свет
Макрон останува претседател на Франција, во земјата немири по изборите

Разликата во освоените гласови сега е значително помала отколку на претседателските избори во 2017 година, кога Макрон ја победи Ле Пен со 66 отсто од гласовите.
Актуелниот претседател Емануел Макрон останува претседател на Франција.
Центристот Макрон, според прелиминарните резултати од претседателските избори, освои 58,55% од гласовите, додека десничарската популистка Марин Ле Пен на своето изборно конто има 41,45% освоени гласови.
Разликата во освоените гласови сега е значително помала отколку на претседателските избори во 2017 година, кога Макрон ја победи Ле Пен со 66 отсто од гласовите. Оттука, победата на Макрон, како што оценуваат аналитичарите, може да се сфати всушност како пораз на Ле Пен, како што пренесува Дојче Веле и останатите европски агенции. Многу партии и организации пред изборите упатија повик да се спречи победата на десничарската популистичка Ле Пен и да се гласа за Макрон. Многу Французи очигледно го следеа повикот – дури и ако всушност се незадоволни од политиката на Претседателот.
Самиот Макрон се осврна на ова незадоволство во земјата по објавувањето на резултатите од изборите: „Свесен сум дека ова гласање ме обврзува за следните години“, рече Макрон.
„Следните години сигурно ќе бидат тешки, но тие ќе бидат историски и заедно мораме да ги испишеме за новите генерации“, им рече Макрон на своите приврзаници во Париз, и додаде:
„Избравте хуманистички, републикански, социјален и еколошки проект заснован на работа и креативност, проект за ослободување на нашите академски, културни и претприемачки моќи. Ќе бараме резултати и ќе бидеме амбициозни. Имаме многу да направиме, а војната во Украина е тука да нѐ потсети дека живееме во трагични времиња, во кои Франција мора да го најде својот пат“.
Првичната реакција на Ле Пен за изборниот резултат беше борбена: играта сѐ уште не е завршена, затоа што сега почнува борбата за парламентарните избори, им порача таа на своите поддржувачи.
Нејзината партија Национално обединување е отворена за секој што сака да се обедини против Емануел Макрон, рече Ле Пен. Според неа, резултатот на Макрон покажува „голема недоверба на народот“, па таа во поразот гледа „и надеж“. „Ќе ја продолжам мојата посветеност кон Франција и Французите со енергија, упорност и наклонетост што ги знаете од мене“, вети Ле Пен.
По изборите вчеравечер во повеќе градови во Франција имаше протести. Во Лион дојде до судир меѓу левичарски групи, демонстранти од „Жолтите елеци“ и полицијата. Според телевизијата БФМТВ, демонстрантите прво почнале да ја гаѓаат полицијата со молотови коктели. Потоа интервенирала националната полиција со цел да стави крај на безредијата.
Во Париз имаше протести на повеќе места. Демонстрираа граѓани кои не се поддржувачи ниту на Макрон ниту на Ле Пен. Во главниот град не дојде до безредија.
Во Рен, западна Франција, каде по првата рунда од изборите имаше судири помеѓу левичарски групи и есктремни десничари, вчеавечер беа забранети демонстрации.