интервју
Лилјана Павлова: Сакаме да ја видиме Северна Македонија со позелена, дигитална и инклузивна економија
Лилјана Павлова, потпретседател на Европската инвестициска банка за Западен Балкан

„Кога станува збор за закрепнување од последиците на Ковид – 19, работиме со македонските партнери со цел поддршка на малите и средни претпријатија, односно зачувување на работните места и приходите. На макроекономско ниво, сакаме да помогнеме да се постават основи за долгорочен одржлив економски и социјален раст на Северна Македонија и регионот. Сакаме да го видиме Западен Балкан во ЕУ, со позелени, повеќе дигитални и инклузивни економии, конкурентни на регионалните, европските и глобалните пазари.“
Европската инвестициска банка, со седиште во Луксембург, е кредитната институција на Европската унија, најголемата мултилатерална финансиска организација на планетава. Од своето основање во 1958 година досега ЕИБ има инвестирано преку илјада милијарди евра во 140 земји, главно во областите на одржлив развој, борба против климатските промени, заштита на животната средина, иновации, мали и средни претпријатија и инфраструктура.
Европската инвестициска банка е активна и во Северна Македонија, каде што досега има инвестирано речиси една милијарда евра во околу 30 проекти, поддржувајќи клучни сектори на економијата. При неодамнешната средба на македонската владина делегација со челниците на ЕИБ беше истакнато дека Банката е подготвена да ја прошири својата успешна соработка со земјава и понатаму да придонесе кон остварување на европските стандарди за конкурентност на домашната економија, да поддржи големи инфраструктурни проекти и транзиција кон позелен, дигитален и инклузивен економски модел.
Подетално околу плановите на ЕИБ за Северна Македонија и нејзиното досегашно финансирање разговаравме со потпретседателката на ЕИБ одговорна за Западен Балкан, г-ѓа Лилјана Павлова, во ексклузивното интервју за Капитал.
Г-ѓа Павлова, кои се клучните приоритети и стратешки цели на вашиот мандат како потпретседател на ЕИБ задолжена за Западен Балкан?
Прво, ви благодарам за ова интервју за магазинот Капитал. Има три приоритети – закрепнување од Ковид-19 кризата, трансформација на регионалните економии кон зелени, дигитални и инклузивни економии и обезбедување сигурност дека Северна Македонија и Западен Балкан ќе имаат што поголем бенефит од можностите што ги отвораат инвестициите вредни повеќе милијарди евра, предвидени со Економскиот и Инвестициски план на Европската комисија.
Кога станува збор за закрепнување од последиците на Ковид – 19, ќе работиме со локалните партнери со цел поддршка на малите и средни претпријатија, односно зачувување на работните места и приходите. На макроекономско ниво, ние сакаме да помогнеме да се постават основи за долгорочен одржлив економски и социјален раст на Северна Македонија и регионот.
Банката на ЕУ ќе има за цел да поддржи не само повеќе работни места, туку и нови километри модерна и побезбедна транспортна инфраструктура, нови болници, училишта и модерна дигитална инфраструктура и услуги низ целиот регион. Овие се чекори од витално значење бидејќи тие се клучни и за побрзо закрепнување од Ковид – 19 и за побрзо пристапување кон ЕУ.
Второ, сакаме да го видиме Западен Балкан во ЕУ, со позелени, повеќе дигитални и инклузивни економии, конкурентни на регионалните, европските и глобалните пазари. Ова бара економска трансформација што ќе отвори врата за возбудливи можности за инвестирање и мило ми е што Владата на Северна Македонија веќе работи со ЕИБ за да ги идентификува начините што ќе обезбедат земјата да може да има што повеќе корист од овие можности. Мојот приоритет ќе биде овој процес да е брз, ефикасен и корисен за Северна Македонија.
Третите приоритети се оние утврдени во силниот Економски и Инвестициски план на Европската комисија во износ од 9 милијарди евра за Западен Балкан. Овој нов план ќе финансира клучни инвестиции во регионот како што се одржлив транспорт, подобрување на виталната инфраструктура и создавање на заеднички регионален пазар. Ќе се создаде нов Гарантен механизам за Западен Балкан со цел поддршка на приватниот сектор и со потенцијал да биде обезбедување за нови инвестиции до 20 милијарди евра. Ние би сакале да видиме заеднички регионален пазар со постабилна клима за инвестиции, нови можности за креирање работни места и подобра поврзаност со вредносните синџири на ЕУ како резултат на овие иницијативи.
Во колкав износ се средствата што Северна Македонија ги доби како поддршка од ЕИБ во 2020 година со цел справување со последиците од Ковид – 19 пандемијата и конкретно за какви програми беа насочени?
За Северна Македонија, групацијата ЕИБ одобри нова кредитна линија за финансирање мали и средни претпријатија (МСП) за да им помогне да ги задржат вработените, ликвидноста и континуитетот на бизнис активностите, во износ од 20 милиони евра во 2020 година. Наскоро ќе започне уште една програма за поддршка на МСП во износ од 100 милиони евра. Навистина сме охрабрени од неодамнешната средба со премиерот Заев и гледаме основа за да ја зголемиме оваа поддршка во 2021 година.
Ние сме подготвени да обезбедиме финансиска и советодавна поддршка за Северна Македонија – ова значи дека можеме да понудиме прифатливо финансирање и грантови, да привлечеме дополнителни инвестиции и да ѝ помогнеме на земјата да подготвува проекти што ќе бидат исплатливи.
За да бидеме сигурни дека ќе бидеме што е можно поефективни, ЕИБ ги активира работите за отворање своја канцеларија во Скопје и уверени сме дека со нивото на посветеност што го гледаме кај премиерот Заев и неговата влада, можеме да донесеме уште поголема придобивка за Северна Македонија.
Ние сме подготвени да ја зајакнеме нашата позиција како еден од најголемите мултилатерални инвеститори во земјата и регионот.
Во мај 2020 година, ЕИБ придонесе со 1,7 милијарди евра во финансискиот пакет Тим Европа (TeamEurope) на Европската комисија вреден 3,3 милијарди евра за да му помогне на Западен Балкан да ги ублажи најитните негативни ефекти од пандемијата. Во текот на 2020 година, Групацијата ЕИБ мобилизира над 1 милијарда евра за да му помогне на регионот да се справи со најитните проблеми во здравствениот и приватниот сектор, во областите кои беа најтешко погодени.
Згора на тоа, усвоивме исклучителни мерки со зголемена флексибилност со цел забрзување на распределбата на постојните и новите средства за итен одговор на кризата. ЕИБ ослободи 873 милиони евра ново финансирање за клучните проекти во инфраструктурата и приватниот сектор што ќе ја зголемат подготвеноста за итни случаи во иднина и ќе го поддржат закрепнувањето од Ковид – 19 кризата.

Што значи програмата Тим Европа и колкав износ на средства од вкупниот пакет од 3,3 милијарди евра се предвидени за Северна Македонија? За какви се’ цели се насочени овие пари?
Од самиот почеток беше евидентно дека влијанието на пандемијата ќе биде огромно и далекосежно, па затоа ЕУ и меѓународните финансиски институции ги здружија напорите за да обезбедат помош. Пакетот „Тим Европа“ беше лансиран на 8 април 2020 година за поддршка на земјите партнери на ЕУ во борбата против пандемијата Ковид-19 и економската криза како резултат на тоа. Финансиската поддршка комбинира ресурси од ЕУ, нејзините земји – членки и финансиски институции, особено Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
За Западен Балкан, Тим Европа и Европската комисија усвоија финансиски пакет од 3,3 милијарди евра како одговор на кризата, за да се забрза социо -економското закрепнување од пандемијата Ковид-19. Како што неодамна изјави амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија Дејвид Гир, Европската унија веќе придонесе со над 226 милиони евра за ублажување на здравствените, социјалните и економските ризици во Северна Македонија.
Како што напоменав претходно, ЕИБ во пакетот за Западен Балкан придонесе со 1,7 милијарди евра од коишто повеќе од една милијарда веќе се искористени.
Кои се според анализите на ЕИБ најранливите точки на македонската економија во периодот што следи? Дали сметате дека државата добро се справи со економските последици од здравствената криза и ако имаше некакви слабости во одговорот на кризата, кои се тие?
Според Индексот на економска ранливост од Ковид-19 што го изготвува ЕИБ , а којшто ја мери отпорноста на економиите кон шокот од пандемијата, земјите чиишто производствени сектори се потпираат на инпутите произведени во странство, можат да бидат поранливи со оглед на неодамнешните локдауни и полициски часови во локациите каде што се произведуваат тие инпути.
Меѓу економиите на Западен Балкан, Северна Македонија очигледно спаѓа во групата со повисока изложеност на глобалните вредносни синџири, особено кога станува збор за текстилната и преработувачката индустрија. Генерално, индексот на индустриското производство падна за 10,6% во првите единаесет месеци од 2020 година, во споредба со истиот период во 2019 година.
Затоа, кризата Ковид-19 предизвика остра контракција на БДП од 5,4% во 2020 година, додека пак се очекува скок во 2021 година, благодарение на мерките за одговор на владата, заживување на нарушените синџири на производство и снабдување и обновување на приватната потрошувачка.
Колкав износ на средства од ЕИБ досега се пласирани во Северна Македонија преку кредитните линии што ги сервисира државната Развојната банка? Кои се клучните резултати во македонската економија што ги постигнаа овие кредитни линии?
Развојната банка на Северна Македонија е сигурен партнер на ЕИБ и досега преку нашата соработка сме обезбедиле 450 милиони евра за малите и средни компании. Овие кредитни линии беа реализирани под поволни и прифатливи услови со ниски каматни стапки и долги рочности за инвестиции во областите на економијата на знаењето, енергијата, заштитата на животната средина и услугите. Целта беше да се промовира раст, вработување и развој на вештини кај локалните мали и средни претпријатија.
До денес, ЕИБ има ослободено 653 милиони евра за македонските мали и средни претпријатија, одржувајќи над 99 000 работни места и поддржувајќи ја одржливоста и конкурентноста на локалната економија.
Кои се најзначајните развојни проекти што во моментов се одвиваат во Северна Македонија со поддршка на ЕИБ, а што се планира допрва да се финансира?
Во областа на развојот на инфраструктурата, ЕИБ финансира изградба на станица за третман на отпадни води во Скопје, која ќе обезбеди пристап до вода за пиење и санитарни услуги на околу 500.000 луѓе. На подолг рок, проектот ќе го намали загадувањето на водите, ќе ја заштити животната средина и јавното здравје.
Друга значајна инвестиција се 100-те милиони евра наменети за изградба на новиот автопат на делницата Демир Капија и Смоквица на паневропскиот коридор 10. Оваа транспортна мрежа е од витално значење за Западен Балкан, минувајќи низ Австрија, Словенија, Хрватска, Србија и Северна Македонија и потоа поврзување со Грција. Овој проект ќе ги зголеми капацитетот и безбедноста на сообраќајот, истовремено унапредувајќи ја регионалната трговија и приближувајќи ја Северна Македонија до регионот и ЕУ.
Кога станува збор за закрепнување од Ковид-19, ЕИБ и ПроКредит банка потпишаа договор за кредитна линија од 15 милиони евра наменета за мали и средни компании во Северна Македонија во 2020 година. Овие средства ќе им помогнат на локалните компании да ги одржат своите деловни активности и работни места во моменти кога се соочуваат со досега невидени ризици за ликвидноста и вработувањето. Тоа ќе им обезбеди многу потребни финансии за решавање на проблемите со обртниот капитал и потребите за инвестиции, истовремено ублажувајќи го економскиот шок предизвикан од пандемијата. Кредитната линија е дел од иницијативата на ЕУ „Тим Европа.“
Во 2020 година, Европскиот инвестициски фонд, дел од групацијата ЕИБ, ослободи дополнителни 5 милиони евра за микро компании и стартапи во рамките на Програмата на ЕУ за вработување и социјални иновации (EaSI). Овие гаранции од ЕУ ќе ѝ овозможат на Силк Роуд банка АД Скопје да понуди производи за микрофинансирање под поповолни услови за микро компании, т.е. заеми до 25.000 евра, особено за ранливите категории и микро-претпријатијата.
Во врска со идните планови, ЕИБ активно размислува за ново финансирање на Северна Македонија во секторите за транспорт, животна средина, МСП и здравствена заштита во соработка со Европската комисија и останатите партнери, особено во делот на Инвестициската рамка на Западен Балкан. На пример, ЕИБ учествува како водечка меѓународна финансиска институција во развојот на европскиот железнички коридор 8. Овој приоритетен проект ќе ја комплетира конекцијата помеѓу Црното Море и Јадранското Море и ќе прошири почист и поодржлив режим на транспорт.
Што разговаравте со македонскиот премиер Зоран Заев при неговата посета на ЕИБ во Луксембург, какви заклучоци произлегоа од средбата?
Нам ни беше задоволство што го пречекавме премиерот Заев во Луксембург и разговорите што ги водевме со македонската делегација го зајакнаа нашиот оптимизам за иднината на нашите долгогодишни односи. Се согласивме да ја прошириме нашата успешна соработка и да се осигуриме дека земјата и нејзините граѓани ќе имаат што поголема корист од инвестициските можности вредни повеќе милијарди евра што ги споменав претходно. Од наша страна, ЕИБ изрази посветеност да ја поддржи Северна Македонија во закрепнувањето од Ковид – 19 кризата, пристапниот пат кон ЕУ и транзицијата кон позелен, поинклузивен и поодржлив економски модел. Во согласност со националните цели, ЕИБ ќе ја поддржи Зелената агенда и подготовката на енергетски ефикасни и дигитални проекти.