македонија
Лизе Фур, ЕТНО: Европа ја препозна важноста на дигитализацијата, потребно е да продолжиме да инвестираме во иднината

„Сметам дека нема значителна разлика помеѓу земјите во Европа кога станува збор за дигиталните можности. Секаде каде што е достапна конективност следат иновации. Она што е важно е дека Европа ја препозна важноста на дигитализацијата и дека и покрај доста фрагментираните телекомуникациски пазари, индустријата сепак има остварено стабилен напредок во распоредувањето и зајакнувањето на дигиталната инфраструктура.“
Овогодишното собрание на Европската асоцијација на телекомуникациски оператори (ЕТНО) се одржува во Македонија, а како член на асоцијацијата, Македонски Телеком се наоѓа во улога на официјален домаќин на настанот. Со таа цел, денеска разговараме со Лизе Фур, Генерален директор на ЕТНО, која преку ова интервју ќе ни каже нешто повеќе за работата и активностите на асоцијацијата, како и за важноста и темите на дискусија на годишното собрание.
–За почеток, да дадеме еден вовед за полето на кое работи вашата организација. Можете ли да ни објасните, накратко, како делува ЕТНО и кои се обврските на Асоцијацијата?
ЛФ: Пред сѐ, би сакала да Ви се заблагодарам за можноста да бидам интервјуирана како дел од Генералното собрание чијшто организатор и домаќин е нашиот член, Македонски Телеком. ЕТНО ги претставува водечките оператори на телекомуникациски мрежи во Европа, надвор од границите на Европската Унија. Главната заложба на нашите членови е унапредувањето на дигиталната агенда на Европа и остварувањето на целите на Дигиталната декада на Европа во врска со конективноста: 5G и гигабитна конективност за сите европски граѓани до 2030 година. За да стигнеме до таму, потребни се регулаторни и политички мерки, насочени кон поттикнувањето инвестиции во дигиталната инфраструктура на Европа за сите граѓани да бидат поврзании да не ја пропуштат дигиталната можност.
–Кои се членовите на ЕТНО? Како тие учествуваат во работата на Асоцијацијата?
ЛФ: Од Дојче Телеком, Orange или Telefonica, до BT, Македонски Телеком и Malta Go, нашето членство опфаќа бројни оператори со различен, но сепак европски отпечаток. Нашите членови се темелот на дигиталниот напредок на Европа, а инвестициите коишто тие ги реализираат од година во година опфаќаат 70% од вкупните инвестиции од страна на целокупниот телекомуникациски сектор.
Од организациска гледна точка, ЕТНО е структуриран во работни групи, а своите работни активности ги фокусира на работните текови во областа на телекомуникациите и дигитализацијата. Работните групи ја претставуваат главната сила којашто стои зад сѐ: од извештаите за идејно водство, до технички студии, документи за позиции или консултации со чинителите –лидерите на целокупната содржина којашто ние ја изготвуваме. Од гледна точка на управувањето, ЕТНО брои 12 Извршни членови на Одборот, вклучувајќи и еден Претседател на Одборот. Претседателот се избира од страна на Одборот, додека Генералното собрание ги именува членовите на Одборот врз основа на гласање. Ова тукушто се случи неделава во Скопје.

–Во последните три години бевме сведоци на големи промени и иновации во светот на телекомуникациите: усовршувањето на технологиите како 5G и оптика, метаверзум и слично… Како тие се одразија на телекомуникацискиот екосистем во Европа? Како го оценувате темпото на напредок?
ЛФ: Во изминатите три години беше забележан особен дигитален напредок во Европа. Со гордост можам да кажам дека нашиот сектор се докажа како отпорен и од суштинско значење за сите Европејци.
Рестриктивните мерки преку ноќ наметнаа остри промени во шемите на сообраќајот и однесувањето на корисниците. Соочен со досега невидени предизвици, нашиот сектор ги одржа граѓаните поврзани, економиите продуктивни на далечина, децата со пристап до учење од дома, а пациентите лекувани со телемедицина. Предуслов за сето ова беа инвестициите во конективноста. Со засилувањето на темпото на пандемијата, членовите на ЕТНО интензивно распоредуваа 5G и широкопојасни мрежи.
Токму затоа во Европа беше евидентиран најголемиот инвестициски подвиг во текот на четири години, со износ од 52.5 милијарди евра во капитални расходи (CapEx) во 2020 година. Како последица на тоа, покриеноста со оптика до домот опфаќаше повеќе од 50% од Европејците уште во 2021 година, и понатаму продолжува да вклучува уште повеќе домаќинства. На сличен начин, уделот на Европејците покриени со 5G се дуплираше од 30% во 2020 година на 62% во 2021 година.
Членовите на ЕТНО во моментов се наоѓаат на врвот од циклусот на 5G инвестиции, па затоа ова е клучен момент за да се продолжи со стабилен напредок и да се достигнат целите на Европската дигитална агенда до 2030 година, па можеби дури и порано. Накратко кажано, сметам дека Европа оствари значителен напредок, но треба уште да се работи за да ја поминеме финиш линијата навремено.
–Што ќе биде во фокусот на ЕТНО следната година? Очекуваме ли нови трендови во телекомуникациските и мрежните услуги?
Првенствено, ние треба да бидеме свесни за контекстот којшто ни претстои: ни се приближуваат забрзана инфлација, високи цени на енергијата и бавен раст. Токму затоа од суштинско значење е секторот да биде подготвен да инвестира и по 2023 година, вон целите на Дигиталната декада. Доколку сакаме да го фатиме возот на метаверзумот, како што посакуваат Европскиот комесар Тиери Бретон и други лидери, ние треба да осигуриме дека телекомуникацискиот сектор во Европа е здрав и стабилен.
Новите дигитални услуги, вклучително и метаверзум, но и многу други коишто сѐ уште не се ни измислени, ќе стават поголем притисок на нашите мрежи. Токму затоа ЕТНО започна дебата на почетокот од оваа година којашто ќе стекнува сѐ поголема релевантност: дали сите чинители коишто остваруваат придобивка од дигиталните мрежи придонесуваат подеднакво во распределбата на трошоците за распоредувањето на мрежите?
Наредната 2023 година ќе биде клучна за ангажирање на сите чинители и изнаоѓање решение на европско ниво кое може да биде поволно за сите граѓани на Европа. Друг приоритет за нашиот сектор за следната година ќе биде да продолжиме да ја играме улогата на клучен двигател на политиките и трендовите за иновации, вклучувајќи 6G, квантни мрежи, со особен акцент на енкрипцијата.
Дополнително, ние ставаме силен акцент на дијалогот на европските и меѓународните чинители со другите играчи во индустријата,технолошките компании, вертикалните индустрии, малите и средните претпријатија, но исто така и со меѓународните управни тела како Меѓународниот телекомуникациски синдикат, Форумот за управување со интернетот и Трансатлантскиот технички совет.

–Домаќин на овогодинешното собрание на ЕТНО е Македонски Телеком. Може ли да се повлече паралела помеѓу можностите коишто корисниците ги имаат ширум Европа и оние коишто ги имаат македонските корисници? Како се споредува овој пазар со остатокот од континентот?
Овогодинешното Генерално собрание е важно за нашето членство: тукушто ја одржавме првата средба со физичко присуство на нашето членство од 2019 година, по 2 години онлајн средби. Многу сме им благодарни на нашите домаќини од Македонски Телеком што ни го овозможија ова. Навистина се забавуваме тука во Скопје. Среќна сум што гледам дека можноста за 5G е добро прифатена во Северна Македонија -дури 26 градови имаат можност да користат 5G комерцијални услуги, што е навистина амбициозно.
Сметам дека нема значителна разлика помеѓу земјите во Европа кога станува збор за дигиталните можности. Секаде каде што е достапна конективност следат иновации. Она што е важно е дека Европа ја препозна важноста на дигитализацијата и дека и покрај доста фрагментираните телекомуникациски пазари, индустријата сепак има остварено стабилен напредок во распоредувањето и зајакнувањето на дигиталната инфраструктура.