Connect with us

политика

Македонија во Европа и Европа дома – што ќе ни успее прво?

Планот за европски реформи нема да ја чека Софија

објавено

на

Годишниот план за работа на Владата наречен “Агенда: Европа дома“ е досега најсеопфатен документ, кој не само што опишува задачи и конкретни реформи, туку делегира конкретни надлежности и има свои рокови. Тука се сумирани клучните и најпотребни чекори што секоја институција треба да ги направи за длабоки и коренити промени – ветувани повеќе од три децении. Сега кога овој план е тука има само две прашања – дали ќе се имплементира и зошто граѓаните да веруваат дека овој пат ќе биде поинаку, ако се има предвид бројот на стратегии и документи за реформи што досега се донесени.

Годишниот план за работа на Владата наречен “Агенда: Европа дома“ е досега најсеопфатен документ, кој не само што опишува задачи и конкретни реформи, туку делегира конкретни надлежности и има свои рокови.

Тука се сумирани клучните и најпотребни чекори што секоја институција треба да ги направи за длабоки и коренити промени – ветувани повеќе од три децении. Сега кога овој план е тука има само две прашања – дали навистина доследно ќе се имплементира и зошто граѓаните да веруваат дека овој пат ќе биде поинаку, ако се има предвид бројот на стратегии и документи за реформи што досега се донесени.

Македонија кон крајот на минатата година требаше конечно да ја дочека својата прва заедничка меѓувладина конференција со ЕУ, што во суштина значи и формален почеток на преговорите, но позицијата на Бугарија спречи тоа да се случи.  Овој документ во сенката на овие случувања може да се толкува како манифестација на разочараноста, па утехата на лисицата од басната на Езоп со киселото грозје, но доколку добро се прочита целиот план јасно е дека се работи за еден различен пристап, во којшто освен задачи, прецизно е наведена и одговорноста на конкретни институции (заедно со одговорни службеници) што имаат конкретни рокови за исполнување. Од Владата велат дека не се работи за никаква супституција на процесот на преговори, оти овие реформи се целосно комплементарни токму со преговарачкиот процес и се фокусирани на Кластерот Фундаменти, оној што ги содржи поглавјата што први се отвораат во преговорите, а комплементарен е и со останатите владини стратегии и програми за работа. Поентата е, велат од таму, да не се создаде опасност од застој на реформите поврзани со европеизацијата на земјата, додека трае бугарската блокада.

Во суштина се работи за истите реформи што секако се дел од преговорите и за коишто до скоро тврдевме дека тешко можеме да ги спроведеме сами. Оттука, ова ќе биде еден голем тест за Владата околу нејзината искреност и посветеност кон вистинска трансформација на државниот систем, на сметка на политизацијата на Европа, како мистична дестинација погодна за таложење на политички капитал, а слаба во реализацијата на суштинските доближувања кон европските стандарди.

Палката за следење на процесот е природно во Секретаријатот за европски прашања, од каде што се задолжени во текот на следната година, на секоја владина седница да реферираат за темпото, успехот или застојот на дадени министерства во спроведувањето на Агендата, а предвидени се и големи извештаи пред јавноста за целокупноста на процесот, што ќе се објават во мај, септември и декември.

Што предвидува Документот?

На презентацијата на документот на прес-конференција во Владата, премиерот Зоран Заев  истакна дека во  „Агенда Европа дома“ се преточени принципите и заложбите поставени како приоритет во владината Акција 21, со што помеѓу двата документи нема судир.

“Преку реализацијата на овој план граѓаните ќе добијат подобри услуги и подобар живот за уште еднаш да докажеме дека Северна Македонија го заслужува местото  во ЕУ и дека природно припаѓа во европското семејство на народи“ вели Заев.

Акцентот на новиот владин документ е ставен на изборната реформа, правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, темелните човекови права, реформите во медиумската сфера, економското владеење и на реформата во јавната администрација, а содржи и мерки кои се дел од поглавјeто животната средина и климатските промени.

Го подготви вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров со тимот на  Секретаријатот за европски прашања, а консултирани се невладини организации кои работат во областа на евроинтеграциите како и Делегацијата на ЕУ. Изготвен е врз основа на препораките на Европската комисија, Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, а ја зема предвид новата методологија на преговори и се фокусира на кластерот Темели, којшто ја диктира и динамиката  на самите преговори.

„Агендата Европа дома“ е нашиот искрен влог во европската агенда како наша суштинска определба. Европеизацијата на македонското општество не смее да чека, а нашиот план за завршните процеси на оваа агенда, очекуваме да донесе исто толку позитивен извештај и за оваа 2021 година. Нашата „Агенда Европа дома“ само се надоврзува на досието на Северна Македонија во Брисел и безусловната порака за старт на преговорите од извештајот за 2020 година“, порача Заев.

Според него, Владата успеа да ја постави земјата на патот на безбедноста и сигурноста и постигна значителен напредок во клучните политички и економски области. Станавме 30-та членка на НАТО и добивме едногласна безусловна препорака од Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори, за жал, посочи, поради недавање на согласност од една земја-членка за одобрување на рамката за преговори, првата меѓувладина конференција за официјално започнување на преговорите се уште се нема случено.  

„Долго сме во процесот и секако нема да запреме. Се соочуваме со предизвици, но нема да бидеме обесхрабрени. Продолжуваат политичките и дипломатски напори и обиди за отстранување на ветото од Бугарија. Кога сме посветени и сплотени резултатите ќе дојдат“, рече Заев.  

Според вицепремиерот Димитров, „Агендата Европа дома“ ги отсликува реформските заложби на Владата и треба да овозможи мапирање на клучните чекори и нивно будно следење заедно со притисок за исполнување на дадените обврски.

„Нè чека многу работа, но и јас, и СЕП и Владата, сме подготвени да ги впрегнеме институциите и да ги разбиеме митовите дека стратегии и планови се прават само тогаш кога се сака да се избега  од вистинска работа. Целта ни е да обезбедиме фокус, следливост и отчетност во реформските чекори за да има видливи конкретни резултати, рече Димитров.

Посочи дека СЕП, како главен мотор на процесот на европеизација ќе пристапи кон ревизија на механизмот за управување и координација на пристапните преговори, заради негово усогласување со новата методологија за преговори на ЕУ.

-Ова значи дека ќе ги ревидираме структурите за преговори, грижејќи се за соодветна координација и инклузивност на процесот, за сите општествени чинители и фактори да си го најдат своето место, за да бидеме спремни во моментот кога стартот ќе биде најавен. И за СЕП има домашни задачи во Европа дома, заклучи вицепремиерот за европски прашања Димитров.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, со оценка дека Агендата „Европа дома“ е нов неуспешен „План 3-6-9“,„План 18“, „Акција 21“.

Факт е дека ништо суштински не е преземено, а Заев потроши нови четири години тапкање во место, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Спроведувањето на „Агенда Европа дома“ СЕП ќе го следи на неделна основа, а вицепремиерот Димитров ќе ја  информира Владата со пресек на секоја седница. Дополнително,  врз основа на податоците за спроведувањето ќе се подготвуваат и до Владата ќе се доставуваат извештаи за спроведување на агендата, во мај, септември и  декември годинава со што ќе се следи  динамиката на подготовката на Извештајот на ЕК. 

Брисел виа Софија

И додека ние сме фокусирани на носење на Европа дома, станува јасно дека за ние да отидеме во Европа, формално или не, прашањето со Бугарија е пречка без чие надминување нема напред.

Без решавање на спорот со Бугарија, нема почеток на македонските преговори за членство со Европската унија. Втор пат за три месеци, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, го поставува решавањето на македонско -бугарскиот спор како услов за одржувањето на првата меѓувладина конференција, додека оценката за Албанија е дека е подготвена за почеток на преговори.

Без решавање на спорот со Бугарија, нема почеток на македонските преговори за членство со Европската унија. Втор пат за три месеци, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји (на фотосот лево, при средбата со Заев во 2020 година), го поставува решавањето на македонско -бугарскиот спор како услов за одржувањето на првата меѓувладина конференција, додека оценката за Албанија е дека е подготвена за почеток на преговори.

„Северна Македонија одржува стабилно темпо во спроведувањето на реформите за ЕУ, особено во областа Фундаменти. Важно е да се најде заедничко прифатливо решение за билатералните прашања со Бугарија“ рече тој.

Оваа изјава на Вархеји на Тиранскиот економски форум неодамна е ново потсетување за Македонија. Лани во декември, Вархеји побара од Македонија да излезе во пресрет на бугарската загриженост и да се обиде да го реши проблемот.

За македонската влада нема дилеми. Барањата на Бугарија се непринципиелни прашања и бирократски ставови кои не може и не смее да бидат блокада за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.

“Да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата  – никогаш нема да дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара, а тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик“, вели Заев.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјавата на Вархеји не ја толкува како знак дека решавањето на спорните прашања со соседна Бугарија се издигнати како услов на Европската унија за почнување на преговори за членство. Тој вели дека инсистирањето на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ова прашање да се реши побрзо доаѓа поради фактот што, како што рече, сите одлуки во Унијата се носат со консензус и оти се додека нема согласност од Бугарија процесот на преговори не може да почне.

„Политиките за проширување во Европскиот совет се носат со консензус и доколку нема согласност на една од 27-те земји членки процесот не може да се движи напред. Така што, се додека Република Бугарија не даде согласност за усвојување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција, тоа значи дека нема консензус и не може да се движи напред. Претпоставувам дека во тој контекст е поставено прашањето со Бугарија, не како услов на ЕУ, бидејќи 26 земји членки беа за текстот на преговарачката рамка изминативе месеци и за почнување преговори во декември, единствено против беше Република Бугарија“, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција посветена на пописот на дијаспората.

Тој вели дека засега нема ништо ново во однос на разговорите со Бугарија. Нашиот фокус, потенцира Османи, во моментов се работите од Договорот со Бугарија за кои имаме помалку разлики, бидејќи, како што рече, јасно е дека политиката во Софија е фокусирана на нивните внатрешни прашања и изборите кои наскоро ќе се одржат.

Но, потенцира министерот за надворешни работи, добро е во текот на овој период да се искористат деновите да се искомуницираат институциите што се однесува до секторските политики.

„Комисијата за историски и образовни прашања изминатите денови одржа седница, тие треба да го усвојат годишниот извештај за работата на оваа комисија и овој документ заедно со акцискиот план, кој скоро е договорен, се предуслови да се одржи оваа средба. Во мигот кога ќе го имаме годишниот извештај на Комисијата, акцискиот план и фокусот на бугарската политика за овие прашања, јас мислам дека може да определиме датум за Комисијата. Тоа нема да ги реши работите за кои имаме разлики, но сепак ќе креира едно повисоко ниво на доверба за да продолжиме со заедничките теми“, рече Османи.

Фокус на владеењето на правото

Во документот Агенда: Европа дома, еден од клучните фокуси е ставен на владеењето на правото, и со право, ако се има предвид дека тука се најголемите реформи и воедно и најтешките.

Како што стои во планот, целта е имплементација на законската рамка и јакнење на капацитетите во правосудството.

Во делот на судството задачите се да се спроведат новоусвоените закони, особено Законот за Јавно обвинителство и новите одредби поврзани со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители , а рокот за нивно исполнување е декември 2021. Надлежни институции се Министерство за правда, Судски совет, Совет на јавни обвинители.

Понатаму, предвидени се нови подзаконски акти согласно новиот Закон за ЈО и измените и дополнувањата на Законот за Советот за јавни обвинители, понатаму зајакнување на човечките и финансиски ресурси на Советот и транспарентни  и образложени одлуки за избор и унапредување на судии и јавни обвинители, како и водење на евиденција за постапките за нестручно и несовесно работење и дисциплинска активност. Рок за усвојување на овие измени е јуни 2021, надлежно е Министерство за правда.

Друго што е предвидено е изработка на функционални анализи за 27-те основни судови и подготовка и анализа за нова организациска структура на судската мрежа и анализа за консолидација на работата на јавнообвинителската мрежа со судската. Рок за ова е декември 2021, а надлежно е повторно ресорното Министерство, заедно со ЈО, судски совет и Совет на јавни обвинители. Предвидена е и проценка на постојниот АКМИС систем со негова надградба или нов систем за управување на предмети, зајакнување на ИТ капацитетите, избор на нови јавни обвинители, унапредување на стручни соработници и спроведување на постојани обуки. Рокот е декември, надлежни се ресорните институции. Прв пресек за овие активности ќе може да очекуваме во мај.

Continue Reading
економија7 дена ago

Алексова, ТУК: Неповратна финансиска помош за спас на туризмот и угостителството

банки7 дена ago

Fitch Rating повторно го потврди кредитниот рејтинг на ПроКредит Банка на “БББ-“

економија6 дена ago

Помала премија за речиси 5% или 8,5 милиони евра во 2020

македонија6 дена ago

Опасниот вирус на лагите е сојузник на Ковид – 19

економија6 дена ago

Властите задоволни од ефектот на антикризните мерки, бизнисот бара уште

технологии / компании2 дена ago

ПроКредит Банка прва банка во земјата со 70% електричен возен парк

менаџмент / маркетинг6 дена ago

Управување со ликвидноста и cash gap

свет6 дена ago

Како еден град станува паметен?

македонија6 дена ago

Амбициозен инвестициски план: ќе бидат вложени преку 105 милиони евра во нови маркети и други содржини

lifestyle6 дена ago

Марк Кјубан: Станете експерт во тоа што го работите. Тоа ќе ви даде предност затоа што повеќето луѓе не го прават тоа.