економија
Македонската економија во двоен шок – каде се движиме?
М6 Едукативниот центар организираше бизнис настан

Енергетската криза којашто ја зафати Европа се пренесе врз македонската економија, а фактот што земјата е нето увозник на храна ја прави нејзината ранливост на последиците од екстерните шокови уште поголема.
Повеќе од извесно е дека македонската економија се наоѓа во период на голема неизвесност. Енергетската криза којашто ја зафати Европа се пренесе врз македонската економија, а фактот што земјата е нето увозник на храна ја прави нејзината ранливост на последиците од екстерните шокови уште поголема.
За надминување на оваа состојба, неопходно е да се креираат мудри економски политики и да се спроведат структурни реформи кои ќе ја направат македонската економија поотпорна на шокови и кризи и истовремено ќе ја подготват за новиот глобален поредок што се создава.
Ова се дел од главните поенти во излагањата и дискусијата на учениците на конференцијата на тема „Македонската економија во двоен шок – каде се движиме?“, што ја организирашеМ6 Едукативниот центар, во рамки на проектот „М6 Чекор Напред“.
Енергетската транзиција е бавна и недоволно финансирана
Влезот во ЕУ може да помогне за побрз напредок, но за тоа треба да се подготвени компаниите и во своето портфолио да имаат производи кои се конкурентни на светските пазари, беше еден од заклучоците на бизнис панелот „Влијанието на инфлацијата и енергетската криза врз работата на компаниите во РСМ“, одржан во рамки на конференцијата.
Учесниците на панелот, истакнати претставници на бизнис секторот во Македонија, се согласија дека мора да има политичка волја за брзи промени, а сивата економија мора да се намали и постепено во догледно време да ја снема. Оттука произлегува и препорака за засилена борба против корупцијата. Енергетскиот проблем да се реши побрзо преку инвестирање во нови капацитети и државата да стане извозник на струја, а тоа може само преку брзи стратешки одлуки.
Штефан Петер, генерален директор на ЕВН нагласи дека државата е увозник на струја и дека е потребен поголем капацитет кој можеби ќе го реши тој проблем. „Енергетската транзиција е потребна, меѓутоа истата е бавна, не се реализира на правилен начин и не е доволно финансирана.“, смета Петер.
Според него, фотоволтаиците можат да бидат некаква мерка за ублажување на проблемот, но истите нема да ги решат нашите проблеми бидејќи истите не произведуваат струја навечер.
„На крајот на денот се’ се сведува на одговорот на прашањето: Колку сакате да платите за струјата за да ги заштитите вашите граѓани? Инвестицијата може да биде приватна, но Владата мора да биде инволвирана најмалку заради контрола и сигурност. Од друга страна државите се докажани како лоши градители, не само во Македонија туку и секаде во светот. Од овие причини јавно приватно партнерство има најмногу смисла.“, истакна Петер.

Промени и нов пристап во менаџментот
Претседателот на управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, нагласи дека не треба да ни бидат изненадувања бројките и проекциите, коишто не се поволни. Тој смета дека компаниите во вакви ситуации треба да се водат од два принципа: собирање податоци и управување врз основа на тие податоци. Потребно е производство на производи со додадена вредност наместо полупроизводи. Особено во земјоделието, кога нашите производи не се конкурентни и кога увезуваме храна.
„Мора да се иницираат промени во менаџментот и нов пристап. Особено ако земеме предвид дека имаме многу ниска продуктивност, а недостаток на работна сила која ќе треба да почнеме да ја увезуваме. Секако, и нашите вработени ќе мора да имаат повисоки плати. Ова значи дека ќе мора компаниите поинаку да буџетираат.“, рече Јаневски.
Тој посочи неколку причини и пречки, но понуди и предлог решенија за проблемите. Даночната евазија; зависноста од увоз на храна; отежнати мерки за влез на странски инвестиции; структурата на македонската економија, која е увозно зависна и тоа историски е голем проблем, истакна Јаневски.
Потребно е да се прават брзи и ефикасни чекори за олеснување на предолгите процедури за решавање на итни проблеми.
„Македонија треба да најде земја партнер со која ќе се направат договори за производство и трговија за да обезбедиме поголем извоз.“, порача Јаневски.
На банките не им одговара зголемување на каматните стапки
Маја Стефкова Штериева, претседател на македонската Банкарска асоцијација истакна дека банките се стабилни. Оваа година како и претходната најголем дел од профитите ги враќаат во резерви, по налог на Народната банка.
Таа рече дека се примени сигналите и банките се подготвени да го поддржат бизнис секторот. Следат тешки времиња и затоа бараат од НБРМ еден вид замрзнување на кредитите кои се во тешкотии.
„Портфолиото кај банките и покрај ковид кризата остана стабилно и немаше влошување. Значаен дел од профитите кои ги остваруваат банките одат во резерви што го зголемува капиталот на банките и нивната способност да одговорат во услови на криза. На таков начин банкарскиот систем ќе биде уште постабилен.“, објасни Стефкова Штериева.
Зголемувањето на каматните стапки не е добра ситуација за банките, додаде таа, иако тоа некому му звучи чудно, бидејќи од една страна се зголемува цената на чинење на депозитите , а од друга страна, бидејќи тоа се пренесува и на кредитите, постои можност за влошување на кредитното портфолио.
„Државата никогаш не била приоритет на банките за кредитирање, бидејќи рочната структура не соодветствува на барањата и потребите на државата, на која и треба долгорочно финансирање. Доминантен интерес на банките е кредитирање на компаниите и населението. Зголемување на нивните приходи значи и поголем промет, плати што значи и поголема побарувачка за кредити кај банките.“, истакна претседателката на Македонската банкарска асоцијација и финансов директор на Комерцијална банка.
На Македонија ѝ треба „дијалектичка еволуциска економија“
На конференцијата учествуваа голем број претставници од академската заедница, политичките чинители и бизнисот. Воведни излагања имаа: министерот за финансии Фатмир Бесими, кој ги претстави контурите на државниот буџет за следната година и среднорочната фискална стратегија на земјата, како и претставници од Светската банка, Јасмин Чакери и Сања Маџаревиќ Шустер, кои подетално се осврнаа на предизвиците пред кои е исправена домашната економија и чекорите што треба да се преземат за нивно полесно надминување. Во своето обраќање, главниот економист на Народната Банка Анета Крстевска ги претстави најновите макроекономски проекции на централната банка за македонската економија, а професорката Маја Кадиевска Војновиќ зборуваше за факторите кои влијаат за ранливоста на македонската економија во услови на криза.
„Во вакво неизвесно опкружување, кога анализите на сите релевантни институции не се оптимистички, улогите и одлуките на носителите на економските политики треба да бидат мудри, со цел предизвиците со кои се соочуваме да се претворат во предност и да донесат бенефит за опстанок и развој на земјата. Одлуките треба да направат преобразба – еволуција на слабост во јакост, еволуција на загубата во профит, еволуција на ризикот во успех. Накратко, на нашата земја и е неопходна еден вид ‘дијалектичка еволуциска економија’ ”, рече извршната директорка на М6 Едукативниот центар, Елена Младеновска Јеленковиќ