интервју
Маја Зивчевиќ: Жените лидери му се потребни на 21-от век!
Маја Зивчевиќ, претприемачка и менаџерка

„Жените лидери имаат поголема веројатност да се грижат за личните потреби на другите, да бидат отворени за нови идеи и мислења и да ги наградуваат задоволителните перформанси на секоја индивидуа на доследен начин. Жените лидери се потребни на дваесет и првиот век. Организациите мора да ги охрабрат жените да го покажат својот латентен потенцијал, а јас би им препорачала самоуверено и храбро да целат кон највисоките можни достигнувања! “
Маја Зивчевиќ е од оние луѓе што велат дека за нив „не можам“ не постои во речникот. Тие што ја познаваат и имале прилика да соработуваат со неа, ќе ви кажат дека е темпераментна, упорна, со позитивен дух, посветена, силна, скромна…Поранешна одбојкарка, вели дека благодарение на спортот, ги стекнала вештините потребни и за водење бизнис – способноста за тимска работа, одговорноста, но и спремноста да се прифати пораз, исто како заеднички да се слави успехот.
За Маја е малку тешко да кажете со што се занимава, затоа што е ангажирана на повеќе места – консултант е за лизинг на деловен трговски простор, но и одговорна за експанзија на странски брендови на македонскиот пазар. Покрај тоа, има и сопствена компанија, застапник за иновативни брендови на Балканот.
Г-ѓа Зивчевиќ, вие имате многу интересен кариерен пат, односно, покрај вашата сопствена компанија, ангажирана сте и на неколку други позиции. Раскажете ни за што се работи?
Се’ започна некаде 2018-та, влетав на интервју во единствената компанија која е дел од алијанса на добро познатите Cushman&Wakefield, а тоа е Фортонмка, кои што одлучија да ме ангажираат за проектот Ист Гејт Мол.
Оттука всушност и”ритеилот” стана мојот кариерен пат и во овој сектор сакам да се изградам во една силна, незапирлива и успешна бизнис жена.
Иако почнав од нула , денес веќе можам да кажам дека по успешно реализиран проект како Ист Гејт Мол; три годишното преговарање со H&M конечно да влезе на македонскиот пазар, во што неуморно верував; мојот сегашен ангажман како лизинг менаџер во модната групација LPP од Полска, која полека, но сигурно го освојува светот; како и компанијата Ексито (Exito) која ја основавме со мојата партнерка, којашто успешно работи на Балканот и наскоро и Турција; со упорност, посветеност но и постојано работа на себе, можеш навистина да постигнеш се’ што ќе замислиш. Единствената пречка и лимит во било кој сегмент од животот сме си само ние самите себеси.
Со што се занимава вашата компанија Ексито?
Деновиве Ексито прославува две години и можам да кажам дека сме навистина задоволни во која насока одиме, и како растеме, полека, но сигурно. Застапници сме за брендот Барнер (Barner) – очила за работа со компјутер – за целиот Балкан заедно со Турција, но без Македонија. Идејата се роди буквално на лежалка во двор, бидејќи мојата бизнис партнерка Велика Гоцевска ми е долгогодишна другарка, и од спортскиот свет запливавме во бизнис водите.
Потенцирам дека спортот според мене има голем удел во тоа што сме денес – истрајни, сложни, упорни, спремни да понесат одговорност и да прифатат пораз и секогаш позитивно настроени.
2022 беше турбулентна на економски план, како ја завршува Exito, и кои ви се плановите за 2023?
Во однос на турбуленциите кои што подолго време го тресат светот на економски план, сметам дека се случува всушност еден голем „ресет“ на економијата кој се очекува да придонесе до „поправедни резултати“ и преиспитување на глобалните инвестиции и расходи со цел да се заживее светската економија.
Во однос на 2023 година и во двете сфери од мојата кариера како лизинг менаџер и ко-сопственик на Ексито нема запирање. Се насочуваме на динамично, но паметно распределување на ресурсите. Било кој бизнис е најдобро внимателно и пресметано да ги насочува средствата бидејќи сме во време на рецесија и забрзана дигитална трансформација.
Вие и вашата бизнис партнерка сте создале успешен бизнис, па која е вашата порака за сите жени во овој свет на бизнисот којшто се уште важи за машки?

Интересно прашање, но за жал вистината е дека 21% жени во управувачките структури наспроти 79% мажи е навистина огромна разлика.
Мажите многу повеќе од жените веруваат дека нивниот успех е поради нивното дело, а неуспехот е вина на некој друг. Жените всушност имаат попрецизно проценување на ризикот на овој конкретен начин.
Одредени истражувања покажуваат дека ако жените биле исто толку нескромни како мажите, и премногу самоуверени, ќе имало 30%, повеќе жени на топ менаџерски позиции. Тоа е огромен број на жени кои се обесхрабрени од оваа психолошка карактеристика.
Исто така, голем удел има и фактот што жената е и мајка, но и таа која го држи семејството, тврдам дека понекогаш е екстремно комплицирано да организираш и „спакуваш“ се’ во 24 часа, но не е невозможно и е изводливо.
Затоа би сакала да им порачам на сите жени да бидат похрабри, затоа што како род сме предодредени за мултитаскинг, за грижа, разбирање,емпатија, инклузивност, a и чесноста, интелигенцијата, сочувството, иновативноста и издржливоста ни се на многу повисоко ниво.
Според некои истражувања, компаниите предводени од жени, покажуваат и подобри резултати од своите „машки конкуренти“. Дали сметате дека овие карактеристики на жените што ги наведовте, се причината за тоа?
Најпрвин би истакнала дека полот не треба да ги одредува лидерските способности на поединецот. Наместо тоа, организациите мора да го проценат лидерскиот потенцијал преку евалуација на индивидуалните силни страни и особини на личноста.
Но, во однос на вашето прашање, како што веќе напоменав, ние сме предодредени да водиме истовремено многу работи – кариера, дом, семејство, воспитување, дружење – едноставно, родени сме за мулти-таскинг и добра комуникација, што е еден многу важен момент во водењето на било која компанија или тим.
Лидерството е нечија способност да влијае на другите за да се постигнат заеднички цели. За да го постигне ова, лидерот треба да поседува вештини кои можат ефективно да ги комуницираат целите, да ги мотивираат другите, да им помагаат на другите да се подобрат, да даваат поддршка кога е потребно и да ја обезбедат благосостојбата на своите подредени.
Жените лидери имаат поголема веројатност да се грижат за личните потреби на другите, да бидат отворени за нови идеи и мислења и да ги наградуваат задоволителните перформанси на секоја индивидуа на доследен начин. Жените се помалку нарцисоидни. Едноставно кажано, женските лидери нема да дозволат завршувањето или незавршувањето на некоја задача во значителна мера да влијае врз меѓучовечките односи и тимскиот дух.
Жените лидери се потребни на дваесет и првиот век. Организациите мора да ги охрабрат жените да го покажат својот латентен потенцијал, а јас би им препорачала самоуверено и храбро да целат кон највисоките можни достигнувања!