Connect with us

економија

Македонската економија на среден и долг рок (5)

Големата слика

објавено

на

Од почетокот на ковид – кризата, група на економисти, социолози, инженери, банкари, поранешни и актуелни министри работеа на поставување на “големата слика” за македонската економија.  Нивниот труд е преточен во студијата „Големата слика: Македонската економија на среден и дол рок“,издадена од Фондацијата „Фридрих Еберт“, канцеларијата во Скопје. „Капитал“ ви ги претставува сите девет поглавја од студијата – целосно или делумно, со дозвола од Фондацијата. Составена од 11 членови (Глигор Бишев, Јане Богоев, Ивана Вучкова, Маја Геровска – Митев, Марија Дренковска, Бранимир Јовановиќ, Никола Поповски, Никола Стиков, Драган Тевдовски, Ванчо Узунов, Мила Царовска), хетерогената група што ја изработи научната студија  креираше низа препораки за македонската економија на среден и долг рок. Целата публикација е достапна на веб страната на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – www.fes-skopje.org

Глигор Бишев
Марија Дренковска

Поглавје 5

Монетарната политика на среден рок

Целта на овој труд е, во прв ред, да понуди анализа на предизвиците и перспективите на монетарната политика на Северна Македонија. Од аспект на меѓународен контекст и глобалните предизвици, а имајќи ги предвид карактеристиките на националната економија и стратешката ориентација на државата, овој труд нуди препораки за насоките и оптималните инструменти на монетарната политика на Северна Македонија на среден рок. Имајќи ги предвид тие цели, трудот е структуриран во два дела. Со оглед на тоа што сидро на монетарната политика на Северна Македонија претставува монетарната политика во еврозоната, првиот дел претставува краток осврт на политиките на водечките монетарни институции во светот (со фокус на Европската централна банка) во контекст на достигнување на монетарните цели, но и во контекст на влијанието на тие политики врз реалната економија. Вториот дел на трудот нуди осврт на споменатите аспекти, но со единствен фокус на Северна Македонија. И во двата контекста се вклучени одговорите на монетарната политика на нарушувањата предизвикани од неодамнешната пандемија Ковид-19. Во заклучокот се сублимирани препораките на основа на претставените анализи.

Макроекономски последици поради ниската инфлација

Борбата против инфлациските шокови и скротувањето на високите каматни стапки беше главниот предизвик за централните банки во периодот помеѓу укинувањето на златно-доларскиот стандард во раните 1970-ти и светската финансиска криза од 2008 година. Посткризните глобални случувања и макроекономски движења донесоа нови предизвици и најавија нова ера за монетарната политика и глобалната економија воопшто, во која доминираат исклучително ниски стапки на инфлација. Ниската инфлација, од макроекономски аспект, е непожелна од неколку причини. Меѓу другото, при ниски стапки на инфлација релативно мал негативен инфлациски шок брзо може да предизвика дефлација која, според преовладувачката економска литература, има неколку негативни импликации. Како прво, дефлацијата предизвикува одложување на потрошувачката и инвестициите поради очекувањата за понатамошно опаѓање на цените.

Понатаму, комбинацијата на опаѓање на цените на производите и нееластичноста на платите влијае негативно на профитабилноста на фирмите и ја намалува побарувачката на трудот. И трето, во услови на дефлација реалниот износ на номиналниот долг се зголемува со што го прави отплаќањето на долгот потешко за домаќинствата, фирмите и државата. Да се потсетиме дека номиналната каматна стапка е сума од реалната каматна стапка и инфлацијата. Па така, комбинацијата од ниска реална каматна стапка и конзистентниот неуспех да се исполни инфлациската цел на водечките монетарни власти (Европската централна банка (ЕЦБ), Федералниот резервен систем (ФЕД), Народната банка на Кина итн.) го намалува маневарскиот простор на конвенционалните инструменти на монетарната политика (преку каматната стапка) при потенцијални негативни шокови.

Илустрирано со пример, при стабилна стапка на инфлација од, на пример, 2 проценти и реална каматна стапка од 0 проценти, монетарните власти коишто таргетираат инфлација, имаат маневарски простор од 200 базични поени преку номиналната каматна стапка. При пониски стапки на инфлација, овој простор е помал. Затоа ниските реални каматни стапки кои преовладуваа во минатата декада се проблематични за монетарната политика на водечките централни банки. Тие го ограничуваат просторот за борба со ниските инфлациски стапки и го одолговлекуваат враќањето на инфлацијата кон целната вредност. Рамнотежната  реална каматна стапка (позната уште како „неутрална реална каматна стапка“) воопшто бележи надолен тренд уште од 80-тите години на претходниот век. Во прилог на тоа се историските вредности на основните каматни стапки на ФЕД-от и ЕЦБ (графикон 5.1.). Рамнотежна каматна стапка е онаа при која се изедначени посакуваните нивоа на штедење и инвестиции. Нејзината вредност ги одразува немонетарните сили (како што се демографските фактори, продуктивноста и склоноста кон ризик) коишто влијаат на посакуваната стапка на штедење и инвестиции. Ниските каматни стапки се пред сѐ значителни за годините по светската финансиска криза која, со нејзиното „дупло дно“ (графикон 5.2.) донесе голема неизвесност во економијата. Ваквата неизвесност влијаеше на намалување на инвестициите и продуктивноста, зголемување на штедењето и намалување на апетитот за повисоко ризични инвестиции што придонесе за зголемување на делот на државните инвестиции во инвестициските портфолија. Од аспект на монетарната политика, на централните банки не им преостанаа многу опции во контекст на конвенционалните монетарни мерки.

Од последната финансиска криза, покрај ниската рамнотежна реалнa каматна стапка, во последните десетина години, неповолни се и случувањата на номиналната страна на економијата. Во многу европски земји пазарите на трудот во посткризниот период се карактеризираат со значителни проблеми при оптималното искористување како на постоечката работна сила (labor market slack), така и на производните капацитети. Со оглед на тоа што во Европа во посткризниот период фискалната позиција не беше во служба на поттикнување на домашната побарувачка, Европската централна банка презема комбинација на мерки на експанзивна монетарна политика како што се негативна основна каматна стапка, програма за откуп на државни обврзници, операции за долгорочно рефинансирање и нов начин на комуницирање со јавноста за идните движења на основната каматна стапка (forward guidance ). Во прилог на горниот заклучок сведочат и одредени анализи (Birdsall & Fukuyama (2011), Rodrik (2006), Stiglitz (2008)) според кои во контекстот на европските земји, а и пошироко, забавувањето на економскиот раст по светската финансиска криза во одредена мера е и последица на враќањето на Вашингтонскиот консензус, односно мерките на штедење (austerity measures).

Тромиот економски раст по кризата од 2008 година, и покрај долгогодишно ниските каматни стапки, ја промовираше хипотезата за „секуларната стагнација“. Тоа е термин кој е за прв пат скован во 1930-тите од страна на кејнезијанскиот економист Alvin Hansen, но беше вратен во употреба во 2013 година од страна на бившиот американски министер за финансии, Larry Summers. Според него, снижувањето на каматните стапки најверојатно нема да придонесе за зголемување на инвестициите и потрошувачката, а одговорот треба да се бара во зголемената јавна потрошувачка. Причините за опаѓачкиот тренд во реалните каматни стапки се предмет на бројни студии, меѓутоа Rachel & Summers (2019) во својата студија разгледуваат емпириски анализи на врската помеѓу долгот и неутралната реална каматна стапка и анализираат широк спектар на теоретски канали преку кои се реализира оваа врска.

Преку нивната декомпозиција на реалната каматна стапка  тие ги издвојуваат факторите кои стојат зад опаѓачкиот тренд на неутралната каматна стапка кои се најмоќни во приватниот сектор. Според нив (и врз основа на други студии кои го потврдуваат нивниот наод), изедначувањето на приватното штедење и приватните инвестиции, уште долго ќе бара одржување на ниски каматни стапки во развиените земји. Квантифицирано, според оваа студија, говориме за рамнотежна каматна стапка помеѓу 1% и -2% во наредните 30 години.

Одговор на монетарната политика на ЕЦБ и ФЕД во услови на корона пандемија

Како и при претходната криза, така и во оваа криза ФЕД се обврза да вбризга голема количина долари на светските финансиски пазари, а при пазарните очекувања дека ФЕД ќе води многу поекспанзивна монетарна политика од ЕЦБ, вредноста на американскиот долар во однос на еврото се намали. Таквата монетарна политика секако ќе влијае врз динамиката на девизните курсеви кои од друга страна пак, играат голема улога во извозната конкурентност. Во тој поглед, на останатите водечки монетарни власти им преостанува многу мал маневарски простор, освен да ја следат акомодативната политика на ФЕД и ЕЦБ. ЕЦБ тоа го направи преку: дополнителен откуп на обврзници во износ од 120 милијарди евра, до крајот на 2020 година во рамките на постоечкиот програм (APP); и привремени дополнителни аукции на средства за привремена ликвидност по депозитна стапка и поповолни услови за постоечките операции на долгорочно рефинансирање (TLTROIII) во периодот помеѓу јуни 2020 и јуни 2021 година, со каматни стапки што можат да паднат и до 50 базични поени под просечната каматна стапка на средства за депозити. Од неодамна пак, ЕЦБ воведе нов ликвидносен програм (PELTRO), кој се состои од серија ненасочени операции со долгорочно рефинансирање во услови на пандемија за итни случаи по каматна стапка која е 25 базични поени под просечната стапка на главните операции за рефинансирање (MRO) до крајот годината.

Монетарната рамка во Северна Македонија

Валутната зона на Северна Македонија не е оптимална валутна зона во смисла на барањата на Mundell-McKinnon моделот. Тоа е мала, отворена економија, која учествува во светското производство мерено преку БДП со 0,015 проценти, е економија за која меѓународните цени се дадени (pricetaker), со висока валутна супституција (учество на девизните депозити во вкупните депозити од 41,2 проценти), со високи трансфери по основ на дознаки од странство во просек од 17 проценти од БДП. Тоа исклучително го ограничува изборот на монетарната рамка за дизајнирање и имплементирање на монетарната политика и ја сведува на таргетирање на девизниот курс. Носителите на монетарната политика, од четвртиот квартал од 1995 година официјално објавија дека применуваат стратегија на таргетирање на девизниот курс на денарот во однос на германската марка, а од 2001 година во однос на еврото. Иако, два предуслови за таргетирање на девизниот курс не беа исполнети: слободен прилив и одлив на капитал од/кон странство и развиени пазари на капитал, се сметаше дека високата валутна супституција и високото учество на дознаките од странство ќе ги елиминираат овие недостатоци. Ваквата стратегија беше успешна во соборување на инфлацијата и потиснување на инфлаторните очекувања (графикон 5.3).

Меѓутоа, со исклучок на периодот 2004 – 2008 година, економскиот раст беше под потенцијалниот, а каматните стапки бавно конвергираа кон каматните стапки во еврозоната, чијашто валута служеше за сидро на монетарната политика (графикон бр. 5.4.).

Уште повеќе, во услови на криза, кога монетарната политика треба брзо да се акомодира, заради растот на валутната супституција водена од неизвесноста и бегање во сигурни валути, и прекинувањето на приливот на капитал од странство, монетарната политика „одеше спроти ветерот“, ја зголемуваше рестриктивноста, и ги зајакнуваше ефектите на кризата. Така, во периодот на големата рецесија 2008 – 2009 година, кога каматните стапки и монетарната политика во еврозоната којашто служи за сидро на монетарната политика се олабавуваа, во Северна Македонија тие се затегнуваа и каматните стапки се зголемуваа, заради потребата на одбрана на девизниот курс и губењето на девизни резерви (графикон бр. 5.4.). Монетарната политика се акомодираше со задоцнување од две години, по одмрзнувањето на меѓународните финансиски пазари и зголемувањето на приливот на капитал од странство. Целосна либерализација на капиталните трансакции со странство се оствари во третиот квартал од 2019 година. Неразвиеноста и плиткоста на пазарот на капитал остана и понатаму ограничувачки фактор за стратегијата на таргетирање на девизниот курс.

Сепак оваа стратегија испорача солиден раст на кредитите во корист на приватниот сектор, просечно годишно од 6,5 посто во периодот 2009 – 2019 година. Меѓутоа, растот на кредитите на компаниите (4,7 проценти, просечно годишно), беше за речиси два пати понизок од растот на кредитите на населението (8,6 проценти просечно годишно). Во последните три години, кредитите на компаниите, растеа со просечна годишна стапка од 2,9 проценти просечно годишно (графикон 5.5). Тоа е недоволно за динамизирање на економскиот раст на ниво на потенцијалниот, иако нивото на задолженост на корпоративниот сектор е на ниско ниво (23,9 проценти од БДП). Реалната базична каматна стапка на НБРСМ, во услови на економска експанзија се сведе во границите од 0 до 3 проценти годишно.

 Заради високиот кредитен ризик, реалните каматни стапки на денарските кредити на претпријатијата се движеа во зоната од 4 до 7 проценти. Во последните две години тие се сведоа во зоната од 0,5 до 1,5 проценти (графикон бр. 5.6.). Меѓутоа, во услови на контракција, наместо намалување, каматните стапки се зголемуваа заради зголемувањето на валутната супституција и запирањето на приливот на капитал и дознаки од странство (2009 година, реална базична каматна стапка на НБРСМ од 9,2 проценти, наспроти 2,8 проценти во 2007 и -1,3 проценти во 2008 година). Централната банка на Република Северна Македонија, по големата рецесија, при дизајнирањето и спроведувањето на стратегијата на девизниот курс, сѐ повеќе се потпираше врз принципите на нео-вашингтонскиот консензус. Таа прифати дека е потребна позначајна улога на монетарната и фискална политика во стабилизирањето на економските текови.

Стабилноста на цените, остана основна цел на монетарната политика, но таа прифати дека мора да даде значаен придонес во стабилизирањето на деловните циклуси. Воведувањето и почитувањето на макропрудентни стандарди стана исто толку важно како и одржувањето на стабилноста на цените. Обезбедувањето на стабилноста на финансискиот и банкарскиот сектор стана клучно прашање за одржување на стабилноста на економијата. Централната банка воведе голем број макропрудентни стандарди во сферата на капиталната сила на банките, управувањето со ризиците, а особено со кредитниот ризик, стандарди за нивото на задолженост, за нивото на растот на кредитите, стандарди за ликвидноста и слично. Со тоа се зголеми капацитетот на банките да апсорбираат шокови и полесно да ги надминуваат кризните состојби. И покрај тоа што централните банки го проширија арсеналот на мерки на монетарната политика: а) квантитативно олабавување: директно да се вбризгуваат средства на пазарот на кредити и капитал и да се влијае на долгорочните каматни стапки и да се врши откуп на хартии од вредност (asset purchases), согласно стратегијата на таргетирање на девизниот курс НБРСМ, не може да го користи овој инструмент во големи размери, заради фактот што при оваа стратегија, средство што се откупува се девизите – евра) долгорочно насочување (2 – 3 години) на очекувањата (forward guidance) и на тој начин координирање и влијание врз формирањето на долгорочните очекувања за состојбата на монетарната политика, особено движењето на долгорочните каматни стапки и макроекономските движења. Заради користењето на каматните стапки како примарен инструмент за стабилизирање на девизниот курс, временскиот хоризонт на кој се ограничуваат монетарните проекции на НБРСМ се 12 – 18 месеци. Фискалната политика, исто така мора да е ориентирана на среден рок и да има контрациклична функција. Нејзина клучна функција треба да биде стабилизирање на економскиот раст на ниво на потенцијалниот и стабилизирање на буџетските дефицити и јавниот долг на среден рок. Иако, воведување на девизни и трговски ограничувања во услови на рецесија стана дозволено, Северна Македонија не прибегна кон користење на овие инструменти по големата рецесија.

Одговор на монетарната политика во услови на корона пандемија

Реакцијата на меѓународните финансиски пазари со отпочнувањето на корона кризата го следеше образецот на претходните економски кризи: зголемување на неизвесноста, зголемување на премијата за ризик во каматните стапки, бегање во сигурни, нискоризични хартии од вредност, намалување на движењето на капитал во земјите во развој. Согласно овој образец на однесување, приносите на македонската еврообврзница на меѓународните финансиски пазари за период од 40 дена се триплираа (од 1,1 проценти во февруари 2020 година на 3,60 проценти во април 2020 година), зголемувајќи го распонот во однос на германската обврзница на десет години од 1,7 проценти на 4,10 проценти (графикон 5.7). Истовремено, приливот на средства во земјата по основ на дознаки се преполови и бегањето во евра и долари се зголеми (зголемување на валутната супституција).

Централната банка беше соочена со дилемата – да го одбрани девизниот курс преку зголемување на домашните денарски каматни стапки што го бараа инвеститорите, или да се обиде долгорочно да ја релаксира монетарната политика преку намалување на девизните резерви и/или значително зголемување на позајмувањето од странство. Со оглед на висината на девизните резерви, акомодирањето на монетарната политика на долг рок, само со потпирање врз девизните резерви, не е можно. Напротив, обидот да се одбрани девизниот курс преку нестерилизирани интервенции на девизниот пазар и намалување на каматните стапки, може да доведе до губење на довербата во централната банка на долг рок. Гледано од тој аспект, носителите на економските политики (НБРСМ и Министерството за финансии) се одлучија, на краток рок да го одбранат девизниот курс преку губење на девизни резерви, а акомодацијата на монетарната политика да ја овозможат преку долгорочно позајмување од странство. Така, од крајот на февруари 2020 година, централната банка започна со нестерилизирани интервенции на девизниот пазар, а на крајот, во март 2020 година, ја намали базичната каматна стапка за 25 базични поени (на 1,75 проценти). Во периодот март – мај 2020 година, централната банка интервенираше со околу 200 милиони евра на девизниот пазар. На крајот од мај 2020 година, следеше дополнително акомодирање на монетарната политика со намалување на базичната каматна стапка на НБРСМ за дополнителни 25 базични поени на 1,5 проценти, (графикон 5.8.). Истовремено, се зголеми ликвидноста преку намалување на износот на благајнички записи што се нуди на аукција за 30 проценти. Истовремено, централната банка во координација со Министерството за финансии, успеаја да обезбедат дополнителна финансиска поддршка во износ од 1,2 милијарди евра, што претставува 9,5 проценти од БДП.

Притоа, преку Инструментот за брзо финансирање од ММФ (Rapid Financing Instrument), се обезбедија 177 милиони евра; преку Инструментот за макрофинансиска поддршка од ЕУ (Macro-Financial Assistance) се обезбедија 160 милиони евра, а од Светската банка се обезбедија 140 милиони евра и тоа преку Инструментот за Итен одговор на кризата 50 милиони евра (Contingent Emergency Response Crisis) и Инструментот за мерки за итен одговор на Ковид-19 90 милиони евра (Emergency Covid-19 Response Project). Исто така, преку издавање на еврообврзница се обезбедија 700 милиони евра од приватните финансиски пазари. Со тоа, акомодативната монетарна политика би требало да биде одржлива на среден рок. Сепак, доколку се покажат точни прогнозите дека сегашната криза ќе биде во форма на знакот на брендот „Најк“ (Financial Times, 2020, June 4th), или уште полошо, дека ќе биде како и претходната од подолгорочен карактер во форма на „W“, тогаш за долгорочно одржување акомодативната монетарна политика најверојатно ќе бидат потребни дополнителни финансиски средства во висина од 5 до 8 проценти од БДП. Притоа, НБРСМ на почетокот од мај 2020 година, излезе со нова монетарна и макроекономска проекција (forward guidance) до крајот на 2022 година без проекција за движењето на каматните стапки, со напомена дека НБРСМ будно ќе ги следи движењата за да реагира соодветно на истите.

Напоредно со акомодатицијата на монетарната политика, централната банка изврши прилагодување на одредени макропрудентни стандарди. Се релаксираа стандардите за кредитен ризик до крајот на 2020 година со што се овозможи банките да извршат одлагање на враќањето на кредитите на компаниите и населението во просек за шест месеци. Во просек кај компаниите се изврши одлагање на околу 25 проценти од кредитите, а кај населението околу 55 проценти од вкупните кредити на масовна основа. Во септември 2020 година, банките извршија уште едно одлагање на кредитите на населението, но овој пат на поединечна основа, само на лицата што останале без работа или имаат намалување на приходите за повеќе од 10 проценти. За да се зајакне капиталната сила на банките, НБРСМ, препорача задржување на добивката од 2019 година. Најголемиот број банки ја почитуваа оваа препорака и не извршија исплата на дивиденда.

Од изнесеното е очигледно дека капацитетот за акомодација на монетарната политика и ублажување на деловниот циклус во услови на таргетирање на девизниот курс е можно само доколку централната банка има аранжман за позајмување со одредени меѓународни финансиски институции, своп аранжман со ЕЦБ како Хрватска или располага со значителен вишок на девизни резерви и/или валутен фонд кој би се кумулирал во периодите на експанзија. На тој план, препорачуваме склучување на аранжман за ликвидност во итни услови од среднорочен карактер со ММФ кој би стоел на располагање за акомодирање на монетарната политика, своп аранжман со ЕЦБ и/или формирање на валутен фонд преку кумулирање на вишоците на приливите на девизи во услови на експанзија. На тој план, веќе е направен прв чекор со склучување на договор помеѓу ЕЦБ и НБРСМ за користење на репо-кредитна линија од 400 милиони евра во услови на Ковид кризата, во август 2020 година. Услов за користење на овие средства се држење на финансиски инструменти кои се на листата за интервенции на ЕЦБ. Тоа го ограничува користењето на оваа линија на нивото на девизните резерви на монетарниот систем на Северна Македонија (банките и централната банка) на ниво на девизните средства пласирани во првокласни хартии од вредност во државите од еврозоната, што го ограничува маневарскиот простор за прилагодување на монетарната политика. Акумулирањето на вишок на девизи може да се врши од постојните девизни приливи или преку приватизација на одредени државни компании.

Промена на монетарниот режим и прифаќање на валутен одбор или таргетирање на инфлацијата не се препорачува. Валутниот одбор би бил многу поригиден режим, кој би оневозможувал акомодација на монетарната политика дури и на краток рок, без позајмување од странство. Таргетирањето на инфлацијата во услови на висока неизвесност би ја поткопала довербата на монетарната политика. Согласно со тоа, НБРСМ справувањето со економскиот шок предизвикан од Ковид-19, се препорачува да го реализира со постојниот режим на монетарна политика и негово унапредување со своп аранжман со ЕЦБ или ММФ. Постоечкиот режим на монетарна политика се препорачува и за периодот на забрзана конвергенција и зачленување во ЕУ. Гледано од тој аспект, структурните реформи не само што го забрзуваат економскиот раст, туку доведуваат и до намалување на каматните стапки и распонот помеѓу каматните стапки во Северна Македонија и еврозоната. На краток рок, се очекува распонот помеѓу долгорочните германски обврзници на десет години и македонските обврзници со приближна рочност да се движи помеѓу 1,75 и 2,25 проценти. На среден рок се предвидува овој распон да се намали во распонот помеѓу 1,25 и 1,75 проценти, а во периодот на непосреден влез во ЕУ на 0,5 – 1,0 проценти.

Заклучок

Ковид-19 кризата ги стави централните банки пред нови искушенија: како понатаму да ја акомодираат монетарната политика во услови на негативни каматни стапки во високоразвиените земји и да се избегне стапицата на преголема задолженост на приватниот сектор. Нов бран на неконвенционални инструменти на монетарна политика се стартуваа со цел да се одржи ликвидноста на финансиските пазари и институции и да се зголеми капацитетот на пазарите на капитал да ги апсорбираат буџетските дефицити. Северна Македонија ја акомодираше монетарната политика преку позајмување на девизни средства од странство: од меѓународните финансиски институции и приватните финансиски пазари. За да се опреми НБРСМ поефикасно да ја акомодира монетарната политика за неутрализирање на економските шокови, во иднина, таа ќе мора да има инструмент за брзо позајмување на финансиски средства во форма на безусловен своп аранжман со ЕЦБ или ММФ. Алтернатива би било формирање на Валутен фонд во периодите на економска експанзија. Промена на режимот на монетарна политика кон валутен одбор или кон таргетирање на инфлацијата, во услови на Ковид криза не се препорачува. Првиот режим, би ја направил акомодацијата на монетарната политика уште поригидна, а вториот режим може да доведе до поткопување на довербата во монетарната политика. Најверојатно, Северна Македонија би го задржала режимот на таргетирање на девизниот курс до зачленувањето во ЕУ.

Continue Reading
економија7 дена ago

Алексова, ТУК: Неповратна финансиска помош за спас на туризмот и угостителството

економија6 дена ago

Помала премија за речиси 5% или 8,5 милиони евра во 2020

банки7 дена ago

Fitch Rating повторно го потврди кредитниот рејтинг на ПроКредит Банка на “БББ-“

македонија6 дена ago

Опасниот вирус на лагите е сојузник на Ковид – 19

економија6 дена ago

Властите задоволни од ефектот на антикризните мерки, бизнисот бара уште

технологии / компании2 дена ago

ПроКредит Банка прва банка во земјата со 70% електричен возен парк

менаџмент / маркетинг6 дена ago

Управување со ликвидноста и cash gap

свет6 дена ago

Како еден град станува паметен?

македонија6 дена ago

Амбициозен инвестициски план: ќе бидат вложени преку 105 милиони евра во нови маркети и други содржини

lifestyle6 дена ago

Марк Кјубан: Станете експерт во тоа што го работите. Тоа ќе ви даде предност затоа што повеќето луѓе не го прават тоа.