Connect with us

економија

Македонската економија на среден и долг рок (9)

Големата слика

објавено

на

Од почетокот на ковид – кризата, група на економисти, социолози, инженери, банкари, поранешни и актуелни министри работеа на поставување на “големата слика” за македонската економија.  Нивниот труд е преточен во студијата „Големата слика: Македонската економија на среден и дол рок“,издадена од Фондацијата „Фридрих Еберт“, канцеларијата во Скопје. „Капитал“ ви ги претставува сите девет поглавја од студијата – целосно или делумно, со дозвола од Фондацијата. Составена од 11 членови (Глигор Бишев, Јане Богоев, Ивана Вучкова, Маја Геровска – Митев, Марија Дренковска, Бранимир Јовановиќ, Никола Поповски, Никола Стиков, Драган Тевдовски, Ванчо Узунов, Мила Царовска), хетерогената група што ја изработи научната студија  креираше низа препораки за македонската економија на среден и долг рок. Целата публикација е достапна на веб страната на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – www.fes-skopje.org

автор:
Никола Стиков
Бранимир Јовановиќ
Драган Тевдовски

Поглавје 9

Кон подобро образование и наука

На социјалните мрежи се шокираме што образованието ни е потпросечно, но во училишните клупи наместо натпревар бараме пат до лесна петка или десетка. Во науката објавуваме трудови во предаторски списанија, а потоа се жалиме дека ниеден македонски универзитет не може да се најде во топ 1000 на Шангајската листа. Во работните огласи промовираме меритократија, ама кога треба да се вработи некој со побогато CV, на сцена стапуваат непотизмот и плутократијата. Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен. Овој текст е збир на сугестии за тоа што треба да се направи за нашето образование да почне да создава научно писмени умови со потенцијал да станат висококвалификувана работна сила.

Пофер оценување од мали нозе

Непостоењето на фер систем на оценување во македонскиот образовен систем е причината поради која имаме инфлација на оценки, инфлација на дипломи и општа недоверба во системот. Во идеален свет оценките не би постоеле и сите би учеле од љубопитство и желба да го подобриме општеството. Бидејќи многу мал процент од населението е воден од овие мотиви, во секој систем постои тип на награда (incentives) која ги стимулира поединците да остваруваат резултати.

Иако повеќето од нас се навикнати на концептот на ’бонус‘ за најдобрите вработени во приватни компании, или пак промоција на истакнати поединци во администрацијата, кога овие принципи на конкурентност сакаме да ги промовираме кај најмладите, тоа го правиме со оценки чија интерпретација е проблематична. Ако оценките некогаш и биле критериум за конкурентност, последните години нивната инфлација придонесе да имаме повеќе одлични ученици со сите петки отколку што постојат слободни места во гимназиите (Мароска-Леова, 2019). Проблемот со оценките во македонскиот образовен систем е што не постои јасен критериум за нивно доделување.

Декларативно, оној што решил голем процент од задачата или тестот (најчесто 90%), се наградува со петка. Она што петката не успева да долови е дали задачата била лесна или тешка, ниту пак дали останатите ученици исто така успеале да ја решат. Во такви услови е многу веројатно дека учениците ќе соработуваат за да можат да ја надминат бариерата за петка. Еден пожелен вид соработка е заедничко учење и споделување на наставни материјали за сите да добијат највисока оценка. Еден непожелен вид соработка е препишување и изнаоѓање стратегии да се измами наставникот. Истражувања во кои се споредува толеранцијата кон измамнички стратегии во образованието, покажуваат дека во источните земји мамењето во образовниот систем се толерира повеќе отколку на Запад (Magnus et al. 2002). Постојат многу можни објаснувања за овој феномен, кои се поврзани со општественото уредување и со владеењето на правото.

Меѓутоа една стратегија на оценување речиси без исклучок го намалува процентот на мамење, а тоа е оценувањето во кое оценката на индивидуалецот зависи од резултатите на целиот клас. Ваквиот тип оценување се нарекува оценување на Гаусова крива. Главната претпоставка е дека во секоја поголема група ученици дистрибуцијата на знаењето е нормална (Гаусова), па оние кои знаат повеќе од просекот, ќе заслужат повисока оценка, а оние кои знаат помалку од просекот, ќе добијат послаба оценка. Во тој случај задачата на наставникот не е да одреди кој ги исполнил критериумите за петка, туку само да одлучи каква оценка ќе добијат просечните ученици и колку треба да се биде подобар од просекот за да се добие максималната оценка. Вообичаена стратегија е 20% од учениците да добијат петка, 60% да добијат четворка и околу 20% да добијат тројка или помалку, но дистрибуцијата на оценки е во рацете на наставникот или на образовната институција. Вакво оценување е речиси сеприсутно во западните образовни системи и тоа од неколку причини (секоја од овие ќе биде подетално разработена):

а) Се елиминира опасноста наставникот да поставил многу високи критериуми кои ниеден студент не може да ги исполни

 Доколку наставниците постојано создаваат нови задачи, тогаш тие тешко ќе успеат да ги калибрираат истите на нивото на учениците. Некогаш задачите се тешки, па учениците не можат да решат ни половина, некогаш се лесни, па сите имаат 100%. Оценување на крива го елиминира проблемот на калибрација и ги охрабрува наставниците да даваат потешки задачи. Учениците пак, не се под притисок дека секогаш мораат да решат сè и тоа им дава простор да бидат креативни.

б) Самите ученици ќе имаат помала толеранција кон мамење

Накратко, ако еден ученик знае дека ќе добие петка само ако е подобар од соучениците, тоа ќе влијае врз неговата одлука дали ќе го толерира соученикот да мами или да препишува од него. Многу институции што оценуваат на Гаусова крива, се толку сигурни во тоа дека учениците нема да мамат, што усвојуваат код на честа (https://communitystandards.stanford.edu/ policies-and-guidance/honor-code) и воопшто не ги надгледуваат учениците.

в) Се стимулираат учениците да се натпреваруваат еден со друг и се создава култура на меритократија  

Ова е најголемата придобивка од оценувањето на крива. Им дава можност на амбициозните да се докажуваат и да се форсираат да постигнат подобри резултати. Резултатите не мора секогаш да бидат јавни, бидејќи некогаш нивното објавување може да биде контрапродуктивно. Доволно е ученикот да ја знае својата оценка и дистрибуцијата на оценките на останатите, за да знае како се рангира во споредба со соучениците.

г) Темната страна на оценувањето на крива

 Голем број истражувачи сметаат дека образовниот систем треба да биде без притисок за повисока оценка и дека причините за постоењето на оценките се повеќе економски, а не едукативни (Fines 1996). Исто така добро е документирано дека оценувањето на крива влијае негативно врз малцинства и го нарушува менталното здравје (Calsamiglia and Loviglio 2019). Исто така овој систем не функционира добро кога групата е мала и хомогена (Dubey and Geanakoplos 2010). Конечно, овој систем прави ученици од послаби училишта да добијат повисоки оценки споредено со оние кои учат во престижни институции.

Секоја од овие забелешки е валидна и токму од тие причини не смее преку ноќ да се воведе нов систем на оценување. Секогаш постои простор за комбиниран пристап, во кој дел од активностите се оценуваат на Гаусова крива, а дел се оценуваат на апсолутна скала. Гаусовата крива најдобро функционира кога има измени и во начинот на тестирање, па учениците се охрабрени да поставуваат прашања и да бидат креативни во одговорите. Од друга страна, оценувањето на Гаусова крива веќе постои во македонскиот систем, но учениците не се свесни за него. Што е државната матура ако не обид за рангирање на сите потенцијални бруцоши? Еден бод на рангирањето може да биде разликата помеѓу бесплатно образование и скапа партиципација.

Дали е подобро учениците да доживуваат еден Гаусов шок на крајот од образованието, или во текот на 12 години полека да се навикнуваат на фактот дека цел живот ќе бидат споредувани и евалуирани на крива? Ако сите се согласуваме дека треба да користиме оценување на крива во бизнис, администрација или спорт, зошто тогаш да не ги научиме децата од мали нозе дека животот е натпревар? Во услови на коронавирус, образовните институции се принудени да пристапат кон нови методи на оценување. Министерството за образование излезе со препораки за формативно оценување кое наиде на незадоволство кај дел од просветните работници (Попризова, 2020). Оценувањето на крива би можело да го пополни овој вакуум.

Резултати на ПИСА оценувањата

ПИСА рангирањето е меѓународен проект на ОЕЦД (OECD) за евалуација на образовните системи во светот преку масовно тестирање на 15-годишни ученици во три области: математика, наука и читање. Како што кажува и самото име, ова рангирање е всушност оценување на крива, само што во овој случај се оценува целокупниот образовен систем, а не индивидуални ученици. Македонските резултати се далеку под ОЕЦД просекот, а уште повеќе загрижува тоа што само 2% од учениците се квалификуваат како ученици кои ги исполниле највисоките критериуми (top performers), за разлика од 16% во ОЕЦД земјите (графикон 9.1.).

Во последниве 15 години квалитетот на образованието опаѓа на сите нивоа, што може да се види од влошените резултати во меѓународните стандардизирани мерења. На пример, испитувањето на осмоодделенци во склоп на Трендовите за меѓународни математички и научни студии (ТИМСС), покажа значително полоши резултати во 2011 отколку во 1999 година. Просечниот резултат за математика се намалил од 447 на 426, најнизок меѓу европските земји, а учениците кои го достигнале минималниот стандард („долната меѓународна референтна точка“) во математика паднале од 70 на 61 процент.

Трендот во наука е уште позагрижувачки, со пад од 73 на 53 проценти (Ламева и Рамадани, 2013). ПИСА рангирањето ги одразува овие трендови, па во 2015 година околу 70 проценти од 15-годишните ученици не постигнале ниту основно владеење на математика и читање (OECD, 2019), резултат со кој се рангираме само над Косово, а далеку под останатите земји во регионот. Загрижувачка е и големата разлика помеѓу најсилните и најслабите ученици, па оние во најгорниот квинтил постигнале резултати како да имаат две години повеќе образование од учениците во најдолниот квинтил. Иако најголемиот број земји покажува пораст на ПИСА резултатот со зголемувањето на БДП, кај нас тоа не е случај (графикон 9.2.). Иако БДП по глава на жител пораснал, ПИСА резултатите опаднале.

Тешко е да се идентификува еден фактор на којшто се должат овие поразителни резултати. Еден од загрижувачките трендови е дека навременото завршување на основното образование е во опаѓање, а уписот на сите нивоа на образование е понизок отколку во други слични земји. Дури и на предучилишна возраст, само 55% од децата во најбогатиот квинтил посетуваат предучилишна установа, во споредба со над 80 проценти во Србија. Процентите се уште пониски за деца од посиромашните слоеви, па само 0,3% од децата од најсиромашниот квинтил посетуваат предучилишна установа. Светската банка ги потврдува горните рангирања, па во извештајот од 2018 година може да забележиме дека Северна Македонија се наоѓа под светскиот просек во поглед на резултатите од тестовите и ефективноста на образованието (learning-adjusted years of school).

Иако нашите деца во просек завршуваат 11,2 години образование до нивниот 18-ти роденден, нивното знаење соодветствува на 6,8 години минати во училиште. Тоа значи дека празниот ôд (learning gap) во Северна Македонија е 4,4 години, за разлика од развиените земји каде во просек се ’губат‘ околу 2 години. Уште еден проблем е квалитетот на наставната програма. Во основното образование експресно ја воведовме Кембриџ програмата, но имплементацијата е тешка поради некомпатибилноста на британски систем на образование со македонските ресурси.

Што може да се направи за овие трендови да се сменат?

а) Воведување на стандардизирани тестови од рана возраст

Некои образовни системи ставаат преголем акцент на стандардизирани тестови (Ozturgut 2011), но во основа колку порано децата се изложат на вакви системи на оценување, помал ќе им биде притисокот кога ќе пораснат. Примерите со Кина и САД не одговараат на домашните прилики, но можат да служат како почетна точка за стандардизација на македонскиот пристап кон стандардизирано тестирање.

б) Подигнување на нивото на наставниците (враќање на почитта на професијата)

Почнувајќи од градинките, угледот на учителот би требало да е на повисоко ниво, бидејќи наставничкиот кадар не е доволно награден за својот труд. Кај нас Педагошкиот факултет одамна го има изгубено престижот. Имаме инфлација на дипломи, а за сметка на тоа имаме дефлација на критичката мисла. Дел од ова го има и во напредните општества, но тие можат тоа да си го дозволат затоа што имаат традиција на меритократија. Нам ни е неопходно да се врати авторитетот и достоинството на професијата учител.

Педагошкиот факултет треба да биде една од најпрестижните институции во државата, а нејзините дипломци да бидат добро платени и почитувани. Само така нивните ученици ќе научат писмено да се изразуваат, аналитички да им пристапуваат на проблемите и да учат за знаење, а не за оценка. Ако ги поставиме работите во ниското образование на здрави нозе, ќе имаме нови генерации спремни да се соочат со предизвиците на модерното време.

в) Акцент на дигитална интерактивна настава, научна писменост и критичко размислување

 Образованието ни е се’ уште заглавено во 20-тиот век и малку ги користиме дигиталните ресурси кои ни се на располагање. Постојат голем број организации кои се обидуваат да го сменат ова, меѓутоа напорите се стихијни и без институционална поддршка. За да се стимулира критичко размислување, учениците мораат од мала возраст да се изложат на иновативни наставни методологии, а овие методологии пак, би требало да бидат развивани во соработка со научници, бизниси и социјални партнери.

Една ваква иницијатива е „Наука за деца“ (naukazadeca.mk), соработка меѓу наставници и научници чија цел е научна култура и ментална фискултура за најмладите. НЗД соработува со англиска невладина организација (FuseSchool) и ги прилагодува бесплатните наставни содржини на македонски јазик. Потоа овие содржини се синхронизираат на македонски и се споделуваат преку онлајн платформи.

г) Поефикасно распределување на ресурсите во образованието

 Најважните препораки на извештајот на ОЕЦД за зголемување на конкурентноста во Југоисточна Европа се да се зголеми буџетот за основно и средно образование, бидејќи е далеку под просекот на земји како Чешка, Полска и Словенија. Исто така се препорачува инвестирање во ран детски развој и во зголемување на платите на учителите (OECD, 2018).

Охрабрува фактот што од 2015 до 2018 година е eвидентиран прогрес во ПИСА рангирањето, но тешко е да се верува дека за три години може да дојде до значајни промени во образованието. Многу поверојатно е дека подобрите резултати се одраз на поголемата сериозност на МОН при спроведување на тестот. Како што постојат критики на индивидуалното оценување на крива, така се поставува и прашањето дали вакви рангирања навистина треба да бидат основа за креирање на образовни политики.

Упросечувањето секогаш ги пегла разликите по меѓу системите и се обидува да агрегира низа социоекономски параметри во еден индикатор на успех. Оптимизирање на цел систем низ призма на едно мерење неизбежно води кон законот на Goodhardt кој вели дека кога мерката станува цел, тогаш таа престанува да биде добра мерка. А сепак, во ситуација кога образованието се униформира, а светот се глобализира, што ни останува освен да ја играме играта која ја наметнуваат големите играчи? ПИСА рангирањето е далеку од совршено, но за да престанеме да се грижиме за него, најпрвин мораме да фатиме чекор, ако не со развиениот свет, тогаш барем со земјите од регионот. Само така ќе можеме да направиме исчекор и во високото образование.

Шангајската листа

Претходните две точки илустрираат дека основното и средното образование ги ставаат Македонците во подредена улога на глобалниот пазар на трудот. За жал, дури и оние кои ќе одлучат да продолжат со своето образование, се во незавидна ситуација. Во последните години зголемувањето на бројот на универзитети резултираше со инфлација на дипломи. Оваа инфлација беше дел од национална стратегија да се фати чекор со процентот на високообразован кадар во Европа, но загрижувачки е што голем дел од овие дипломи се доделени во гранки како бизнис, администрација и право, кои не се поврзани со иновација.

Според препораките на Светската банка, високото образование треба да избегне неподобност (skill mismatches) со тоа што ќе ги упатува студентите кон наука, технологија, инженерство и математика (STEM), како полиња кои имаат поголем потенцијал за иновација. Факултетското образование кај целокупната работоспособна популација (25 – 64 години) е застапено со 21 процент, но кај помладите (од 25 до 34 години) забележуваме пораст до 32% што нè носи близу до европскиот просек од 40%.

Она што овие бројки не доловуваат е (не)квалитетот на високото образование. За тоа ќе мораме да се осврнеме на Шангајското рангирање на универзитети, каде дури и највисоко рангираниот македонски универзитет (УКИМ) не може да се вброи меѓу првите 1000 (во 2019 беше на 1568 место). Иако постојат и други рангирања на универзитети, Шангајската листа е посебно важна за нас затоа што МОН на три наврати ги рангираше македонските универзитети според шангајската методологија.

Според оваа методологија, 50% од евалуацијата доаѓа од квалитетот на наставата, 36% доаѓа од истражувања, а 14% од општествениот импакт што го имаат универзитетите (ARWU, 2020). Подолу се неколку анализи на состојбата во секоја од овие категории, со конкретни препораки како да се постигне повисок рејтинг за нашите универзитети.

а) Подигнување на квалитетот на наставата

 Веројатно најголемата грешка во нашето високо образование е што се обидуваме да обучиме кадар во сите научни дисциплини. На мала држава ѝ требаат малку, но квалитетни факултети. Потребно е да се одредат национални стратегии и да се искористат човечките ресурси кои веќе ни стојат на располагање. Тука мислиме на докажаниот професорски кадар, но и на научната дијаспора која работи на светски признати универзитети.

На овој начин ќе можеме да го унапредиме високото образование по неколку основи поврзани со шангајското рангирање. Од 13-те критериуми објавени во шангајската методологија поврзани со квалитетот на настава, оние кои имаат најголем удел во конечниот резултат се бројот на професори со највисок степен на образование и бројот на професори со повеќе од една година меѓународно искуство. Една мерка која би ги обединила горните критериуми е концентрација на висококвалитетен кадар во мал број студиски програми и стимулирање на партнерства со странски институции преку кои нашиот наставен кадар би се стекнал со меѓународно искуство. Иако во минатото имаше заложби за создавање на вакви партнерства (потпишани се меморандуми за соработка со неколку врвни универзитети), она што недостасуваше е поврзување со нашата научна дијаспора, која може многу поконкретно да помогне во создавање соработки. Во отсуство на државна стратегија како да се искористи македонската научна дијаспора, група научници поврзана со блогот Кантарот (qantarot. blogspot.com) направи листа на македонски научници во странство. Групата секоја среда организира научни средби на кои каниме докажани македонски истражувачи. Во моментов работиме на анализа на листата за да одредиме во кои полиња имаме најголем образовен потенцијал. Наскоро оваа листа ќе биде и јавно објавена и ќе ја повикаме јавноста да ја надополни. Оваа листа ќе игра двојна улога: (i) ќе ни даде до знаење кои факултети во Северна Македонија биле најпродуктивни во образување светски признат кадар и (ii) ќе ги отвори вратите за соработка со светски научници од македонско потекло.

б) Унапредување на истражувањето

Во шангајската методологија научните трудови се главниот критериум при оценувањето на квалитетот на истражувањето, при што е важно истите да бидат одобрени од колеги (peer-reviewed) и индексирани во Web of Science. Законот за високо образование мина низ неколку итерации и ги заостри критериумите при избор во звања на универзитетите, но дефинициите за тоа што се квалификува како научен труд и натаму се флексибилни. Голем број македонски научници објавуваат трудови во таканаречени предаторски журнали, т.е. журнали кои не ги почитуваат правилата на научно издаваштво (Danevska et al. 2016; Mehmeti, 2018).

Институциите се обидуваат да го подигнат нивото на научните трудови со тоа што ќе понудат парични награди за оние кои ќе објават труд во списание со импакт фактор, но тоа е далеку од доволно. Според индексот на журналот Nature, македонски научници фигурираат во само 18 трудови со многу висок импакт во природните науки (Nature, 2020), а повеќето од нив се на листата благодарение на тоа што се дел од големи меѓународни тимови. Оттука следува дека најдобриот начин да се направи импакт е да се идентификуваат приоритетни области и да се соработува со странски научници од овие области.

Коронавирусот покажа дека голем дел од овие соработки можат да се одвиваат на далечина, па бариерите за нашите студенти и професори ќе бидат уште пониски. Голем дел од STEM професиите овозможуваат работа на дистанца, а технолошките иновации ја прават соработката сè полесна. Ова е и добар начин да не се оптоваруваат државните фондови за стимулирање на наука, туку да се аплицира за меѓународни грантови.

в) Зголемување на општествениот импакт

Во оваа категорија се разгледува колку научниците добиваат и даваат на индустријата. Еден критериум се инвестициите на индустријата во истражувачкиот кадар преку грантови, а другиот е колку истражувачите создаваат интелектуална сопственост преку која ги патентираат своите изуми. Очигледно е дека оваа ставка е исклучиво наменета за STEM областите, но таа учествува со 14% во вкупната евалуација на универзитетите, па не смее да се занемари. Издавање на патенти е скапа процедура која не секогаш корелира со социјален импакт (Jaffe and Trajtenberg 2002; National Research Council et al. 2003), посебно во земји кои немаат силна култура на интелектуална сопственост. Од друга страна, индустријата и тоа како може да ја помогне науката, и преку директни грантови, и преку промоција на стартап култура.

Истражување и развој

Иако нашите деца во просек завршуваат 11,2 години образование до нивниот 18-ти роденден, нивното знаење соодветствува на 6,8 години минати во училиште. Тоа значи дека празниот ôд (learning gap) во Северна Македонија е 4,4 години, за разлика од развиените земји каде во просек се ’губат‘ околу 2 години. Уште еден проблем е квалитетот на наставната програма. Во основното образование експресно ја воведовме Кембриџ програмата, но имплементацијата е тешка поради некомпатибилноста на британски систем на образование со македонските ресурси.

Како што индивидуалците треба да се навикнат на фер натпревар едни со други, така и државата треба да ги препознае полињата каде што можеме да се носиме со остатокот од светот и да развиеме R&D стратегија која ќе нè направи конкурентни на пазарот на трудот и ќе нè стави на академската мапа на светот. Иновациите, дефинирани како подобрувања во производството и воведување нови производи, се од критично значење за одржлив пораст на продуктивноста во економијата (Easterly and Levine, 2001).

Меѓутоа, Северна Македонија го потврдува парадоксот на иновациите: земјите во развој инвестираат помалку во иновациите од развиените земји (Cirera and Maloney, 2017). Нивото на основните и применетите истражувања во Северна Македонија е на исклучително ниско ниво. Бруто-домашните расходи за истражување и развој (ИиР) на четирите клучни сектори (компаниите, владините институции, високото образование и непрофитните организации) заедно изнесуваат 0,36% од БДП во 2017 година.

За споредба, во земјите на ЕУ кон коишто се стремиме, тие изнесуваат во просек 2,13% од БДП во 2017 година (според Светска банка, 2020). Едно од објаснувањата за оваа состојба е што Северна Македонија, како и најголемиот дел од другите пост-транзициски земји од Европа, има вид капитализам кој Nölke and Vliegenthart (2009) го нарекуваат „зависна пазарна економија“. Во него иновациите се случуваат како трансфер во рамките на транснационалната компанија, што е различно од другите два вида капитализам (либералната пазарна економија или координираната пазарна економија) каде трансферот на иновациите ги движи пазарите и каде важна улога имаат заедничките вложувања и бизнис-асоцијациите. Затоа, можеби нашиот најголем проблем не е тоа што заостануваме зад развиените земји, туку што имаме пониско ниво на истражување и развој од нашите соседи. Така, на пример, бруто-домашните расходи за ИиР на Србија изнесуваат 0,87% од БДП и Бугарија 0,75% во 2017 година. Во табелата 9.1. е претставена споредбата со некои од поважните резултати на процесот на иновации со земјите од Западен Балкан.

Процесот на ИиР може да биде придвижен во Северна Македонија ако бидат преземени чекори на страната и на понудата и на побарувачката на иновациите. На страната на понудата клучен играч се универзитетите, каде што е потребно зајакнување на човечкиот капитал за научни истражувања. Неопходен чекор што треба да се направи е да се заострат критериумите за избор во научно-наставни звања со тоа што тие би се базирале на објавени научни трудови само во списанија со импакт-фактор. Ова ќе влијае врз подобрување на ефикасноста на употребените средства во националниот научен систем и ќе овозможи многу подобро наградување на тие што вистински се занимаваат со наука.

Вториот важен чекор е поврзувањето на универзитетите со побарувачката на иновациите, односно со претпријатијата. Една важна алатка која би стимулирала вакви поврзувања, се национални грантови за научни проекти. Јавните политики за поддршка на развојот на претпријатијата треба да дадат приоритет на поддршка на наградување на резултатите на процесите, наместо да субвенционираат влезни ресурси (инпути).

Така на пример, програмите на Министерството за економија се ориентирани кон влезни ресурси на ниво на претпријатие, како набавка на опрема и алатки, лого и визуелен идентитет на производи или услуги, рекламни материјали, и учество на саеми. Исто така, потребно е политиките да бидат координирани и поставени кон иста заедничка цел. Со години, во Министерството за економија има десетина програми за подобрување на капацитетот на домашните претпријатија, кои не се соодветно координирани со иницијативите на Агенцијата за претприемништво, Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот и Фондот за иновации и технолошки развој. Дополнително, може да се размисли и за воведување на посилни даночни стимулации за компании кои ќе отворат центри за ИиР.

Вложување во образование  и наука

Средствата што нашата држава ги вложува во образование во периодот 2015 – 2018 година изнесувале 3,7% од БДП, што е меѓу најниските во Европа. За споредба, Србија издвојувала 4% од БДП, а Словенија 4,9%. Средствата бележат постојано намалување во последните години, поради две главни причини. Првата е што во последните години постои тренд на намалување на државните буџети.

Конкретно, државниот буџет во 2012 бил 36% од БДП, а во 2018 година спаднал на 32%. Втората причина е сè послабата реализација на предвидените буџети за образование. Конкретно, во 2017 –2018 година нереализирани останале 11% од предвидените средства за образование, додека во претходните седум години нереализацијата изнесувала 6%. Се проценува дека ниските вложувања имаат влијание врз слабите образовни резултати (ОЕЦД, 2019).

Дополнително, една третина од училиштата во државата имаат потреба од значајно реновирање (ОЕЦД, 2019). Освен што вложувањата се ниски, и нивната структура се оценува како неповолна. Според една студија објавена од Светска банка, неефикасноста на трошењата за образование кај нас изнесува околу 20%, што е многу повисоко од другите земји од регионот (графикон 9.3.). Истото во Албанија е околу 7%, во Хрватска и Бугарија околу 6%, во Србија околу 5%. Познати се примерите за скапите проекти како „Компјутер за секое дете“ или учебници со ЦД. Во високото образование, државата постојано троши големи суми пари за нови универзитети со сомнителен квалитет.

Што се однесува до инвестициите во науката, Независниот академски синдикат (НАкС) неодамна објави „Aнализа на финансирањето и некои состојби во науката во РС Македонија“ (НАкС, 2020). Од анализата се гледа дека средствата за наука во 2018 се 16% пониски од оние во 2010 година, па уделот на буџетот за научно-истражувачка работа во МОН во буџетот на Северна Македонија изнесува поразителни 0,04%. Оттука, неопходно е да се зголемат вложувањата во образованието и науката, и преку зголемување на државните буџети, но и преку подобрување на реализацијата. Дополнително, неопходно е да се подобри и ефикасноста на образовните вложувања, односно, да се вложуваат средства во добро осмислени проекти.

Функционалност на институциите

Постојано истакнуваме како вложуваме малку во образование и наука, а кога во државниот буџет ќе се обезбедат средства за ова, тие или остануваат неискористени, или пак се трошат на непродуктивни работи. Носиме стратегии за развој на образованието, кои остануваат „мртва буква на хартија“, бидејќи институциите немаат капацитети да ги спроведат. Министерството за образование и наука (МОН) има усвоено „Стратегија за образованието за 2018 – 2025 година и Акциски план“.

Овој документ одлично ги документира проблемите во областа на образованието и науката – предучилишно образование, основно образование, средно образование, стручно образование и обука, високо образование и -> истражување, како и образование на возрасни. Документот нуди и решенија за надминување на проблемите, разработени во акциски план, со рокови за реализација. Па сепак, впечатокот е дека Стратегијата не се спроведува. Досега е објавен Извештај за реализирани активности од Стратегија само за 2018 година, а позначајни реформи или резултати не се забележани сè уште. Примерот со оваа Стратегија одлично го илустрира веројатно најголемиот проблем во нашето образование, а можеби и во целото општество – неспроведувањето на зацртаните стратегии, планови и програми.

Притоа, проблемот не е само во недостигот на политичка волја за спроведување на тешки реформи, туку и во немањето капацитети кај институциите. МОН нема доволно кадар со технички познавања од областа на дизајнирање, спроведување и оценување на политики базирани на докази (evidence-based policy making). Нема ни функционална инфраструктура која овозможува вакво нешто, односно, нема функционален информационен систем.

Постои Систем за управување со информации во образованието (ЕМИС) уште од 2010 година, кој треба да ги опфати сте образовни институции – МОН, сите негови агенции и сите основни и средни училишта во земјата, и во кој треба да се собираат, проверуваат, обработуваат и објавуваат податоци за училиштата, учениците, наставниците и останатиот кадар.

Сепак, како што е наведено и во самата Стратегија, системот има бројни слабости – податоците во него се сметаат за неточни, недостасуваат луѓе што знаат да работат со него и системот ретко се користи. Во одделението на МОН кое е задолжено за овој систем, има само двајца вработени. Агенциите кои се во состав на МОН, а кои треба да обезбедат, помеѓу останатото, развој на образованието, прилагодување на образованието со потребите на општеството, инспекции на образовните институции, исто така немаат доволно луѓе, особено кадар со стручни вештини, што ги попречува во извршување на нивните важни функции.

Општините, кои се надлежни за управување со основните и средните училишта, исто така немаат доволно човечки капацитети за тоа, ниту финансиски ресурси. Најголем број од општините имаат само по еден човек одговорен за образованието, што е апсолутно недоволно. Ни самите училишта немаат доволно ресурси и кадар за квалитетно спроведување на образовниот процес.

Наставниците имаат премногу обврски околу спроведувањето на обемните наставни содржини, кои не можат да ги прилагодуваат, туку мораат дословно да ги спроведуваат, поради што немаат доволно време за индивидуална работа со учениците. Училиштата немаат ни доволно простор и опрема за квалитетно спроведување на наставата. Иако училиштата имаат специјализирани педагошки и психолошки служби, тие се користат само во посебни ситуации, и наставниците вообичаено немаат знаења од овие области, поради што не можат честопати да одговорат на потребите на учениците. Наставниците многу ретко посетуваат обуки за професионален развој и по ова земјата е на дното од ПИСА земјите. Оттука, за да можат да се направат суштински и крупни промени во образованието, неопходно е да се зголемат капацитетите на образовните институции и да се подобри нивната функционалност.

(Крај на фељтонот)

Continue Reading
економија12 часа ago

Почна првиот онлајн хакатон за намалување на сивата економија во е – трговијата

македонија19 часа ago

Сеавус, ИнКом, Еконет, Групер…добија нови сопственици – кој ќе ја продолжи низата?

свет20 часа ago

Граѓаните во крв и солзи, водачите во политички профит

економија21 час ago

Пандемијата стивна и економијата здивна

менаџмент / маркетинг21 час ago

Рекоа за… успехот

менаџмент / маркетинг21 час ago

Не работете додека сте на одмор. Сериозно.

свет21 час ago

Инфлацијата се надвиснува како опасност

македонија21 час ago

Градежниците и хотелиерите останаа најпогодени од кризата

интервју21 час ago

Сашо Јовановски: Спојувањето ќе ја засили нашата лидерска позиција во понудата на деловен софтвер

македонија2 дена ago

Десет студентски тимови преку учество на хакатонот „Хакирај ја сивата економија во е-трговијата“ ќе креираат решенија за намалување на сивата економија

македонија19 часа ago

Сеавус, ИнКом, Еконет, Групер…добија нови сопственици – кој ќе ја продолжи низата?

технологии / компании5 дена ago

Нова аквизиција на македонскиот ИТ пазар: Синами ја презема Еконет

економија12 часа ago

Почна првиот онлајн хакатон за намалување на сивата економија во е – трговијата

македонија3 дена ago

Комерцијална банка ќе биде спонзор на ФФМ во наредните три години

економија2 дена ago

Утре почнува хакатонот за намалување на сивата економија во е-трговијата

македонија2 дена ago

Десет студентски тимови преку учество на хакатонот „Хакирај ја сивата економија во е-трговијата“ ќе креираат решенија за намалување на сивата економија

интервју21 час ago

Сашо Јовановски: Спојувањето ќе ја засили нашата лидерска позиција во понудата на деловен софтвер

свет21 час ago

Инфлацијата се надвиснува како опасност

свет20 часа ago

Граѓаните во крв и солзи, водачите во политички профит

економија21 час ago

Пандемијата стивна и економијата здивна