Connect with us

економија

Македонскиот БДП ќе загуби до 900 милиони евра поради корона – кризата

Рекорден економски пад во вториот квартал, лоши прогнози за зимата

објавено

на

Пандемијата со коронавирусот направи штета од 320 милиони евра за само три месеци, односно толку е помала вредноста на сите производи и услуги создадени во вториот квартал годинава споредено со истиот период лани. Како што објави Државниот завод за статистика, домашната економија забележа огромен пад на бруто домашниот производ (БДП) од 12,7% на годишно ниво, како последица на таканаречениот локдаун, не само во земјава, туку и во најголем број земји во светот и Европа, особено оние што се наши најголеми трговски партнери. Новиот економски тим на Владата најави дека веќе работи на четврт пакет антикризни мерки, откако претходно се консултираа со бизнис заедницата со цел да ги пресретне последиците од оваа криза и да го ублажи ударот во последните месеци од годината, кога се стравува дека ќе дојде нов голем бран на ширење на заразата кој здравствените власти не исклучуваат дека ќе треба да го запираат со нов локдаун. Ако се знае дека првично планираниот раст на македонската економија пред да се појави пандемијата беше 3,8%, новите околности го ревидираа растот надолу за 7,8 процентни поени, до рецесија од 4%, и тоа според најоптимистичкото сценарио, што значи дека во апсолутен износ, штетата врз бруто домашниот производ (БДП) се проценува на околу 900 милиони евра.

Пандемијата со коронавирусот направи штета од 320 милиони евра за само три месеци, односно толку е помала вредноста на сите производи и услуги создадени во вториот квартал годинава споредено со истиот период лани. Како што објави Државниот завод за статистика, домашната економија забележа огромен пад на бруто домашниот производ (БДП) од 12,7% на годишно ниво, како последица на таканаречениот локдаун, не само во земјава, туку и во најголем број земји во светот и Европа, особено оние што се наши најголеми трговски партнери.

Според податоците на Заводот за статистика, падот е најголем кај индустријата и тоа -25.3%; и кај трговијата, транспортот и угостителството -23.4%, при што индустријата и транспортот се намалија главно поради ограничената меѓународна трговија и отежнатото движење, додека трговијата и угостителството страдаа од наметнатото затворање и воздржаност од потрошувачка на несуштински добра и услуги.

На расходната страна, ефектот од индуцираната контракција и ограниченото движење е видлив кај падот на извозот од -25.6%, увозот за -31.3% и инвестициите -29.6%, додека пак падот на потрошувачката е поблаг и изнесува -12.7%.

Меѓутоа, овој пад на БДП е во рамките на предвидувањата, па според тие сценарија, падот во третиот квартал ќе продолжи, но со поблаг тренд.

Премиерот Зоран Заев очекува годината да се заврши со рецесија според предвиденото. Според него, падот на економијата нема да биде подлабок од проекциите на меѓународните финансиски институции од 4%.

„Уште на почетокот на кризата, рековме дека најпогоден од неа ќе биде вториот квартал. Нашата економија 60% е поврзана со европската економија и голем дел од работите не зависат само од нас. Германската економија паѓа многу повеќе од нас, како и другите земји со кои трговски сме поврзани. Но во вториот квартал имаме и раст во неколку гранки како што е земјоделството и неколку други што покажува дека домашниот перформанс е добар и верувам дека ќе се задржиме на севкупниот пад на БДП да биде еден од најслабо погодените во регионот со намалување не повеќе од 4%“, истакна премиерот Заев.

Тој потенцира дека падот на економијата е исклучително последица на Ковид- кризата притоа наведувајќи дека и бројот на невработени не е драстично зголемен.

Податоците покажуваат дека невработеноста во вториот квартал се зголеми за првпат по 15 години, од 16,2% на 16,7%.

„Сепак, растот е значајно помал споредено со контракцијата на економијата, главно затоа што ударот на кризата беше пресретнат со владините мерки – главно мерката за субвенционирање на платите во износ од 14.500 денари по работник, која вклучуваше одредба за задржување на истиот број работници за време на користењето на мерката и два месеца по нејзиното престанување. Помеѓу двата квартала, најмногу работни места, 12.000 или 24.2%, се изгубени во дејноста транспорт и складирање“, објаснуваат од Институтот за економски истражувања и политики, Finance Think кои што до децимала го проценија падот на БДП во вториот квартал.  

Според нив, падот на БДП во третиот квартал кој истекува на крајот на овој месец, ќе биде 4,7%, со што економијата и технички ќе биде во рецесија со два последователни квартали во минус, додека пак годишниот пад на економијата споредно со лани ќе достигне 3,8%.

„Но, двете проекции се под особено изразени негативни ризици, во целост детерминирани од времетраењето и потенцијалното влошување на кризата предизвикана од Ковид-19. Особено, овие проекции се изградени врз претпоставките дека економијата нема повторно да се затвори при евентуален нов удар од Ковид-19 есента 2020, како и дека економските текови ќе продолжат со разумно темпо на нормализација до почетокот на 2021“, објаснуваат од Finance Think.

Ако се знае дека првично планираниот раст на македонската економија пред да се појави пандемијата беше 3,8%, новите околности го ревидираа растот надолу за 7,8 процентни поени, до рецесија од 4%, и тоа според најоптимистичкото сценарио, што значи дека во апсолутен износ, штетата врз бруто домашниот производ (БДП) се проценува на околу 900 милиони евра.

Нови мерки од новата Влада

Новиот економски тим на Владата најави дека веќе работи на четврт пакет антикризни мерки, откако претходно се консултираа со бизнис заедницата. Премиерот Заев истакна дека за новиот пакет мерки за поддршка ќе нема потреба од задолжување и оти тој ќе биде развиен од постојните ресурси и од веќе земените кредити.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, на средба со гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, посочи дека актуелната криза предизвикана од Ковид -19 претставува историски предизвик, а носителите на фискалната и монетарната политика внимателно го следат развојот на настаните за да реагираат со соодветни мерки.

„Потребен е координиран  и професионален пристап, пред се мислам на координираната фискална и монетарна политика, но секако и пошироко на кохерентна економската политика. Останува во следниот период со сите засегнати страни да ги договориме конкретните активности. Паралелно со мерките коишто сега треба да се преземаат за закрепнување на економијата, треба и ќе работиме и на мерки и реформи коишто ќе значат подобрување на конкурентноста на нашата економија и прилагодување кон „новото нормално“. Главен приоритет ќе биде ублажувањето на ефектите од ковид-кризата и обезбедување солидна основа за заздравување на економијата, со фокус на обезбедување забрзан раст во посткризниот период“, истакна министерот Бесими без да сподели детали какви мерки ќе содржи четвртиот пакет.

Гувернерката Ангеловска – Бежоска посочи дека досегашните ефекти од ковид-кризата врз домашната економија се во рамки на очекувањата од проекциите на Народната банка. Падот на економската активност во вториот квартал е многу блиску до проекцијата на Народната банка од 12%. Сепак, како што посочи гувернерката, кај некои од показателите, остварувањата се и подобри од оние што се очекуваа, вклучително и за девизните резерви и за кредитната и депозитната активност на банкарскиот систем.

„Народната банка е максимално подготвена соодветно да реагира во рамки на својот мандат и ако се случи нов бран на здравствената криза. Во тој контекст, важна е и поддршката со пристап до девизна ликвидност во евра, којашто за првпат ја добивме од Европската централна банка, а би ја користеле ако има потреба од тоа“, рече гувернерката Ангеловска – Бежоска.

Инаку, македонските власти од почетокот на март досега, донесоа три пакети антикризни мерки.

Првиот сет мерки за прва помош на стопанството се донесе на средината на март заедно со здравствените мерки, а ги таргетираше трите најпогодени сектори во прво време, туризам, угостителство и транспорт, и сите коишто имаа запрена економска активност поради мерките на Владата со коишто најголем дел од бизнисите присилно се затворија.

По прогласувањето на вонредната состојба, по десетина дена се донесе и вториот пакет мерки со кој Владата го прошири опсегот и одлучи да финансира исплата на минимална плата за работниците што работат во фирми коишто имаат над 30% намалување на приходите без оглед во кој сектор делуваат.

Во мај се донесе третиот пакет на мерки главно фокусиран на поддршка на поранливите категории на граѓани, со директна финансиска исплата за луѓето што имаат помали примања од минималната плата во земјата.

Според податоците од Министерството за финансии, досега се исплатени околу 165 милиони евра врз основа на сите мерките, од кои околу 40 милиони евра поддршка за граѓаните и околу 125 милиони евра за фирмите. Сепак, тоа е само третина од проценетата вредност на овие мерки од околу 500 милиони евра.

Стравувањата за следните месеци се поголеми

Последниот квартал се очекуваше дека ќе ја поправи сликата за цела 2020 година, но како што поминува времето, песимизмот засилува оти властите стравуваат од поголем бран на ширење на заразата наесен, така што не се исклучува ниту повторен локдаун.

Македонските менаџери се песимисти во поглед на очекувањата за следниот период, па така во Анкетата за деловните тенденции спроведена во јуни од Државниот завод за статистика, истакнале дека обемот на производство дополнително ќе се намали во следните три месеци. Како најголем фактор за ограничувањето на производството ја навеле недоволната побарувачка од странство.

Индикаторот на доверба во преработувачката индустрија, кој ги сумира нарачките за производство, обемот на работа и состојбата на залихите, во јуни изнесува 12,2 и во споредба со истиот период лани е намален за дури 9,1 процентен поен.

Народната банка уште во април направи сценарио според кое доколку пандемијата се пролонгира, продолжено дејство ќе имаат и негативните економски последици. Се чини, ова сценарио кое предвидува падот на БДП да биде подлабок за 2,3 процентни поени, односно од 3,5% според првината прогноза на оваа институција, да достигне 5,8%, станува се пореално.

„Со оглед на исклучително високата неизвесност, односно фактот дека состојбите во економијата ќе зависат од справувањето со здравствената криза, како кај нас така и во глобални рамки, тешко е да се даде издржана квантифицирана оценка за најпесимистичко сценарио. Притоа би сакала да укажам дека не се работи само за понудата односно ефектот од рестрикциите врз производството на стоки и услуги, туку дополнителен фактор на неизвесност е и однесувањето на економските субјекти, односно побарувачката, дури и по стабилизирање на понудата“, вели гувернерката Ангеловска Бежоска.

Но, таа сепак вели дека е важно да ги видиме и остварувањата во второто тримесечје, во кое и според проекциите треба да се почувствуваат најсилните ефекти од корона – кризата.

„Ширењето на вирусот продолжува и на почетокот од третиот квартал, но во услови на поголемо глобално олабавување на рестриктивните мерки, продолжен монетарен и фискален стимул, нормализирање на глобалниот синџир на производство во којшто сме вклучени, а и постепено прилагодување на економските субјекти на оваа нова нормала. Дополнително, многу важен фактор кој може поволно да влијае на странската побарувачка е Европскиот Фонд за обнова во износ од 750 милијарди евра. Сето ова упатува на можност за постепено стабилизирање во втората половина од годината, иако морам да истакнам присутна е висока неизвесност“, истакна Ангеловска Бежоска.

Според неа, во случај на пролонгирање на пандемијата, опфатот и времетраењето на досегашните политики би требало да се прошири, а во исто време би требало да се размислува и за нов добро таргетиран сет на мерки за економска поддршка кој би се применил при едно вакво неповолно сценарио.

„Инвестициите во јавната здравствена инфраструктура треба да продолжат, а во услови на ограничени финансиски ресурси потребно е однапред да се изврши приоретизирање на јавните расходи со цел зголемување на нивната ефикасност. Во исто време,  треба да се води сметка да не се загрози одржливоста на јавниот долг и квалитетот на јавните финансии на среден рок. Во овој контекст, многу значајна ќе биде и поддршката од меѓународните финансиски институции, кои и согласно со својот мандат треба да имаат многу активна улога токму во вакви кризни ситуации“, истакна гувернерката Ангеловска Бежоска додавајќи дека мерките треба да имаат голем мултипликативен ефект врз БДП, односно да се насочени кон: поддршка на домашните, а не увезени производи; да се насочени кон поранливите сегменти на населението со цел заштита на животниот стандард; и поддршка на вложување во инфраструктурата со што ќе се вложува долгорочниот потенцијал и конкурентноста на економијата.

ММФ: Глобалната економска штета е 12.500 милијарди долари

ММФ по втор пат се премисли, и од првичната прогноза за рецесија на светската економија од 3%, сега проценува пад на економијата од дури 4,9% годинава, но закрепнување со раст од 5,4% догодина. Но проекциите за македонската економија засега остануваат непроменети и се движат од пад на БДП од 3,2% според Светската банка, 3,5% според ЕБОР, намалување од 3,9% колку што е проекцијата на Европската Комисија, па до рецесија од 4% според ММФ.

И меѓународните финансиски институции станаа уште поголеми песимисти за движењето на економијата до крајот на годинава.

ММФ по втор пат се премисли, и од првичната прогноза за рецесија на светската економија од 3%, сега проценува пад на економијата од дури 4,9% годинава, но закрепнување со раст од 5,4% догодина.

Но проекциите за македонската економија засега остануваат непроменети и се движат од пад на БДП од 3,2% според Светската банка, 3,5% според ЕБОР, намалување од 3,9% колку што е проекцијата на Европската Комисија, па до рецесија од 4% според ММФ.

Главниот економист на ММФ, Гита Гопинат, истакна дека штетите глобално, сега се проценуваат на 12.500 милијарди долари.

„Голем степен на неизвесност ја опкружува оваа прогноза, со нагорни и надолни ризици. Во нагорна линија, добра вест за вакцини и третмани и дополнителна поддршка на политиките може да доведе до побрзо закрепнување. Во надолна линија, понатамошните бранови на инфекции можат да ја намалат зголемената мобилност и трошење, и брзо да ги заостри финансиските услови, предизвикувајќи проблеми со долгот“, истакна Гопинат.

ММФ уште еднаш ја истакна важноста на земјите да ги ублажат последиците од пандемијата врз економијата, првенствено преку зајакнување на здравствените системи за да се пружи на граѓаните максимална здравствена заштита од вирусот, но и на оние што ги загубија работните места во оваа криза.

Во Европа, исто така се прават надолни промени на проекциите. Европската централна банка прогнозира дека економијата на Стариот континент годинава ќе падне дури 8,7%.

„Економијата во еврозоната доживува невидена контракција. Значителната загуба на работни места и приходи и исклучително зголемената неизвесност за економскиот изглед, доведоа до значителен пад на потрошувачката и инвестициите“, изјави Кристин Лагард, претседателка на ЕЦБ.

Таа рече дека освен преку монетарната политика, односно улогата на централните банки да го олеснат пристапот до кредити за фирмите, клучна е и улогата на владите преку фискалната политика, односно преку јавните финансии.

„Во однос на фискалните политики, амбициозниот и координиран фискален став останува клучен. Преземените мерки треба што е можно повеќе да бидат насочени и привремени по природа, како одговор на итни случаи во време на пандемија“, истакна Лагард поддржувајќи го планот на ЕУ за донесување Фонд за закрепнување од Ковид – 19 вреден 750 милијарди евра.

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

економија20 часа ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up6 дена ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании6 дена ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион6 дена ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

македонија6 дена ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите

македонија6 дена ago

Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФсо младинска кампања за безбеден интернет

интервју6 дена ago

Горан Паунов: Лидери сме на пазарот за фотоволтаични  решенија по системот “клуч на рака“

економија6 дена ago

Компанијата Пантелеон ГС расте брзо, но и враќа кон заедницата

економија6 дена ago

Владата ќе „гони“ залетани трговци

интервју6 дена ago

Иван Штериев: Берзата може да се вклучи и во сегментот на пазарот на државни хартии од вредност

интервју6 дена ago

Горан Паунов: Лидери сме на пазарот за фотоволтаични  решенија по системот “клуч на рака“

интервју6 дена ago

Иван Штериев: Берзата може да се вклучи и во сегментот на пазарот на државни хартии од вредност

економија6 дена ago

Компанијата Пантелеон ГС расте брзо, но и враќа кон заедницата

македонија6 дена ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите

економија6 дена ago

Владата ќе „гони“ залетани трговци

македонија6 дена ago

Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФсо младинска кампања за безбеден интернет

регион6 дена ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

свет6 дена ago

Како Тесла и Кинезите им го украдоа шоуто на германските брендови

технологии / компании6 дена ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

start up6 дена ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор