Connect with us

интервју

Маја Филипчева: Иницијативата „3-те Мориња“ отвора можности за регионална соработка

Маја Филипчева, претседател на Одбор на директори на АмЧам

објавено

на

„Декларацијата која беше потпишана на ‘3-те Мориња’ Самитот во Софија од страна на 10 АмЧам канцеларии има за цел изразување поддршка за подобра инфраструктура, разновидни и безбедни извори на енергија, брза дигитализација и иновации, и ја потенцира улогата на коморите во исполнување на целите кои ги има поставено ‘3-те Мориња’ за изградба на поинтегриран, повеќе просперитетен и побезбеден регион во рамките на единствениот пазар на ЕУ. Во насока на продлабочување на регионалната соработка, јас и мојот колега од Одборот на директори г-дин Јордан Димитровски, бевме дел од овој самит на покана од колегите од АмЧам Бугарија и на кој имавме прилика да се запознаеме со можностите за соработка и вклучување на Северна Македонија како нон-партнер во проектите на оваа иницијатива. “

Претседателот на Одборот на директори на Американско – македонската стопанска комора – АмЧам, г-ѓа Маја Филипчева, заедно со членот на Одборот, г-дин Јордан Димитровски, на 8 и  9 јули годинава беше присутна во Софија, на „3-те Мориња – Самит и деловен форум“, иницијатива што е почната во 2015 година, и којашто има основна цел зајакнување на економскиот раст и благосостојбата во 12-те  земји од Централна и Источна Европа – обиколени од Јадранското, Балтичкото и Црното море. Разговаравме со Филипчева околу тоа што значи оваа иницијатива за Северна Македонија, односно какви придобивки може да имаат македонската економија и општество од проектите што се планираат и реализираат во рамки на „3-те Мориња“.

Од лево кон десно, Јордан Димитровски – АмЧам Северна Македонија, Тони Хоуш – АмЧам Полска, Маја Филипчева –  АмЧам Северна Македонија, Ајша Водник – АмЧам Словенија,  Петар Т. Иванов – АмЧам Бугарија.

Пред извесно време бевте дел од „3-те Мориња – Самит и деловен форум“ во Бугарија, можете ли да ни раскажете повеќе за оваа иницијатива?

Иницијативата „3-те мориња“ (3СИ) е иницијатива на 12-те земји членки на ЕУ од Централна и Источна Европа и се смета за најзначајна политичка и економска иницијатива во изминатите 50 години. Токму поради тоа се очекува да стане европски и трансатлантски приоритет.

Оваа иницијатива е започната во 2015  година од тогашните претседатели на Хрватска и Полска  и е поттикната од извештајот „Комплетирање на Европа“ на американскиот тинк – тенк Atlantic Council. Во овој извештај се посочуваат разликите во развојот помеѓу земјите од Западна, и Централна и Источна Европа, и можностите кои северно – јужниот коридор може да ги има за натамошната интеграција на Европа и нејзината конкурентност како еден пазар на глобалната мапа.

Она што започнува како платформа за размена на мислења помеѓу претседателите на вклучените земји, подоцна се проширува и на деловен форум и комерцијален инвестициски фонд, со идеја да се финансираат инфраструктурни проекти од областите на транспортот и енергетиката, како и  дигиталниот сектор.  Со текот на годините иницијативата вклучува се повеќе креатори на политики, претставници на бизнис заедницата, но добива и поддршка од земји кои не се дел од иницијативата како што се Германија и САД, кои станаа нејзини партнери во 2018 година.

Во инвестицискиот фонд во рамките на „3-те Мориња“, до сега, 9 од вкупно 12-те земји членки имаат дадено придонес, вклучувајќи ги и САД, со што вкупниот износ на прибрани средства изнесува 1,25 милијарди евра. Планот не е да се застане тука, напротив, се работи на прибирање средства и зголемување на фондот преку партнерства од приватниот сектор, донатори и поголемо вклучување на ММФ. Одлуките за проектите во кои се инвестира се базирани на критериумот на усогласеност  со стратегијата на Фондот, како и очекуваните стапки на поврат од конкретниот проект.

Според проценките  на ММФ потребни се околу 600 милијарди евра за да се надмине инфраструктурниот јаз во регионот на 3-те мориња бидејќи најголем дел од патната инфраструктурата се движи од исток кон запад со што е оневозможена поголема регионална поврзаност. Токму северно – јужниот коридор и инвестициите во патишта, цевководи, пруги и електрична мрежа се очекува да придонесат за просперитетот и стабилноста на Европа, па дури во одреден момент овој регион да стане и носител на  економскиот раст во Европа. 

Шестиот по ред Самит и деловен форум „3-те Мориња“ кој се одржа во Софија, на 8 и 9 јули, доаѓа во клучен момент за земјите партнери на иницијативата и дава многу можности за ревитализирање на нивните економии во пост – пандемискиот период, доколку работат заедно. Учеството на 12 претседатели и премиери, вклучувањето на претседателот Бајден и државниот секретар Блинкен, над 50-те претставници на државни институции, ЕУ агенции, интернационални организации и стопански комори, како и претставници на компании укажуваат дека се одлучни заедно да работат кон остварување на оваа цел.

Дали во догледно време може да очекуваме операционализација на конкретни проекти што би произлегле од Иницијативата „3те Мориња“ и што е потребно да се направи во насока заложбите и заклучоците од Деловниот форум да не останат само на хартија?

Почнувајќи од Самитот во Букурешт во 2018 година, секоја година понатаму се презентира листа на приоритетни проекти. Оваа година листата опфаќа вкупно 90 проекти, со вкупна вредност од 181 милијарди  евра, од кои 49% се од областа на транспортот, 37% од областа на енергетиката и 14% се проекти за дигитализација. Она што е интересно е дека до сега се обезбедени дури 53% од вкупно потребните финансиски средства за реализација на регистрираните проекти и тие доаѓаат од различни извори: инвестицискиот фонд „3-те Мориња“, ЦЕФ, ЕУ, и националните буџети на земјите членки.

Што се однесува до операционализацијата, од вкупниот број проекти, една третина од проектите се веќе  почнати, a два  се завршени, едниот во областа на транспортот, другиот во енергетиката.

Иницијативата „3-те Мориња“ иако е платформа за привлекување на инвеститори од приватниот сектор, сепак за нејзиниот успех се најважни воспоставените јавно – приватни партнерства. И покрај досегашните добри резултати, одредени земји членки се уште имаат потреба од дополнителна мотивација за воспоставување на политики за привлекување инвестиции и поттикнување на пазарно ориентиран раст и развој бидејќи во крајна инстанца долгорочните структурни инвестиции ќе дојдат од приватниот сектор. 

Деловниот Форум се состоеше од 4 панели – енергетика, транспорт, иновација и дигитализација. Колку од она што беше дискутирано беше релевантно за нас? 

За разлика од земјите од Западна Европа кои имаат исклучително добра меѓусебна патна поврзаност, земјите од „3-те Мориња“ согледале дека иако се членки на Европската Унија токму нивниот регион заостанува во транспортна инфраструктура. Кога би направиле паралела со регионот на „3-те Мориња“ и земјите од Западен Балкан, во слична ситуација може да кажеме дека сме и ние.

Ова креира јаз помеѓу пазари, односно ги прави затворени во однос на оние на Западна Европа. Транспортот е секако тесно поврзан со енергетиката, и преку изјавите на говорниците на панелите може јасно да се согледа не само нивната поврзаност туку и насоката во која тие се стремат – а тоа е одржлив развој и намалување на загаденоста и штетните емисии. Работат на изнаоѓање на поефикасен систем за транспорт и логистика, односно скусување на траекторијата помеѓу појдовната и дојдовната точка, отворање на нови коридори, и начини за транспорт кои придонесуваат за намалување на трошоците и емисијата на штетни гасови во околината.

Истовремено, работат на транзиција од енергенси кои се користат денес кон обновливи извори на енергија, план кој треба да се спроведе во целост до 2050  година. Со овој план треба да се делува на намалување на претходно споменатите штетни гасови кои доведуваат до климатски промени и чести катастрофални временски непогоди. Исто така, фокус е ставен на енергетска ефикасност и трансформација на методите на транспорт – како што е хибридизација на железниците и возилата како алтернативен начин за логистика наместо употреба на авионските линии. Оттука, се разгледуваат и можностите за воведување на нови начини на транспорт на стоки – како што се дроновите, бидејќи и самите градови стануваат се погусто населени и позадушени. Ова е само пример за креативен пристап и користење на технологија и иновативни решенија како начин да се надминат бариерите за транспорт, и да се цели кон одржлив развој во овие сектори.

Кога зборуваме за иновативност и иновации, несомнено е дека тие се составен дел од развојот на секоја економија, не само бидејќи нудат нови решенија за постојните проблеми, туку и бидејќи создаваат поголема додадена вредност. Исто така, треба да се има предвид дека најголемиот број на иновации, пронајдоци и патенти произлегуваат од малите и средните претпријатија, кои впрочем сочинуваат најголем дел од деловната заедница.

Иако на овој самит дигитализацијата имаше свое посебно место, заклучокот е дека дигитализацијата е неминовна и постои потреба од нејзина интеграција во сите сектори. Тука зборуваме за вертикална интеграција на дигитализацијата во другите сегменти при што таа ќе стане нивен составен дел.

Во личен разговор со претседателката на Естонија, држава која е пионер и лидер во дигитализацијата, таа посочи дека за да се постигне високо ниво на дигитализација, треба да гледаме подалеку од основните и минимални критериуми како што е заштита на личните податоци (ГДПР), туку да обрнеме внимание на критериуми како што е интернет безбедноста, бидејќи како општества имаме одговорност да гарантираме заштита на приватност на единката како основно загарантирано човеково право. Само на тај начин може да се обезбеди брз пристап до податоци кои бараат висок степен на безбедност поради нивната природа која оди подалеку од границите на она што е предвидено со регулативата за заштита на личните податоци. Во поглед на регулативите, тие треба да се рефлексија на денешниот свет на бизнисот, и тоа што сега важи на локалното ниво, не смее да не важи и за дигиталното. На овој начин, се гради доверба во заедницата и се придонесува за поголем напредок.

На Самитот беше потпишана декларација за соработка помеѓу 10 американски стопански комори (АмЧам), кои се дел од земјите на „3-те Мориња“, што претставуваа таа и како АмЧам Македонија е дел од овој Самит?

Како што напоменав претходно, концептот на иницијативата и самиот Самит и деловен форум се базирани на инклузија и соработка помеѓу креаторите на политики и приватниот сектор, бидејќи не може да се зборува за економски раст и благосостојба во регионот без поддршка од деловната заедница.

Мрежата „АмЧам во Европа“ се состои од 44 Американски Стопански Комори во Европа, и нејзините членки го препознаваат значењето кое оваа иницијатива го има не само за земјите членки на „3-те Мориња“, туку и зацелокупниот европски пазар и трансатлантските односи. Затоа, уште во 2019 година на самитот „3-те Мориња“ во Љубљана, Американските стопански комори од 11-те земји членки ја потпишаа првата декларација за соработка и поддршка на иницијативата.

Оваа година, соработката помеѓу иницијативата „3-те Мориња“ и мрежата на АмЧам е подигната на едно ново, повисоко ниво, при што АмЧам Бугарија стана ко – организатор на самитот и деловниот форум во Софија и модератор на панелот за дигитализација. Интересно е тоа што заклучоците кои беа донесени во рамките на панелот за дигитализација, а се однесуваат на вертикалната интеграција на дигиталниот сектор во сите останати сегменти на самитот: транспорт, енергетика и иновации, даваат нова насока во пристапот и начинот на третирање на дигитализацијата, не само на самиот самит, туку и воопшто.

Декларацијата која беше потпишана на „3-те Мориња“ Самитот во Софија од страна на 10 АмЧам канцеларии има за цел изразување поддршка за подобра инфраструктура, разновидни и безбедни извори на енергија, брза дигитализација и иновации, и ја потенцира улогата на коморите во исполнување на целите кои ги има поставено „3-те Мориња“ за изградба на поинтегриран, повеќе просперитетен и побезбеден регион во рамките на единствениот пазар на ЕУ.

Во насока на продлабочување на регионалната соработка, јас и мојот колега од Одборот на директори г-дин Јордан Димитровски, бевме дел од овој самит на покана од колегите од АмЧам Бугарија и на кој имавме прилика да се запознаеме со можностите за соработка и вклучување на Северна Македонија како нон-партнер во проектите на оваа иницијатива.

Кои се заклучоците на АмЧам од сето ова, што можеме да извлечеме ние како држава и регион воопшто, и што вие како АмЧам имате во план?

АмЧам како комора беше дел од повеќе форуми и самити изминатиот месец -конференција на земјите од Западен Балкан за нивната перспектива за привлекување инвестиции и нивните политики за идниот економски развој како регион, „Скопје економскиот форум“ кој се одржа за прв пат, во организација на Делфи економскиот форум, и на „3-те Мориња – Самит и Деловен форум“.

Заеднички заклучок од сите, пред се, е дека преку ситуациона анализа треба да се одлучи која е нашата појдовна точка врз основа на тоа со што располага земјата како потенцијал (индустрија, географија, демографија) и точно кон што се стремиме, односно насоката по која треба да се движиме.

Кога би се мапирале слабите точки споредбено со поразвиените земји, и она што го овозможува нивниот економски развој, би следеле конкретни активности и многу работа.

Како што може да видиме од позитивниот пример на нашите соседи и земјите од „3-те Мориња“,  вмрежувањето и регионалната соработка се клучни за преземање големи подвизи за подобрување.

Регионалната соработка и формирањето на стабилни партнерства кои имаат јасна мисија се есенцијални доколку сакаме да напредуваме. Да, точно е дека сето ова бара залагање, ангажман од деловната заедница и секако волја и работа од политичката страна. Но, доколку се постават јасни цели, и со добра соработка, ништо од ова не е недостижно.

економија2 дена ago

Поддршка за големите извозници: гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот за извоз преку Развојна банка

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

македонија4 дена ago

Македонија 60-та во свет од 110 држави рангирани според дигитален квалитет на животот

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

политика6 дена ago

Брима – Галуп: Ако денеска се одржат локалните избори, СДСМ би освоил 19,8%, а ВМРО-ДПМНЕ 17,7% од гласовите

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

start up6 дена ago

Соработка за развој на стартап заедницата: партнерство на Македонски Телеком и Стартап Македонија

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка