголеми амбиции да го развиваме овој бизнис и подалеку од нашиот регион, меѓутоа, рано е да дискутираме за истото. Не би ја нарекувал Адора конгломерат, ниту сметам дека нашата големина е приближна на конгломерат, но како што изјави мојот заменик и предводник на бизнис развојот во Адора, Душко, имаме за цел, во долгорочен план, да креираме стратешки диверзифицирано корпоративно портфолио во неколку клучни стопански и економски гранки. Нашите размислувања и хоризонти се отворени, но секако мораме да сме и многу внимателни во овие неизвесни и турбулентни времиња.
Објаснете ни малку повеќе и за вашите активности во општествената одговорност. Тој дел го проширивте и на српскиот пазар, преку соработката со фондацијата на Ѓоковиќ, а веќе седум години делува и Фондацијата „проф. д-р Ванчо Чифлиганец“. Кои се најзначајните активности на ова поле во последнава година?
Ванчо Чифлиганец: Адора Инженеринг полни 20 години е општествено одговорна компанија и постојано инвестира во градењето на подобро општество за сите, вложувајќи повеќе од 5 милиони евра во спортот, културата, образованието, здравството… Изминативе четири години без разлика на мораториумите, поради кои застанавме со изградба на нови објекти, адекватно продолживме да помагаме и го задржавме континуитетот во нашата хумана мисија. Адора и Фондацијата „проф. д-р Ванчо Чифлиганец“ ја продолжија општествено корпоративната традиција, секогаш да враќа нешто назад во средините во коишто инвестира. Оваа длабоко врежана корпоративна традиција секогаш да враќаме нешто назад во општините каде што имаме деловни активности, ја пренесовме и во Србија.
Тоа го покажавме пред сè преку соработката со Фондацијата „Новак Ѓоковиќ“, продолжувајќи ја нашата заедничка филантропска мисија со изградбата на градинка во село Љубиш близу Златибор, со цел да го спречиме иселувањето на луѓето од ова мало место. Имаме и други активности во оваа сфера. Меѓу позначајните се поддршката на фудбалскиот клуб Златибор каде што сме еден од главните спонзори, помагањето на традиционалниот фудбалски Куп на Пријателство во Златибор итн. Мојот син Душко во една пригода изјави: Вистинскиот успех на компаниите се мери според квалитетот на општеството, што умеат да го создадат во средината во која делуваат. Би се сложил
со него.