Connect with us

технологии / компании

Мате Римац е новиот сопственик на Бугати

Вест што ја направи Хрватска горда

објавено

на

Иако веќе извесно време се шпекулираше околу преземањето, сепак кога Мате Римац на 5 јули од познатата дубровничка тврдина Ловријенац и официјално соопшти дека неговата компанија Римац Автомобили го презема славниот бренд на супер – автомобили Бугати – веста одекна како бомба низ сите светски меридијани. Хрватскиот претприемач кој за само 12 години од својот стартап во гаража успеа да стигне до компанија со преку 1.000 вработени предизвика неверица кај сите што барем малку се разбираат во автомобили – токму во духот на името на најновиот автомобил од ергелето на Римац Автомобили, Невера.

Невера (десно), најновиот автомобил излезен од погоните на Римац Автомобили, е моментално најбрзото сериско возило на светот. Целосно на електричен погон, има моќ од 1.914 коњски сили и забрзува од 0 до 100 км/ч за неверојатни 1,85 секунди. Лево на фотосот е Бугати Широн (Chiron), перјаницата на славниот бренд, чиишто возила сега ќе се развиваат под капата на Бугати Римац.

Деновиве беше објавена вест која звучеше нестварно, но сепак е вистинита – Римац  го презема Бугати, еден од најлегендарните автомобилски брендови во светот.

Фактот што една хрватска компанија го прави тој чекор, преземање на Бугати, вистинска икона на автомобилската индустрија би звучела како првоаприлска шега ако дотичната хрватска компанија не се вика Римац Автомобили. Неверојатно звучи и периодот во којшто Мате Римац од иноватор што компанијата ја основал во сопствената гаража стигнал до тоа да управува со бренд како што е Бугати – само 12 години.

На 5 јули, имено, од Римац Автомобили беше потврдена веста околу која се шпекулираше извесно време – компанијата на Мате Римац станува мнозински сопственик на Бугати. Компанијата Римац Автомобили станува Римац Група, поделена на две компании – Бугати Римац (Bugatti Rimac)  и Римац Технологија (Rimac Technology). Римац Група ќе биде најголем акционер на новата компанија Бугати Римац д.о.о. , со удел од 55%. Мате Римац ќе го задржи својот веќе постоечки удел во Римац Група од 37%, Порше (Porsche) останува на 24%, Хјундаи Мотор Група (Hyundai Motor Group) на 12% и останати инвеститори на 27%.

Развојот, производството и испораката на батериски системи, погонски склопови и останати компоненти за електрични возила, по коишто Римац стана познат и со коишто се стекна со доверба на бројни производители на автомобили, ќе бидат одвоени во нов деловен субјект – Римац Технологија – којшто ќе биде во стопроцентна сопственост на Римац Група. Римац Технологија останува независна компанија што ќе соработува со бројни светски автомобилски брендови, велат од Римац Автомобили, од каде што испратија и инфографика на новата сопственичка структура.

Никола Тесла како инспирација

Мате Римац (во средината) во понеделникот, на 5 јули, на свечениот настан во Дубровник, заедно со Оливер Блумe, извршен директор на Порше,  и Луц Мешке, заменик претседател и финансиски директор на Порше, ги објавија сите детали од „зделката на векот“. Глобалното седиште на компанијата Бугати Римац ќе се наоѓа во новиот Римац Кампус, којшто ќе биде седиште на компанијата Римац Технологија. Во кампусот ќе се произведуваат технологии и компоненти за автомобили од обата бренда, додека склопувањето на моделите на Бугати ќе продолжи во Молсajм во Франција. Од компанијата на Римац порачаа дека со тоа се продолжува користењето на историската локација, која е неразделива од брендот на Бугати.

Мате Римац ќе биде на чело на новата компанија. Како главен извршен директор на Римац Група, ќе ја води Бугати Римац и новата компанија Римац Технологија. Мате Римац така и понатаму ќе управува со сите сегменти на работењето на Римац Група, којашто сега го вклучува и Бугати. Бугати и Римац продолжуваат како посебни брендови, ги задржуваат постоечките производни погони и канали на дистрибуција, додека седиштето и целиот развој за обата бренда ќе биде во Хрватска.

Во иднина глобалното седиште на компанијата Бугати Римац ќе се наоѓа во новиот Римац Кампус, којшто ќе биде седиште на компанијата Римац Технологија. Во кампусот ќе се произведуваат технологии и компоненти за автомобили од обата бренда, додека склопувањето на моделите на Бугати ќе продолжи во Молсajм во Франција. Од компанијата на Римац порачаа дека со тоа се продолжува користењето на историската локација, која е неразделива од брендот на Бугати.

Кампусот на Римац вреден 200 милиони евра, со површина на објектите од 100 илјади м2, треба  да биде отворен во 2023 година и ќе биде база на сите истражувања и развој на идните хипер – автомобили на Римац и Бугати.

Претставувањето на историската зделка се случи вечерта на 5 јули во Дубровник, на тврдината Ловријенац, каде што дента со хеликоптер беа префрлени три автомобили: Nevera на Римац, Chiron на Бугати и Taycan на Порше.

На презентацијата говореа Мате Римац, основач и извршен директор на Римац Автомобили, Оливер Блумe, извршен директор на Порше, како и Луц Мешке, заменик претседател и финансиски директор на Порше.

Римац во својот говор нагласи како во 2009 година, кога сам го почнал бизнисот во гаража, не ни можел да замисли дека за 12 години ќе биде во ваква позиција. Пред 12 години Римац имал еден вработен – тој самиот. Кога фирмата го исфрлила на пазарот својот прв автомобил – Concept One – биле 11 вработени. Оваа година, кога го претставиле хипер – автомобилот Римац Невера, којшто ги воодушеви автомобилистичките новинари ширум светот, компанијата имаше повеќе од 1.000 вработени.

„Некој да ми кажеше пред 12 години дека ова ќе се случи, не би му верувал“, рече Римац.

„Ме инспирираше Никола Тесла и неговите изуми и сакав да докажам дека електричните автомобили може да бидат побрзи и повозбудливи од конвенционалните“, кажа Римац говорејќи за својата мотивација.

„Секогаш сакав ова да го направам во Хрватска и да покажам дека може и овде да се направи. Како што вели изреката, се’ е неможно додека некој не го направи.“, рече Римац.

Челниците на Порше: „Мате е претприемач каков што ретко се среќава“

Ултра модерниот кампус  на Римац вреден 200 милиони евра, со површина на објектите од 100 илјади м2, треба  да биде отворен во 2023 година и ќе биде база на сите истражувања и развој на идните хипер – автомобили на Римац и Бугати.

Челниците на Порше Оливер Блумe и Луц Мешке не штедеа епитети говорејќи за Мате Римац.

„Мате Римац е исклучителен претприемач, такви нема многу во автомобилската индустрија. Опуштен е и сериозен во исто време. И покрај неговиот огромен успех, остана цврсто на земја. Мате, немој никогаш да се менуваш“, рече Мешке.

„Римац во 2009 година имаше стартап, а денес е еден од најзначајните произведувачи на технологија за електрични автомобили. Покрај тоа произведува и врвни електрични хипер – автомобили“, рече Блуме, па додаде дека исклучително го цени Римац и неговиот тим, опишувајќи го како “партнер од доверба“.

Хрватскиот портал index.hr веднаш по објавата на големата вест за преземањето на Бугати од страна на Римац, разговараше со економистот Вук Вуковиќ, претприемачот Саша Цветојевиќ и комуникацискиот стручњак Перо Танта. Сите тројца се сложни – ова е огромна работа за Римацм, но поради имиџот којшто се емитува во светот, и тоа како важна и за Хрватска.

„Ова е дефинитивно пресвртен момент, во којшто Римац Автомобили од стартап фаза преоѓаат во нова ера. Никој реален повеќе не може да тврди дека се работи само за балон и претстава за јавноста“, вели претприемачот Саша Цветојевиќ.

„Сето ова ја дига комплексноста на работењето на Римац Автомобили на ново ниво, со оглед на тоа што Мате сега ја презема управувачката функција и во компанија што има производни погони надвор од Хрватска. Особено е интересно што со овој чекор дефинитивно добивме потврда дека Хрватска има автоиндустрија, но не онаква каква што одамна посакуваат политичарите – индустрија на склопување на поевтини модели во којашто многу малку додадена вредност останува во Хрватска, туку два бренда од самиот врв на автомобилската технологија денес.“, вели Цветојевиќ.

„Пред Римац сега е нова етапа од патувањето, ова е одличен вовед во иницијалната понуда на акции, која што ќе биде следниот голем доказ за моќта на компанијата. Вреднувањето од 5 милијарди долари, којашто се споменува, сега се чини се’ пореална“, додава тој

„Мислам дека е ова исклучително значајно како сигнал кон надвор, дека овде постојат сериозни фирми што може да конкурираат на најдобрите на светскиот пазар, така што ова е и одлична вест за потенцијално привлекување нови инвестиции“, вели економскиот експерт Вуковиќ.

“Секако, тука постојат уште еден куп препреки од формално – бирократски аспект во Хрватска, но како ‘goodwill’ што се создава е исклучително важно. Ако ништо друго, барем додатно не’ позиционира на мапата како земја во која иновациите се можни и во којашто навидум  невозможното е остварливо. За Римац тоа значи понатамошна експанзија и предуслов за излез на американската берза, што ќе има идни позитивни ефекти на домашниот пазар и директно (на БДП преку потрошувачката со платите на новите вработени) и индиректно преку иден раст на имиџот на нашите фирми што имаат раст базиран на истражување и развој“, заклучува Вуковиќ.

Капитал што Хрватска треба да го искористи

Компанијата Римац Автомобили станува Римац Група, поделена на две компании – Бугати Римац (Bugatti Rimac)  и Римац Технологија (Rimac Technology). Римац Група ќе биде најголем акционер на новата компанија Бугати Римац д.о.о. , со удел од 55%. Мате Римац ќе го задржи својот веќе постоечки удел во Римац Група од 37%, Порше (Porsche) останува на 24%, Хјундаи Мотор Група (Hyundai Motor Group) на 12% и останати инвеститори на 27%.

„Оваа вест сигурно органски ќе досегне до голем број на медиуми, не само бизнис, туку и оние другите од цел свет. Би го споредил овој настан со сите успеси на хрватските спортисти од 90-те па до денес, обично ќе се освои медал, па веселбата трае и после неколку дена спласнува. Оваа веселба штотуку почна и во тоа е силата на оваа успешна приказна“, изјави комуникологот Танта за Индекс.

„Римац  и неговиот тим буквално испишаа страници на историјата и за тоа треба да им се честита. Маркетиншки ова е огромен потенцијал којшто се градеше со години благодарение на упорноста на Мате Римац и неговиот тим, а најубавото нешто е што во моментов тој маркетинг е бесплатен, како хартиено  авионче кое е пуштено и ќе лета следните години, а можеби и децении. И затоа треба добро да се искористи, колку што гледам, супер – автомобили на дубровничката ривиера се одличен почеток, а ако вака се продолжи, тешко ми е да прогнозирам каде е крајот“, вели Танта.

„Нашиот дом – Хрватска, земја со преубав брег, добра храна, повремено добар фудбал и седиште на Бугати – нестварно звучи. Овој чин содржи низа позитивни пораки: почнувајќи од поставувањето на Хрватска на мапата на мега – компаниите, позитивната инвестициска клима, иновации и се’ што доаѓа во тој пакет. Оваа порака е толку јака што речиси е немерлива затоа што токму врз основа на неа еден млад инженер, да речеме од Индија, ќе дојде тука да создава додадена вредност, па уште кога ќе ја вкалкулираме и геолокацијата – море и сл. – па кај ќе ни биде крајот“, објаснува комуникацискиот стручњак за Индекс.

„Сликовито кажано – перцепциски стануваме магнет за инвестиции (напоменувам перцепциски, се уште сме далеку од реална ситуација). Оваа приказна секако ќе влијае на целокупниот имиџ на нашата земја и тоа е нешто што не смее да се занемари, туку мора да се искористи. “

Што напишаа за преземањето на Бугати од страна на Римац светските медиуми

Веста досега ја објавија Си – Ен – Ен (CNN), Ројтерс (Reuters), Фајненшл Тајмс (Financial Times), Си – Ен- Би – Си (CNBC),  Врџ (The Verge и други, како што пренесува порталот Index.hr. 

Цела низа влијателни светски медиуми ја објави веста за преземањето на автомобилскиот бренд Бугати (Bugatti)  од страна на хрватскиот претприемач Мате Римац. Веста досега ја објавија Си – Ен – Ен (CNN), Ројтерс (Reuters), Фајненшл Тајмс (Financial Times), Си – Ен- Би – Си (CNBC),  Врџ (The Verge и други, како што пренесува порталот Index.hr. 

Си – Ен – Ен  наведува дека Фолксваген групацијата (Volkswagen) и Порше (Porsche) се договориле за создавање нова компанија која ги спојува Римац Автомобили (Rimac Automobile), хрватска компанија што произведува електрични супер – автомобили  и славниот италијански бренд на ултралуксузни супер – брзи автомобили, Бугати. Седиштето на новооснованата фирма Бугати Римац ќе биде недалеку од Загреб, пишува Си – Ен – Ен, додавајќи дека Бугати ќе продолжи да функционира како посебен бренд, иако Римац и Бугати заеднички ќе развиваат нови автомобили на Бугати.

Си – Ен – Ен пишува дека Римац во автомобилската индустрија влегол како 21 – годишник, и дека прво го развил Concept One, а потоа и Rimac Nevera, автомобил од 1.900 коњски сили вреден 2,4 милиони долари. Во написот на американската новинска куќа се наведува и дека Римац досега се специјализирал за развој на технологија за електрични автомобили, вклучително и батерии. Меѓу клиентите на Римац се компании како Јагуар (Jaguar), Астон Мартин (Aston Martin) и шведскиот производител на супер – автомобили Кенигсег (Koenigsegg). Си – Ен – Ен ја спомнува и соработката помеѓу Римац и италијанската Пининфарина (Pininfarina), компанија своевремено позната како дизајнер за Ферари (Ferrari).

Мате Римац рече дека спојувањето со Бугати не значи дека Бугати отсега ќе произведува само електрични автомобили, но навести дека во блиска иднина сигурно ќе има и електрични модели на Бугати. Најави и дека наследникот на славниот модел на Бугати, Chiron, многу веројатно ќе има хибриден погон.

Фајненшл Тајмс: Римац во 2009 почна во гаража, а сега е меѓу најбараните иноватори

Преземањето на Бугати од страна на Римац Фајненшл Тајмс го опишува како “зделка којашто ја цементира позицијата на Римац како етаблирана сила во автомобилската индустрија“.

Новата компанија ќе се вика Бугати Римац и ќе ја води Мате Римац, наведува ФТ, додавајќи дека Римац својата компанија ја основал во 2009 година во гаража, и оттогаш станал еден од најбараните технолошки иноватори во индустријата.

Фактот што Бугати ќе биде контролиран од специјалист за електрични автомобили е голем исчекор за брендот, познат по своите бучни хипер – автомобили и мотори од 16 цилиндри,  смета ФТ. Меѓутоа, напредокот во технологијата на батериите, доведе до постигнување на брзини што не можат да ги достигнат ниту најнапредните возила придвижувани со мотори на внатрешно согорување, истакнува ФТ преку примерот со Nevera на Римац, кој би требало да е најбрзиот сериски автомобил произведен во историјата. (таа титула досега ја држеше Bugatti Chiron).

Римац, како што пренесува ФТ, рекол дека до крајот на деценијава Бугати ќе произведе потполно електричен автомобил, а дотогаш ќе се фокусира на хибридни модели.

„Можеме да имаме две паралелни, потполно различни производни линии“, рече Римац, којшто Бугати го спореди со швајцарските часовници, а Римац Автомобили со часовниците на Епл (Apple).

Continue Reading
Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

економија2 дена ago

Поддршка за големите извозници: гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот за извоз преку Развојна банка

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

македонија4 дена ago

Македонија 60-та во свет од 110 држави рангирани според дигитален квалитет на животот

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

политика6 дена ago

Брима – Галуп: Ако денеска се одржат локалните избори, СДСМ би освоил 19,8%, а ВМРО-ДПМНЕ 17,7% од гласовите

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

start up6 дена ago

Соработка за развој на стартап заедницата: партнерство на Македонски Телеком и Стартап Македонија

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка