економија
Македонската економија на среден и долг рок (3)
Големата слика


Од почетокот на ковид – кризата, група на економисти, социолози, инженери, банкари, поранешни и актуелни министри работеа на поставување на “големата слика” за македонската економија. Нивниот труд е преточен во студијата „Големата слика: Македонската економија на среден и дол рок“,издадена од Фондацијата „Фридрих Еберт“, канцеларијата во Скопје. „Капитал“ ви ги претставува сите девет поглавја од студијата – целосно или делумно, со дозвола од Фондацијата. Составена од 11 членови (Глигор Бишев, Јане Богоев, Ивана Вучкова, Маја Геровска – Митев, Марија Дренковска, Бранимир Јовановиќ, Никола Поповски, Никола Стиков, Драган Тевдовски, Ванчо Узунов, Мила Царовска), хетерогената група што ја изработи научната студија креираше низа препораки за македонската економија на среден и долг рок. Целата публикација е достапна на веб страната на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – www.fes-skopje.org
ПОГЛАВЈЕ 3
Како до одржлив раст и негово финансирање по Ковид – 19
Глигор Бишев
Јане Богоев
Економијата на Северна Македонија беше соочена со сериозни шокови во последните две и пол декади. Дел од шоковите беа од екстерна природа, како што беше шокот со Косовската криза, шокот предизвикан од Глобалната светска финансиска криза кој започна на крајот на 2008 година и траеше неколку квартали. Започнувајќи пак, од 2015 година, македонската економија беше погодена од шок од домашна природа предизвикан од политичката нестабилност во земјата којшто траеше две години. Со постепената економска и политичка стабилизација на земјата и постигнување на значителен прогрес во евроатлантските интеграции, земјата повторно во денешно време се соочува со најголемиот шок предизвикан од пандемијата Ковид-19. Ваквиот шок зададен од здравствени фактори, што го погодуваат целиот свет, ја погоди македонската економија како од страната на понудата, така и од страната на побарувачката. Имајќи ја предвид структурата на македонската економија и нејзината трудова интензивност, управувањето со здравствениот ризик и потпирањето врз работењето од дома, закрепнувањето ќе биде многу тешко. Пандемискиот ризик ќе претставува еден од најголемите тестови за стабилноста и отпорноста (resiliency) на земјата во однос на економската и финансиската инфраструктура, а воедно и од социјален и политички аспект.
Одржливоста на растот пред пандемијата
Во изминатите две декади македонската економија не успеа да се доближи до динамиката на раст на брзорастечките економии. И покрај високата ценовна стабилност и стабилноста на девизниот курс во изминативе две и пол декади, бруто-домашниот производ (БДП) на Северна Македонија, просечно годишно растеше со 2,1 проценти (3,3 проценти во периодот 2000 – 2018 година). Тоа беше недоволно за значително намалување на нивото на развиеност и јазот во животниот стандард во однос на високоразвиените земји, а особено во однос на земјите од ЕУ. Тоа укажува дека ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс не се доволни за забрзување на економскиот раст, иако служат како негови основни предуслови. Остварениот економски раст беше значително под потенцијалниот раст на земјата. Јазот во животниот стандард во однос на високоразвиените земји, бавно се затвораше.
Така, на крајот од 2018 година, БДП по жител во Северна Македонија, достигнуваше 37,2 проценти од просечниот БДП по жител во ЕУ. Искористеноста на главниот фактор на економскиот раст е многу ниска. Вработеноста на работната сила во Северна Македонија изнесува 47,3 проценти на крајот на 2019 година, наспроти 69 проценти во ЕУ (таргет за стапката на вработеноста во ЕУ до 2025 година е 75 проценти). Тоа укажува дека голем дел од работната сила во Северна Македонија е обесхрабрена да бара вработување и е неактивна или е на привремена работа во странство или пак е вработена во неформалната економија.
Очигледно е дека моделот на економски раст во Северна Македонија кој се засновува на арбитражата на цената на работната сила и арбитражата во стапките на оданочувањето на доходите, не обезбедува сеопфатен инклузивен раст кој создава значителна додадена вредност и забрзано зголемување на животниот стандард. Тоа е карактеристика на економскиот раст во сите шест земји од Западен Балкан (OECD, 2019). Анализата на производството на земјите од Западен Балкан сугерира дека производственото know-how во регионот е ниско-средно ниво на развиеност. Притоа, привлекувањето на странски директни инвестиции врз основа на арбитражата на цената на работната сила и даноците на долг рок е неодржлива (McKinsey Global Institute, 2019).
Преку даночната политика и политиката на едно евро за градежно земјиште, Северна Македонија, успеа да привлече значителен број странски директни инвестиции во економските зони во сферата на асемблирање. Истражувањето и развојот на производите се врши во матичните компании на инвеститорите, а асемблирањето во домашните компании. Така извозот од економските зони достигна 50 проценти од вкупниот извоз на земјата. Меѓутоа, нивниот придонес во БДП на земјата, едвај достигнува 10 проценти, а кај бројот на вработени лица околу 25 проценти.
Исто така, невработеноста, значително се намали (од околу 34 проценти), но остана висока – 17,3 проценти на крајот на 2019 година. Растот и развојот не беа инклузивни. Бенефитите не беа широко распространети низ економијата и населението. Џини коефициентот за нееднаквата распределба на доходот, иако има тренд на постепено намалување, тој остана висок – 34,2 проценти во 2017 година. Населението што живее на границата на сиромаштија или на социјална исклученост, пред социјалните трансфери и пензии, изнесува високи 40,7 проценти од вкупното население на крајот на 2017 година. По владините трансфери, а особено како резултат на пензиите, стапката на ризик од сиромаштија се намалува на 22,2 проценти.

Продуктивноста и вложувањата во истражување и развој клучни за развојот
Умерениот економски раст е високо корелиран со нискиот раст на продуктивноста. Во последните две декади економскиот раст, првенствено беше воден од вработеноста. Исклучок е периодот 2000 – 2005 година (тоа е период пред интензивното промовирање на економските зони), кога растот на продуктивноста беше водечки фактор на економскиот раст (раст на продуктивноста од 2,4 проценти просечно годишно). Во периодот 2006 – 2018 година, продуктивноста речиси и да нема придонес врз економскиот раст (раст на продуктивноста од 0,2 проценти просечно годишно).
Во овој период, вработеноста се зголемувала по 3,1 проценти годишно, или кумулативно се зголемила за 40 проценти. Тоа нѐ упатува на заклучокот дека економскиот раст во изминативе две декади бил од трудоинтензивен карактер, каде што зголемувањето на вработеноста беше движено во одреден дел од вработувањата во јавниот сектор. Тоа објаснува делумно зошто отсуствуваше растот на продуктивноста. Странските директни инвестиции, значително не придонеле кон раст на продуктивноста и зголемување на вложувањата по работно место. Исклучок се секторите финансии и информатика и комуникации каде што продуктивноста давала значаен придонес на растот (графикони 1 и 2).
Нивото на вложувања во истражување и развој на нови производи и технологии се на исклучително ниско ниво, околу 1,5 проценти (два пати пониско од просекот на ЕУ). Тоа е клучниот двигател на растот и развојот во современиот свет. Вложувањата во истражување и развој заедно со вложувањата во нематеријални средства, како што се брендови, софтвер, дизајн, интелектуална сопственост сѐ повеќе расте како учество во вкупните приходи на компаниите. Нивното учество се зголеми од 5,4 проценти во 2000 година на 13,1 проценти во 2016 година (McKinsey Global Institute, 2019).
Согласно со тоа, голем дел од активностите се одвиваат мануелно, иако во високоразвиените земји тие активности се целосно автоматизирани и дигитализирани и речиси да не постојат како работни места: наплата на патарини, наплата на паркирање, наплата на сметките во самопослугите, точење на гориво на бензинските станици, информатори, чистачи на јавни површини, продажба на билети за јавен превоз, театри, кина и сл. Исто така, работните процеси во компаниите се на средно ниво на автоматизираност со ниско ниво на користење на вештачка интелигенција. Слабостите од ваквата структура на работните процеси доаѓаат до поголем израз во услови на пандемија, бидејќи поголем број работници се повеќе изложени на ризик од зараза. Ваквата структура на економијата, покрај испораката на низок економски раст и животен стандард, ја прави економијата високоранлива на здравствените ризици од типот на Ковид-19.
Економски предизвици на Северна Македонија во услови на Ковид – 19

Во македонската економија се рефлектираат истите проблеми со кои ќе се соочат сите други мали и отворени економии во развој. Трендот на умерен економски раст од претходните неколку години ќе биде прекинат. Во услови на фиксен девизен курс, фискалната политика ќе биде главниот инструмент кој ќе може активно да се употреби за ублажување на економскиот пад. Воедно, како резултат на намалување на производството, активностите во услужниот сектор, зголемување на невработеноста, но и на драстичен пад на приватните трансфери од странство кои финансиски ги поддржуваа македонските семејства (во периодот јануари – август, 2020 година, приватните трансфери од странство се сведени на една половина во однос на истиот период од претходната година), постои сериозна опасност од појава на социјални нееднаквости од поголем размер. Сето тоа ќе влијае врз намалување на квалитетот на животот проследено со можност за значително зголемување на нееднаквоста.
Од друга страна, фискалната политика исто така се соочува со сериозни проблеми. Има драстичен пад на јавните приходи поради горенаведените причини, односно намалување на директните и индиректните даночни приходи, додека јавните расходи се очекува значајно да се продлабочат. Сето тоа ќе доведе до продлабочување на буџетскиот дефицит (проценките се движат од 5,5 до 9 проценти) кој во услови на стимулативна фискална политика би можел да достигне голем размер и да ја наруши фискалната стабилност и одржливоста на јавниот долг. Овие проблеми ќе бидат уште понагласени со оглед на фактот што немаше доволно време да се зацврсти фискалната позиција од претходните две кризи. Со тоа немаше доволно време да се спроведат соодветни реформи со кои би се зајакнале принципите на делување на приходната и расходната страна.
Фискалните интервенции имаат две главни компоненти: а) зачувување на животниот стандард на населението преку поддршка на доходите на населението и б) поддршка на компаниите. Поддршката на компаниите е мултидимензионална и сегментирана според големината на компаниите. Таа по правило опфаќа четири компоненти: одложување на плаќањето на даноците и придонесите; директна кредитна поддршка од државата; гарантни шеми – целосно или делумно гарантирање на задолжувањето кај банките; обезбедување на докапитализација на фирмите преку јавна поддршка во форма на капитал или хибридни капитални инструменти.
Во вакво сценарио, неминовно е значително продлабочување на буџетскиот дефицит и зголемување на јавниот долг. При финансирањето на буџетскиот дефицит потребно е многу да се внимава за да не ја наруши дополнително ликвидноста во економијата која и така е многу кревка. Исто така треба многу да се внимава да не ги истиснат финансиските средства (crowding out) од банкарскиот сектор наменети за финансирање на приватниот сектор кој веќе се одржува на „стаклени нозе“ кој се соочува со ограничени (целосно затворени) услови за негово екстерно финансирање.
Во вакви услови постојат две опции на финансирање на буџетскиот дефицит и тоа: а) домашно финансирање преку краткорочни и долгорочни хартии од вредност; б) надворешно задолжување од меѓународните развојни институции и преку комерцијално задолжување (краткорочен кредит од комерцијална финансиска институција и/или долгорочно задолжување преку издавање на еврообврзница). Последиците врз фискалната политика и домашната економија на среден рок ќе се разликуваат во зависност од различните видови задолжување.
На пример, прекумерно краткорочно задолжување во земјата и странство ќе помогне да се премости буџетскиот дефицит на краток рок, но ќе јави проблеми на среден и долг рок. Краткорочно гледано, ќе биде неизбежно финансирање на буџетските интервенции преку среднорочно и долгорочно задолжување од меѓународните финансиски институции, и од приватните меѓународни финансиски пазари преку издавање на еврообврзница. Со тоа ќе се увезе дополнително странско штедење, нема да дојде до истиснување на приватниот сектор од пристапот до финансиски средства и ќе се одржи стабилноста на девизниот курс преку прилив на девизни средства од странство. Позајмувањето на средства од домашниот финансиски пазар би требало да биде ограничено. Притоа, задолжувањето на централната државна власт во следните 2 – 3 години не смее да надмине 65 – 70 проценти од БДП (задолженоста на високо развиените земји се очекува да достигне 139 проценти од БДП).
На долг рок, за да се избегне преголемиот јавен долг, ќе мора да се разгледаат и опциите на: – реструктурирање на долгот по Ковид кризата, во смисла на задолжување на подолги рокови и преферирање на задолжување кај меѓународните финансиски институции, каде задолжувањето е поповолно од аспект на роковите и висината на каматните стапки; – доприватизација на резидуалните делови во претпријатијата што се веќе приватизирани и приватизација на јавните претпријатија што немаат монополска позиција во дејноста и не претставуваат јавно добро од значење за државата; – јавно приватно партнерство во сферата на изградба на некои инфраструктурни објекти за кои државата не може да обезбеди доволно средства за инвестиции (гасификација, електроенергетски објекти, железнички транспорт, „зелена енергија“, особено во децентрализираното производство на енергија, енергетска ефикасност и сл.), а врз основа на искуството во земјите од ЕУ.
Реструктурирање и промена на моделот на раст
Македонската економија ќе мора преку структурни реформи и ефикасно користење на факторите на производство, трајно да го зголеми потенцијалот за раст и на тој начин да го динамизира растот и ја забрза конвергенцијата кон ЕУ. Клучен елемент за тоа ќе биде зголемување на продуктивноста на факторите на производство (total factor productivity) и особено на продуктивноста на трудот. Единствен начин тоа да се оствари е преку технолошки развој, развој на ново знаење (know how), автоматизација и подобрување на бизнис климата во земјата. Ковид-19 кризата ќе ги забрза економските трендови кои започнаа по големата економска криза 2008/2012 година. Прво, по 2007 година, интензитетот на трговската размена преку глобалните вредносни вериги речиси за сите производи се намали. Второ, услугите доживеаја висока експанзија во глобалните вредносни вериги. Трето, размената врз основа на арбитражата на трошоците на работната сила, опаѓа во рамките на глобалните вредносни вериги. Четврто, глобалните вредносни вериги сѐ повеќе растот го засновуваат врз знаењето и истражување и развој. Петто, вредносните вериги сѐ повеќе го губат глобалниот карактер и стануваат регионални или национални вредносни вериги (McKinsey Global Institute, 2019). Пандемијата, ќе даде голем импетус на автоматизација и воведување на интелигентни машини во работните процеси, со што покрај останатите бенефити, ваквиот процес ќе го направи производството помалку ранливо на слични шокови во иднина.
Најпогодени работни места ќе бидат мануелните и трудоинтензивните индустрии: машинско инсталирање и поправка, комунални услуги, услугите во храна, производственото работење, работните места на поддршка на процесите и канцелариското работење. Сепак, не се очекува зголемување на невработеноста. Истовремено ќе се зголеми побарувачката во креативните професии, професиите засновани врз знаење и истражување: здравствени работници, професии во велнес центри, спорт и рекреација, дизајнери и уметност, бизнис и правни професии, менаџери, образование и обуки, услужување на клиентите и продажба, одржување на недвижностите и земјоделие, транспортни услуги. Северна Македонија, која го базира својот раст врз основа на трудоинтензивниот модел на раст, силно ќе биде погодена од овие тенденции.
Проценките се дека секое денешно петто работно место ќе биде затворено. Северна Македонија доцни со трансформацијата на моделот на раст и автоматизацијата, дигитализацијата и воведување на вештачка интелигенција во економијата. Тоа ќе биде и предизвик за брза трансформација на моделот на раст и негова трансформација во модел на раст врз знаење, истражување и развој. Новиот развоен модел треба да ги земе тековните услови во земјата, односно: инфраструктурната развиеност, географската положба, регионалното опкружување, расположливоста на факторите на производство, институционалната и финансиската развиеност, расположливата технологија и акумулирано знаење. Односно моделот на раст треба да биде заснован на комбинација на увоз на егзогени фактори на раст (технологија), но паралелно засилено да ги развива и домашните фактори на раст (ендоген модел на раст).
Со тоа, на долг рок би требало да дојде до целосно заменување на егзогените фактори на раст со развој на ендогените фактори на раст. Исто така треба да се земат предвид и најновите случувања на светско ниво кои се променија со појавата на пандемијата и ќе доведат до менување на односите на производството и тековите на трговијата. Според најновите анализи, ќе дојде до сериозна промена на т.н. global value chains и сѐ поголема доминација на регионалните вредносни вериги и платформи. Во услови на нарушени глобалните вредносни вериги, Северна Македонија треба да се прилагоди и да го најде своето соодветно место во светската трговија според сопствените предности. Според тоа, македонската економија би требало да ги направи сите напори да почне да се искачува постепено нагоре во скалата на глобалните вредносни вериги преку користење на своите ресурси, знаење и технологија (World Bank, GVC report, 2017). Според наше мислење, тоа може да се постигне преку барање на т.н. алтернативни пазари за извоз кои се пониско специјализирани и би биле посоодветни на нашиот степен на специјализација во производство.
Преголемиот фокус на извозот на високо специјализираните пазари во Европската Унија не го даде саканиот резултат поради тоа што квалитетот и специјализацијата на нашето производство сѐ уште не е спремно и соодветно. Како единствен начин да се поттикне тоа е поактивно вклучување на производството во т.н. regional value chains (World Bank, GVC report, 2017). Домашните локални производители кои се на релативно слично ниво на специјализација и технолошки развој со локалните производители од соседните земји, можат да воспостават производни и трговски врски за стандардизирање и окрупнување на производство и постепено пласирање на поголемите и поспецијализирани пазари во Европската Унија.
Заклучок
Со шокот предизвикан од пандемијата Ковид-19, македонската економија се соочува со најголемите предизвици од нејзиното осамостојување на краток, среден рок и долг рок. Ваквите предизвици всушност не само што ги одразуваат здравствените и економските ефекти од пандемијата, туку ги рефлектираат и долгорочните структурни проблеми на економијата и растот кои постојат со децении наназад. На краток и среден рок, економијата ќе биде соочена со справување на трошоците предизвикани од кризата и брзо и ефикасно финансирање на буџетскиот дефицит.
Во однос на тоа, фискалните власти треба одговорно да го утврдат правилниот микс на финансирање од домашни и странски извори, без притоа да се загрози на долг рок одржливоста на јавниот долг. На долг рок, оваа криза претставува сериозен предизвик за целото општество со што треба сериозно да се преиспита понатамошната патека на раст и развој на земјата. За тоа предлагаме да постои поширока дебата и анализа.
Досегашниот модел на раст се покажа дека не ги даде очекуваните резултати и е доста ранлив на различни шокови од домашна и надворешна природа. Исто така, досегашниот модел не овозможува економско конвергирање кон ЕУ во одреден оптимален временски период. Моделот, којшто беше трудоинтензивен и заснован на прилив на СДИ, треба сериозно да се промени во следните насоки: 1. Развој на домашните фактори кои ќе поттикнат раст на продуктивноста, односно создавање на услови за развој на нова технологија и знаење преку подобрување на бизнис-климата, поттикнување на ИР и поддршка на домашното претприемништво. 2. Откривање на алтернативни пазари за извоз преку вклучување на домашните производители во т.н. регионални синџири на производство и понатамошно интегрирање во глобалните синџири на производство и трговија. 3. Поттикнување на процесите на корпоративно реструктурирање на успешните претпријатија со овозможување на нивна достапност на пазарите на капитал и подобри услови за нивен понатамошен раст. Со тоа на пазарен начин ќе се поттикне нивно понатамошно окрупнување и одржување на конкурентноста.
На крај треба да се напомене дека препораките изнесени во оваа анализа, треба да се земат како основа за започнување на поширока научна дебата од страна на стручниот кадар во земјата, вклучително и на креаторите на економските политики. Поддршката во изнаоѓањето на решение за излез од кризата и поставување на економијата на патеката на долгорочно одржлив раст од страна на креаторите на макро и микро – политиките во земјата ќе биде клучна поради потребните законски регулаторни промени и промени во водењето на фискалната политика од приходна и особено од расходна страна.