македонија
Македонија ги доби првите проценувачи со европски сертификат

Европските сертификати за проценување – РЕВ (препознатлив европски проценувач) во земјава има акредитација да ги издава Асоцијацијата на независни проценувачи, која што ги додели првите вакви сертификати на македонски проценувачи на денешната меѓународна конференција „Иднината на професијата проценител и европски стандарди за проценување“.
Македонија ги доби своите први проценувачи со европски сертификат, со што се потврдува стремежот на фелата кон прифаќање на европските стандарди за проценување и во земјава.
Сертификатите ги додели Надица Младеновска – Крцкоска, претседател на македонската Асоцијација на независни проценувачи, на самиот почеток на денешната меѓународна конференција – „Иднината на професијата проценител и европски стандарди за проценување“, што се одржа во Скопје, а чијшто организатор беше Асоцијацијата.

Асоцијација на независни проценувачи како професионална организација е членка на Европска асоцијација на проценувачи ТЕГоВА има акредитација да ги издава Европските сертификати за проценување- РЕВ, (препознатлив европски проценувач).
„Со овие сертификати се доближуваме поблиску кон стандардите за проценување што важат во ЕУ, кон којашто и ние се стремиме и ова е уште еден чекор кон унапредување на оваа професија чиешто значење за економијата и општеството воопшто, е многу поголемо одошто е општата перцепција во јавноста.“, истакна Младеновска – Крцкоска.
Таа додаде дека следни чекори за унапредување на професијата проценувач во земјава ќе бидат едукација и развој на програма за имплементирање на бизнис стандарди во проценувањето, како и издавање на РЕВ-ЕБ сертификата, односно Препознатлив европски бизнис проценувач.
На денешната конференција имаше неколку презентации и излагања од реномирани учесници од земјава и регионов, на теми што се во моментов најрелевантни за фелата на проценувачите. Па така, Данијела Илиќ, претседателката на Националното здружение на проценувачи на Србија, ги објасни актуелните европски стандарди на проценување, EBC 2020, a претседателката на македонската Асоцијација на независни проценувачи ги презентираше европските бизнис стандарди за процена, ЕБВС 2020.
Гостинката од Хрватска, Мелита Бествина, претседателка на Здружението на судски вештаци и проценители на Република Хрватска зборуваше за иднината на професијата проценител, односно направи споредба како било во фелата пред влегувањето во ЕУ, а како е денес, кога земјата е дел од ЕУ, а имаше и неколку излагачи што објаснија конкретни примери и модели на проценување во различни аспекти на бизнисот и економијата.