македонија
Македонците сè почесто плаќаат преку смартфон

За 14,7 проценти е зголемена примената на платежните картички за готовински трансакции и за плаќање производи и услуги во земјата од страна на граѓаните. Податоците на Народната банка се за првиот годинешен квартал, при што се забележани и солидни 12 отсто раст кај вредноста на реализираните трансакции. Податоците покажуваат тренд на натамошна засилена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата, особено од страна на граѓаните, како при употребата на платежните картички, така и при употребата на мобилните апликации за електронско иницирање на кредитните трансфери, или т.н. платни налози, посочуваат од Народната банка. Притоа, значителен годишен раст од 16,8% е забележан кај употребата на картичките за плаќање производи и услуги во земјата, при засилен раст на плаќањата на физичките места на продажба од 17,4%, но и солиден раст од 11,1% на плаќањата на виртуелните (интернет) продажни места. За одбележување е дека бројот на платежните трансакции извршени преку мобилен телефон постојано расте и во првиот квартал од оваа година е поголем за 23,8% од бројот на овие трансакции во истиот период од 2022 година.