Connect with us

економија

Македонските компании и покрај кризата ја зголемиле профитабилноста

Годишен извештај за финансиската стабилност на економијата

објавено

на

Во 2022 година, сите дејности се вратија на патеката на профитабилно работење, при што во однос на големината на субјектите, главен двигател на растот на нето-добивката на домашниот корпоративен сектор се големите претпријатија, коишто воедно имаат и најголемо учество во вкупната остварена нето-добивка на корпоративниот сектор (55,2%), покажува анализата на Народната банка.

И покрај предизвиците коишто ги донесе енергетската криза и инфлациските притисоци, речиси во сите дејности од корпоративниот сектор се зголемија приходите од работењето и се подобри нивната профитабилност, се наведува во Извештајот за финансиската стабилност за 2022 година.

Во 2022 година, сите дејности се вратија на патеката на профитабилно работење, при што во однос на големината на субјектите, главен двигател на растот на нето-добивката на домашниот корпоративен сектор се големите претпријатија, коишто воедно имаат и најголемо учество во вкупната остварена нето-добивка на корпоративниот сектор (55,2%). Дејноста што беше најпогодена од пандемијата, угостителската дејност, оствари највисок раст на продажбите и следствено забележа најголемо подобрување на показателите за профитабилноста.

Од друга страна, најмалите, микро-компаниите  и натаму остваруваат загуба во работењето и тие сѐ уште се најранливата група субјекти од корпоративниот сектор. Оваа загуба е двојно поголема во споредба со загубата на микро-компаниите претходната година, што заедно со затегнатите финансиски услуги, може уште повеќе да го ограничи пристапот на овие субјекти до финансирање од банките и да ги зголеми ризиците коишто произлегуваат од нив.

Учеството на компаниите што работеле со загуба се намали во 2022 година и изнесува 26,8% од вкупниот број субјекти од корпоративниот сектор. Растот на профитабилноста придонесува за одржливоста на долгот на корпоративниот сектор, којшто и натаму има соодветен капацитет за редовно намирување на обврските.

Во Извештајот се наведува дека корпоративниот сектор бележи подобрување и на оперативната ефикасност, при подобра уредност во извршувањето на обврските и наплатата на побарувањата, поради што показателите за ликвидноста сѐ уште се на стабилно ниво, но тоа и натаму е скромно.

Задолженоста на корпоративниот сектор расте, со што учеството на вкупниот долг во БДП се зголеми (71,1% наспроти 69% во претходната година), но и натаму е во умерени рамки и под меѓународните прагови за ранливост. Сепак, неопходна е претпазливост во овој сегмент. Доколку долгот на домашниот корпоративен сектор се прикаже без краткорочните трговски кредити, како инструмент за финансирање на трговската размена со странство, којшто вообичаено е бескаматен, тогаш учеството на вкупниот долг на домашниот корпоративен сектор во БДП на крајот од 2022 година е речиси исто во споредба со претходната година и изнесува 55,1%. Секторот на нерезидентите и натаму е главниот доверител на домашниот корпоративен сектор, а се зголеми и задолженоста кон домашните банки во услови на висок раст на цените на енергенсите и општ пораст на трошоците во работењето, што влијаеше врз потребите за ликвидност на домашниот корпоративен сектор.

Сепак, ризиците за работењето на корпоративниот сектор и натаму се нагласени и во периодот што следи главно се поврзани со надворешното окружување коешто е  променливо и неизвесно. 

Најголем раст на профитабилноста кај угостителите

Втора година по ред, корпоративниот сектор бележи висок раст на вкупните приходи од 28,3%, којшто и оваа година е речиси во целост резултат на растот на остварените приходи од продажба. Истовремено, зголемени се и расходите, првенствено под влијание на трошоците за суровини и набавки на стоки, а двојно поголем раст имаше и кај трошоците за вработени (во услови на двојно повисок раст на просечната бруто-плата и покрај намалувањето на бројот на вработени). Најзначајно зголемување се забележува кај финансиските расходи, коишто растеа забрзано, што во најголем дел произлегува од зголемените расходи врз основа на курсни разлики.

Раст, но поумерен, забележаа и каматните трошоци, во услови на натамошен раст на долгот, но и повисоки каматни стапки. Оваа година, сите дејности коишто го формираат домашниот корпоративен сектор се вратија на патеката на профитабилно работење, а најзабележливо зголемување на профитабилноста има кај угостителската дејност, и тоа над претпандемичното ниво, којашто воедно оствари и највисок раст на приходите од продажба. Веднаш по неа, и индустријата оствари значајни резултати во продажбите, поради што се најде меѓу трите најпрофитабилни дејности, и покрај предизвиците поврзани со енергетската криза.

Од аспект на показателите за конкурентноста, продуктивноста на корпоративниот сектор расте, и тоа забрзано втора година по ред (за високи 13,6% во просек, наспроти 3% во претходната година во услови на стагнација, па и негативни движења кај вработеноста), при намалување на трошоците по единица труд (за 1,6%, наспроти зголемувањето во претходната година од 4,2%). Од секторски аспект, растот на продуктивноста доаѓа главно од услужниот сектор и во помал дел од земјоделството (пред сѐ поради падот на бројот на вработените), во услови на пад кај дејноста „информации и комуникации“. Движењата на пазарот на труд во текот на 2022 година беа под влијание на послабата економска активност, кога сѐ уште е голема неизвесноста од развојот на војната во Украина, а трае и енергетската криза. Така, бројот на вработени во корпоративниот сектор се намали на годишна основа, а анализата по одделни дејности покажува поизразено намалена вработеност кај дејностите „преработувачка индустрија“, „земјоделство“ и „трговија на големо и мало“.

Дејноста што беше најпогодена од пандемијата, угостителската дејност, оствари највисок раст на продажбите и следствено забележа најголемо подобрување на показателите за профитабилноста.

Информации и комуникации се најпрофитабилни дејности

По високиот годишен раст на нето-добивката во претходната година (32,1%), растот во 2022 година е малку побавен (19,8%) но и натаму е висок, што се одрази со подобри показатели за профитабилноста на секторот. Така, остварениот поврат на средствата (ROA – return on assets) во 2022 година изнесуваше 4,3%, додека повратот на капиталот и резервите (ROE – return on equity) изнесуваше 8,8%, што претставува зголемување за 0,3 и 0,9 процентни поени, соодветно на годишна основа.

Анализата по дејности покажува дека дејноста информации и комуникации и натаму е најпрофитабилна дејност, додека најмалку профитабилна дејност е земјоделството. Главен двигател на растот на нето-добивката на домашниот корпоративен сектор се големите претпријатија, со придонес од 72,7%, коишто воедно имаат и најголемо учество во вкупната остварена нето-добивка на корпоративниот сектор (55,2%).

Од друга страна, микросубјектите80 и натаму остваруваат загуба во работењето, којашто во 2022 година се продлабочи повеќе од двојно во однос на претходната година, па и го надмина и нивото од пандемичната година, што ја нагласува нивната ранливост на финансиските ризици од работењето. Учеството на субјектите од корпоративниот сектор што работеле со загуба дополнително се намали во 2022 година и изнесува 26,8% од вкупниот број субјекти од корпоративниот сектор наспроти 30,1% во претходната година.

Подобрена финансиската дисциплина

Ликвидносниот ризик и натаму е клучниот извор на ранливост за домашниот корпоративен сектор, и покрај оствареното подобрување на оперативната ефикасност во 2022 година. Така, во текот на годината, показателите за ликвидноста се задржаа на нивото на нивниот десетгодишен просек, но под нивото што теоретски се смета за задоволително. Микро-компаниите и субјектите од земјоделскиот сектор и натаму покажуваат поголема ранливост на ликвидносни шокови, што се согледува преку пониското ниво на моментна и тековна ликвидност во споредба со останатите субјекти и со просекот на секторот. Во 2022 година, карактеристично за домашниот корпоративен сектор е подобрувањето на финансиската дисциплина, којашто се согледува во скратениот нето оперативен циклус на околу девет дена, во услови на забрзување на плаќањето на обврските и побрза наплата на побарувањата.

Така, во текот на годината на домашниот корпоративен сектор во просек му требало околу 2,5 месеци за наплата на побарувањата, а 4 месеци за исплата на краткорочните обврски. Доколку поголемата уредност во плаќањата се задржи во периодот што следи, тоа може да има позитивен придонес кон одржување на ликвидносната позиција на корпоративниот сектор на стабилно ниво, како и преносни позитивни ефекти врз одржливоста на долгот.

Показателите за задолженоста на корпоративниот сектор во целина засега не упатуваат на високи ризици за солвентноста на секторот. Вкупната задолженост на корпоративниот сектор и натаму се зголемува, со исто темпо како и минатата година и изнесуваше 50,9% (49,1% во 2021 година), при умерено зголемување и на задолженоста со каматоносен долг (23,2% од вкупните средства), а слична е и динамиката кај долгорочната задолженост, којашто во 2022 година изнесува 21,9%.

Показателот за „финансиското раздолжување“ (соодносот на долгот со капиталот и резервите) и натаму се одржува на стабилно ниво од 1, во услови на забрзан раст на капиталот на домашниот корпоративен сектор. Притоа, се забележува натамошно подобрување на покриеноста на каматните расходи, но истовремено минимално се намалува покриеноста на финансиските расходи со добивката од редовни активности, што е последица на претходно споменатиот позначителен раст на останатите финансиски расходи, при зголемена профитабилност на корпоративниот сектор.

Зголемена стапка на банкроти

Управувањето со долгот е предизвик во периодот што следи, првенствено поради забавувањето на растот под влијание на енергетската криза, отежнатото снабдување и зголемените трошоци на животот што наметнаа затегнување на финансиските услови во глобални рамки. Ваквите ризици најмногу ги засегаат микро-компаниите коишто имаат негативен работен капитал и остварена загуба во работењето над нивото пред пандемијата, при зголемена задолженост и намалување на ликвидносната позиција којашто бездруго е ниска.

Во услови на сложен макроекономски амбиент со бројни предизвици од окружувањето, во текот на 2022 година бројот на правни лица над кои е отворена стечајна постапка се зголеми, што придонесе за зголемување на стапката на банкротирани правни лица до нивото од 1,2% (1% во претходната година), што сепак е под нивоата присутни пред пандемијата. Мало зголемување бележи и бројот на субјектите со блокирана трансакциска сметка до нивото од 22,2% од вкупниот број регистрирани субјекти на крајот на годината (22,1% во претходната година). Учеството на згаснати субјекти во вкупниот број активни правни лица во 2022 година изнесуваше 10,9%, што е намалување во однос на претходната година (11,9%). Стапката на згаснати субјекти и натаму е пониска од стапката на новоосновани правни лица, којашто по зголемувањето во претходната година се намали и изнесуваше 13,8%.

коментари3 дена ago

Со АмЧам на тема…Технолошката експанзија неминовно ја потенцира потребата од заштита на интелектуалната сопственост

македонија4 дена ago

„Алкалоид“ со две признанија за придонес во безбедноста и здравјето на своите вработени

македонија6 дена ago

Анализа на Инсајдер ИД и ЕБОР: Како „дише“ пазарот за широка потрошувачка во Македонија?

банки6 дена ago

ПроКредит Банка обезбеди дополнителни 60 милиони евра финансиска поддршка за македонските мали и средни претпријатија во соработка со ЕИФ

банки1 недела ago

Нова понуда на хипотекарен кредит од УНИБанка

економија1 недела ago

Брако ќе промовира ново електрично возило на саем во Минхен

банки3 недели ago

Годишниот Извештај за одржливост на ПроКредит Групацијата покажува значителен придонес врз општеството и животната средина

технологии / компании3 недели ago

Таман се навикнавме на четботовите, доаѓаат и AI агенти

регион3 недели ago

Букурешт, Загреб и Атина стануваат сѐ поголеми „чувари на податоци“ на светските технолошки компании

интервју3 недели ago

Марија Кукуноска: Безбедноста и заштитата се фундамент за успешен и одржлив бизнис во време на бројни ризици и кризи