економија
Кризата, како за кого…
Анализа на резултатите на котираните компании во првиот квартал

И во услови на отежнато работење како последица на се’ уште незавршената ковид –пандемија, сето тоа засилено со ефектите од војната во Украина врз глобалната економија, дел од македонските компании од неколкуте клучни индустриски и услужни сектори успеаја да забележат добри резултати во првиот квартал од 2022. Со остварените профити предничат банките, со зголемувања во однос на лани и по 45%, при што трите најголеми банки во државава, имаат околу 40% од целокупната добивка на сите стотина компании котирани на берза. Сектори коишто поминаа добро се и нафтените деривати, фармацијата, додека градежништвото, на пример, се соочува со последици од нереализираните капитални инвестиции, поскапените инпути, итн.
Македонската индустрија, како и услужниот сектор, влегоа во 2022 година со оптимизам дека последиците од ковид пандемијата пополека ќе почнат да се санираат и дека ќе останат предизвиците како што се отежнатите логистички синџири, зголемените цени на светските берзански стоки, намалената ликвидност, итн. Како сето тоа да не беше доволно, на крајот од февруари почна инвазијата на Русија врз Украина, којашто покрај ненадоместливите загуби на човечки животи и големите уништувања на инфраструктурата во земјата, предизвика и цела низа на последици врз глобалната економија: поскапување на енергенсите, цените на основните прехранбени производи, како и дузина метални и неметални суровини чиишто големи извозници се двете завојувани земји.
Во такви околности, со сите овие надворешни притисоци, да видиме како работеа во првиот квартал компаниите што котираат на Македонската берза, каде што има претставници од неколкуте клучни сектори: базичната индустрија, градежништвото, нафтените деривати, прехраната, фармацијата и финансиските услуги.
„Нафташите“ повторно ги дочекаа своите пет минути
Во делот на базичната индустрија, челичарницата Макстил, првите три месеци од годинава ги заврши со значително зголемување на приходите од продажба и добивката, вклопувајќи се во позитивниот тренд на закрепнување на глобалната челична индустрија, кој почна минатата година, но како што велат во компанијата, полека паѓа во сенката на руско – украинскиот конфликт.
„Во следниот период се очекува уште поголемо влијание од војната, непосредно преку зголемување на цените на енергенсите и берзанските производи, особено на влезните суровини потребни за челичната индустрија, како и постојаните прекини во синџирот на снабдување, којшто создаваше проблеми уште пред почетокот на воениот конфликт во Украина“, велат од Макстил.
Компанијата за првите три месеци има речиси двојно зголемување на приходите од продажба, на 2,59 милијарди денари, поради зголемениот обем на испорачани количини на готови производи и променета структура на испораките во корист на сопствени продажби, за сметка на испораки по осно на договори за преработка, како и поради зголемување на цените на производите.
Добивката пред оданочување во првиот квартал изнесува 258 милиони денари и е за повеќе од трикратно поголема во однос на истиот период лани.
Нафтените компании во земјава, Окта и Макпетрол, исто така имаа успешен квартал, што се гледа по остварените приходи и добивки.
„Глобалната побарувачка на нафта и нафтени деривати бележи закрепнување во првиот квартал на 2022 година, продолжувајќи ги движењата постигнати во текот на 2021 година, што претставува значајна промена во однос на 2020 година, кога индустријата за нафта и гас беше сериозно погодена. Порастот на побарувачката за бензин и дизел е резултат на континуираните патувања од страна на потрошувачите, како и закрепнувањето на деловната активност поради повторното отворање. И покрај зголемениот број на заразени со Ковид-19, индикаторите за мобилност останаа силни, додека геополитичката криза што се појави кон крајот на февруари, предизвика нарушување во снабдувањето со нафта и доведе до нагло зголемување на меѓународните цени на горивата.“, објаснуваат од најголемиот снабдувач со нафтени деривати во земјава, Окта.
Приходите од продажба на компанијата во првиот квартал се зголемени за 2,6 пати, на 11,3 милијарди денари, при што приходите на домашниот пазар се зголемени за 2,7 пати на 8,9 милијарди денари, додека на странски пазар за 2,4 пати, на 2,4 милијарди денари. Трошоците на продадените производи и услуги се зголемени за 2,6 пати, на 10,7 милијарди денари.
Бруто маржата во првите три месеци изнесувала 630 милиони денари, надминувајќи ги 286 милиони денари од минатата година, додека добивката пред оданочување достигна 478 милиони денари, речиси тројно поголема од лани.
Макпетрол, исто така, има зголемување на приходите од продажба во првиот квартал, и тоа за 80%, на 7 милијарди денари, додека оперативните расходи се зголемени за 75%, на 6,84 милијарди денари. Добивката пред оданочување е неколкукратно зголемена во однос на првиот квартал лани и изнесува 215 милиони денари.

Градежниците погодени од кризата, инфлацијата и нереализираните капитални инвестиции
Кај градежниот сектор, на Берза котираат неколку компании, од коишто ќе ги анализираме резултатите на Гранит и Бетон. Гранит има вкупни приходи во првите три месеци поголеми за 15%, и изнесуваат 778,8 милиони денари, додека вкупните расходи на компанијата се 772,9 милиони денари и бележат зголемување, за исто така 15%. Во рамките на оперативните расходи, трошоците за материјали и суровини бележат зголемување за 32% во однос на минатата година, пред се како резултат на зголемување на пазарните цени на одредени клучни материјали за изградба како и недостигот и доцнењата во нивна испорака. Компанијата има добивка од редовното работење во износ од 5,9 милиони денари, што е за 23% поголема од лани, додека вкупна сеопфатна добивка од 125,3 милиони денари, како резултат на евидентирана нереализирана добивка од зголемување на пазарната вредност на портфолиото акции што ги поседува друштвото во прв квартал од 2022 година.
“Секторот градежништво во времето на текот на пандемијата продолжи да функционира, но во изменети и новонастанати околности. Исто така, кризата во Украина како и зголемување на цените на енергенсите и континуираниот пораст на цените на суровините, порастот на минималната плата а со тоа и пораст на сите останати плати, ќе имаат влијание на пораст на трошоците на главните инпути во наредниот период.”, велат од Гранит.
Кај Бетон, пак, се забележува големо намалување на приходите од редовно работење во првиот квартал, од дури 65%, на 69,2 милиони денари, додека расходите на компанијата се намалени за 4%, на 203 милиони денари. Резултатот е оперативна загуба од 136 милиони денари и нето загуба од 146 милиони денари.
Во делот на индустријата на градежни материјали, Адинг бележи вкупен приход од 111,6 милиони денари, што е поголем за 22% од лани. Во првиот квартал компанијата има вкупни расходи од 102,4 милиони денари, поголеми за 18,2%. Остварена е добивка пред оданочување од 9,8 милиони денари, помала за 20% од лани.
„Во период на намалена градежна активност во земјата, со последици предизвикани од пандемијата на Ковид-19 коишто се уште се чувствуваат, нереализираните капитални инвестиции од државата, сеприсутниот проблем со неликвидноста кај компаниите и војната во Украина која ја поттикна инфлацијата, Адинг редовно ги подмирува своите обврски кон компаниите, вработените, акционерите, финансиските институции и државата. Сето наведено придонесе за зголемување на кредитната задолженост за речиси 30 милиони денари“, објаснуваат од Адинг.

Фармацијата стандардно добра
Во делот на фармацијата, најголемата компанија во земјата во оваа сфера, Алкалоид, во првиот квартал има вкупни консолидирани продажби од 3,62 милијарди денари, што е за 11 % повеќе во споредба со првиот квартал лани.
Консолидираната оперативна добивка достигнала 423 милиони денари и бележи раст од 5 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 361,4 милиони денари е зголемена за 4 %.
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 9 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 %. Од вкупните консолидирани продажби 33 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 67 % се остварени на странските пазари.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2022 година изнесуваат 218, 6 милиони денари, што е за 22% повеќе во споредба со истиот период во 2021 година.
Според компанијата, она што како тренд започна во 2021 година, а ќе доминира и во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака.
„Сето ова веќе започна да влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следи. Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започнувајќи од 24 февруари 2022 година, Алкалоид презема неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обезбедувајќи им сигурни услови. Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.“, велат од компанијата.
Реплек, пак, во првите три месеци има консолидирани приходи од продажба зголемени за 2%, на 360,7 милиони денари, при што приходите на странски пазар се зголемени за 1,6%, и учествуваат со 71% во вкупните приходи од продажба, додека приходите од продажба на домашен пазар се зголемени за 3,2%. Приходите од продажба на сегмент фармација се зголемени за 5,6% во однос на лани, додека приходите од продажба на трговија на разни стоки и угостителски услуги се помали.
Консолидираната добивка пред оданочување изнесува 57,9 милиони денари и е помала за речиси 30% во однос на лани, поради намалување на приходите од продажба кај трговијата на разни стоки и угостителски услуги (Реплек Маркет првиот квартал го заврши со загуба), додека кај консолидираните оперативни расходи се забележува зголемен трошок за електрична енергија, амортизација, трошок за вработени и зголемени цени на суровините и амбалажата.
Во делот на земјоделието и прехранбената индустрија, ЗК Пелагонија има пораст на приходите од продажба за 26%, на 159,4 милиони денари, но и раст на останатите оперативни приходи, на износ од 62,6 милиони денари. Добивката на компанијата изнесува 82,2 милиони денари.
Прилепска Витаминка, има пораст на приходите во првиот квартал за 17%, на 833 милиони денари, додека расходите се 839 милиони денари, пораст од 18%.
Остварена е добивка од 13,7 милиони денари, што е поголема за 10% од лани.
Од компанијата велат дека се задоволни од трендот на приходите, но дека е неблагодарно да се предвидува што ќе се случува до крајот на годината, поради големата макроекономска нестабилност.
„Воениот конфликт во Украина, високата инфлација и геополитичката состојба и понатаму е непозната. Оперативниот тим на друштвото води посебна грижа за готовинскиот тек.“, велат од Витаминка.
Кондиторската фабрика Европа од Скопје, во првите три месеци има зголемени оперативни приходи за 13,3%, на 200 милиони денари, додека вкупните приходи се зголемени за 11,6% на речиси 180 милиони денари. Добивката за првиот квартал е речиси 20 милиони денари и е за 5,2% поголема во однос на лани.
Производителот од месната индустрија, Пекабеско, во првиот квартал има приходи од работењето од 1,16 милијарди денари, за 16% повисоки од лани и расходи од 1,14 милијарди денари, поголеми за 17%. Компанијата која што покрај преработките на месо, се занимава и со дистрибуција на стоки за широка потрошувачка, има добивка од 15,2 милиони денари, пониска за 35% во однос на лани. Според менаџментот, главните причини за послабиот резултат се: состојбата на замрзнати продажни цени со владина одлука за период од 1.12.2021 до 28.02.2022 година; пораст на трошоците за енергија за 200% во однос на минатата година како и раст на сите влезни цени за набавка на суровини и репроматеријали; и појава на африканска чума и неможност да се извезува на некои нивни пазари во јануари и февруари.
За банките нема зима, профитите растат и по 45%
Банките продолжуваат со успешни резултати, односно зголемени приходи и добивки и покрај кризата и неизвесноста во која се наоѓа домашната економија генерално. Ќе ги анализираме резултатите на трите најголеми банки во државава, според износот на активата, Стопанска банка – Скопје, Комерцијална банка и НЛБ Банка.
Стопанска банка – Скопје во првиот квартал бележи зголемување на нето приходите од камати за 8%, на 991,5 милиони денари, најмногу како резултат на зголемените кредитни активности. Трендот на ниски каматни стапки е се’ уште присутен, со поголем ефект кај каматните расходи поради поголемиот износ на депозити во однос на кредити. Нето приходите од провизии и надоместоци се поголеми за 5% и изнесуваат 214,2 милиони денари, најмногу поради зголемениот обем на активности во делот на платниот промет и картичното работење. Зголемени се и нето приходите од курсни разлики, за 40%, на 41,7 милиони денари, додека останатите приходи од дејноста се зголемени за 55%, на 133,5 милиони денари. Во првите три месеци, Стопанска –Скопје поради резервации за лоши пласмани издвоила 182,8 милиони денари, сума која е помала за 24% во однос на истиот период лани.
Остварената добивка пред оданочување изнесува 736,4 милиони денари и е повисока за 30% во однос на лани.
Комерцијална банка има зголемување на вкупните приходи од работењето за 6,7%, на 1,12 милијарди денари, при што нето приходите од камата се поголеми за 9,6% главно како резултат на зголемувањето на приходите од камата од кредити дадени на нефинансиски друштва, држава и домаќинства, како резултат на зголемено кредитирање, додека нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 250,8 милиони денари и се поголеми за 4%. Нето приходите од курсни разлики изнесуваат 57,3 милиони денари и се зголемени за 37%, а останатите приходи од работењето изнесуваат 186,9 милиони денари и се намалени за 0,4%, во најголем дел како резултат на помалиот износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот, додека приходите од наплатените претходно отпишани побарувања се зголемени.
Комерцијална банка има добивка пред оданочување од 522,6 милиони денари, што е за 45% повеќе во однос на лани. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 1,1% поголема во однос на истиот период минатата година.
НЛБ Банка, во првите три месеци има нето добивка од 653,6 милиони денари, што е зголемување од 30,9%, и како што вели во образложението на финансискиот резултат, ова се должи на континуирани продажни активности на кредитните продукти со особен фокус кај населението, микро, малите и средни претпријатија и зголемен број на корисници на платните сервиси на Банката. Нето каматните приходи во првите три месеци се повисоки за 4,4%, нето приходите од провизии се повисоки за 6,7%, додека останатите некаматни приходи се намалени, главно поради пониски наплати на претходно отпишани побарувања кај нефинансиски правни лица и население. Вкупните приходи од работење изнесуваат 1,24 милијарди денари и се повисоки за 3,9%.