Connect with us

економија

Македонската економија на среден и долг рок (1)

Фељтон: Големата слика

објавено

на

Од почетокот на ковид – кризата, група на економисти, социолози, инженери, банкари, поранешни и актуелни министри работеа на поставување на “големата слика” за македонската економија. Нивниот труд е преточен во студијата „Големата слика: Македонската економија на среден и дол рок“, издадена од Фондацијата „Фридрих Еберт“, канцеларијата во Скопје. Почнувајќи од овој број на магазинот ви ги претставуваме сите девет поглавја од студијата – целосно или делумно, со дозвола од Фондацијата. Составена од 11 членови (Глигор Бишев, Јане Богоев, Ивана Вучкова, Маја Геровска – Митев, Марија Дренковска, Бранимир Јовановиќ, Никола Поповски, Никола Стиков, Драган Тевдовски, Ванчо Узунов, Мила Царовска), хетерогената група што ја изработи научната студија креираше низа препораки за македонската економија на среден и долг рок, како и социјалните системи и образованието како основа за креирање на фер општество од мали нозе, собрани низ годините на искуство, експертиза и знаење од страна на економисти, социолози, банкари, и еден инженер, двајца поранешни министри за финансии, како и актуелната министерка за образование, луѓе познати во нашето општество кои денес работат дома, а и во странство: како во Европа, така и во САД и Канада; дел кејнзијанци и приврзаници на слободниот пазар; помлади и повозрасни.
Целата студија е достапна на веб страницата www.fes-skopje.org

Поглавје 1: Каде сакаме да бидеме на среден рок?

Автори:
д-р Драган Тевдовски
д-р Глигор Бишев
„Алиса: Дали ќе ми кажеш, те молам, по кој пат треба да одам од тука? Мачката Чешир: Тоа зависи многу од тоа каде сакаш да стигнеш. Алиса: Не ми е многу важно каде. Мачката Чешир: Тогаш не е ни многу важно по кој пат ќе одиш.“ – „Алиса во земјата на чудата.“ – Lewis Carroll

Глобални трендови кои ќе го обликуваат следниот период

„Дали сите ќе работиме за паметна машина или ќе имаме паметни луѓе околу машината?  Дом или егзил? Господaр или поданик? Владетел или роб? Овие се вечни прашања на знаење, авторитет и моќ што не можат да се одговорат еднаш засекогаш. Нема крај на историјата; секоја генерација мора да ја наметнува својата волја и имагинација бидејќи новите закани бараат од нас да се обидуваме одново во секоја возраст.“ – Shoshana Zuboff, 2019.

Во втората декада од 21 век, високоразвиените капиталистички земји навлегоа во фазата на „секуларна стагнација“ (Larry Summers, 2019). Фаза која се карактеризира со благ економски раст, ниска, нулта инфлација која се граничи со дефлаторни притисоци и вишок на глобално штедење. Последица од тоа се негативни реални каматни стапки кои не се во состојба долгорочно да го урамнотежат приватното штедење и инвестирање. Потребата од перманентно зголемено трошење на државата и воведување на прудентна регулатива и стандарди во голем број сектори, ја отворија ерата на „капитализам кој е воден од невидливата рака на пазарите и видливата рака на државата.“ (Rachel and Summers, 2019).

Истовремено, недостигот од квалификувана работна сила во високоразвиените земји, особено, Германија, САД, Канада, Холандија, Шведска стана хронична економска болест. Паралелно со продолжувањето на животниот век започна да се продолжува и периодот на вработување, а годините за пензионирање се подигнаа на 68 – 72 години.

Нееднаквоста во распределбата на доходите се зголеми. Јазот помеѓу богатите и сиромашните станува сѐ поголем од година во година. Така, од 2015 година, најбогатиот 1 процент од населението, располагаат со поголемо богатство од целото останато население на планетата. Тоа создава голема разлика во шансите во животот. Наместо создавање  на општество каде што сите, особено младите, имаат еднакви шанси, сѐ повеќе се создава општество кое нуди различни шанси за граѓаните (Oxfam, 2020). Високата нееднаква распределба на доходот се смета за клучен фактор за недоволната приватна потрошувачка и приватни инвестиции.

Гласовите за порамномерна распределба на доходите и еднакви шанси во животот, станаа евергрин кај голем број економисти и невладини организации. Идејата на Базичен доход, започна да се промовира како решение за  еднакви шанси во животот и излез од „секуларната стагнација“ преку иновативен и инклузивен долгорочен економски раст.

Истражувањето и развојот станаа клучни двигатели на економскиот раст. Во високоразвиените земји, вложувањето во истражување и развој, заедно со вложувањето во нематеријални средства, како што се брендови, софтвер, дизајн, интелектуална сопственост се зголеми од 5,4 проценти на 13 проценти, од вкупниот приход на компаниите, во 2016 година (McKinsey Global Institute, 2019). Се очекува овие инвестиции долгорочно да се одржуваат на ниво од 15 проценти од приходите на компаниите, а економските политики да бидат фокусирани на нивно поттикнување.

Автоматизацијата и воведувањето на интелигентни машини во работните процеси ќе добие на динамика. Пандемијата ќе биде катализатор за забрзувањето на овој процес. Економиите ќе креираат нови работни места што ќе бараат нови вештини, знаење и образование. Се проценува дека секое денешно 5/6 работно место ќе биде затворено до 2030 година во високоразвиените земји. Најпогодени работни места ќе бидат мануелните и трудоинтензивните индустрии: машинско инсталирање и поправка, комунални услуги, услугите во храна, производственото работење, работните места на поддршка на процесите и канцелариското работење. Сепак, не се очекува зголемување на невработеноста. Истовремено ќе се зголеми побарувачката во креативните професии, професиите засновани врз знаење и истражување: здравствени работници, професии во велнес центри, спорт и рекреација, дизајнери и уметност, бизнис и правни професии, менаџери, образование и обуки, услужување на клиентите и продажба, одржување на недвижностите и земјоделие, транспортни услуги. Тоа ќе бара перманентна обука и стручно усовршување на активните лица.

Инвестирањето во зелена човекова околина, инвестирањето во чиста животна околина ќе значи инвестирање во растот. Енергетски ефикасните и чисти, јаглеродно-неутрални населби и станови за живеење ќе бидат карактеристика на новото урбано живеење.

Поглед подалеку од зависна пазарна економија

Варијациите на капитализмот (англ. Varieties of Capitalism) претставува една од клучните теми на интерес на политичката економија од Западот. Нејзината идеја е да ги утврди разликите во економските и политичките институции на капитализмот во различни земји и да изгради еден разбирлив споредбен приказ за функционирањето на современиот капитализам. Оваа област започнува да се развива со трудот на Shonfield (1965), a станува популарна со делото на Albert (1991). Најважен труд во областа на варијациите на капитализмот е на Hall and Soskice (2001) во кој се предлага еден сеопфатен пристап за утврдување на карактеристиките на варијациите, според кој се дефинираат две варијации на капитализмот во развиените земји.

Првата се нарекува либерална пазарна економија и нејзин главен претставник е САД. Другата, пак, се нарекува координирана пазарна економија и нејзин главен претставник е Германија. Подоцна, Nölke and Vliegenthart (2009) воведуваат и трета варијација на капитализмот која ја нарекуваат зависна пазарна економија. Неа ја објаснуваат преку поранешните социјалистички земји од Централна и Источна Европа, а оваа варијација на капитализмот целосно одговара и на земјите од нашиот регион (ЈИЕ), вклучувајќи ја и Северна Македонија.

Клучните карактеристики на трите варијации на капитализмот се прикажани во табелата 1.1. Во либералната пазарна економија, фирмите ја остваруваат координацијата преку пазарите во контекст на конкуренција и со помош на формални договори. На нив како одговор на ценовните сигнали, различните актери ја прилагодуваат понудата и побарувачката за добра и услуги и тоа често водејќи се од маргиналните пресметки како што тоа го претпоставува неокласичната економија. Во координираната пазарна економија, фирмите често ги координираат своите активности преку непазарни односи. Тоа се мрежи и асоцијации помеѓу фирмите кои се базираат на соработка, а не на конкуренција, што е во суштина на либералниот модел. Затоа спротивно од рамнотежните исходи од однесувањето на фирмата во пазарни економии кои се детерминирани од побарувачката и понудата на конкурентните пазари, тие исходи кај координираната пазарна економија многу често зависат и од стратегиските интеракции помеѓу фирмите и другите актери, како, на пример, синдикатите. Во зависната пазарна економија, координацијата на активностите во фирмите се остварува преку одлуките внатре во транснационалната компанија.

Зависната пазарна економија обезбеди значаен раст на економиите, посебно од Централна и Источна Европа во последните децении. Потпирајќи се на евтина работна сила и силни даночни олеснувања, таа привлече капитал од странство кој ја промени извозната структура на земјите. Исто така и во Северна Македонија е направена позитивна промена во структурата на извозот заменувајќи го извозот на суровини со извоз на индустриски производи, како на пример, автомобилски делови. Но, во исто време оваа пазарна економија создава и ограничувања за долгорочниот раст на економијата. За нивно надминување треба да се има јасно поставени цели коишто на среден рок треба да се остварат. Пред сѐ тоа е подобрувањето на системите на образование и на истражување и развој со цел да се подигне способноста на идната работна сила, а со тоа и продуктивноста на економијата на долг рок, со паралелно зајакнување на институциите на пазарот на трудот. Фокусот на привлекувањето на странските инвестиции треба да биде на тие што ќе обезбедуваат повисока додадена вредност и трансфер на знаења. А, во исто време потребно е подигнување и на капацитетот на државата која треба да се грижи за интересите на граѓаните и домашните фирми.

Целта за економскиот раст и конвергенција кон ЕУ до 2030 година

Во изминатата декада носителите на економските политики во Северна Македонија беа ориентирани кон одржување на стабилноста на девизниот курс и цените наместо кон стабилизирање на флуктуациите во економскиот раст на ниво на потенцијалниот економски раст без да дозволат трајни инфлаторни или дефлаторни притисоци и без трајни платнобилансни нерамнотежи.

Во изминатите две декади македонската економија не успеа значително да се доближи до динамиката на раст на брзорастечките економии. И покрај високата ценовна стабилност и стабилноста на девизниот курс, во изминативе две и пол декади бруто-домашниот производ (БДП) на Северна Македонија, просечно годишно растеше со 2,1 проценти (3,3 проценти во периодот 2000 – 2018 година). Тоа беше недоволно за значително намалување на нивото на развиеност и јазот на животниот стандард во однос на високоразвиените земји, а особено во однос на земјите од ЕУ. Тоа укажува дека ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс не се доволни за забрзување на економскиот раст, иако служат како негови основни предуслови. Остварениот економски раст беше значително под потенцијалниот раст на земјата. Јазот во животниот стандард во однос на високоразвиените земји, бавно се затвораше. Така, на крајот од 2018 година, БДП по жител во Северна Македонија, достигнуваше 37,2 проценти од просечниот БДП по жител во ЕУ.

Искористеноста на главниот фактор на економскиот раст е многу ниска. Вработеноста на работната сила во Северна Македонија изнесува 47,3 проценти на крајот на 2019 година, наспроти 69 проценти во ЕУ (цел за стапката на вработеноста во ЕУ до 2025 година е 75 проценти). Тоа укажува дека голем дел од работната сила во Северна Македонија е обесхрабрена да бара вработување и е неактивна или е на привремена работа во странство или пак е вработена во неформалната економија.

Подигнувањето на нивото на потенцијалниот економски раст на македонската економија во голем дел ќе зависи од добро дизајнирани и спроведени структурни реформи на среднорочен период, за кои Stojkov and Besimi (2020) го користат изразот big push. Само во такви услови потенцијалниот економски раст на македонската економија може да се подигне на ниво од 4,3 до 5 проценти во периодот 2020 – 2035 година. Во такви услови, македонскиот БДП по жител, мерен според паритетот на куповната сила на доларот во 2035 година би изнесувал 58,4 проценти од ЕУ просекот, а вработеноста би изнесувала 59 проценти. Без сеопфатни структурни реформи, потенцијалниот економски раст би се движел во границите од околу 3,5 проценти и конвергенцијата би продолжила бавно. На крајот од 2035 година БДП по жител би изнесувал 49,0 – 52,5 проценти од просекот на ЕУ, а вработеноста на работната сила би изнесувала 53,5 проценти.

Фер распределба на доходот и намалување на сиромаштијата

Конзервативната идеологија смета дека е важен само економскиот раст, a не и релативната распределба на доходот и богатството. Нивното распространето тврдење е дека кога „питата се зголемува, тоа е за сите добро, бидејќи секој ќе добие поголемо апсолутно парче од питата и дека релативната распределба не е важна“. Тие дури имаат и две оправдувања за растечката нееднаквост. Првото е дека нееднаквоста е потребна за економскиот раст затоа што ги овозможува штедењето и инвестициите. Таа се базира на аргументот дека доходот на тие што се наоѓаат на врвот на распоредот е главно од капитал и дека тие голем дел од тој доход штедат, а додека од другата страна на распоредот – тие со низок доход генерално целиот го трошат (Dynan, Skinner and  Zeldes, 2004). А, идејата на ова е дека земјите коишто имаат високо ниво на плати, да не бидат во можност да акумулираат капитал, како што тоа би го направиле земјите со ниско ниво на плати.

Затоа, според нив, единствениот начин да се овозможат долгорочни можности за раст, е да се овозможи доволно голем доход за најбогатите. Но, проблемот со ова објаснување е што во последнава декада на глобално ниво не постои недостаток на штедење, туку напротив постои огромна понуда на ликвидност, која Бернанке ја нарекуваат глобална прекумерна понуда на штедењето (англ. Global savings glut) (Bernanke, 2015). Но, и ако е потребно дополнително штедење за да се зголеми економскиот раст, секако дека постојат подобри начини да се направи тоа, како на пример да се оданочат богатите повеќе, а дополнителните средства да се користат за инвестиции (Stiglitz, 2016).

Второто објаснување се базира на тврдењето дека тие што се на врвот на распоредот на доходот, се главните креатори на работните места и дека ако се насочува повеќе доход спрема нив, тоа ќе предизвика создавање на повеќе работни места. Но, анализите во развиените економии покажуваат дека претприемачите се наоѓаат на различни места на распоредот на доходот и дека создавањето на работни места воопшто не е во ексклузивитет на најбогатите. Дополнително, Berg and Ostry (2011) покажуваат дека нееднаквоста на доходот е поврзана со економска нестабилност, а тоа прави периодите на економски раст да бидат пократки кога нееднаквоста е поголема.

Ковид кризата покажува дека нееднаквоста го прави тешко управувањето со здравствениот ризик што води кон продлабочување на економската криза. Согласно со тоа, една од клучните мерки за справување со кризата е одржување на животниот стандард на ранливите категории на население.

Северна Македонија има најголема нееднаквост на доходот во Европа, ако како критериум се земе учеството во доходот на најдоходовните 1%. Според податоците на УЈП, 1% од граѓаните со највисок доход добиваат 14,4% од вкупниот остварен доход во земјава. Од друга страна, земјава ја има втората највисока стапка на екстремна сиромаштија во Европа, после Србија. Така, процентот на население кое живее со под 2 долари на ден изнесува 4,4%, а висока е стапката на сиромаштија која изнесува 21,9% од населението.

Среднорочна цел за стапката на сиромаштија треба да биде нејзино преполовување од постојното ниво на 10%, што ќе води до приближување до целите за одржлив развој на ОН за искоренување на сиромаштијата.

Зајакнување на капацитетот на државата

Големите кризи, како војни и пандемии, секогаш го враќаат значењето на државата. Во добрите – нормалните времиња, често се вели дека приватниот сектор е „добар“, „квалитетен“ и „продуктивен“,додека јавниот сектор е „лош“, „непродуктивен“ и „паразит“. Но, во време на криза државата е таа што секогаш треба да обезбеди заштита за граѓаните и фирмите. Постојната пандемија е најдобар пример за тоа, кога државите во светот реализираат фискални стимули од невидени размери досега за да ги сочуваат работните места, бизнисите и да го заштитат доходот на најранливите граѓани.

Kапацитетот на државата има две димензии. Првата димензија е големината на државата, односно колкава е нејзината способност да прибира даноци и потоа нив да ги инвестира. Втората димензија е ефективноста на државата, која го претставува квалитетот на формулирање и спроведување на политики од страна на јавниот сектор.

Колкава е големината на државата, односно колкаво е учеството на државата во економијата на Северна Македонија? На графиконот 1.1. е прикажано движењето на вкупните расходи на општа влада како% од БДП во периодот од 1991 до 2019 година. Северна Македонија има помала држава не само од просечната големина во земјите на еврозоната и Европската Унија, туку и од просекот на пост – транзициските земји од Европа (група на земји која ММФ ја нарекува: Emerging and Developing Europe). Така, во 2019 година, вкупните расходи на општа влада во Северна Македонија изнесуваат 32,2% од БДП, додека нивниот просек за пост – транзициските земји од Европа изнесува 36,7% од БДП, додека просеците за ЕУ и еврозоната се многу повисоки и изнесуваат 45,5% и 47,1% од БДП, респективно.

Големината на државата на Северна Македонија е и помала од регионалните стандарди. На графиконот 1.2. е прикажано движењето на вкупните расходи на општата влада како процент од БДП во периодот од 1992 до 2019 во земјите од регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ). Во 2019 година, Северна Македонија има повисоки јавни расходи само од Албанија (29,7% од БДП) и Косово (30,1% од БДП). Сите останати земји од ЈИЕ имаат поголеми државни расходи кои се движат од 38,3% во Бугарија до 46,6% во Хрватска. Затоа на среден рок Северна Македонија треба да се стреми да го зголеми учеството на државните расходи како процент од БДП и тоа да го достигне просекот на пост-транзициските земји од Европа.

Ефективноста на државата може да се мери преку индикатор на Светска банка, кој е дефиниран како: „показател за перцепциите за квалитетот на јавните услуги, квалитетот на јавниот сектор и степенот на неговата независност од политички притисоци, квалитетот на формулирање и имплементација на политиките, како и кредибилитетот на владата во спроведување на таквите политики.“ Се пресметува како агрегатен индикатор кој во себе содржи неколку димензии: владеење на правото, регулаторен квалитет, контрола на корупцијата, политичка стабилност и глас и отчетност. Северна Македонија е континуирано рангирана во квартилот на земјите од Европа кои имаат најниска ефективност на државата. На пример, во 2018 година, сите земји на ЕУ, како и повеќето земји од ЈИЕ, освен Босна и Херцеговина и Косово, имаат подобра ефективност на државата од Северна Македонија.

За да се подобри ефективноста на државата, две стратешки цели треба да постојат на среден рок. Првата цел е ограничување на можноста на политичките и бизнис-елитите да манипулираат со правилата во економијата и општеството. Повеќе околу теоретските основи на оваа цел може да се најде кај North and Weingast (1989). А, динамиката на нејзиното остварување може да се следи преку три показатела: владеење на правото, независност на судството и слобода на медиуми. Овие показатели се висококорелирани со димензиите на композитниот индикатор за ефективност на државата на Светска банка. На пример, владеење на правото има многу висока корелираност со контрола на корупцијата, слободата на медиумите со глас и отчетност, а независноста на судството е поврзано со повеќе димензии. Регулаторниот квалитет ќе биде подобруван во процесот на отворање на поглавјата за влез во ЕУ.

Втората стратешка цел е подобрување на квалитетот на двата столба на јавниот сектор. Тоа се здравството и образованието. Приоритет треба да се стави на јакнење на државното здравство. Справувањето со постојната пандемија јасно покажа колку е важно да се има стабилен јавен здравствен систем. Аналогно на ова е и образованието. За жал, Северна Македонија долги години се наоѓа на дното на ранг-листата на ПИСА за квалитетот на образованието, а индексот на човечки капитал на Светска банка покажува дека еден 18-годишник од нашата земја во просек поминува 11,2 години во училиште, а во основа знае како да поминал само 6,8 години. Затоа фокусот на државата треба да биде во зајакнување на квалитетот на јавното образование.

Во следниот број: Поглавје 2
„Пораст на продуктивноста на македонската економија и структурни промени на среден и долг рок“

Continue Reading
економија19 hours ago

Градежниот бренд Адора и Фондацијата Новак Ѓоковиќ, со партнерска хумана мисија во Србија за подобра иднина на најмладите

економија2 days ago

Онлајн конференција „Бизнис без корупција“ во петок, 22.01

банки2 days ago

“УНИБанка” АД Скопје ќе ја исплати четвртата полугодишна камата на сопствениците на Перпетуални обврзници

економија5 days ago

Нето извозот од ТИРЗ зголемен за 17% лани

интервју5 days ago

Зоран Заев: Со стабилизирање на состојбата од пандемијата ефектите од нашите економски политики ќе бидат видливи

свет5 days ago

Демократијата одговара брутално кога е земена „здраво за готово“

економија5 days ago

Банкарите велат ќе биле „подарежливи“ со кредити годинава

македонија5 days ago

10-тото јубилејно издание на BIWC – Балкански интернационален вински натпревар 2021 година во Македонија

македонија5 days ago

„Алкалоид“ исплати новогодишен надомест од 25.000 денари за своите вработени и донираше 1,2 милиони евра за заедницата во 2020 година

економија5 days ago

Македонската економија на среден и долг рок (2)

интервју5 days ago

Зоран Заев: Со стабилизирање на состојбата од пандемијата ефектите од нашите економски политики ќе бидат видливи

економија19 hours ago

Градежниот бренд Адора и Фондацијата Новак Ѓоковиќ, со партнерска хумана мисија во Србија за подобра иднина на најмладите

економија7 days ago

10-тото јубилејно издание на BIWC – Балкански интернационален вински натпревар годинава ќе се одржи во Македонија

економија6 days ago

Неби Хоџа, СКСЗМ: Да се укине данокот на добивка до 2022 година за најпогодените компании од пандемијата

банки2 days ago

“УНИБанка” АД Скопје ќе ја исплати четвртата полугодишна камата на сопствениците на Перпетуални обврзници

економија5 days ago

Нето извозот од ТИРЗ зголемен за 17% лани

свет5 days ago

Демократијата одговара брутално кога е земена „здраво за готово“

економија2 days ago

Онлајн конференција „Бизнис без корупција“ во петок, 22.01

економија5 days ago

Банкарите велат ќе биле „подарежливи“ со кредити годинава

македонија5 days ago

10-тото јубилејно издание на BIWC – Балкански интернационален вински натпревар 2021 година во Македонија