интервју
Масимилијано Паолучи: Пандемијата не е завршена за да се укинуваат антикризните мерки
Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка во Северна Македонија

„Навистина е тешко да се предвиди како ќе се движи економијата. Тоа што сакам да нагласам е дека не би се задржал на одредена бројка и би го гледал трендот. А трендот покажува дека ситуацијата се подобрува бидејќи довербата и кај јавните и кај приватните инвеститори, и кај граѓаните генерално се зголемува со очекување дека вакцините ќе се распоредат и дека ќе функционираат. Но, има ризик во однос на одложувањето на вакцините. Тоа сигурно ќе има влијание врз заздравувањето ако доцнењето е подолготрајно. Во случајот на Северна Македонија, со предупредувањето што го спомнав, трендот што го очекуваме е дека ќе има подобрување кај бруто домашниот производ (БДП) но тоа во голема мера ќе зависи од должината на локдаунот, и природата на локдаунот и овде и во Западна Европа, а исто така ќе зависи и од тоа колку брзо вакцинацијата ќе продолжи во овие земји. Што поскоро и побрзо оди вакцинацијата и во ЕУ и овде, толку побрзо и поздраво ќе биде заздравувањето на економијата.“
Како ќе се движи економијата годинава во услови на пролонгирана пандемија, тешко е да се прогнозира прецизно, особено кога неизвесноста поради напливот на новозаразени со корона расте а вакцини се уште нема доволно.
Светската банка како една од клучните меѓународни финансиски институции, проценува дека македонската економија годинава ќе закрепне и ќе порасне 3,6% повеќе отколку лани, но новиот директор на оваа институција во земјава, Масимилијано Паолучи, сепак вели дека има ризици коишто може да ја променат оваа прогноза.
„Навистина е тешко да се предвиди како ќе се движи економијата, тоа што сакам да нагласам е дека не би се задржал на одредена бројка и би го гледал трендот. А трендот покажува дека ситуацијата се подобрува бидејќи довербата и кај јавните и кај приватните инвеститори, и граѓаните генерално се зголемува со очекување дека вакцините ќе се распоредат и дека ќе функционираат. Но, како што забележавте, има ризик во однос на одложувањето на распоредувањето на вакцините, всушност најголем дел од европските земји во ЕУ се соочуваат со доцнење во набавката и распоредувањето на вакцините. Тоа сигурно ќе има влијание врз заздравувањето ако доцнењето е подолготрајно. Во случајот на Северна Македонија, со предупредувањето што го спомнав, трендот што го очекуваме е дека ќе има подобрување кај бруто домашниот производ (БДП) но тоа во голема мера ќе зависи од должината на локдаунот, и природата на локдаунот и овде и во Западна Европа, а исто така ќе зависи и од тоа колку брзо вакцинацијата ќе продолжи во овие земји, бидејќи со тоа ќе имаме зголемена доверба на страна на потрошувачите и на инвеститорите. Што поскоро и побрзо оди вакцинацијата и во ЕУ и овде, толку побрзо и поздраво ќе биде заздравувањето на економијата“, вели новиот директор на Светска банка во земјава, Масимилијано Паолучи.

„Она што е важно, прво да се следи еволуцијата на пандемијата и да се преземат потребните мерки, но преку таргетирање, особено имајќи ги предвид оние што ќе бидат најпогодени од продолжувањето на пандемијата. Пораката што ние како институција ја имаме е дека пандемијата е се уште тука, дека секогаш треба да ги имаме предвид оние што ќе бидат најпогодени, но во исто време да почнеме да размислуваме за иднината, за она што сакаме да го видиме после пандемијата и да го посееме семето сега за понатамошното заздравување. Тоа значи да размислуваме за економски модел што би сакале да го видиме во иднина, економскиот развој што би сакале да го имаме, но исто така да ги изградиме повторно оние амортизери коишто доколку се појави криза од ваков интензитет во иднина, ќе ги имаме за да интервенираме со се што треба за да ја заштитиме економијата, работните места, и почеток на економскиот раст кога ќе има услови.“
Лекција од оваа криза: да бидеме прагматични како управуваме со ресурсите
Тој додава дека владините антикризни мерки го ублажиле ударот од пандемијата врз економијата, но во однос на најавите на властите за укинување на дел од мерките после март, тој вели, “пандемијата е се’ уште тука“.
„Ова е петти пакет што Владата на Северна Македонија го одобри, и со тоа го амортизираше влијанието на кризата особено врз најранливите сектори. Макроекономскиот импакт од тоа во однос на дефицитот и јавниот долг е јасен и можеме да дискутираме за тоа, но она што е важно да се забележи е дека Владата имаше можност да продолжи со овие пакети мерки и да го амортизира влијанието на кризата, бидејќи имаше фискален простор којшто овозможи реализирање на овие мерки. Гледајќи напред, она што е важно, прво да се следи еволуцијата на пандемијата и да се преземат потребните мерки, но преку таргетирање, особено имајќи ги предвид оние што ќе бидат најпогодени од продолжувањето на пандемијата. Пораката што ние како институција ја имаме е дека пандемијата е се уште тука, дека секогаш треба да ги имаме предвид оние што ќе бидат најпогодени, но во исто време да почнеме да размислуваме за иднината, за она што сакаме да го видиме после пандемијата и да го посееме семето сега за понатамошното заздравување. Тоа значи да размислуваме за економски модел што би сакале да го видиме во иднина, економскиот развој што би сакале да го имаме, но исто така да ги изградиме повторно оние амортизери коишто доколку се појави криза од ваков интензитет во иднина, ќе ги имаме за да интервенираме со се што треба за да ја заштитиме економијата, работните места, и почеток на економскиот раст кога ќе има услови“, вели Паолучи.
Потребата од зголемен фискален стимул кој подразбираше поголеми задолжување го зголеми и јавниот долг на земјата над 60% од бруто домашниот производ. Паолучи којшто бил претставник на Светската банка во Италија и има искуство од координирање на земјите што во екот на должничката криза се соочија со најголеми проблеми, како Шпанија, Португалија и Грција, вели дека мора внимателно да се управува со долгот на државата.
„Уште една лекција од оваа криза е да бидеме прагматични во начинот на кој управуваме со ресурсите. Навистина јавниот долг како удел во БДП овде надминува 60%, но во исто време ако ја погледнеме целата слика на европските земји, ова е пониско ниво отколку нивоата на јавниот долг од БДП што ги спомнавте. Важната работа што треба да ја знаеме е како што ќе излегуваме од оваа ситуација, затоа што навистина ќе излеземе од оваа ситуација, да погледнеме што ќе им овозможи на земјите да ги изградат оние амортизери што ги спомнавме претходно. Тоа значи да ги преземат потребните реформи од една страна, да ги зголемат приходите, и од друга страна да се менаџираат трошењата поефикасно. Тоа значи да се погледне во даночниот систем, да се зголемат приходите, но не само заради тоа, туку да се зголемат приходите во оние сектори што ќе ѝ овозможат на земјата да оди кон друг економски модел. Зборувам за зелен раст и зелени даноци, дигитален раст и дигитални даноци, така што ќе се создадат ресурси за поттикнување на приходите и економски добра во исто време. На страната на трошењата, тоа значи ревидирање на економскиот модел кон раст воден од приватниот сектор. Тоа значи во основа намалување на државната помош, и кратење на сите оние непродуктивни трошења коишто може да бидат товар на фискалната сметка. И да се оди повеќе и повеќе кон поефикасно менаџирање на трошењата и поттикнување на условите за да се развива приватниот сектор во земјата“, истакнува Паолучи.
Потребно е сериозно инвестирање во луѓето
А штом оваа пандемија заврши, Паолучи вели дека земјата ќе мора да се фокусира на забрзување на економскиот раст и има неколку препораки за тоа.
„Прво, ребалансирање на сметките, рамнотежа меѓу јавниот и приватниот сектор. Движете се побрзо кон раст воден од поенергичен приватен сектор. Второ, инвестирајте во луѓето. Македонија е земја со старо население, и земја што се карактеризира со емиграција на луѓето. За да се движи земјата кон развој во понапредна фаза, потребно е сериозно инвестирање во луѓето. Тоа значи инвестиции во образованието, во здравствениот систем, да се погледне исто така во пензискиот систем за да се осигури дека пензиите не ги намалуваат ресурсите за економски развој и инвестициите во образованието и здравството како што спомнав, и да им се помогне на луѓето да излезат на пазарот на труд. Се уште има многу неактивно население, луѓе што биле исфрлени од формалниот пазар на труд поради кризата. Време е да се размисли како да се вратат тие луѓе назад и како да се поттикнат младите луѓе да останат и да придонесат за идниот раст на земјата. Но тоа значи реобмислување на образовниот систем во смисла на целите, наставните програми, се на се да се размисли како да се поврзе образованието со економските трендови, трендовите во економскиот развој на земјата“, вели Паолучи.
Поттикнувањето на економијата според Паолучи ќе се случи паралелно и со процесот на преговарање за влез во ЕУ. Но вели, земјата претходно мора да ги подготви институциите за да прават реформи.
„Процесот на економска интеграција и искуствата на последните земји што се придружија на ЕУ, се покажуваат како голема привлечност, и како катализатор на развојот. Катализатор на развојот не само во смисла на фондови до коишто земјата би имала пристап, но исто така во однос на институционалниот развој што процесот на пристапување го поттикнува. Со цел да се исполни европската легислатива (acquis communautaire), сите услови што се потребни за пристапувањето во ЕУ, има некои реформи што треба да бидат направени. Но тие реформи ќе бидат направени и постигнати побрзо доколку институциите што ги спроведуваат се ефикасни, ефективни, одговорни. И ова е, би рекол најважната работа што треба да ја имате на ум. Не би се грижел многу за одложувањето, би се фокусирал на подготвеноста на институциите да ги прифатат предизвиците на европската интеграција“, истакна директорот на Светска банка, Масимилијано Паолучи.