Business
Македонските угостители сакаат свој „биткоин“
Додека се случува вистинска крипто манија во земјава

Од Независната комора на угостители ги прашуваат надлежните институции како може законски да регистрираат македонска крипто менувачница; да издадат македонски крипто средства – токени за угостителската индустрија, како и да постават крипто АТМ апарати кај реномирани угостителски објекти низ повеќе градови.
Независната комора на угостители (НУК) ја разбранува деновиве домашната јавност со својата изјава дека е заинтересирана за инвестиции и законско тргување со крипто валути преку овластена македонска крипто менувачница, со можност за онлајн купување и продавање крипто средства. Од НУК во октомври месец годинава испратиле писмо до Народната банка, министерствата за финансии и економија, УЈП и Централниот регистар, со прашање како може законски да регистрираат македонска крипто менувачница; да издадат македонски крипто средства – токени за угостителската индустрија, како и да постават крипто АТМ апарати кај реномирани угостителски објекти низ повеќе градови.
„Изминатите месеци сведоци сме на експанзија од локална и глобална популаризација на работење, тргување и издавање на крипто валути. Согласно постојната македонска законска регулатива и информациите на Народна банка за крипто валути инвестирање, тргување и содавање на крипто валути во Македонија не е забрането туку истото не е законски регулирано. Моментално сите трансакции и инвестиции во крипто средства се одвиваат преку разни странски крипто менувачници или со размена на крипто средства помеѓу физички лица при што не се води евиденција односно се нема контрола на готовинските текови на пари. Големата популаризација во инвестирање и трговија со крипто средства доведе до повеќе глобални усогласувања на тргување и евиденција на сопствениците на т.н. крипто паричници (crypto wallets) со што во различни извештаи за крипто средства се наведуваат бројки од 25.000 регистрирани сметки на македонски граѓани (неофицијално бројот веќе надминува 50.000 сметки) на кои корисниците имаат вложено повеќе стотина милиони евра во крипто валути.“, се вели во писмото на НУК.
Комората смета дека ќе се помогне туризмот и угостителството

Поттикнати од овие сознанија, од НУК изминатиов период барајќи примери во разни земји за начини на користење и употреба на крипто средства во угостителската индустрија, ги разгледувале можностите и начините за користење, трговија и издавање на крипто средства кај македонските угостители. Преку концепт на проект-модел на работа со крипто средства усогласен со ЕУ регулатива запазувајќи ја и постојната домашна регулатива НУК планира да имплементира и овозможи инвестиции и законско тргување со крипто валути преку овластена македонска крипто менувачница со можност на онлајн купување и продавање крипто средства со целосна евиденција на паричниот тек заради евиденција на даночните обврски кои произлегуваат од работењето со крипто средства.
„Воведувањето на законска можност за трговија и инвестиција во македонски крипто валути за угостителската индустрија во услови кога угостителите трпат енормни штети и загуби поради пандемијата со Ковид-19 ќе придонесе инвестиции во свеж надворешен капитал со што ќе може директно да се помогне во нивната ревитализација и анимирање на туризмот и угостителството во привлекување на потенцијални странски гости-туристи кои ќе можат на лесен и брз начин да инвестираат и плаќаат со крипто валути кај македонските угостители со што ќе може да се зголемат и забрзаат приходите од туризмот. Официјализирање на работење со крипто валути со официјална регистрација на македонска менувачница на крипто валути со која ќе се воведат и крипто АТМ апарати во реномирани угостителски објекти (ресторани и хотели) ќе може да се врши законска и официјална размена на крипто валути низ цела Македонија за домашни и странски гости.“, велат од Независната комора на угостители.
Во Македонија не е регулирано, но не е ни забрането тргувањето со крипто – средства

Во Македонија, засега тргувањето со крипто валути засега не е регулирано никако, што не значи дека е забрането. Начини за стекнување на крипто средства постојат, иако можеби нешто покомпликувано одошто ако сте жител на ЕУ или САД. Постојат и неколку светски платформи за тргување со крипто средства коишто поддржуваат и македонски картички, но имаат свои правила, провизии, малку здодевен метод на верификација и сл.
Од Народната банка велат дека постојано ги разгледуваат релевантните прашања во врска со крипто-средствата, вклучително и нивниот третман во глобални рамки. Имајќи ја предвид и актуелноста на оваа тема на глобално ниво, во изминатиот период, тимот на Портата за иновации на Народната банка се осврна и на најчесто поставуваните прашања во јавноста, со цел да им даде соодветни препораки на сите лица од нашата земја коишто се интересираат за крипто-средствата.
Еве ги најважните укажувања на Народната банка во врска со крипто – средствата:
- Како и во други земји, така и кај нас, нема општо прифатена дефиниција за крипто-средствата. Во основа, крипто-средствата се сметаат за специфичен вид нематеријално средство, засновано на одредени технологии, коешто не е издадено, ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од централна банка или друг регулаторен орган, не претставуваат пари и понудата на овие средства не зависи од потребите на економијата или монетарниот систем.
- Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата земја. Согласно со постојната регулатива, плаќањата во земјата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот.
- Како и во многу други земји, така и кај нас, не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата. Прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средствата не е регулирано, вклучително ниту во Законот за девизно работење (и неговите подзаконски акти) којшто го регулира и работењето со странство. Сепак, ова не значи дека работењето со крипто-средствата е недозволено, туку во моментов тоа е нерегулирано.
- Вложувањето во крипто-средства се смета за високо ризично. Сите коишто вложуваат или имаат намера да вложат во крипто-средства треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ризици на кои се изложени и ефектите од таквите вложувања.
- Високиот ризик што го преземаат лицата кои вложуваат во крипто-средства произлегува од исклучително високата променливост на нивната пазарна цена, што значи дека за краток временски период се можни исклучително високи промени во пазарната цена на крипто-средствата (како во нагорна, така и во надолна насока). Сите кои вложуваат треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула.
- При вложувањето во крипто-средства, лицата се изложуваат и на бројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот,посебно во услови на развој на голем број децентрализирани инфраструктури врз коишто се заснова поседувањето на крипто-средствата и нивната нерегулираност во глобални рамки. Со оглед на тоа дека издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата зависат од компјутерски системи и софтвери, во оваа сфера многу големо значење имаат ризиците поврзани со дигиталниот простор и можноста за т.н. хакерски напади и губење имот.
- Финансиските институции можат да одбијат спроведување платежни трансакции што се поврзани со вложување во крипто-средства, доколку оценат дека таквите трансакции ги изложуваат нив или нивните клиенти на високо ниво на ризик од перење пари или финансирање тероризам.
- Вложувањата во крипто-средства не се гарантирани и не постои механизам преку кој лицата ќе бидат обесштетени. Оттука, ако пропадне платформата преку која се врши тргувањето или субјектот кој издал некое крипто-средство, не постои механизам за обесштетување на имателите на крипто-средства.