Connect with us

интервју

Куштрим Рамадани: Енергетската состојба во земјава е алармантна – или ќе го зголемиме домашното производство на струја, или ќе плаќаме увоз по вртоглави цени

Куштрим Рамадани, генерален директор на АД МЕПСО

објавено

на

Со генералниот директор на државниот електроенергетски оператор АД МЕПСО, г-дин Куштрим Рамадани, разговаравме во екот на голема енергетска криза што ја тресе Европа и светот, а којашто се пренесува и на македонска почва. Цените на струјата на европските берзи достигнуваат вртоглави нивоа, за 4-5 и повеќе пати повисоки во однос на цените од пред една година, а Северна Македонија во моментов со сопствено производство може да задоволи само околу половина од потрошувачката на електрична енергија. Според Рамадани, се наоѓаме во ситуација кога мора да го зголемиме домашното производство, што е дискутабилна опција од повеќе причини, или да набавиме струја по цени што одат и преку 270 евра за мегават – час. Во спротивно, ќе не’ чека неизвесна зима, со рестрикции во снабдувањето.

Г-дин Рамадани, ќе почнеме со најактуелното прашање во моментов: дали не’ очекува тешка зима од аспект на снабдувањето со струја?

Да, пред нас е голема неизвесност во поглед на снабдувањето со струја, иако обичниот граѓанин можеби во моментот тоа не го гледа затоа што нема никакви рестрикции во снабдувањето и сл.. Меѓутоа, ние во МЕПСО, коишто сме секојдневно соочени со одржување на стабилноста на мрежата и јас како прв човек на компанијава, одговорно ви тврдам дека ситуацијата е алармантна.

Проблемите не се од денеска, туку уште пред 3-4 месеци ние забележавме дека цените на електричната енергија на европските берзи почнаа да одат нагоре. На почетокот на август јас побарав неформален состанок со Регулаторната комисија за енергетика на којшто се обидов да ги убедам колегите дека ќе ни претстои тешка зима. Цените на струјата во Европа почнаа нагло да растат, а нам хидро акумулациите ни се скоро празни. Тогаш акумулираните резерви беа на околу 20%, сега се дојдени на 10%. Како што знаете немаше снег минатата година, а и сезоната беше сушна од аспект на дождови.

Зошто се битни хидро акумулациите ако ние 70% – 80% од производството на струја го добиваме од термоцентралата РЕК Битола?

Затоа што кога имаме дебаланс на производството и потрошувачката, а изминативе месеци имаме, преку кревањето на нивото на водата во акумулациите ги одржуваме напонските прилики во системот. А сега, хидроцентралите практично не ни работат, додека РЕК Битола работи само со еден блок, за којшто, како што знаете, треба да набавиме јаглен, а имаме тешкотии во тоа. Јаглен треба да набавиме и за РЕК Осломеј, додека ТЕЦ Неготино, којашто работи на мазут, исто така имаме проблем да ја вклучиме со целосен капацитет. Последица на сето ова е што ние во моментов можеме да произведеме околу половина од струјата што ја трошиме секој ден, а остатокот мора да се увезе. А, замислете само дека температурите се се’ уште релативно високи и зимата ни е пред прагот, што значи дека потрошувачката на струја допрва ќе расте.

Колку струја ние треба да увеземе секој ден? Колкава е разликата помеѓу тоа што го произведуваме и трошиме како држава?

Во понормални околности, еве во 2015 година на пример, на увезена струја отпаѓала 33% од потрошувачката, потоа во 2020 година имаме нагло покачување на увозот, а за 2021 ќе биде уште поголем уделот на увезената струја. Околу 4.500 мегават – часови е разликата помеѓу производството и потрошувачката дневно, значи ни фали производство, ни фали енергија во мрежата. Тоа се околу еден милион евра вредна струја дневно, според сегашните цени на европските берзи.

Ние, бидејќи не можеме да произведеме колку што трошиме, повлекуваме од европската мрежа, значи нашиот дебаланс во мрежата, го пренесуваме во европската мрежа, што не би смееле да го правиме.

„Во моментов хидроцентралите практично не ни работат, додека РЕК Битола работи само со еден блок, за којшто, како што знаете, треба да набавиме јаглен, а имаме тешкотии во тоа. Јаглен треба да набавиме и за РЕК Осломеј, додека ТЕЦ Неготино, којашто работи на мазут, исто така имаме проблем да ја вклучиме со целосен капацитет. Последица на сето ова е што ние во моментов можеме да произведеме околу половина од струјата што ја трошиме секој ден, а остатокот мора да се увезе.“

Поради тоа, во МЕПСО веќе четврти пат периодов добиваме предупредување од Свисгрид, центарот во Арау, Швајцарија, којшто ја контролира средноевропската мрежа на електрична енергија, односно нивниот софтвер нонстоп мониторира дали има некакви отстапувања, коишто пак предизвикуваат отстапувања во фреквенцијата на струјата во средноевропската мрежа, која мора да е 50 херци. Дозволено отстапување во фреквенцијата е 0,2%, и кога тоа е поголемо, може, на пример,  да направи проблем во дигиталните часовници (будилници, часовници на железнички станици и аеродроми, во фабрики, итн.) коишто работат по дадената фреквенција. Ние значи, правиме упад во средноевропската струјна мрежа, и надлежните оттаму се прилично фрустрирани поради тоа.

Ова е голем проблем и јас апелирав неколку пати до сите засегнати страни  – надлежните министерства, Владата, РКЕ, ЕСМ и ЕВН – производството и потрошувачката да се прилагодат.

Како ќе го прилагодиме тоа?

Мора да го зголемиме домашното производство како знаеме и умееме или ќе купуваме струја од увоз, по сегашниве цени коишто достигнуваат и по 270 евра за мегават – час, додека лани ова време цената беше 50-тина евра. Трето нема, инаку ќе останеме без струја и ќе имаме рестрикции.

Зошто цената на струјата во Европа стигна до овие нивоа? Што се случи на пазарот?

Високата цена е последица од сплет на неколку фактори. Прво, западноевропските земји следејќи ја амбициозната агенда на ЕУ за елиминирање на сите фосилни горива како извори на енергија до 2050 година, почнаа да ги затвораат електраните на јаглен и нуклеарните централи, каде што Германија предничи, на пример. Во тој транзиционен период до потполно преминување на обновливи извори – ветер, сонце и вода – гасот е примарно гориво на коешто работат централите за производство на струја во европските земји. Гасот до пред извесно време беше евтин и немаше никакви проблеми со цените на струјата, но цената на гасот сега урива рекорди, затоа што Русија, којашто е главниот снабдувач на Европа со гас, си има некои свои сметки во контекст на глобалната геополитика, и следствено, цените на струјата нагло скокнаа.

Второ, во западна Европа имаше неповолни хидролошки услови, значи хидро акумулациите не можеа да се наполнат, а и ветер снема во Германија, Шпанија и останатите земји што имаат значителни капацитети инсталирано во ветропаркови.

И сега го имаме тоа што го имаме, цени на струјата и до пет пати повисоки во однос на претходната година, а што е пострашно, струја фали, односно количествата не се доволни да ја задоволат потрошувачката.

Сакате да кажете, дека и на развиените економии од ЕУ им фали струја во моментов?

Да, струјата во моментов е глобален проблем, затоа што не е само во Европа тешка ситуацијата, енергија фали и во Кина, најголемата „фабрика на светот“ во моментов, каде што струјата ја добиваат претежно од електрани на јаглен, а тие немаат доволни количества на јаглен, па мораат да увезуваат од Русија и сл. Поради влијанието на пандемијата, односно мислејќи дека локдауните ќе траат подолго, немаат добро испланирано потребни количини на енергија и сега фабриките им стојат, па трпи цел свет, односно сите индустрии коишто чекаат делови и репроматеријали од Кина.

Во некои земји од западна Европа струјата е веќе поскапена за 40%, 50% и повеќе, а ситуацијата не оди кон подобро. Во ЕУ струјата е на целосно либерализиран пазар и домаќинствата веќе ги трпат последиците од ова дивеење на цените. Во Северна Македонија, како што знаете, струјата за домаќинствата е со регулирана, субвенционирана цена и засега е на исто ниво.

Има ли шанси цената на струјата за домаќинства да поскапи набрзо поради сите овие фактори што ги наведовте досега?

Видете, поради нискиот животен стандард во земјава, пазарот за струја не е целосно либерализиран, односно струјата за домаќинства се третира како социјална категорија и нејзината цена се менува само со одлука на државата. Во моментов, струјата до домаќинства ја испорачува универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, којшто ја добива од производителот Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) за околу 36 евра по мегават – час, што е 7-8 пати пониска цена од онаа што важи сега на европските берзи. Но, замислете да беше и пазарот на струја за домаќинства либерализиран и сега луѓето, ако плаќале 50 евра за струја месечно, да треба да плаќаат 200 или 300 евра?! Во западна Европа цените на струјата пропорционално гледано учествуваат со многу помал удел во месечната потрошувачка кошничка одошто во Северна Македонија, и кај нас државата решила да го заштити животниот стандард, колку и тоа да е непазарно.

Но, тоа има своја цена, односно државата од буџетот ја компензира разликата помеѓу пазарната и регулираната цена за домаќинства. А, како што ви кажав, сега имаме намалено домашно производство на струја и мораме повеќе да увезуваме одошто сме увезувале лани или претходните години. Со моменталните околности, не знам уште колку време ќе може државата да ја субвенционира цената за домаќинствата, и дали наскоро ќе има поскапување. Владата  и РКЕ најавија дека до крајот на годината нема да има промена, но за потоа ништо не се знае.

А, како се одразуваат ценовните шокови на струјата врз правните субјекти, бизнисите, затоа што тие купуваат струја на слободен пазар?

Кога околностите се нормални, либерализираниот пазар е придобивка за потрошувачите, затоа што снабдувачите со струја се борат секој да понуди пониска цена, па имавме ситуација цената за малите потрошувачи, на пример, да биде пониска на слободен одошто на регулираниот пазар. Но, сега имаме глобален проблем, глобална енергетска криза  и цените на струјата на европските берзи коишто вивнаа до небо, па увозниците на струја и снабдувачите не може да понудат ниски цени повеќе. Тие ги намалуваат своите маржи секојдневно за да понудат пониски цени, но колку може тоа реално да има влијание кога цените стигнаа до 270 евра за мегават – час.

Токму затоа и се случуваат тие откажувања на договорите од страна на снабдувачите, коишто се најдоа во незавидна ситуација, затоа што никој не можел да предвиди до каде ќе отидат цените на струјата на европските берзи. Државата може да им ги одземе лиценците, тие да пропаднат, но тие се капка во морето од проблеми што ги имаме сега. Компаниите потрошувачи на енергија секако мора да набават струја, затоа што мора да работат. А, јас веќе имам сознанија за компании што се големи потрошувачи на струја, дека веќе ги редуцирале производните капацитети. Компании коишто учествуваат со значителен дел во бруто домашниот производ и во македонскиот извоз.

Директоре, како влијае целиот овој контекст врз работата на МЕПСО? Минатата година компанијата прокнижи загуба од речиси 6 милиони евра, годинава веројатно уште полошо ќе биде…

Врз МЕПСО како електропреносен оператор актуелнава енергетска криза влијае многу лошо. Прво, од аспект на управување со мрежата, како што би објаснив претходно, хидро акумулациите се празни и ние имаме тешкотии да го регулираме напонот во мрежата. Овие налудничави цени на струјата на европските берзи, на дневно ниво нас како оператор не’ чинат од 600 илјади до еден милион евра, а до крајот на месецот ќе стигнат 15 милиони евра, што ние треба да ги платиме и тоа ќе биде голем удар врз ликвидноста на МЕПСО. Ние имавме годишен прилив по основ на тарифи за пренос, од околу 30 милиони евра, а сега за месец дена ние пола од таа сума треба да ја дадеме поради отстапувањата во мрежата. Ако не интервенира државата, ние до крајот на месецот ќе станеме неликвидни оти нема да може да ги подмириме редовните обврски..

Лани загубата се должеше пред сè на намалените прекугранични капацитети, односно ако претходно сме наплаќале по 22-23 милиони евра за преносот на струја од Србија за Грција и сл., лани тој износ беше преполовен, односно 11 милиони евра, а годинава ќе биде околу 9 милиони евра. Тој прекуграничен пренос се намали поради пандемијата претежно, затоа што во Грција во летната сезона на пример, се повлекува многу струја од Србија и другите околни земји, а лани и годинава туристичката сезона е многу послаба. Така, сето ова влијаеше значително врз нашите финансиски резултати.

„Овие налудничави цени на струјата на европските берзи, на дневно ниво нас како оператор не’ чинат од 600 илјади до еден милион евра, а до крајот на месецот ќе стигнат 15 милиони евра, што ние треба да ги платиме и тоа ќе биде голем удар врз ликвидноста на МЕПСО. Ние имавме годишен прилив по основ на тарифи за пренос, од околу 30 милиони евра, а сега за месец дена ние пола од таа сума треба да ја дадеме поради отстапувањата во мрежата. Ако не интервенира државата, ние до крајот на месецот ќе станеме неликвидни оти нема да може да ги подмириме редовните обврски.“

Како влошувањето на финансиските резултати влијае врз проектите на МЕПСО коишто се во тек?

Ние имаме десетина проекти коишто се во тек, би го спомнал само далноводот Битола – Елбасан, којшто ќе ни донесе голем бенефит во стабилноста на мрежата и ќе не поврзе подобро со западноевропската мрежа. Работиме и на ревитализација на мрежата низ целата територија на државата, затоа што допрва ќе се случуваат се’ повеќе приклучоци на новите производители на струја од фотоволтаици и од ветер, и ние мора да сме спремни за тоа.
Но, проектите сега се проблематизираат, затоа што ние имаме влошена финансиска ситуација. За да ја користиме отворената кредитна линија од ЕБРД во износ од 100 милиони евра, ние мора да покажеме одредени финансиски показатели. Со минусот лани од 6 милиони евра едвај некако успеавме да ги задоволиме критериумите,  и да успееме да повлекуваме пари од кредитите, но сега со овие показатели ќе биде практично невозможно. А, од друга страна имаме потпишано договори со подизведувачи како Кончар, Енергоинвест, Далековод Загреб, итн., коишто во случај на кочење на исплатите кон нив, може да бараат пенали и сл.

На скоро одржаниот Енергетски форум истакнавте дека бележите растечки тренд на барањата за приклучување на обновливите извори на енергија на електроенергетската преносна мрежа. Што значи тоа за МЕПСО конкретно, кои се најважните задачи за компанијата во овој контекст и како актуелнава криза ќе влијае врз нивно исполнување?

Зеленото сценарио од Националната стратегија за развој на енергетиката предвидува до 2040 година да се интегрираат 750 мегавати капацитет  од ветерници и уште 1350 мегавати  од фотонапонски електрани, што значи преку 2 гигавати вкупно капацитет, а интересот за обновливите извори на енергија  веќе сега е надминат за два-три пати.

Интегрирањето на обновливите извори  како клучен дел од планот за енергетска трансформација е вистински предизвик за операторите на преносните системи.  МЕПСО има две важни задачи за исполнување, најпрво да создадеме услови за да им овозможиме на обновливите извори на енергија да се приклучат на преносната мрежа и второ, да ја менаџираме произведената енергија. 

За ефикасна интеграција на обновливите извори  која ќе доведе до транзиција кон  зелена енергија, потребни се инвестиции во електропреносната мрежа, зголемување на капацитетот и нејзината ефикасност со воведување на паметни технологии, стриктни правила за балансирање но и засилена регионална соработка, платформа за балансирање и воведување на системи за складирање на енергијата.

Ние досега немаме одбиено ниту едно барање за приклучување на обновливи извори во мрежата, и правиме планови дали треба да се зголемат капацитетите на мрежата. Но, пак ќе кажам, сега се вонредни околности, се наоѓаме во страшна енергетска криза  и наш приоритет сега како држава мора да биде ублажување на последиците и напори да не дојде до рестрикции во снабдувањето.

Каква е според вас иднината на енергетиката во земјава, дали ние некогаш можеме да бидеме држава што е енергетски независна од увоз и сл.?

Видете, ние во земјава имаме досега најавени околу четири гигавати капацитети на фотоволтаици и ветерници, додека на хартија, досега се „инсталирани“ два гигавати моќност. Овие капацитети допрва треба да се реализираат, но тоа се извори на енергија што се менливи во природата на производство. Фотоволтаиците не може да произведуваат струја ноќе или кога нема доволно сонце и сл., а  и ветерот некогаш го има, некогаш не.

Затоа предизвик за енергетиката на планетава е побрзиот развој на батериите коишто ќе може да ја складираат енергијата произведена од ветер и сонце кога ќе има вишок, а потоа да ја вратат во мрежата кога ќе има потреба.  Се надевам дека за неколку години ќе има усовршени батерии  и тој проблем полека, но сигурно, ќе се надминува.

Но, како и да е, дебалансот помеѓу производството од обновливи извори и потрошувачката мора да се порамнува со она што се нарекува базна енергија, а неа може да ја добиеме од вода, јаглен и гас. Бидејќи јагленот веќе отпаѓа како опција, поради зелената агенда на Европа кон која се приклучивме и ние како држава, а гасот како што гледате го загуби веќе епитетот на евтин и сигурен енергенс, нас како добра опција ни е, на пример, проектот на хидроелектраната Чебрен. Проект, којшто за жал, стана историски според проблемите и одолговлекувањето што се случи, но ако конечно почне да се реализира, а имам сознанија дека постои интерес од сериозни играчи на европскиот пазар да влезат во изградбата, ќе биде добро за базната енергија, за да може мрежата да функционира без проблеми.

економија2 дена ago

Македонска берза ја одржа својата 22-ра Годишна конференција

македонија2 дена ago

ЕДС АД: Овие потрошувачи беа снабдени со чиста и обновлива енергија

технологии / компании2 дена ago

Технолошките гиганти ги претставија своите нови AI алатки

свет2 дена ago

Може ли технолошкиот могул да влијае на светските чувствителни прашања

регион2 дена ago

Што се крие зад новите тензии помеѓу Србија и Косово?

македонија2 дена ago

Пакомак со паметен систем за управување со амбалажниот отпад до одржлив развој

македонија2 дена ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство

економија2 дена ago

Наместо „трка кон дното“ со даноците, да се вложува во човечки капитал

интервју2 дена ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

економија2 дена ago

Само во август осигурениците наплатиле пет милиони евра од неживотни осигурувања, за 22% повеќе од лани

интервју1 недела ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

банки1 недела ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки1 недела ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

македонија1 недела ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки6 дена ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

свет5 дена ago

Европската комисија: Х(Твитер) на Илон Маск стана легло на дезинформации

македонија2 дена ago

Зошто цените се високи? Трговците ја префрлаат топката на производителите, тие се правдаат со поскапените инпути

интервју2 дена ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

македонија2 дена ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство

економија2 дена ago

Наместо „трка кон дното“ со даноците, да се вложува во човечки капитал